А таа читаше Маргина

13.02.2024 03:19
А таа читаше Маргина

Средина на девеести. Силом прилике, да не навлагам у поединости, средното морав да го завршам во Куманово. Една од предностите на овој град беше близината на српската граница која се наоѓаше (и сега се наоѓа) на само десетина минути со кола. Така поврзаноста со српската култура и влијание беше понагласена од останатите делови од нашата држава. Близината беше физичка. Со обична антена ги фаќавме сите српски ТВ и радио канали што у раните девеести беше некаква предност. Истото важеше и за весниците и списанијата. „Политика“ стигаше истиот ден како во Белград, Лесковац и Врање. Сите битни српски списанија се појавуваа во трафиките без или со минимално доцнење. Најголема полза за помладата генерација беа стриповите кои уште лебдеа во некојси мејнстрим.

Ние што сакавме да читаме нешто повеќе од лектири и учебници моравме да купуваме четива по трафики и книжари. Бевме организирани по тактиката „еден број јас – следниот број ти“, за да можеме што повеќе да прочитаме, без да го надминеме нашиот средношколски џепарлак максимално ослабнат од тенките буџети на родителите стечајци. Од „Дилан Дог“ и „Марти Мистерија“, Политикин Забавник, Стрипотека, преку „Свет Компјутера“ и „BUG“, до „Галаксија“ и опскурното „Треќе Око“, купувавме свашта. Ама и бевме, велам, организирани. Не можеш сѐ сам да купиш.

И тука се појави интересен проблем. Името му беше Маргина. Македонски, скопски магазин кој веќе излегувал отприлика една година, а ние сме немале појма. Првпат во раце ми падна примерок на часовите кај Љубиша (Бубе) Петрушевски кој на мала група ентузијасти држеше часови по американска и англиска култура. Недостапноста на Маргина беше необична и привлечна. Нешто што излегува на само триесет и кусур километри од Куманово, а е енигма.

Содржината ме зема од прва. Просто не ми се веруваше. Списание од ваков калибар издадено во Македонија. Нивото на еклектичност беше погодено со огромна прецизност за да одговара на интересирањата на секој вистински вљубеник во современата култура. Се варираа теми исклучително интересни за еден млад мозок:: од филозофски, социолошки, културолошки текстови, до интервјуа, осврти и цели уметнички дела (песни, цртежи, драми,раскази, графики... сѐ што можеше да се смести во форматот).

Ама зафркнато тешко беше Маргина да се набави. Требаше да ги познаваш луѓето, па некој ако оди во Скопје, па ако воопшто го најде списанието... Во Куманово тогаш постоеше само една приватна книжара која во најголем дел беше книжарница со моливи-пенкала, плус Просветно дело, Култура и играчки. Така што своето ниво на снаоѓање морав да го подигнам барем за степен повисоко. Девојката која ми се допаѓаше работеше емисија за субкултура во ТВ Куманово, со дотичниот Бубе. Не можев да чекам таа да прочита една цела Маргина па да ми ја даде, зашто списанието беше (и уште е) околу двесте страници, на тоа додади школо, домашно, писмени, искачање и пубертет, така што ќе добиеш месец дена чекање. Ја имав и таа среќа што ретко кој навистина беше заинтересиран за читање Маргина, особено во мојот круг од средно школо.

Се погоди баш во тоа време во Маргина да се појават Т.Б. Трачери, бенд кој мојата пријателка и јас го сметавме за најпрогресивен рок состав во Македонија. Според мене, заедно со Архангел, најдобар рок бенд од осамостојувањето до денес. И додека Кирчо Трачер во Куманово беше сметан за пореметена будала, лудак, чудак, параноик, социопат, во Скопје - благодарение, меѓу другото, и на Маргина - стана водечка пост-панк фигура. На настапите на Трачери по кумановските клубови доаѓаа по дваесетина души, а потсмевот и презирот на локалните „музичари“ (у смисла инструменталисти, рокери) и до ден денес трае. Никој не е крал во сопственото село, јебига. Дури и Мизар почнавме да ги цениме после првиот концерт во Загреб и позитивната критика на тамошните музички критичари, и покрај тоа што тие претходно повеќепати свиреле во Македонија.

Како и да е, да не навлагаме во очигледното, ја убедив девојката да оддели време навечер да ми ја чита Маргина по телефон. Навечер фиксните телефони многу не се користеа зашто луѓето гледаа телевизија или се одмараа, та ние можевме раат да ја читаме Маргина. Почнавме со Трачери. Таа се смееше и уживаше додека ми читаше. Дури имаше и една драма цела од Киро Трачер објавена таму. Маргина после им објави и албум, првиот албум на Трачери, Клати и тркалај, просто не ми се веруваше. А за читањето имавме систем: по саат време секоја вечер размена врз база на „еден текст бираш ти, друг текст бирам ја“. Наредната вечер на ред беше Енди Ворхол, и тоа во истиот број со Трачери, човече! Тоа ми даде шлагворт за плодна дискусија со мојот професор по историја на уметност Часлав Марковиќ – Чале, што се испостави дека е брат на Оливера Ќорвезировска. Мал е светот. Тој ни помогна да реализираме една драма во која глумев и добив награда за најдобра споредна улога на аматерскиот театарски фестивал во Кочани. Тогаш почнав да уредувам и списание кое го издававме во гимназија, се викаше „Спореден влез“, во смисла влез за другши, не главни (тоа ни беше заедничко со Маргина). Списанието ни беше печатено (фотокопирано) на А4 листови, захефтани. Идејата беше да се промовираат дела од ученици, не нужно андерграунд текстови, но секако оригинални, авторски.

Иако во тоа време бев марксист по определување, преку „ноќните читања“ на Маргина полека почнаа да ме интересираат и посовремени текстови. Така ја зацементирав својата одлука да запишам филозофија. Можеби е смешно, вака од дистанца, од „полноќните телефонски разговори“ некој би очекувал еротика, ако ништо барем некоја наивна романтика... Ама ние читавме Маргина, по телефон. Со читањето полека станував свесен дека девојката ќе стане моја зашто дечко ѝ беше постар и одличен студент на правен факултет, а идоли му беа Шкариќ и Марјановиќ. А таа читаше Маргина.

Слики: Корици од списанието Маргина од 1994 и 1995 г.

ОкоБоли главаВицФото