Заминувањето на Хигс

10.04.2024 13:13
Заминувањето на Хигс

Познатиот британски физичар Питер Хигс почина на 8 април 2024 година во Единбург. Како еден од симболите на модерната физика, доживеа длабока старост (94 години), но и општо признание што малкумина научници го добиле денес.

Имено, Хигс во 2013 година ја доби Нобеловата награда за физика, а во последните 50 години стана член на бројни академии и беше награден со речиси сите престижни награди кои постојат во природните науки - наградите Волф, Хјуз, Радерфорд и Дираковиот медал, наградата на американското и европско друштво на физичари, а во Велика Британија му беше доделено и благородното признание со кое стана член на Companions of Honour, што не е титула како што се лорд или војвода, но му овозможуваше по името да допише СН.

Сепак, Хигс го доби најтрајното признание од своите колеги физичари кои пред многу децении, пред воопшто да биде поканет кај кралицата во Бакингемската палата, според него ја именуваа една од најчудните честички во Универзумот - Хигсовиот бозон. Секако, Питер Хигс е истражувачот кој го предвиде постоењето на оваа честичка. Како што се случува во науката, Хигс не беше сам во ова предвидување и неговиот придонес е неразделен од работата на цела група теоретичари кои во 1964 година објавија три револуционерни трудови во списанието Physical Review Letters, воведувајќи ја во физиката идејата за нова честичка која им овозможува на материјалните честички да имаат маса.

Подоцна, Хигсовиот бозон беше популарно наречен Божја честичка, поради насловот на истоимената книга, што ја разгоре фантазијата на милиони луѓе кои во упорната, повеќедецениска потрага на физичарите по честичка со такво име, видоа подлабоко значење отколку што вообичаено гледаат во физиката на елементарните честички.

Сепак, прашањето за постоењето на Хигсовиот бозон беше една од централните дилеми на модерната физика и отиде толку далеку што неговото постоење зависеше од валидноста на таканаречениот Стандарден модел, што е теорија која опишува од што (и како) е изгерадено сè околу нас. Меѓутоа, експерименталната потврда за постоењето на овој многу тежок бозон мораше да чека долго - најпосле, во ЦЕРН беше изграден најголемиот акцелератор на денешницата, LHC, со цел да се открие хигсот.

Во јули 2012 година, два различни експерименти на овој акцелератор, групите ATLAS и CMS, истовремено го открија она што се смета за веројатно најголемиот научен настан на 21-от век - постоењето на Хигсовиот бозон. Една година подоцна, Питер Хигс и неговиот колега Франсоа Англер ја добија Нобеловата награда бидејќи нивното теоретско предвидување се покажа како точно и дека физиката што ја знаеме е во согласност со природата.

„Понекогаш е убаво да се биде во право“, рече секогаш скромниот Хигс во изјавата за новинарите откако беше информиран дека во акцелераторот LHC, во детекторите кои се 100 метри под земја, е утврдено постоењето на честичката која засекогаш ќе го носи неговото име.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото