Мирко Попов, денди во паланка

03.04.2024 10:22
Мирко Попов, денди во паланка

 

Смртта на Мирко Попов е огромна загуба за нашата култура. Кога велам култура мислам на широкото значење на зборот, на целокупниот наш контекст, особено градски, на односите меѓу луѓето и на смислата на создавањето артефакти во една ваква брутализирана средина. Оти Мирко беше поврзувач на сцената (ми се чини, еден од последните), позитивен дури и во негативна смисла ‒ поврзувач или судирач на орбитите и световите. Притоа пак зборувам за сцена во поширока смисла: сцената на градските улици, кафеа, дискотеки, „културни и некултурни“ простори, сцената во нашите глави. Наспроти сепштотото атомизирање, т.е. распаѓање на заедницата (на миљон мали капиталистички индивидуализирани огледалски шизо сцени), ми се чини дека Мирко имаше осет за таа една сцена во која актерите и енергиите се испреплетени.

Подолу напишав текст за дендизмот на Мирко. Не пишував за неговиот огромен опус, и уметнички и продуцентски, оти е тоа преголема работа во моментов. Пишувам за неговата општествена позиција, од личен аспект, се разбира (кој подразбира дека во голема мера всушност пишувам за себе). Мирко беше мултидимензионален и мултиперспективен и нејасно е која беше неговата примарна вокација. Музичар? Можеби.

Никогаш активно не се дружевме, но се знаевме уште од средината на деведесеттите и ми се чини дека се почитувавме (колку што во нашата касаба воопшто е дозволено тоа перверзно однесување). Се почитувавме, значи, на скопски начин: со зазор и дистанца (а со блискост и вибрантност во трачањето и критиката, јал на други, јал меѓу себе).

Мирко во 1998 направи корица за Маргина #40, списанието што го уредувам од 1994 година. Во истиот број објавивме цел блок од негови „песни, фикции и манифести“. Тој број е дигитализиран и можете да го видите овде.

Издвојувам две делчиња од тоа интересно четиво (расказ од една реченица и песна), кои се згодни да стојат во заглавието на текстот за дендизмот на Мирко.

Расказ

Многу сакам да бидам поубав, отколку попаметен од тебе.

Маач

(крајно неавтобиографска умет(на)тост)

Се шетам по улици и се маам. / Наоѓам некој копиљ и го маам. / Пошто јас сум маач. / Сум раснел у пригратско гето, / често сум се маал / и сум јадел ќутек, навика. / Жилав сум прилично, имам тврди коски и јаки мускули, / трпам ударци и батина... / Ако те најдам на улица / или у грат, / педерче бегај! / Зашто ќе те маам, / кичма ќе ти скршам / и купче ќе те напраам. / Зашто сум маач.

Мирко Попов беше денди во паланка. Конте со тенко нокте. Тоа беше една од поголемите причини за неговите не(до)разбирања со околината. Оти паланката и дендито се еволуциски непријатели. Иако паланката е предатор, дендито има некои шанси да го преживее нејзиниот заграб, како мунгос пред змија; што значи, има шанси и да зададе по некој удар, можеби дури и да преживее, пргав, палав и пркосен.

Историската појава на дендизмот на прв поглед нема врска со филозофијата на паланката. Денди се појавува при крајот на 18-иот век (иако примери можат да се најдат и во антиката, Јулие Цезар, Катилина, Алкибијад...). Најпознатото олицетворение на денди е Оскар Вајлд, наследникот на првата голема англиска денди ѕвезда Џорџ „Бо“ Брамел. На македонски е преведена и „библијата на француската декаденција“, романот Наспроти на Ж. К. Уисманс, чиј главен лик е неверојатното конте Дезесент, моделот за 19-вековниот денди. Шарл Бодлер, еден од најголемите авторитети во полето, дендизмот го сместува во „транзиционите епохи кога демократијата уште не станала семоќна, а аристократијата е само делумно разнишана и понижена“. „Во хаосот на тие епохи“, пишува Бодлер во текстот Сликар на модерниот живот, „извесни декласирани, гадливи и невработени луѓе, ама мошне богати со вродена снага, можат да создадат замисла за некој нов вид аристократија, дотолку потешка за рушење ако е заснована на најдрагоцените и најнеуништливите способности и на небеските дарови кои работата и парите не можат да ги пружат.“ Според Бодлер, дендизмот е последниот блесок на хероизмот во декаденцијата.

