Како е да се биде нелегално геј во Мјанмар?

26.01.2024 10:59
Како е да се биде нелегално геј во Мјанмар?

Кога не е на сцена, Дејвид Морон работи како професионален шминкер

Секој што ќе „излезе од плакар” во Мјанмар се соочува со огромни културни и социјални бариери на секој чекор.

За Дејвид Морон, да се биде геј во Мјанмар значело да се биде исфрлен од својата семејна куќа. Роден во мало село во близина на границата меѓу Мјанмар и Индија, Дејвид објаснува дека отсекогаш знаел дека не се вклопува во стереотипите поврзани со машкоста. Тој знаел дека е геј уште од рана возраст, но се обидувал тоа да го скрие од семејството.

„Татко ми секогаш се обидуваше од мене да направи свој непријател”, вели тој како да станува збор за непобитен факт. „Знаеше да ме истепа, иако не сум направил ништо погрешно. Просто, ме мразеше затоа што сум геј”.

Кога омразата и насилството не делувале, таткото на Дејвид почнал да бара од постарите мажи да го носат во барови - што, се разбира, исто така не функционирало. „Се надеваа дека од мене ќе направат човек како нив”, вели тој, но објаснува дека единственото нешто што го научил е да пие и да пуши.

На крајот, откако борбата со неговиот татко станала неподнослива, Дејвид одлучил да се пресели во најголемиот град во земјата, Јангон, каде открил дека постои заедница во која може да биде она што е.

Дејвид се шминка во својот дом пред фестивалот Pride

Го гледам додека се подготвува за фестивалската неделата на гордоста во Јангон. Во земја каде што над 70 отсто од луѓето практикуваат будизам и се релативно конзервативни, овој фестивал е една од ретките национални платформи за ЛГБТ заедницата. Оваа година, градската влада во Јангон даде дозвола за одржување на јавни собири во еден од најголемите паркови во центарот на градот. На овој начин, фестивалот не е само простор за квир луѓето да се соберат и да го прослават својот идентитет, туку и простор во кој поширокото мјанмарско општество може да присуствува и да им ја покаже својата поддршка.

За Дејвид, настапот на фестивалот Pride означува среќен момент во ова долго патување. Откако се доселил во Јангон, се вработил како шминкер и продавач на шминка. „На почетокот ги гледав изведувачите од страна и сонував да бидам таму каде што се тие, на сцената, но не се осмелував да го спроведам тоа во пракса”, се сеќава тој. Потоа дошло на ред неговото огнено крштевање на сцената пред три години, кога учествувал во дрег перформанс во геј бар во Јагон.

„Првиот настап ми предизвика голема нервоза. Колената ми се тресеа, а срцето ми прескокнуваше” – вели тој.

Oваа година по вторпат е одобрено одржувањето на јавен собир по повод неделата на гордоста, која ја слави ЛГБТ заедницата

Набљудуувајќи го, никогаш не би можеле ни да претпоставите дека Морон е нервозен на сцена. Внимателно го контурира носот, а потоа ја приспособува својата платинесто руса перика така што совршено рамно би легнала на неговиот скалп, а шишките само благо да ги допираат вештачките трепки. Дејвид не се задоволува со лесен слој пудра: или сценска шминка или ништо. Потоа, самоуверено се врцка на своите потпетици од 25 центиметри - иако признава дека користи леплива трака со која ги лепи стапалата за да не се чувствува како да носи штикли, туку како да носи некаков тип на чизми.

Секој што ќе „излезе од плакар” во Мјанмар се соочува со огромни културни и социјални бариери на секој чекор. Според традиционалните толкувања во будизмот хомосексуалноста е „неприродна” и претставува извор на лоша карма.

Хомосексуалноста во Мјанмар е криминализирана и според член 377 од Кривичниот законик, кој е закон кој ретко се користи, иако самото негово постоење укажува на степенот до кој ЛГБТ заедницата е сè уште маргинализирана.

Изведувачи на сцена во Јангон

За Дејвид, дрег перформансот значи можност да го остави зад себе овој вид страв и осудување. Кога ќе стави перика и ќе се облече како својот идол Лејди Гага, тоа му овозможува да стане нов лик, кој самиот го бира.

„Престанав да се грижам за негативните коментари. Кога сум во дрег карактерот на Лејди Гага на сцената, повеќе не ги слушам тие негативни коментари”, вели тој, додека во позадина песната Poker Face на Лејди Гага свири одново и одново. „Мислам дека таа е совршена, а сите нејзини несовршености покажуваат дека е во ред да се биде малку луд”.

Малку подоцна, го гледам Дејвид како настапува на сцената на песната Poker Face, пред околу 12 000 луѓе за време на првата вечер на фестивалот „Pride”. Изведбата е страсна, моќна, а публиката гласно навива.

Додека излегува од сцената, ја откинува врвката што ја користеше како реквизит за време на перформансот, а периката му светка под светлата, заедно со неговите заби кои откриваат широка насмевка. И тогаш, кога го прашав какви се неговите надежи за во иднина, воздивнувајќи, тој одговори:

„Само сакам луѓето да ги прифаќаат другите, особено оние кои се различни. Не е пријатно кога луѓето коментираат на суров начин. Кога сум во дрег, повеќе не сум срамежлива личност каква што сум вообичаено, бидејќи на сцената луѓето не знаат кој сум навистина. Единственото нешто што го слушам е аплауз”.

Публиката на фестивалот во Јангон

Извор:https://www.vice.com

ОкоБоли главаВицФото