Еден од нас: Кон изложбата „Дрвото на животот“ на Панче Ѓорѓиев

25.04.2024 00:53
Еден од нас: Кон изложбата „Дрвото на животот“ на Панче Ѓорѓиев

Сонот на Јаков

Човештвото оставило единствен печат врз планетата Земја. Адаптирајќи ја околината на своите потреби, бројни генерации луѓе создавале и создаваат култура која пак, го поттикнува формирањето на она што ни е познато како цивилизација. Култивирањето на човештвото отворило перспектива не само за приспособување на природата и на физичките закони кон потребите на луѓето, туку и за нешто што ги надминува основните потреби, како што се безбедно живеалиште и храна. Древните епови сведочат до денешен ден за подигнатите очи кон Сонцето, кон Месечината и кон ѕвездите и за умствената космолошка „адаптација“ низ разните теогонии и космогонии. Низ нив е објаснето постоењето како такво и положбата на човештвото во него. Боговите играат клучна улога во тој поредок, а луѓето се соочени со разни предизвици и задачи. Пред сѐ за да им удоволат на божествените битија, но и да се стремат да им се придружат во пантеонот.

Духовна битка

Оваа униформност е радикално разбиена со воведните зборови во Библијата, „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (Битие 1:1). Она што следи во збирката книги пишувани во рок од две илјади години ја поставува наопаку идејата за односот меѓу божественото и човечкото. Наместо на човештвото да му се зададе задачата да стигне до Бог, па и да се поистовети со божествено, Библијата раскажува за Божјата промисла Бог да стигне до луѓето, па и да се поистовети со човечкото.

На оваа тема зборува сликарот Панче Ѓорѓиев преку избрани библиски сцени. Нив ги насликал со неговиот карактеристичен стил на штедро користење бои. Од самите насловите на сликите и сценскиот приказ, јасно е дека Ѓорѓиев е одлично запознаен со библиската содржина. Самите слики сведочат дека познавањето не е само интелектуално, туку и интимно. Сликарот продрел во содржината, но и содржината продрела во него. Не само што креативно-интерпретативните изрази на уметникот ја формираат композицијата на секоја слика, туку и обратно. Избраната библиска приказна или сцена интуитивно го формирала уметникот. Низ сликите, тој ја раскажува приказната за тоа како Бог станува еден од нас и со тоа го остварува колективниот сон на луѓето велејќи им, „Богови сте“ (Псалм 82:6; Јован 10:34).

Ожарена печка

Ова „човекотрагање“ на Бог и „Боготрагање“ на човештвото Панче го почнува „in medias res“. Публиката е воведена во библиската приказна со сликата „Сонот на Јаков“. До овој миг има многу други ликови, настани и дејства кои Ѓорѓиев можел да ги избере и немало да згреши. Но, овој избор, случаен или не, прикажува ситуација која воедно е „прераскажување“ на клучните пораки за Божјиот посебен интерес за човештвото. Тоа ги вклучува падот во грев и Божјата непоколеблива намера за искупување на човештвото и на целиот свет. Јаков го сонува сонот на која по скала се искачуваат и се симнуваат ангели меѓу небото и Земјата. Колоритот на легнатата фигура на Јаков е контрапункт на поголемиот дел од насликаното платно со ангелите. Реалистичниот приказ на „сонувачот“ е во контраст со апстрактниот експресионизам преку кој се прикажани ангелите. Боите и потезите потсетуваат на некои од витражите на Шагал. Овој комбиниран стил ја доловува мистичната состојба на умот додека сонува. Јаков, чие име може да значи узурпатор, го сонува овој сон додека е во бегство од својот постар брат близнак Исав зашто му го презел благословот на првороден со измама. Целата драма на човештвото и на Божјата промисла е на оваа слика. Двајца важни христијански мислители, Ориген и Августин се согласуваат дека овој сон е Божја објава дека Исус Христос ќе му донесе спасение на светот. Поединците, а и народот кој го избрал за да го објави и да го спроведе тој план постојано потфрлаат, но Бог продолжува да ја спроведува својата совршена замисла наспроти нивните несовршености. Тоа е така зашто Бог не е првенствено заинтересиран за човештвото да се „докаже“ пред него, туку да ја разбере својата духовна потреба од него. Не случајно раните црквени отци ги толкувале воените битки во Стариот завет алегориски. Сите тие битки за нив претставувале духовно војување што пред сѐ значи војување со сопствените страсти. Таков е и приказот на сликата на Ѓорѓиев со наслов „Духовна битка“. На сликата има вооружени луѓе, но оние што дејствуваат во рацете држат музички инструменти. Очигледно е дека оваа битка не се добива со директно физичко војување, туку со ставање на целосната доверба во Бог. Во духот на алегориското толкување, трите фигури со удирачки инструменти во рацете може да се разберат како „вера, љубов и надеж“. Ваквото „читање“ на сликата налага секоја од другите фигури да ги разбере како дејство на љубовта, на пример дека „љубовта е великодушна, полна со добрина и не завидува“ (1 Коринќаните 13:4).