На прв поглед, велам, проблемот на паланката и провинцијализмот немаат врска со аристократите и буржуите. Во Филозофијата на паланката Радомир Константиновиќ пишува: „Карактеристика на паланката е духот на колективната волја, духот на новиот колективизам кој нè зема под свое, кој нè штити од сè , а пред сè од самите нас. Тоа е дух кој му се противи на времето, кој е анти-историчен, на линија е на налогот, затворен во еден затворен свет, за да ја прифати затвореноста како своја предност, како свој сопствен избор. Тоа е дух кој се обидува својата коб да ја преобрази во своја привилегија.“

Денди е антиколективистички, по дефиниција. Но постои, го има и по касаби и темни вилаети, и на запад и на исток. Мирко Попов сигурно не е првиот денди на оваа почва. Дури и за време на декларативно колективистичкиот социјализам дендизмот постоеше во Скопје, но тоа е друга голема тема за која овде немаме место.

Во контекст на темниот вилает, ќе потсетам само на славните зборови на Џејмс Џојс чијшто цел опус е проникнат со една опсесивна тема ‒ Ирска: „мајка свиња која ги јаде сопствените деца“.

Се разбира, постојат многу разлики меѓу скопскиот денди и даблинскиот, парискиот или лондонскиот. Но, уште повеќе постојат сличности. И за скопскиот и за парискиот современ денди заеднички се следниве карактеристики: стил, артифициелност, сценичност, ексцентричност, храброст, неконвенционалност, неконформизам, зајадливост, духовитост... Заеднички се, понекогаш, и негативните особини: површност, саможивост, неодговорност, позерство, грубост...

Во паланката денди често е принуден да биде курназ и лицемер, и да се адаптира на дневните односи на моќ повеќе од велеградскиот денди. Во паланка денди понекогаш значи и да се биде клошар или улично куче, особено во касаба како Скопје. А клошарот и уличното куче не живеат долго. Оти не треба да го забораваме Константиновиќ: „Духот на паланката е родното место на злочинот; тој таму се зачнува и раѓа.“ „Колку чувството за реалноста е помало, толку е поголема нужноста за насилство.“

Од трета страна, постојат и конформистички дендија (кои можеби се повеќе контиња, помодари, кицоши, шизичиња) ситуирани, ужлебени, систематизирани, анестезирани и стерилизирани. Има Скопје и такви, дотолку, тие преовладуваат: од некогаш фламбоајантните мангупи сега само по некое зракче се пробива низ оклопите, лушпите, черупките, од засолништата и тапацираните соби. А сепак, старите гиздавци имаат некакво разбирање за живите и релативно неприлагодени денди, каков што беше Мирко. (Иако, можеби во секој денди чучи зовот на бегство од дивината? Зовот на конформизмот и закопаните секири?! Можеби вистинскиот денди, чувствувајќи го во врат утешниот здив на паланката, баш затоа станува клошар и улично куче, бирајќи пропаст наместо припитомување и шкопење?!)

„Дендизмот е естетизирана форма на нихилизмот“, велеше Бодријар. И таа дефиниција, ми се чини, е блиска до дендизмот на Мирко.

Во мојот свет денди е недвосмислено позитивен лик: антипаланечки, не-насилен, не-досаден, не-предвидлив, не-обичен, нежен ем храбар, досетлив ем сочувствителен. Да бидеш денди денес подразбира и да си малку квир и геј и дрег квин ‒ заеднички им се артифициелноста, неконвенционалноста, дрскоста, храброста, бунтот.

Сето тоа го имаше Мирко Попов. Имаше и паланечка цртичка, своевидна грубост, но и тоа може да биде дендиевски. Приказите на дендизмот во 19-иот век, на пример, осцилираат меѓу мажевниот пол, олицетворен во грубијанот (отворена посебност), и феминизираниот пол, олицетворен во гиздавецот (прикриена посебност). Мирко, згора, беше и активист, политички солидно артикулиран, и тоа е можеби една од особините на новиот дендизам. Всушност, на Мирко му беше тесен костимот само на уметник или музичар и затоа се обидуваше да игра на разни терени, повеќе или помалку успешно. Што исто е дендиевска особина, постојано да излегуваш од задушувачките рамки и улоги.

Дендизмот може да се сфати како уметност на живеењето. Животот по себе, секој негов детаљ и момент, е на највисоката скала на вредносниот систем на еден денди. Дендизмот често ја подразбира помпезната отвореност кон сите животни радости и искушенија: храна, секс, дроги, уметност... Но сето тоа кај дендито се одвива театрално и авторефлексивно. „Да живееш и умреш пред огледало“, тоа, според Бодлер, е дендиевската срж.

