Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

17.04.2024 07:17
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

„Тишина”, Јелена Никодиноска Чаповска, „Паблишер”

Породувањето беше закажано за претходниот ден, но телото му пркосеше на протоколот, остана глуво на спроведените терапии, кои се косеа со сите закони на природата. Телото едноставно не реагираше на провокациите. Докторите најпосле се решија да ја отстранат канилата низ која веќе еден час се слеваше окситоцин. Кога увидоа дека и по простагландинот, кој го применија интравагинално со цел да ја забрзаат „работата”, вагиналниот цервикс непроменето ја задржал својата првична форма без воопшто да затрепери, а камоли да се отвори, одлучија дека најдобро е да почекаат до следниот ден. Кога Севда качи температура вечерта околу 22 часот, докторите само ја потврдија својата проценка дека добро сториле што не ги исфорсирале работите. Тоа беше последната вечер што Севда ја помина со своето синче, првата вечер што ја помина со сознанието дека бебето во неа е мртво. Солзите непрестајно ѝ се тркалаа странично по образите и се губеа во перницата. Плачеше немо, нечујно. Свиена како фетус онолку колку што ѝ дозволуваше стомакот во триесет и втората гестациска недела, го обвиваше со рацете, небаре правеше тврдина околу своето чедо.

„Бебенце мое“, прошепотуваше гушкајќи го стомакот уште поцврсто. „Миличко мое“, му се обраќаше. Смртта сѐ уште ги немаше физички разделено. Умртвениот плод сѐ уште беше физички дел од неа.Со својата тишина и осаменост, ноќта отвораше простор за сликите од изминатиот ден. Последните слики од нејзиното живо бебенце. Пред само шест часа во нејзиното тело биеја две срца. Пред шест часа докторите со пункција го умртвија плодот.

По низата преглeди, крвни слики и лабораториски испити, доктор Живкова-Митова, шеф на гинекологија, ја спроведе Севда до собата со ултразвук. На Севда ѝ се причини како веќе да била таму.Кога ја здогледа таблата со слики од новороденчи ња, беше сигурна дека истото го имаше видено претходните двапати кога дојде во болницата за најважните скрининг-прегледи во дванаесеттата недела, кога се утврдува ризикот од хромозомски аномалии, и во дваесет и втората недела, кога се прави детален скрининг на анатомијата на плодот. Иако неизвесноста пред и за време на секое од овие испитувања беше непријатна, секојпат си заминуваше среќна и спокојна, уверена дека сѐ е вo ред. Озарени си заминуваа со Бојан од прегледот, држејќи се за рака, како тим, понесен од чувството на извојувана победа, несвесни дека вистинската битка допрва ги чека и дека фатално ќе бидат поразени.

Во таа иста соба сега лежеше Севда. Од едната страна на креветот беше седната д-р Живкова-Ми това, а од другата д-р Петровски, кој не ѝ се претстави, но таа го познаваше од претходно. Токму тој ѝ ги водеше скрининзите и секојпат ја испраќаше со насмевка и уверување дека сѐ е во најдобар ред. Докторот го подготви ултразвукот и додека со сондата го размачкуваше гелот врз стомакот на Севда, бебето се појави на екранот. Севда можеше јасно да ги распознае главчето, ножињата, стапалцата, рачињата... Безуспешно се обидуваше да ја воочи аномалијата што ја посочуваа докторите: „фетален асцит“.

„Спремни сме, Севда. За кратко ќе ја почнеме процедурата. Внимателно ќе ја ставам иглата во стомакот“, ја извести докторката.

Севда кимна со главата, молчешкум одобрувајќи и истовремено панично тонејќи во безредие од страв, очај и каење. Се почувствува како предавник и соучесник во злосторството. Одеднаш реалноста се подели на два света, оној што окото можеше да го види околу себе, вон од телото, и оној во телото, чиј пренос окото го следеше на екранот од апаратот за ултразвук. Како што иглата се губеше под површината на стомакот така се појавуваше на екранот продирајќи во внатрешноста на утробата, како зафрлен харпун. Бебето се размрда, небаре се обидуваше да ја избегне иглата и да се засолни во некое ќоше од матката; се поместуваше, се сви ваше.

„Го промашив“, му се обрати докторката на докторот, кој ѝ асистираше со сондата и втренчено ја следеше ситуацијата на екранот. „Ќе пробам пак“.

