Томислав Османли: Европа е плодотворна идеја разјадена од бирократски скакулци

06.10.2023 01:35
Томислав Османли: Европа е плодотворна идеја разјадена од бирократски скакулци

Османли е исклучително интересен, комплексен писател со многу дисперзирани интереси за разни уметнички форми и изрази, но истовремено и мошне непосреден, отворен соговорник, еден од оние луѓе кои и покрај успехот, не креваат бариери околу себе за да ја мистифицираат својата посебност затворајќи се во светот на уметничката фикција. Тој е еден од оние кои веднаш ви стануваат пријатели, ве „купуваат“ со леснотијата на разговорот „на прва“ и пред вас се отвораат без калкулирање. Едноставни во себеси и искрени пред другите, без оглед на сложениот и слоевит израз, но без потреба и покрај својата уметност да остават впечаток, да импресионираат.

Вашата биографија на поралот književnost.hr практично е само попис на вашите дела и награди кои сте ги добиле за нив. Но, надвор од Македонија малку се знае дека доаѓате од едно исклучително познато уметничко семејство, дека вашиот татко е првиот македонски академски филмски и драмски уметник, а беше и декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје, човек кој ја задолжи македонската култура. Колкаво е влијанието на татко ви на вашето професионално насочување, па на некој начин и на вашето творештво?

Огромно. Ќе почнам од тоа дека својата прва книга „Филмот и политичкото“ - кога се појави во далечната 1982 година, во нашите кинематографски хроники беше евидентирана и како првата македонска филмолошка книга - му ја посветив токму на татко ми. Не станува збор за никаква слабост кон родителот, зашто татко ми не беше сентименталист, туку за објективните вредности, интересите, сознанијата но и кинематографскиот занает кој го стекнував под влијание на татко ми.

Кога бев основец, некаде кон крајот на шеесеттите, добив задача да напишам тема за тоа што е филм, па го замолив за помош и ми ја посочи својата библиотека; оттаму извлече една книга со јасна и сугестивна педагогија, полна со фотографии, цртежи и мапи... Се сеќавам, тоа беше книгата „Основи на филмската режија 1“ на рускиот режисер и знаменит теоретичар по монтажа Лев Кулешов, и морав да прочитам делови од книгата за да ја напишам својата тема од неколку страници. Потоа, надвор од секаква обврска, ја прочитав целата, потоа и вториот дел од оваа интересна студија, почнав да смислувам ситуации, да го цртам движењето на камерата, да кадрирам, а со текот на времето почнав и самиот да посегнувам по редиците книги од домашната, навистина богата филмолошка библиотека. Природно, кај нас доаѓаа драмски автори, глумци, сценаристи, писатели, ликовни уметници и водеа разговори за уметноста генерално, за театарот, филмот, за светот кој во оние времиња повторно се отвараше пред нив, па и пред сите нас. Ете, и таквиот амбиент, и таквите контакти, погледи на светот и уметноста, со кои токму заради професијата на татко ми бев привилегиран, влијаеја на моето уметничко, а особено филмско и драмско образование...

Татко ми своите сценарија, експликации, книги за снимањата ги пишуваше на рака, со јасен крупен ракопис, често со ножици сечеше делови и прецизно ги лепеше на одредени места и ги даваше на дактилографирање. Но и покрај оваа прелиминарна работа, која многу ме импресионираше зашто беше своевидна филмска монтажа над неговите текстови, кога почнував на машина да ги пишувам неговите текстови, повеќе мене сакаше да ми ги диктира своите записи, за истовремено да можам и да интервенирам во напишаната верзија на текстот. Така, на тринаесетина години почнав да пишувам на две машини за пишување, кирилична или латинична - во зависност од неговите потреби - двете машини кои ги имавме дома, и на тој начин сè повеќе и сè подлабоко се упатував во креативните аспекти не само на драматуршкиот занает во сценаристиката туку и во режисерската визуелизација на филмот, логиките на кадрирањето, аспектирањето и движењата на камерата, монтажното доживување и решавањето на филмските наративи... Некаде веќе реков, но би сакал сега и пред вас да повторам: јас не дипломирав драмска уметност, дипломирав право, но, со години ја посетував драмската школа на Димитрие Османли.

Точно дека прашањето е клише, но не можам да не го поставам: Колкав беше товарот да се биде син на славен татко и тоа во истата работа?