Тогаш кога настанува, на почетокот на 19-иот век, дендито е олицетворение на етосот на аристократскиот индивидуализам заснован врз смелоста и презирот спрема буржујот-медиокритет. Целта е да се биде различен од другите. Денди се трудел да зрачи со емоционална рамнодушност, како знак на неговата божемна супериорност, иако едновремено се сметало дека тој е мошне зависен од вниманието кое му го посветувала заљубената или просто шокираната публика.

Во својата славен есеј Побунетиот човек (L'Homme revolte,1951) Албер Ками на дендизмот гледа како на бунт поврзан со романтизмот: „Во своите конвенционални форми дендизмот ја изразува носталгијата по морал. Тој е само понижена чест. Но тој истовремено дава основа за естетиката која и понатаму владее со нашиот свет, естетиката на осамените творци, тврдоглавите противници на презрениот Бог. После романтизмот задача на уметникот веќе не е создавање на светот, ниту вознесување на убавината заради нејзе самата, туку заземањето став. Уметникот тогаш станува узор, тој себе се истакнува како пример: уметноста е токму неговата етика. Со него почнува добата на надзорниците на совеста. Кога дендијата не се самоубиваат или не полудуваат, тие стекнуваат кариера, ја изложуваат позата за потомство. Дури и кога викаат, како Вињи, дека ќе замолчат, нивниот молк е страотен.“

Ролан Барт во текстот Дендизмот и модата (1962) како да разговара со Ками: „Дендизмот не е само етика (за која од Бодлер многу се пишувало), туку и техника. Денди е спој на тие две работи, а втората особина очигледно ја гарантира првата, како во сите аскетски филозофии (хинду, на пример), каде што физичкото однесување претставува спроведување на едно мислење; а бидејќи тоа мислење овде се состои во сосема посебната визија за самиот себе, денди е осуден на измислување бескрајни нови црти: час се потпира врз богатството за да се разликува од сиромашните, час ја воспева ветвоста, за да се разликува од богаташите: функцијата на детаљот е токму да му овозможи на дендито да избега од масата, никогаш да не биде вовлечен во неа.“

Албер Ками пишува: „Денди по функција е опозиционер. Тој се одржува само со предизвикување. Смислата на битието, до тој момент, потекнувала од Бога. Откако раскинот со него станал осветен, битието им се посветува на миговите, деновите што минуваат во разлеана осетливост. Потребно е, значи, животот да се земе во свои раце. Денди се присобира, глуми единство, благодарение само на силата на одбивањето. Растроен како особа лишена од правила, тој ќе биде единствен само како лик. Но ликот подразбира публика; денди може да се постави само наспроти. Тој може да биде сигурен во своето постоење само ако го наоѓа врз лицата на другите. Другите се огледало. Огледало кое, вистина, брзо се валка, оти сосредоточеноста на човекот е ограничена. Таа мора непрекинато да се поттикнува, подбуцнува со предизвици. Затоа денди е принуден секогаш да зачуди. Неговиот повик е во сингуларноста, неговото усовршување во натпреварот. Секогаш во раскин, на маргина, ги присилува другите да го создадат него самиот така што ги негира нивните вредности. Го изигрува својот живот, со оглед дека не може да го живее. Го игра до смрт, освен во миговите кога е осамен и без огледала. Осаменоста за денди е иста со ништожеството.“

Мирко исто така постојано беше во потрага по огледало и сцена. Мирко и градот го доживуваше како сцена, и тоа, фланеризмот, исто е мошне дендиевска особина. Мирко ја сакаше и сцената сцена, таму се осеќаше како делфин во воден парк, со шарените топки и згодните и посветени дресерки. Мирко и создаваше сцена, сосема дендиевски, кога му беше досадно, кога беше накурчен или кога морфологијата на просторот го бараше тоа: одредена ретериторијализација, излив на некој неконтролибилен интензитет, нова линија на бегство.

