За феноменот на небулозните работни места

18.12.2023 19:29
За феноменот на небулозните работни места

 

Пролетта 2013 година случајно предизвикав мала светска сензација. Сè почна кога добив понуда да напишам текст за новото списание за радикална мисла Страјк! Уредникот ме праша дали би напишал нешто провокативно што не би го објавил никој друг. Вообичаено имам неколку такви идеи, па напишав краток текст со наслов „За феноменот на небулозните работни места“ (Bullshit Jobs) и му го проследив.

Текстот се базираше на чувство. На сите ни се познати оние работни места кои на прв поглед делуваат како да не служат за ништо: советник за човечки ресурси, координатор за комуникации, стручњак за односи со јавност, финансиски стратег, корпоративен адвокат; или оние луѓе (добро познати во академските кругови) чија работа е да составуваат комисии кои треба да дискутираат за проблемот на одвишните комисии. Се чини дека списокот е бескраен. Што ако, помислив, овие работни места навистина се бескорисни, а луѓето кои ги работат се свесни за тоа? Секако дека понекогаш наидувате на личности на кои нивната работа им се чини бесмислена и непотребна. Има ли нешто полошо од тоа да се будиш пет дена во неделата за да работиш работа за која во себе мислиш дека е непотребна - дека е чисто губење време и сила, или дека светот е само полош заради неа? Но, ако е така, тогаш тоа е рана за која никогаш не се зборува. Имаше многу истражувања дали луѓето се среќни на своето работно место. Но никој не истражувал - или барем јас не знам за тоа - дали мислат дека постои оправдана причина за постоењето на нивното работно место.

Можноста нашето општество да е проткаено со бескорисни работни места за кои никој не сака да зборува делуваше веројатна. Прашањето за работата е полно со табуа. Фактот дека повеќето луѓе не ја сакаат својата работа и дека порадо би смислиле изговор да не одат на работа не е нешто за што може да се зборува на телевизија - секако не на вести, иако тоа понекогаш се споменува во документарци и стенд ап комедии. Самиот бев сведок на овие табуа: во една пригода бев врска за медиуми во една активистичка група која, така се зборуваше, планира кампања за „граѓанска непослушност“ и блокирање на превозниот систем во Вашингтон во знак на протест заради глобалниот економски самит. Деновите пред самитот, ако изгледавте како анархист, каде и да се појавевте ќе ви пријдеше некој расположен државен службеник или службеничка за да ве праша дали во понеделник ќе се оди на работа. Во истиот период телевизиските екипи ги интервјуираа државните службеници - а не би ме изненадило ако се работеше за истите градски службеници - кои изјавуваа дека за нив би било страшно кога не би можеле да одат на работа, зашто знаат дека мораат да го кажат тоа за да ги пуштат во програма. Никој не чувствува доволна слобода за да каже што навистина мисли за овие прашања - барем не во јавност.

Ми се чинеше дека е така, но не го знаев тоа со сигурност. Во извесна смисла, текстот го напишав заради експеримент. Ме интересираше каква реакција ќе предизвика.

 

Ова го напишав за августовското издание од 2013 година:

За феноменот на небулозните работни места

Џон Мајнард Кејнс во 1930 година предвидуваше дека до крајот на векот технологијата ќе напредува толку што земјите како Велика Британија или САД ќе можат да воведат петнаесетчасовна работна недела. Имаме многу причини да веруваме дека беше во право. Во технолошка смисла, тоа е сосема изводливо. Но, повторно, не се случи. Наместо тоа, технологијата се користи за да најде начини да нè натера да работиме уште повеќе. За да се оствари тоа беше потребно да се создадат работни места кои, на крајот на краиштата, се бесмислени. Голем број луѓе, особено во Европа и Северна Америка, целиот свој работен век го поминуваат работејќи на работни места за кои интимно веруваат дека не треба да постојат. Моралната и духовната штета која произлегува од таквата ситуација е голема. Тоа е лузна на нашата колективна душа. Меѓутоа, никој не зборува за тоа.