Тоа е товар. На почетокот секогаш ве препознаваат како син на проминентен татко. Морате да покажете дека сте автентичен творец, што се постигнува со неуморна креативна работа и уверување на дело дека не сте под сенката на семејниот авторитет. Фала му на бога, тоа никогаш не ми недостасуваше. Татко ми задоволно се смееше кога првпат ме споменаа како мера за неговиот творечки идентитет („значи вие сте татко на писател...“). Секако, неговото име е многу позначајно заради сите пионерски творечки потфати со кои го одбележа својот живот. Тоа е и сатисфакција за човек кој, како татко ми, немаше други ангажмани, хобија и занимации, освен неговата творечка работа. Неверојатно е како се реактуелизираат неговите дела, особено филмските. Минатата година на меѓународниот фестивал за реставриран филм Cinema ritrovato во Порденоне се случија спонтани овации од страна на тамошната, инаку квалификувана публика која го следи фестивалот, за еден негов краток игран филм со антивоена порака која годинава влезе во селекција од осум европски филмови која со насловот Season Of Classical Films, до крајот на годинава ќе се прикажува во големите кинематографски центри на нашиот континент и Европската унија, а неодамна заедно со четиринаесет други филмови беше прикажан во знаменитиот музеј МоМА (Museum of Modern Art) во Њујорк во рамки на селекцијата Black Wave to White Ray: Yugoslav Film of the 1960’s. Колегите забележаа дека овој македонски филм кој со приказна од скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година, зборува за несреќите и катаклизмите како судбина на човештвото, дека неговото прикажување во МоМА е закажано токму за 11 септември, на самата 22 годишнина од големата њујоршка, воопшто американска трагедија... Мене ми е многу драго што со ангажманот на Хрватско-македонската тангента и нејзиниот претседател Сашо Георгиевски, само девет дена по двете њујоршки, но и неколку месеци по загребската проекција, филмот го прикажавме токму во Шибеник, градот-домицил на Тангентата но и домаќин на манифестацијата Денови на македонската култура.

Се занимавате и со преведување. Го преведовте драмскиот текст Бог на Вуди Ален од англиски, но преведувавте и од новогрчки јазик. Зарем толку добро ги владеете овие јазици? Денес англискиот е нешто општо, но новогрчки?

Да, денес навистина не е никаква ексклузива да се преведува од англиски јазик. Заради својата посебност и комплексност преведувањето од грчки сè уште е необично и атрактивно. Јас зборувам грчки од мали нозе. Мајка ми беше Гркинка, Солунчанка, и - додека мајчин јазик ми е македонскиот - мој „јазик според мајка“ е токму грчкиот. Првенствено таа и ме описмени на својот јазик. Потоа продолжував сам. Читав и сè уште читам на грчки јазик, компендиум на речиси сите интернационализми. Интересно ми е да ја препознавам токму и хеленската етимологија на зборовите која ја слушам или читам и во другите јазици што ги зборувам или со кои се служам; моите деца се шегуваат на таа тема, велат: како Портокалосот од филмската комедија „Мојата дебела грчка свадба“...

Колку што е широк спектарот на формите во кои се изразувате уметнички, толку сте мошне дисперзирани и жанровски. Вашиот последен роман „Бродот. Конзархија“ е негативна утопија чие дејство се случува во 2039 година. За што се работи, дали тоа е вашиот единствен обид да се огледате во жанрот на научната фантастика?

(...) Романот зборува за Европа со три концентрични кругови која, токму во последно време, се обидува да се реализира со апсурден, а сепак официјален предлог. Небаре е европски да има Европејци од прва и втора категорија, имено „вистински“ и „полу-европејци“ за оној хибриден назив кој де факто се однесува на „преостанатите од поранешната југословенска заедница“ - имено Западниот Балкан кој мене денес ми наликува на населба која се наоѓа подалеку од пресушениот ендек пред југозападната, со сè повисок ѕид омеѓена европска цитадела, од која новите властелини ги фрлаат својата помош и своите донации и извикуваат ветувања: наскоро ќе ги отвориме вратите, за некои од вас... Ете тоа е таа конзархија, но и корозија која ја нагризува и самата суштина на европската идеја како голем континентален сојуз на различни ентитети...

Македонија дваесет и пет години е кандидат и невина жртва на своите претходно евро-асоцирани соседи кои оспоруваат разни аспекти од нејзиниот идентитет. Меѓутоа, ги откриваат и каприците на бриселската бирократија која лесно дозволува - ми се чини конзервативниот дел и сосема целно - билатералните оспорувања и правото на вето, да го спречуваат инаку мултилатералниот процес на проширување. Во меѓувреме, Европа во потесниот круг, за жал почнува да тргува со судбините на луѓето, народите и државите. А ми се чини и со мирот. Токму мојата земја е жртва на такви бескрајни експерименти и бирократска хипокризија, а мојата книга сака да се позанимава со дистописката тема на таквите игри: реалностите и симулакрумите, колективната етика и личниот неморал, барањата за правна држава и корупција која им се припишува на Балканците што е неспорно, но не сака да води сметка за истиот тој феномен и во „еврореалниот“ ареал, пред сè во нејзиниот северно-европски центар и престолнините... Оваа корозија се распрснува насекаде. На линија на оваа евросомничавост - која не е само мое чувство - спрема тековниот бирократизам чија жртва е повторно Македонија: јас, лично, морав да добијам и европски пасош зашто имав право на тоа заради мајка ми, грчка и европска државјанка, но тоа го одбив зашто дознав дека морам да го вратам македонското државјанство, зашто не сакав партикуларно да тргувам со својата главна национална, поточно државна припадност. Поентата ми беше следна: најпрвин, каков човек би бил, а потоа писател, па ако сакате и покрај тоа, и каков европски граѓанин би бил кога би се откажал од својата прва татковина, за сметка на вторава која исто така ја сакам многу, но не како првата која е мој дом и дом на моите деца... Многумина, по таа цена и во мојата земја, се пофалија со туѓи државјанства... И тоа воопшто не му пречи никому во евробирократизираната Унија! Унијата на принципите стана унија на мнозинските интереси.