Долината на сувите коски                                                       Голгота

Патот на љубовта е тесен, стрм и бара самопожртвуваност. Човештвото е повикано да го изоди, но Бог во Исус Христос е тој кој прв оди по него. Христос е Богочовекот во кого колективно човештвото совршено ќе ја изоди тесната патека. За неа, Џон Бањан во книга Патот на поклоникот предупредува дека е полна со опасни искушенија. Како на пример, распламтената јарост во која биле фрлени тројца поклоници на Јахве Бог зашто одбиле да му се поклонат на вавилонскиот идол. Овој настан Ѓорѓиев го претставил со сликата „Ожарена печка“. Три лица се фрлени во печката, но додека тие се насреде огнените јазици без да им наштетат со нив има и четврто лице кое таму се појавило по своја волја. За него пророкот Даниел вели дека е „божествен син“. На оваа слика „четвртиот“ лик е облечен во бело, додека облеката на другите три фигури се претопува во огнениот амбиент. Само што Ѓорѓиев сцената ја претставил од перспектива кога царот Навукодоносор стои вчудовиден пред глетката. Огнот нема никаква сила да ги изгори, па така авторот решил огнената стихија да личи на залезот на сонцето. Божествениот син ја презел целата вжештеност врз себе и така тројцата осудени на страшна смрт шетаат низ печката како на планинска падина гледајќи го залезот на сонцето.

Воскреснувањето на Лазар

Божјата промисла за човештвото е живот дури и насреде некоја смртна долина. Таква долина гледа пророкот Езекиел во триесет и седмото поглавје. Во подножјето тој забележува купишта расфрлани човечки коски. Гледа во едно од најтрајните белези на смртта, скелети и черепи. Пророкот е соочен со вџашувачко прашање, „Ќе оживеат ли овие коски?“ (Езекиел 37:3). Уметничкиот стил на Ѓорѓиев во „Долината на сувите коски“ е изразен преку апстрактен експресионизам. Централно е поставена човечка фигура во формирање. Под неа се наѕира човечка глава, череп кој штотуку добил кожа и очи во очните шуплини. Мртвите коски се „облечени“ во живот. „Оживеаните“ коски не се само метафора за физичко реанимирање. Телата немаат облека на себе. Ѓорѓиев проникливо разбира дека видението на пророкот го надминува чисто телесното. Ова е „пресоздавање“ на првиот пар маж и жена во кои Бог вдахнува живот. Дека тоа е случајот е навестено кога Бог му вели на Езекиел, „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам“ (Езекиел 36:26), како и „Ќе ве изведам, од гробовите ваши“ (Езекиел 37:12). Ова е телеолошка најава за Христовото воскресение, а што според Божјата промисла ја има за цел преобразбата на целото создание.

Коработ среде море

Според библиската космологија созданието, анимирано или неанимирано, му е подложно на Бог кој е Седржител. Стариот завет изобилува со примери на Божјото владение над природните стихии, но во Новиот завет тие се особено поврзани со Исус Христос. Еден таков настан е смирувањето на бурното море кое ги избезумило неговите ученици. Исус е прикажан како оди по вода приближувајќи му се на чамецот носен од силни бранови. Како исклучително вешт пејзажист Ѓорѓиев белите едра и белата одора ги ставил во контрапункт. Белите едра во овој случај се инструмент за пропаст додека раката која излегува од белата одора на Исус е инструмент за спас. Ѓорѓиев ги насликал миговите пред тоа да се случи. Едвај забележливите фигури на учениците покажуваат паничен страв. Наспроти нив е смирената фигура на Исус под чија заповед бурата се смирува.

Исус ја покажува својата божественост, владеејќи над силите на природата. Но, тој владее и над силата на смртта. Во неколку наврати евангелистите запишуваат за подигањето на мртвите, како што е починатиот син единец на вдовицата од Наин или пак, на Јаировата ќерка. Врвот на овие примери е „Воскреснувањето на Лазар“. Читателите до самиот чин се водени како низ драмски приказ. Мизансцената е средбата на Исус со сестрите на Лазар кои речиси со укор му велат дека ако дошол порано Лазар немало да почине. Сликата е чист експресионизам. Сликарот го прикажува она што го „чувствува“ за настанот и користи бодри бои за да ги прикаже анксиозноста и отуѓеноста на оние што тагуваат заради смртта на Лазар. Мигот кој Ѓорѓиев го прикажува е миг на „прекршување“. Ова е премин од неутешна агонија во вчудовидена егзалтираност.