Во Дендизмот и модата Барт вели: „Неговата есенција, според него, веќе не е социјална туку метафизичка: дендито не ги спротиставува нижата и вишата класа, туку само и исклучиво индивидуата и вулгарниот човек; притоа индивидуата за него не е општа идеја: таа е самиот тој, очистен од секое споредувачко прибежиште, така што, во крајна линија, налик на Нарцис, тој своето руво го дава на читање самиот на себе и никому друг. Од друга страна, тој заговара дека неговата есенција, како есенцијата на боговите, може сосема да биде присутна и во ништото: детаљот на облеката тогаш веќе не е конкретен предмет, колку и да е малецок; тоа е манирот, често суптилно превртен, да се наруши облеката, да се „деформира“, да ѝ се ускрати секоја вредност, оти вредноста е општа.“

Мирко беше интересен, како секој денди,и во модна смисла. Не се перчеше, не беше гиздавец („Гиздавецот е чедо на ситите цивилизации“, велеше Антун Густав Матош), но во аутфитот секогаш имаше став и порака, и на сцената сцена и на сцената улица. Беше и добар танчер, во спотот за песната Диско бенд тоа може да се види: (пре)опуштена грациозност, препуштање на ритмот, кореографска нежност ем дрскост, и сјајниот детаљ: драпањето на патентот на блузата како своевиден скреч. Се разбира, целиот спот прска од (себе)подјебавање и од хумор. Дрскиот хумор, инаку, беше типичен за него.

Мирко е кореографски сјаен и во Ти си мојот свет, како фланер од Градски ѕид, кој самиот се снима. Сликата се тресе, се пикселизира, изгубена меѓу горе и доле; горе е љубовта, транцендентноста, доле е асфалтот. Песнава е идеален пример и за огледалноста на Мирко, во случајов допрена преку медиумот селфи видео.


На крајот неколку зборови и за женскиот дендизам, меѓу другото и зашто дендизмот на Мирко Попов многу подобро го препознаваа жените (можеби и зашто дендито обично има и снажна женска црта). Ми се допадна еден фејсбук коментар на Калиа Димитрова, уредничка на порталот Медуза. Типичен насилнички фејсбук мразач (слабо образован и силеџиски желен за внимание) реагираше на нејзиниот позитивен текст за Мирко Попов со прашањето „Чисто од радозналост, што ’создал’ Мирко?“ „Ствари за кои ти не можеш ни да сонуваш, безличен мажу“, кратко, прецизно и супериорно му одговори Калиа. На Мирко веројатно можеа да му се припишат секакви етикети, но не непродуктивноста и безличноста. Жените тоа подобро го препознаваа од традиционално крутите и безлични скопски мажиња, без осет за артизам. Меѓу другото и затоа сметам дека Мирко беше денди во паланка.

Женскиот дендизам, инаку, постоел паралелно со машкиот, во 19-иот век, иако тоа дури денес го откриваме. Во одличната книга на Миранда Гил, Ексцентричноста и културата на призрачноста во Париз од 19 век (2009), некои современи феминистки тврдат дека фигурата на фланерот (шетачот) воспоставува индиректна еквивалентност меѓу машките и женските категории од тоа време. Тврдењето дека и фланерките можеле слободно да талкаат низ градот, токму како нивните машки современици, денес е предмет на жестока дебата меѓу феминистичките критичар(к)и. Но, има и посуптилни хомологии меѓу, на пример, шетачот и занемарената фигура на портирката (portiere), чијашто улога на чуварка на станбен блок ја направила „персонификација на урбаното согледување“ налик на шетачот и на сезнајниот реалистички наратор, најчесто маж.

Мирко веројатно би ми рекол, на „обвинувањето“ дека е денди: „Јас сум попрво сомнително лице отколку денди“. И веројатно би бил во право. Освен ако и сомнителното лице не е само уште еден аспект на дендито, компликуваниот бунтовник, естет и нихилист.

Не сум слеп за да лажам / Не сум глув за да молчам / Не сум нем за да кажам / Не сум ТВ патриот // Не сум ТВ патриот / Медиокритетски скот / Не сум сељак во сако / Јас сум сомнително лице / Сомнително лице // Нема песни за мене / Јас сум сомнително лице / Вас ве нема во мене / Јас сум сомнително лице / Сомнително лице // Не сум крими да се кријам / Не сум глупав за да спијам / Не сум простак за да дркам / На домашен порно филм // Не сум убав како Тоше / Ниту паметен ко Бране / Одбивам да профитирам / Врз глупавоста на мојот род // И што ти значи кога пееш / Љубовта е сѐ / Што ли зрачи ко се смееш / И викаш остај добри сме / И нема песни за мене / Јас сум сомнително лице / Вас ве нема во мене / Јас сум сомнително лице


Слики: Ignaz Marcel Gaugengigl (1855‒1932)

ОкоБоли главаВицФото