Сите го бараат гласот на младите, но што нудат за возврат?

22.04.2024 23:58
Претседателски избори: Сите го бараат гласот на младите, но што нудат за возврат?

Среде жестоките политички кампањи на претседателските кандидати кои веќе неколку недели се борат за вниманието и гласовите на граѓаните, а меѓу нив и на младите, се наметнува прашањето: што навистина нудат за возврат кандидатите за прв човек/жена на нацијата?

Седуммина кандидати влегоа во трката за македонски претседател, а млади лица можеа да се забележат во нивните рекламни видеоспотови, како и на митинзите и средбите со граѓаните.

Македонската демографска слика покажува намалување на бројот на млади, но младата популација останува важна алатка во процесот на носење одлуки, барем кога се во прашање изборите.

Навлегувањето во предизборните платформи на секој од кандидатите, открива ветувања и потенцијални патишта за обликување на иднината на државата. Од реформи во образованието, преку економски можности, до планови за враќање на отселените граѓани – ветувањата дадени на младите гласачи, без оглед на резултатот, ќе одекнуваат и по изборите.

Мета.мк ги анализираше програмите на седуммината претседателски кандидати, фокусирајќи се на деловите каде се спомнуваат и кои најмногу ги засегаат младите.

Стево Пендаровски

Во програмата „Нашиот претседател“ зборот „млади“ се споменува 13 пати, а главниот фокус на оваа група граѓани е ставен во втората точка насловена „Промотор на правата на младите, ранливите и маргинализираните заедници“. Актуелниот претседател и повторен кандидат на СДСМ во овој дел од својата програма во неколку наврати ги спомнува досегашните активности насочени кон „подобрување на положбата на младите“.

„Грижата за младите, ранливите и маргинализирани групи на граѓани е должност на секоја институција и на секој носител на јавна функција. Пред сè, таа е обврска на носителите на највисоките јавни функции, а тоа, секако, е претседателот на државата“, се вели во програмата на Стево Пендаровски.

Според него, едни од најголеми проблеми на државата се токму негативните демографски трендови и иселувањето на младите.

„Во вториот мандат, ќе формирам посебно советодавно тело во рамките на мојот кабинет кое ќе работи на формулирање на современи и ефективни демографски политики со цел да се спречат негативните трендови со кои се соочуваме повеќе децении наназад“, најавува Пендаровски.

„Во делот на политиките за младите кои привремено или потрајно заминале во странство ќе иницирам проект за изработка на централна база на податоци за сите млади кои се образуваат, доусовршуваат или своите знаења и вештини ги применуваат работејќи во странски компании и организации. На тој начин ќе можеме да го задржиме контактот со нашите млади за да ги користиме нивните знаења и вештини и да им понудиме услови да се вратат во својата татковина и дома да работат за нашата заедничка држава“, се вели во програмата „Нашиот претседател“.

Во неа се забележува и растот на радикализмот, популизмот, расизмот, ксенофобијата и опаѓање на довербата во демократските институции – тренд што, според Пендаровски, е особено присутен меѓу младите.

„Прашањето на пропагандата и дезинформациите го поттикнува и прашањето за безбедноста, особено кај младите, во дигиталната сфера, но и во јавниот простор. Ова е битка која ја опфаќа младата, но и повозрасната генерација. Во таа насока, во првиот мандат, започнав да спроведувам проект за политичко образование преку Школата за политики, со конференции и дебати за важни општествени теми што ги организираше Претседателскиот центар за политичко образование што работи под мое покровителство во рамките на Кабинетот. Центарот е резултат на соработката на Кабинетот на претседателот со реномирани странски фондации и организација на нашата дијаспора со цел да се пренесат искуствата во организација на политичкото образование во духот на демократските вредности од развиените и етаблирани демократии во нашето општество“, се вели во програмата.

Пендаровски најавува дека придобивките од постепената интеграција во ЕУ најсилно ќе се почувствуваат токму кај младите, особено во образовните политики, технолошкиот развој и социоекономските политики за подобрување на нивниот социјален и економски статус и во намалувањето на емиграцијата.

Во дебатата на претседателските кандидати што се емитуваше вчеравечер на Македонската радиотелевизија (МРТ), пак, додека главна точка на дискусија беа младите, Пендаровски изјави:

„Можеби треба да размислуваме за квоти за младите во локалните совети и во парламентот, нешто слично на етничките квоти и жените, зошто да не? Да влезат во процесите на одлучување. Не да ги вработуваме во администрацијата, да ги вклучиме во процесот на одлучување“.

Гордана Силјановска Давкова

Во програмата „Македонија повторно горда“ на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, зборот „млади“ се спомнува 21 пати. Програмата содржи посебен дел „Претседателка пријател на младите“, каде се наведени заложбите за младите што ги најавува кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ.