Празен гроб                                                Распнувањето на Христос

Токму ова подигање од мртвите на Лазар недвосмислено воведува во развој на настаните што ќе доведат до Христовото распнување и смртта. На тој пат Христос ќе биде поведен од една градина со маслинки во пределот Гетсиманија. На сликата „Маслинова гора“, Христос и учениците се прикажани речиси слеани со амбиентот. Тој е во падната положба молејќи му се на небесниот Татко да го „одмине оваа чаша“ (Матеј 26:39). Јасно се гледаат вековните маслинки низ кои минува патека. По неа, мигови подоцна, ќе биде одведен Христос со врзани раце. Го чека судење со однапред познат исход, „Распни го“ (Лука 23:21). Во продолжение на експресионистичкиот израз Ѓорѓиев ја насликал маслиновата гора како да лебди. Повторно ова слика зборува за „доживувањето“ на сликарот. Овој тажен миг на најниски човечки страсти за уметникот не е миг за неутешно очајување. Оттука Христос ќе оди по патот на солзите (Via Dolorosa), но авторот веќе најавува дека конечната дестинација на Христос не е Голгота ниту гробот, туку телесното вознесение на небото. „Маслиновата гора“ е веќе тргната на тој пат низ вселената.

Од временска перспектива Христос првин мора да се соочи со крстот. На оваа тема Ѓорѓиев насликал четири слики, „Голгота“, „Распнувањето на Христос“, „Распетие Христово“, и „Симнување од крстот“. Четири слики го прикажуваат Христос на различен начин. Со ова Ѓорѓиев сака да каже дека Христос врз Себеси го презема секој човек. Тој е еден од нас додека виси распнат.

„Голгота“ и „Распнување Христово“ се со сличен колорит. Преовладува темносината, црната и виолетовата. Вака авторот ја замислува Христовата агонија и на оние распнати со него. Библиското познавање Ѓорѓиев го изразил со ова „помрачување“ сред бел ден. Смртта ликува; нихилизмот најавува победа. Ова уште повеќе е нагласено во сликата „Распетие Христово“. Телото е вжарено од измачување и раскрвавено. Отелотворениот Бог е во распадливо тело. Бог е распнат. Бог умира. Неговото безживотно тело е прикажано на „Симнување од крстот“. Христос ја дели судбината на осуден криминалец. Мртов на крстот, неговото тело го преземаат неколкумина за да го спуштат на земјата. Мртвото Христово тело сега не држи ништо во Своите раце. Со секој потег на четката Ѓорѓиев умешно прикажал дека Христос е во рацете на другите. Мачниот крај му е определен од воспоставениот човечки поредок. Но, и од самиот Бог. Зашто ова не е крај и ништо не му се „лизнало“ од раце на Небесниот Татко. За ова сведочи сликата „Празниот гроб“. Експресионизмот на Ѓорѓиев тука доаѓа до полн израз. Ова што го гледаме на сликата е метафора за она што авторот го чувствува во врска со воскресението. Гробот е празен, обвивките во кои три дена било Христовото тело се положени врз камениот одар, а над гробот ангел во бела облека им се обраќа на првите очевидци на воскресението, „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?“ (Лука 24:5). Белите и светлосините нијанси прозрачно се одвојуваат од темните нијанси на гробот во кој до предмалку лежел мртвиот Исус. Тој веќе тргнал на Своето четириесетдневно патешествие да им се објави на многумина дека е воскреснат. Тоа Ѓорѓиев ѝ го остава на публиката сама да си го замисли. Тој ита кон две важни новозаветни секвенци во книгата на Откровение.

Распетие Христово                                           Распнување на крстот

Едната е „Златниот град“, а другата „Дрвото на животот“. Низ нив, Ѓорѓиев уметнички ги толкува есхатолошките ветувања на Бог. Светлината игра важна улога во нив. Со „Златниот град“ Ѓорѓиев не се обидува да прикаже буквален опис на она што Јован го опишува. Формите на оваа слика не се толку важни. Ѓорѓиев раскажува со јазикот на боите. Златните лачи на светлината се прекршиле во спектар на живи бои кои „дишат“ во ритамот на радоста. Насреде тиркизната, златната, портокаловата, сината и разните нијанси меѓу, ангелски битија го прославуваат овој миг со подигнати крилја. Конечно Ѓорѓиев се фокусира на една улица во златниот град. Поточно тоа не е улица, туку река која истекува од престолот на кој седи Божјиот Син. Христос и дрвото се дадени во иста димензија. Ова не е случајно бидејќи дрвото на животот е метафора за Христос Месијата или во превод на Божјиот Помазаник. Дрвото е Христос – Христос е дрвото. Тој е и реката која истекува зашто во овој опис во Откровението Јован го гледа исполнувањето на Христовото ветување дека од оние што веруваат во Него, „ќе потечат реки од жива вода“ (Јован 7:38).

Експресионизмот на оваа последна слика ни овозможува и нам набљудувачите да ја доживееме низ некој наш сопствен експресионизам. На толку многу напластени бои и темпераментни движења на четката и нам ни се дава можност да си ја „пресоздадеме“ во нашите умови и за секого од нас на свој посебен начин да го „доживееме“ животот што таа го претставува.

Исус Христос е дрвото на животот и е живата вода. Но, Тој е и еден од нас. Она што Тој го постигна како отелотворен Бог ни е на располагање и нам. Станувајќи како нас, животодавниот Бог во Исус Христос го отворил патот ние да станеме како Него. А тој е вечно жив Бог!

Маслинова гора

Слики: Панче Ѓорѓиев