                                     

                                            ***

 

„Последната мисла во универзумот. Апокалипса”, Валентин Нешовски, „Антолог”

Тој ден Дон стоеше на Планетата. И тој како и ѕвездите беше весел. Се прашуваше зошто? Зошто јас, Дон, додека се шетам низ оваа невесела просторија несвесно и весело ја свиркам Песната на тореадорот од Кармен на Жорж Бизе? Таа опера прв пат беше изведена дамнешната 1875 година, пишувана според новела на Проспер Мериме. Ликовите оставиле свој печат толку долго време, помисли Дон кога прв пат ја слушна веселата мелодија.Зошто ја сакам толку оваа опера?

Знаеше зошто!
Прво, затоа што го носеше името на Дон, главниот лик – морнарот Дон Хозе. Дон на шпански значеше Господин. Тој дериват од зборот Господ.

Второ, затоа што ја свиркаше мелодијата, а притоа не можеше да не мисли на Ана Катерина Антоначи од изведбата во „Ројал опера хаус“ во „Ковент гарден“. Бујна Италијанка, за која Дон знаеше сѐ што може да се знае. Прв пат ја виде оваа изведба на некакво видео снимено на некој непознат дводимензионален формат што не беше во употреба најмалку илјада години. Веднаш знаеше дека ќе ја сака Ана Катерина, дека ќе биде вљубен во неа.

-Зошто се чувствувам како кајсија на пролет, кога надвор веќе една деценија е темница? –промрмори повеќе за себе.

- Затоа што твоите синапси се во рецесија точно 1,825.5 денови, односно 4,5 години. Твоите врски меѓу невроните се стеснети и пренесуваат помал број информации и притоа твојот мозок бира да пренесе прво емоции, а потоа факти – изрецитира неговиот верен сопатник Хал.

Хал беше хуманоиден робот кого Дон го бендиса во една „продавница“. Смислата за хумор на Хал беше фиксирана на 17 проценти. Претерано љубезниот продавач на роботи тогаш објасни дека во декадите од датумот на производство на овој Робот, со службено име Халмарк 42Ц, на пазарот се барале роботи што немаат смисла за хумор затоа што претходните генерации хуманоиди претерале со шегите. Хал беше реткост.

„Замислете, нас луѓето, некои дрски хуманоиди нѐ викаа Хомо Еректуси и притоа со високо крената рака ни покажуваа среден прст“, му шепна на Дон остарениот продавач, исто така хуманоиден робот висок 3,5 метри, од генерацијата роботи што ја произведе фабрика специјализирана за продавачи што лесно се издолжуваат за да може да допрат до највисоките полици во продавниците, му пројде низ свеста на Дон овој безначаен разговор со продавачот.

Се сеќаваше и дека тогаш за прв пат виде шизофрен Робот, кој беше убеден за себе дека е човек. А Дон беше слушнал за такви случаи. Невралната мрежа на овие роботи била расипана во кондензаторските врски – слушаше приказни Дон – и никој, ама баш никој, не успеал да ги поправи. На крајот по долги научни расправи, докторите за хуманоиди одлучиле да не се мачат околу прашањето бидејќи и онака нема никаква штета од овие „вообразени“ помошници на човечката раса. Впрочем, можеби и ќе бидат корисни како такви „Роботи што мислат дека се луѓе“, заклучиле некои научни трудови на докторите.

„Да не зборувам дека Хомо Еректус е навредливо и е забрането со Конвенцијата за заштита на правата на роботите од 2501 година“, довикна ангажирано продавачот, чии синапси очигледно беа измешани, додека Дон излегуваше заедно со Хал.

Го врати во сегашноста гласот на Хал: - Дополнително, моите сензори откриваат дека твоите неврони...

-Доста, доста, доста – се слушна гласот на Р2 Д2, кој во тој момент влегуваше во просторијата. – Не можам веќе да ги слушам твоите рационалии. Ти си, ти си... еден голем куп железо и силикат, ништо повеќе. – Р2 Д2 очигледно не беше расположен.

Дон само се насмеа. Го расположуваа кавгите помеѓу неговите двајца пријатели. Токму затоа ги нарече со имиња што влегоа во аналите на дамнешната историја на филмската индустрија и станаа легенди во робо- индустријата. Ликовите од „Војна на ѕвездите“ (Р2 Д2) и „Одисеја 2001“ (Хал) беа речиси заборавени, но на Дон му беше забавно да се шегува со нив именувајќи ги Хал и Р2 Д2.

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.