Зошто ветената утопија на Кејнс - која беше посакувана и во шеесеттите - не се оствари никогаш? Денес вообичаено се претпоставува дека никој не го зеде предвид огромниот пораст на консумеризмот. Дека помеѓу помалиот број работни часови или повеќе играчки и задоволства колективно го избравме второво. Тоа е убава поучна приказна, но доволно е само малку да се размисли за да сфатиме дека тоа не може да биде вистина. Навистина, сведоци сме на создавање безброј нови видови работни места и сектори од 20-тите години на 20-тиот век наваму, но овие работни места и економиите не се однесуваат на производството и дистрибуцијата на суши, ајфони и скапи патики.

Тогаш, кои се овие нови работни места? Неодамнешниот извештај кој ја споредува вработеноста во САД во периодот помеѓу 1910 и 2000 година ни дава појасна слика (би додал, мошне слична на ситуацијата во Велика Британија). Последниов век драстично опадна бројот на луѓе вработени како домашна послуга, во производството и земјоделството. Истовремено, за трипати се зголемија „стручните професионалци, менаџерите, службениците, вработените во продавниците и услужните работници“, бидејќи нивниот број е зголемен од „една четвртина до три четвртини од вкупниот број вработени“. Со други зборови, како што е предвидено, работните места во производството првенствено исчезнаа заради автоматизацијата. (Дури и кога во тоа би ги сметале и индустриските работници на глобално ниво, вклучувајќи и многу луѓе кои работат во лоши услови во Индија и Кина, работниците во производството не сочинуваат ни приближно толку голем процент од светската популација како порано.)

Но наместо на светската популација да ѝ се овозможи заради намалување на бројот работни часови да ги остваруваат своите замисли, желби, визии и идеи, сведоци сме на ширење на не толку „услужен“ колку административен сектор - во мера во која се создаваат сосема нови дејности како што се финансиските служби и телемаркетингот - и никогаш поголемо ширење на секторите како што се корпоративното право, академската и здравствената администрација, човечките ресурси и односите со јавноста. А овие бројки дури и не го покажуваат бројот на луѓе кои работат административни, технички или безбедносни работи за наведените дејности, како ни мноштвото помошни работни места (фризери за кучиња, разнесувачи на пици кои работат цела ноќ) кои постојат само зашто другите вработени работат премногу во сите останати дејности.

Тоа се работни места кои предлагам да ги наречам „небулозни“.

Се чини дека некој измислува бесмислени работни места само за да можат сите нешто да работат. Токму тоа е дилемата. Тоа е она што не би требало да се случува во капитализмот. Секако дека во некогашните неефикасни социјалистички држави како Советскиот сојуз, каде вработеноста се сметаше и за право и за света должност, системот измислуваше онолку работни места колку што беше неопходно. (Затоа во советските продавници тројца работници продаваа парче месо.) Но токму тоа е проблемот кој би требало да го реши пазарната конкурентност. Судејќи според економските теории, последното кон што тежнее фирма која сака да оствари профит е да плаќа непотребни работници. Сеедно, тоа се случува.

И додека корпорациите немилосрдно го намалуваат бројот на вработени, тежината на отказите и зголемениот обем на работа на крајот неминовно паѓаат врз онаа класа луѓе кои впрочем ги прават, поместуваат, поправаат и одржуваат нештата. Како да е на дело некоја чудна и необјаснива магија која прави бројот на „чатови“ само да расте, а сè повеќе работници (слично како некогашните советски работници) формално да работат 40 или дури 50 часа неделно, а реално работат само 15 часа, како што и предвиде Кејнс, додека во преостанатото време организираат мотивациски семинари или присуствуваат на истите, ги ажурираат своите Фејсбук профили, или симнуваат серии од интернет.

