Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

22.04.2024 07:53
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

 

„Заборав”, Томислав Османли, „ВиГ Зеница”

 

Неочекувано и спасоносно за Панче Панков, во собата во која одново е тој, дојден во нова посета на мајка му, влетува насмеаната сестра. Панче има симпатии за дебелката медицинарка. Таа зборува распеано, некој западен дијалект („од пичкелисиматерине“, се смее Панче во себе), и секогаш внесува веселост во умртвените атмосфери на домот. Секогаш кога се појавува не пропушта и радосно да му намигне.

-Како сне си тукааа?... – прашува таа и воедно самата и си одговара – убајна! Сѐ е си е гледам ко шчо треба. Бррааааос за мајчето, ама и за сино’ личееен! - дофрла таа, значајно ги поткрева веѓите и кокетно му намигнува на Панче.

-Абе, у главном, сестро... - збунето вели Панче.

-Браос госпо’јн Панче. Така ми те сакам. Позитивно. Нааај –позитивно, само позитивнос’ се бара тука! – вика сестрата и додека Панче се готви да се огласи, таа одново се губи, оставајќи зад себе едно ѕвонливо:

-Дооо -бро!- што одекнува тука, потоа повеќекратно и низ ходникот...

-И шо зборевме? – ѝ вели Панче на мајка си.

-Не збореше со мене - прегласно отсечува мајка му - Со курвиштево збореше!

-Ај мори мамо, ќе те чуе!- станува тој и ја затвора вратата.

-Немој дома да си ми ја донесол. Ништо ти од животот не си научил. Жена не знаеш да избереш! – го прекорува Цена.

Панче ја менува темата.

-Е, за малиот мамо... за Саше, ти текнуе?

Таа незаинтерсирано го погледнува:

-Ц-к!

Син ѝ останува стаписан.

-А, Тоде у дуќан ли е?... - го прашува Цена.

Панче не се предава:

- ... за внук ти зборев, оној, шо е више три години у иностранство. Него го чекаме сеа, порано да си се врати, а требеше дури за Нова година да си дое дома. Си викам: у 2020-та, више да си се собереме сите дома. У новата деценија сите прибрани у Македонија. Доста идевме у странство...

-...Ја викам: у дуќан ли е татко ти!- се фодули мајка му.

Панче замолчува. Го спушта погледот на земја. Се чувствува поразен.

- Да, де... – едвај изговара – У дуќан.

- Му да’ате ли да јаде?

- Аха.

- Шипки варени му да’ате. Заслабнал. Страв ми е за него. Не е он - ја. Он у болница не ти ступнуе.

- Епа, нели ти иде тука?

- Бог да чува! - одвраќа мајка му и се свртува кон него. –Шо бара бе он тука?

- Па кај се глеате, ако не овде? – лукаво ја прашува тој.

- Ееее! ... - со кокетна насмевка, му одговара Цена – Онамо. Кај нас, у сокаче.

- У кое сокаче мори Цено?

- У маало, бе! – вели таа, за првпат сосем разнежена.

- Маалото го срушива – вели Панче и бело гледа во неа.

- Е како не го срушиле! – се кикоти таа.

- Онолкав трговски центар изградива кајшо ни беше старата куќа...

 

                                             ***

 

„Ѓаволот има убаво лице”, Дора П., „Матица македонска“

 

Најважна слугинка на господинот Л му беше Похотата. Од работата на Похотата зависеше работата на сите други слуги. Ако не беше таа, сите останати ќе беа безживотни, суви, мртви. За Похотата се живееше. Таа беше мотивот за човековиот покор пред сите други слуги. Похотата се славеше, за Похотата човек лесно беше во болест да падне, поради Похотата бракови и семејства се распаѓаа, за Похотата се умираше. Најголемиот дел од луѓето штом еднаш ќе ја почувствуваа Похотата, засекогаш се навлекуваа на неа. Похотата беше основен принцип на задоволството и правило на живеењето. Штом на едно одбрано место ќе поминеше нејзиното дејство, се бараше друго место, каде што нејзиното постоење би можело повторно и наново да се одржува живо колку што е можно повеќе. За Похотата се создаваа историски војни. Таа беше најголемата илузија за љубовта, а со тоа и за самиот Бог. Составена од совршен коктел на занес, возбуда и пријатна жештина, со неа времето умираше. Не постоеше минато и не постоеше иднина. Не постоеше ништо друго во сегашниот миг освен нејзиното екстатично дејство за кое луѓето намерно креираа разни ситуации со цел да ја предизвикаат. Таа најтешко можеше да умре од сите други слуги, бидејќи од неа човек најтешко се откажуваше. Господинот Л само со неа би можел да владее уште трилиони години. Кога Похотата ќе завладееше со ситуацијата, настапуваше лагата на сцената. Лагата која секогаш е во форма на добро познатото „Сѐ е во ред“, на едвај дочекуваната врева која не го трпи тивкото буричкање во вистината.

Давид дојде дома. Бјанка, оптегната на каучот, пиеше црвено вино. Од лаптопот свиреше тивка џез музика.

Што си дошол толку рано?

Што знам, денес немаше многу работа, а и ме фати дремка. А па ти, што си дојдена толку рано?

Се закашла длабоко. Беше пребледен. Лажеше за тоа дека го фатила дремка. Бјанка го гледаше и знаеше дека Давид не е добар со здравјето, но не го прашуваше ништо. Тој го зеде далечинскиот управувач и го пушти телевизорот. Сакаше да ги слушне вестите кои известуваа за тоа дека се очекува вирусот да мутира и дека новата мутација ќе биде многу поопасна од сегашнава. Бјанка пивна голтка од виното и блесаво се насмевна.

Замисли, ми се расипа печатачот на работа. Директорот се налути и ми рече да си одам дома.

Јадеше? – ја праша без да го забележи небулозниот одговор на неговото прашање.

Да. Имаш во кујната уште малку пица. Денес нема ручек.

Многу ме нервираш. Не знам како можеш да си докторка којашто работи со најтешките пациенти разболени од вирусот и да го омаловажуваш значењето на вирусот. На раце ти умираат луѓе секој ден. Во вакви тешки моменти ми е срам што си ми жена.

Постојат мигови при одредени разговори кога човек ги губи зборовите, кога ја има мислата за зборот, но зборовите од мислата не можат да стигнат ни до грлото, а камоли да бидат изговорени. Тоа се тие мигови кога слушната информација која влегува низ сетилото за слух, се губи некаде по патот зашто се одбива од отпорот на соговорникот, па повторно се појавува. Зачкрипува, едвај стигнува до соодветниот центар во мозокот каде што се обработува, но самата обработка го задушува грлото со невидлива канџа, која на крајот зборот го претвора во обична воздишка, наместо во изговорена експресија. На Бјанка ѝ се случи баш такво зачкрипување кога Давид рече дека му било срам поради тоа што таа му е жена. Што ли му требаше толку рано да си дојде дома? Но, ѝ беше сеедно. Бесполезно беше да влегува во објаснувања и полемики со него. Давид се плашеше од вирусот. Таа, од друга страна, беше сосема во ред со своето физичко здравје, но и знаеше дека работата со вирусот е нешто чудна. Спокојно си ја зеде чашата со вино и стана од каучот.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.