„Моја цел е зајакнување на младите – нивно признавање како клучни партнери во обликувањето на иднината на Републиката. Младите не се само субјекти на политиката, туку вредни придонесувачи со способност да влијаат врз позитивните промени. Тие треба да се информирани, ангажирани и проактивни граѓани, подготвени да преземат лидерски улоги и да придонесат за развојот на нацијата и на националната и на меѓународната сцена“, вели Силјановска Давкова во својата програма.

Во програмата се наведени конкретни чекори кои ги засегаат младите граѓани:

• Воведување на позиција во Кабинетот – Советник за млади, кој ќе претставува одговорно лице во Кабинетот на претседателот кој ќе раководи со новоформираниот Совет за млади под покровителство на претседателот и партнери (меѓународни организации, амбасади, младински организации).
• Формирање Форум за млади под покровителство на претседателот, со цел консултации за прашања и јавни политики кои се битни за младите. Форумот би работел на реализација на активности во повеќе области, како, на пример, образование, култура, технологија, спорт. Иницијативи кои би биле релевантни да се развијат од Форумот би биле: оживување на традиционалните уметности и занаети, обука за дигитални вештини, национална младинска олимпијада, обука за дипломатија и меѓународни односи, развивање програми за поддршка на студенти од неразвиени средини, промоција на интеграцијата во Европската Унија и слично.
• Практикантство во претседателскиот кабинет, каде „можност ќе им се даде на најдобрите млади луѓе кои така ќе може да се стекнат со важно кариерно искуство“.
• Промоција на „Амбасадори на добра волја“ кои имаат или градат успешни кариери во меѓународната економија, политика, меѓународните односи и науката
• Меѓународна школа за лидери

Силјановска Давкова најавува и иницирање на создавање истражувачки центар за млади, талентирани ученици, како и зголемување на поддршката на важни културни манифестации кои традиционално го имаат покровителството на претседателот на државата и сите форми на културна експресија кај младите.

За време на вчерашната дебата со противкандидатите, Силјановска Давкова зборуваше за реформите во високото образование.

„Уште во втора-трета година на студии да ги канат во министерствата најдобрите студенти, за да останат овде, да помагаме како во многу други земји, најдобрите да дојдат на право место. Да имаме постојана соработка со оние надвор. Верувајте ми дека имаме шанса – преку контакти, а потоа и преку вработување овде, дел од нив да вратиме. Ако стане ова пристојно европско место, ќе дојдат. Ама ако стане место на потпросечни, корумпирани и криминализирани, нема да дојдат. Оти овде не ги препознаваат“, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Стевчо Јакимовски

Во програмата „Храбро за Македонија“ на кандидатот на ГРОМ, Стевче Јакимовски, младите не се споменати ниту еднаш, но затоа на почетокот е истакнат неговиот цитат „Добар политичар мисли на следните избори, а добар државник на следните генерации“.

Во програмата, во една реченица е наведено дека Јакимовски „ќе ги отвори“ прашањата за реформи во образованието и подигање на ученичкиот и студентскиот стандард.

„Како Претседател на Република Македонија активно ќе учествувам во внатрешниот политички и економски живот и ќе отворам прашања битни за граѓаните (промена на изборниот модел, начинот на финансирање политички партии, медиумско претставување, слобода на медиумите и нивно финансирање, реформи во образованието, здравството, јавната администрација и локалната самоуправа, подигање на ученичкиот и студентскиот стандард, земјоделието и други прашања)“, се вели во програмата на Стевчо Јакимовски.

Од друга страна, во телевизиската дебата на МРТВ, претседателскиот кандидат на ГРОМ истакна дека, за младите да останат во земјава, потребна е функционална пазарна економија.

„Ние треба да направиме функционална пазарна економија, треба да направиме проекти, да обезбедиме инвестиции. Кога за младите ќе биде атрактивен приватниот сектор, вработувајте ги вие неспособните партиски кадри во администрацијата. Тоа ги интересира младите – да има функционална пазарна економија, да има инвестиции, да се подига животниот стандард, да има демократија, да функционира правна држава. Тоа е клучот зашто младите си одат. Тоа значи, ако денеска го напушти неговото работно место, да може во рок од 10 дена да најде друго работно место, а не да ги вработиме во администрација“, рече Јакимовски.

Бујар Османи

Меѓу „заветите“ на „европскиот претседател“ Бујар Османи, пак, предвиден е „Државен план за перспектива на младите и нивно задржување во земјава“. Младите во неговата програма се споменуваат 10 пати.

„Институционалниот и економски напредок треба да преставуваат основа за создавање на посебна политичка афирмација на политиките за млади“, вели Бујар Османи.

Тој најавува зајакнати образовни можности и активни мерки за претприемништво, старт-апи и вклучување во современите бизнис текови со цел задржување на фокусот на младите кон активностите и потенцијалите кои ги нуди земјата.

Османи најавува дека како претседател ќе формира посебен тим за креирање, имплементирање и следење на младинските политики во државата, но и назначување Советник на Претседателот кој ќе биде исклучително ангажиран за овие прашања.