Јасно е дека одговорот не е од економска природа - туку од морална и политичка. Владејачката класа согледа дека среќната и продуктивна популација со слободно време претставува смртна опасност. (Сетете се на настаните од шеесеттите кога нештата почнаа да се одвиваат во таа насока.) Од друга страна, чувството дека работата сама по себе има морална вредност, а дека секој што не се согласува со строгата работна дисциплина во поголемиот дел од денот не работи ништо, многу ја погодува владејачката класа.

Еднаш, размислувајќи за навидум незапирливиот пораст на административните обврски на британските универзитети, ми се појави една можна визија на пеколот. Пеколот е збир од поединци кои поголем дел од времето работат на работни места што не ги сакаат и каде не се особено добри. На пример, вработени се зашто се исклучителни столари, а потоа ќе се покаже дека поголемиот дел од времето мораат да пржат риба. Таквата обврска реално не е неопходна, или е потребно да се испржи само малку риба; но, тие се исполнуваат со гнев само кога ќе помислат дека повеќе учествуваат во обврската за пржење риба, додека за тоа време се создава непрегледен куп непотребна и лошо подготвена риба која само се натрупува во работилницата, и тоа е сè што се работи.

Мислам дека ова е мошне прецизен опис на моралната динамика на нашата економија.

Свесен сум дека таквиот аргумент ќе наиде на приговори: „Кој си ти да одредуваш кои работни места се 'неопходни'? Што воопшто е 'неопходно'? Ти си професор по антропологија - каква е 'потребата' од нешто такво?“ (И, навистина, многу читатели на жолтиот печат постоењето на мојата работа би го сметале за парадигма за расфрлање со државни пари.) Во одредена смисла, јасно е дека тоа е точно. Не постои објективно мерило за општествена вредност.

Не би се осмелил некому кој е уверен дека смислено придонесува во светот да му кажам дека тој всушност не го прави тоа. Но што е со луѓето кои и самите се уверени дека работните места им се бесмислени? Не толку одамна, стапив во контакт со школски другар кој не го бев видел од својата петнаесетта година. Се изненадив кога сфатив дека во меѓувреме прво станал поет, а потоа и пејач во инди рок група. Слушнав неколку негови песни на радио, не знаејќи дека е тој. Несомнено беше прекрасен и иновативен тип, а неговата работа ги разубави и подобри животите на луѓето во целиот свет. Но, по неколку неуспешни албуми, останувајќи без договор, притиснат од долгови и со новородена ќерка, морал, како што вели самиот, „да го направи вообичаениот избор на многуте изгубени луѓе: правен факултет“. Денес е корпоративен адвокат во угледна њујоршка фирма. Беше првиот што рече дека неговата работа е сосема бесмислена, дека никако не придонесува во светот и дека, по негова проценка, таа работа воопшто не би требало да постои.

Има многу прашања кои би можеле да ги поставиме во овој контекст, почнувајќи од: што кажува за нашето општество фактот дека тоа генерира мала побарувачка за талентирани поети-музичари, но очигледно бескрајна за стручњаци за корпоративно право? (Одговор: ако еден процент од популацијата контролира поголем дел од расположливото богатство, тогаш тоа што го нарекуваме „пазар“ рефлектира што мислат тие дека е корисно или важно, а не сите други.) Но, што е уште поважно, приказнава покажува дека повеќето луѓе кои работат бесмислени работи се свесни за тоа. Не знам дали сретнав корпоративен адвокат кој не мисли дека работата не му е небулоза. Истото важи за речиси сите наведени дејности. Постои цела класа стручни професионалци кои работат за плата, а кои кога ќе ги запознаете на забави и ќе им кажете дека се занимавате со нешто што може да се смета за интересно (антропологија, на пример) избегнуваат да зборуваат за своето занимање. По неколку пијачки ќе почнат со тиради дека нивната работа е глупава и бесмислена.