Дали од вас проговара некаков вид евроскептицизам?

Видете, јас веќе станав евроскептик, но во однос на ваквата „конзархирана“ еврозаедница. А бев голем еврофил и активен пропагатор за општа и македонска интеграција. Но зрелиот период од мојот живот помина чекајќи ја таа годовска евроинтеграција на Македонија. Имено, сè уште сметам дека тоа е најдобра, инклузивна иднина за перманентно и тенденциозно бурниот Балкан.

Годинава, заради своето авторско дело, но верувам и личност, свечено бев прогласен за европска личност од Македонија, но кога ги добивав почестите и плакетата, во присуство на амбасадорот на Унијата и неколку исто така пријателски земји, отворено и политички непристрасно проговорив за тоа...

Европа навистина е една прекрасна, плодотворна идеја, но за жал денес ја нагризуваат скакулците на нејзината сопствена бирократија, па и во суштина антиевропски кртови што роварат во локалните ареали. Ние во Македонија најдобро го чувствуваме тоа со новите бугарски негации и уцени. Па и останатите во овој балкански полузапад кој, де факто - му се остава на Истокот. Ова е многу важна поента која бирократите не можат, некои и не сакаат, да ја видат... но нема да ја елаборирам понатаму. Сепак, тоа е како кога реалноста многу долго ви се распаѓа над главата. И наместо сон за подобро време, четвртина век, непредизвикано од ваша страна, освен неразбирливата попустливост на македонските политичари, продолжува да ви се случува посттранзициски кошмар од кој, со додавање дипломатски анестетици, посети и притисоци едноставно не ви дозволуваат да се разбудите, и тоа при вашата чиста историска и политичка совест. Тоа е дистопијата во која живееме, холограм кој ни се наметнува. „Холографот“ е и поднаслов на мојата футуристичка утописка визија за конзархијата на бродот на кој, поделени на палуби, сите ние непријатно се луламе. На некои многу им одговара морската болест на Европа.

Се занимававте и со Холокаустот како тема во збирката „Светилка за Ханука“, а некои приказни од збирката се објавени во САД, Полска, Хрватска, Србија, Израел, Словенија. Во регионот сте присутни речиси редовно. Во 2001 година бевте дел од годишникот на Енциклопедијата Британика како еден од тринаесетте балкански автори. Дали Балканот е ваше примарно одредиште како книжевник или претендирате на некаков космополитски статус кој не е оптоварен со националниот и географскиот идентитет?

Не, туку мултикултуралниот Медитеран кој ги опфаќа и балканските простори. Како припадник на три култури, татко ми, како впрочем и неговите предци од двете страни, има аромунско потекло до кое секако се држеше, но секогаш го истакнуваше својот космополитизам, секако со лојалност кон својот дом. Инаку, таквиот мондијализам со широк медитерански опфат го негувам и самиот, со својата македонска, грчка и секако цинцарска, аромунска култура кои ги сакам и за кои сакам да пишувам. А сакам да пишувам и за културите на кои не им припаѓам, токму споменатите култури на поширокиот, мултикултурален Медитеран. Него во голем дел го има во мојот најнов роман „Столб што пее“, од антиката, преку грчко-турската војна до сувереноста. Дејството на романот кој зборува за светот како неизлечливо бојно поле, дијахрониски се случува од антиката до почетокот на украинската војна, од ареалите на Ајдин, античкиот Тралејс и Смирна или Измир, малоазиските центри со импресивни западни навики и установи, античка меморија и мешани култури со различни левантински и други популации, преку бегалската одисеја на поетесата Евтихија Папајанопулу, најпознатата грчка авторка на текстови на рембетски грчки песни на бегалците од Мала Азија, потоа тамошниот јунак, зејбек или ајдук Јорук Али, до трагичните судбини на бегалците во двата имагинарни ликови од Сирија, младите, заљубени Харун и Зехра, маж и жена изгубени во вртлогот на тамошната војна и во постојаниот обид најпосле да се најдат на туѓо тло...

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://tris.com.hr/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото