Фотографија на чистиот ум

03.05.2011 17:13
Фотографија на чистиот ум

Иако не се доволно познати во пошироката јавност, Солвеевите конференции долгорочно го одбележија научниот и технолошки развој – во најбуквалната смисла на зборот водечките светски научници за време на овие собири се соочувале со разновидни концепции и согледувања на структурата на светот, кои со децении потоа го трасирале начинот на размислување за природата. Првата Солвеева конференција е одржана пред сто години, 1911 година, во хотелот Метропол во Брисел.

На оваа конференција се расправало за зрачењето и за квантите, а меѓу 24 учесници биле и Ернест Радефорд, Макс Планк, Хедрик Лоренц, Марија Кири, Анри Поенкаре, Арнолд Зомерфелд и во тоа време еден од најмладите, Алберт Ајнштајн. Во суштина посветен на односот меѓу класичната и квантната механика, конгресот покажал дека во тогашната наука дошло до конечно раскинување со погледот на свет на Њутн и физиката влегла во ново време.

Собирот го организирал белгискиот научник и индустријалец Ернест Солвеј (1838-1922). Во втората половина на 19 век, Солвеј има откриено неколку значајни хемиски процеси, вклучително и постапката за добивање сода, т.е. натриум-карбонат, која денес е позната како Солвеев процес. Врз основа на своите откритија изградил низа фабрики кои му донеле огромно богатство, а еден негов не толку мал дел вложил во афирмирање на науката и на културата. Во 1911 година, Солвеј ги повикал тогаш најпознатите физичари во Брисел, за и самиот да учествува на собирот кој всушност бил прв светски конгрес на физичарите.

Бидејќи конгресот се покажал како успешен, Солвеј решава редовно да финансира слични конференции. Оттогаш на нив учествуваат само научници, избрани на тој начин да го претставуваат самиот врз на физиката и на хемијата. На конференциите нема самопријавени научници, а само на неколкумина белгиски научници им е дозволено да седат во публиката и да ги слушаат дискусиите. За секоја конференција, на зададена тема, материјалите се подготвуваат однапред, па на тој начин учесниците се запознаени со темата на дискусија. Инаку, конференциите се одржуваат на три години.

Во историјата на овие конференции, без сомнение најзначајна била петтата по ред. Таа е одржана по смртта на Солвеј, во октомври 1927 година, и собрала 29 светски физичари, меѓу кои биле дури 19 добитници на Нобеловата награда. Тие во рамки на темата „Електрони и фотони“, расправале за интерпретациите на квантната механика и за Хајзенберговиот принцип, а собирот го одбележува митската дебата меѓу Алберт Ајнштајн и Нил Бор за тоа дали „бог ги фрла коцките“. Дискусиите биле толку напнати и преполни со терминолошки дигресии што австрискиот физичар Пол Ехренфест во еден миг излегол и на таблата го напишал цитатот од библијата за јазиците на Вавилон.

Извор: vreme.com

ОкоБоли главаВицФото