Станува збор за длабоко психичко насилство. Како воопшто може да се зборува за достоинствена работа, кога некој интимно чувствува дека неговата работа не би требало да постои? Како тоа да не предизвика длабок гнев и јад? Необична е генијалноста на владејачите во современото општество кои успеале, како во случајот со пржачите на риба, да се осигураат тој гнев да биде насочен кон оние кои се во можност да работат смислени работи. На пример, изгледа дека во нашето општество важи правилото дека, колку е поочигледно дека нечија работа им помага на другите, помали се шансите дека за тоа ќе биде платен. Тешко е да се пронајде објективно мерило за смисленост, но едноставен начин да добиеме некаква идеја за тоа е да го поставиме прашањето: што би се случило кога цела класа луѓе едноставно би исчезнала? Што и да мислиме за медицинските сестри, комуналците или механичарите, јасно е дека последиците би се почувствувале веднаш кога тие би исчезнале, и дека би биле катастрофални. Светот без наставници или пристанишни работници брзо би се нашол во неволја, а сигурно би го почувствувале недостатокот дури и од писателите на научна фантастика или ска музичарите. Не е сосема јасно во која мера човештвото би било во загуба кога сите директори на приватните акционерски друштва, лобистите, пи-ар-овите, актуарите, работниците во телемаркетингот, судските извршители, или правните консултанти - само би исчезнале. (Многумина мислат дека би било значително подобро.) Но, ако изземеме неколку често истакнати исклучоци (лекарите), правилото за лошите плати е мошне применливо.

Извртено е и тоа што постои распространето гледиште дека така и треба да биде. Тоа е едно од тајните оружја на десниот популизам - забележливо кога жолтиот печат хушка против работниците од подземната железница, зашто го запираат сообраќајот во Лондон додека трае спорот околу договорите: самиот факт дека работниците од подземната железница можат да го запрат сообраќајот во Лондон покажува дека нивната работа е неопходна, но тоа според својата природа е она што ги нервира луѓето. Тоа е уште поочигледно во САД, каде републиканците успешно го насочија гневот на граѓаните кон наставниците и работниците во автомобилската индустрија (а не против училишната администрација или директорите во автомобилската индустрија кои всушност ги предизвикуваат проблемите) заради нивните наводно превисоки надници и бенефиции. Како да им порачуваат: „Но вие сте во позиција да им предавате на децата! Или да правите автомобили! Успеавте да добиете вистински работни места! И уште имате дрскост да барате пензии и здравствена заштита, како да сте средна класа?“

Ако некој имал намера да осмисли работен режим кој совршено би одговарал на одржувањето на моќта на финансискиот капитал, тешко дека би осмислил нешто подобро. Вистинските продуктивни работници постојано се потиснуваат и експлоатираат. Останатите се поделени на тероризиран слој од омаловажени невработени и на еден поширок слој луѓе платени да не прават практично ништо и чии позиции се такви што тие се поистоветуваат со гледиштата и сензибилитетот на владејачката класа (менаџери, администратори итн.) - а особено со нивните финансиски отелотворувања - но кои истовремено негуваат подмолен презир кон секого чија работа има јасна и неспорна општествена вредност. Секако, таквиот систем не бил осмислен свесно. Создаден е по речиси еден век обиди и грешки. Но тој е единственото објаснување зошто и покрај технолошките можности нашето работно време не е тричасовно или четиричасовно.

Ако некогаш некоја теза од некој текст била потврдена со реакција, тоа беше тогаш. Текстот „За феноменот на небулозните работни места“ одекна како бомба.