Покрај ова, кандидатот на Европскиот фронт ветува промоција, подигнување на јавната свест и наметнување на Зелената агенда како доминантна современа политика на Македонија. Османи најавува и заложби за реформи во образованието и образовен модел кој ќе одговара на новите трендови на технолошката револуција предизвикани од развојот на вештачката интелигенција.

На прашање за време на телевизиската дебата, Османи рече дека единствен начин за подобрување на положбата на младите е членството во Европската унија.

„Шест милијарди евра одобри Европскиот парламент за Балканот пред само неколку дена, од кои 2 милијарди грантови. Ние земаме 160 евра по глава на жител од ЕУ како кандидат, Бугарија зема 4.700 евра како земја-членка на ЕУ. Замислете само половина од тие средства да ги добиеме ние, што значи тоа за стандардот на луѓето. Тоа е единствениот начин за да ги задржиме луѓето овде и да ги вратиме тие што заминале. Сè друго е политикантство“, истакна Османи.

Билјана Ванковска

„Млади“ во изборната програма „Го враќаме достоинството на нацијата“ на Билјана Ванковска се содржи само еднаш и тоа во зборот „помладите“, во делот каде се зборува за дипломатијата.

„Покрај т.н. стара дијаспора, Македонија создаде и нова дијаспора составена од припадници на помладите генерации кои си заминаа од земјата бидејќи нивните капацитети не беа препознаени или негувани. Тие се нашите најдобри амбасадори, таму каде што работат и живеат, но Македонија тоа досега го нема признаено. Во таа насока ќе иницирам создавање целосна слика за сите научници, бизнисмени, уметници, професори и експерти кои се докажани во разни делови на светот, а потоа ќе воспоставам иницијатива ‘Македонија без граници’“, се вели во програмата на претседателскиот кандидат на Левица.

При крајот од програмата на Ванковска, се наоѓа листа на „нови проекти“, а меѓу нив е наведено и доделување посебни признанија за најдобрите во повеќе области и категории на годишно ниво (најдобри студенти, најдобри научници и иноватори, најуспешни земјоделци, најдобри културни дејци и уметници, спортисти итн.) со намера да се истакнат добрите примери и општеството да ја признае нивната вредност.

За време на дискусијата со своите противкандидати, Ванковска ќе каже:

„Младите, оние за кои овде рониме крокодилски солзи, се тука, само некој треба да ги чуе и да ги види. И не само оние што одат на правни факултети или докторати и слично, туку и работничката младина, земјоделската, невработените, прекаријатот – оние кои се на договор на дело, кои аргатат, буквално. Јас имам тука апсолутно чиста перспектива на она што му треба на општеството, а кога ќе дојде Левица на парламентарните избори ќе ви раскаже сè, затоа што ова не е надлежност на претседателот. Јас можам сега да зборувам политички, меѓутоа во моите надлежности не“.

Арбен Таравари

Во својата таканаречена „обединувачка платформа“, кандидатот на движењето „Вреди“, Арбен Таравари, зборот млади го споменува четири пати, во контекст на иновациите и сајбербезбедноста.

„Иновациите се клучен сектор за безбедноста и развојот на земјата. Претседателството ќе биде во целосна поддршка на нашите млади луѓе кои можат да ја градат утрешната Северна Македонија. Ќе се залагам за создавање училишта за иновации, со кои ќе раководи кабинетот на претседателот. Ќе се залагам за раст на јавните и приватните инвестиции во активности за истражување и развој (R&D), создавање на претседателска награда за иновации, како и претседателска награда за стартапи и иновативни мали и средни претпријатија на годината“, стои во претседателската платформа на Таравари.

Тој најавува и спроведување кампањи на јавната свест за едукација на граѓаните за најдобрите практики за сајбербезбедноста и соработка со институции за унапредување на сајбербезбедноста, меѓу другото, со доделување „претседателска награда за млади луѓе кои ја промовираат сајбербезбедноста во земјата“.

Максим Димитриевски

Програмата на кандидатот на движењето „За наша Македонија“ (ЗНАМ), Максим Димитриевски, не може да се најде никаде на Интернет. По нашето барање, од партијата ни рекоа дека ќе ни ја достават целосната програма на Димитриевски, но до моментот на објавата на текстот, таков документ не добивме.

Од она што е познато во јавноста, Димитриевски при претставувањето на кампањата „Максимум за Македонија“ рече дека програмата е базирана на пет стратешки начела и на пет приоритети, но меѓу нив младите не се директно посочени.

Кандидатот на ЗНАМ зборуваше за положбата на младите во земјава во дебатата меѓу претседателски кандидати, при што рече дека „на сите им се полни устата со млади, а кога ќе дојде реална имплементација, никаде ги нема“.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи в среда, на 24 април. Во случај ниту еден кандидат да не освои над 50 отсто од гласовите, кандидатите со најмногу гласови ќе ја бараат поддршката од граѓаните во втор круг, кој е предвиден да се одржи на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

Извор: https://meta.mk/