Сосема случајно, двете недели по објавувањето на текстот беше период кога јас и мојата партнерка одлучивме тоа време да го поминеме со куп книги, и заедно, во колиба во село во Квебек. Се погриживме да најдеме место без бежичен интернет. Така се најдов во необична положба да ги следам реакциите само на својот телефон. Текстот одекна речиси веднаш. За само неколку недели беше преведен барем на дванаесет јазици, германски, норвешки, шведски, француски, чешки, романски, руски, турски, летонски, полски, грчки, естонски, каталонски и корејски, и беше објавен во весници од Швајцарија до Австралија. Интернет страницата на списанието Страјк! имаше повеќе од милион посети заради што и „падна“. Се редеа објави и на блогови. Секциите за коментари беа полни со исповеди на „белите јаки“; луѓето ми бараа насоки или ми зборуваа дека сум ги инспирирал да дадат отказ и да најдат некоја посмислена работа. Еве еден водушевен одговор (имаше стотици) од коментарите во австралискиот Канбера тајмс:

Вау! Полн погодок! Работам како корпоративен адвокат (за даночни спорови, да бидам прецизен). Никако не придонесувам во светот и сосема сум очаен поради тоа. Не сакам кога ме прашуваат „Тогаш зошто го работиш тоа?“ зашто очигледно не е толку едноставно. Во моментов тоа е единствениот начин да бидам корисен за оние „еден процент“ и за тоа да бидам награден со куќа во Сиднеј каде ќе ги одгледувам моите идни деца... Благодарение на технологијата за два дена го работиме она што некогаш сме го работеле за пет. Но заради алчноста и манијата дека сите мораме да работиме вредно како пчели, од нас сè уште се бара да робуваме за туѓиот профит, на штета на своите непрофитабилни желби. Во што и да веруваат, интелигентна замисла или еволуција, луѓето не се создадени да работат - така што за мене сето ова е алчност поттикната од надуваните цени на основните потреби.

Во еден момент добив порака од анонимен обожавател кој рече дека е дел од спонтано формирана група која го споделува текстот во заедницата на финансиските службеници; добил пет мејлови со мојот текст истиот ден (што секако е показател дека многу финансиски службеници немаат многу работа). Ништо од тоа не ми пружи конкретен одговор на прашањето колку луѓе навистина се чувствуваат така во врска со својата работа - иако споделувањето на текстот секако е суптилно навестување. Но набрзо се појави статистички доказ.

Помина малку повеќе од една година откако беше објавен текстот на 5 јануари 2015 година. Првиот понеделник во новата година - односно, на денот кога повеќето жители на Лондон се враќаат на работа по зимските празници - некој скинал стотина реклами во вагоните на подземната железница и ги заменил со герилски постери со цитати од оригиналниот текст. Ова се цитатите што ги избрале:

-Голем број луѓе целиот свој работен век работат на работни места за кои веруваат дека не треба да постојат.
-Се чини дека некој измислува бесмислени работни места само за сите да работат нешто.
-Моралната и духовната штета која произлегува од таквата ситуација е голема. Тоа е лузна врз нашата колективна душа. Меѓутоа, никој не зборува за тоа.
-Како воопшто може да се зборува за достоинствена работа кога човек интимно чувствува дека неговата работа не треба да постои?

Реакција на кампањата со постерите беше уште една серија дискусии во медиумите (кратко се појавив на Russia Today) што резултираше агенцијата Југов за истражување на јавното мислење да ја провери хипотезата и да ги испита Британците користејќи го јазикот од текстот: на пример: Дали вашата работа „смислено придонесува во светот“? Чудно, повеќе од една третина од испитаниците - 37 проценти - рекле не (додека 50 проценти рекле дека придонесува, а 13 проценти дека не се сигурни).

Тоа беше двапати повеќе од она што го очекував - мислев дека процентот на небулозни работни места е околу 20 проценти. И покрај тоа, подоцна се појави анкета во Холандија со речиси идентични резултати: всушност, процентот беше малку поголем, бидејќи 40 проценти од Холанѓаните се изјасниле дека не постои добра причина за постоењето на нивното работно место.

Така што хипотезата не ја потврдува само реакцијата на јавноста туку во голема мера и статистичкото истражување.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: David Graeber, Bullshit Jobs, Simon & Schuster, New York 2018

Стрип кадри: Digital Comics Museum 

Слични содржини

Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото