10 години НАТО на Косово

15.06.2009 14:55
припадник на КФОР

Пред 10 години, во склад со Кумановската воено-техничка спогодба со која беше завршено 78-дневното бомбардирање на СР Југославија, 20 000 НАТО војници влегоа на Косово.

Претходницата со хеликоптери беше префрлена на стратегиските позиции околу Приштина и тамошниот аеродром, додека инженерите почнаа да ги чистат и да ги обезбедуваат патиштата по кои требаше да поминат долгите колони тенковски и артилериски единици.

Истовремено, кон Србија се повлекуваа единиците на југословенската војска. Тој 12 јуни ќе остане запаметен и по своевидната трка на НАТО и Русија кон приштинскиот аеродром, а таму први стигнаа руските специјалци.

Првиот командант на КФОР, британскиот генерал Мајкл Џексон, десет години подоцна, во разговор за Би Би Си изјави дека сметал на учеството на Русите во КФОР, но дека го изненадиле начинот и времето на доаѓање на нивната претходница на Косово. „Нивните 250 специјалци немаа некое големо воено значење, но тоа беше значаен политички потег... Успеав, после тешките преговори во триаголникот Москва-Вашингтон-Лондон, и во соработка и помош од рускиот командант да го вклопам рускиот контигент во составот на КФОР“, објасни тој.

Тие денови во јуни 1999 г. огромен публицитет доби и одбивањето на генералот Џексон да се покори на наредбата на командантот на НАТО генералите Весли Кларк да употреби сила против Русите.

Наводно, му рекол на генералот Кларк дека не сака да ја започне Третата Светска војна. „Во таа моја изјава имаше елемент на претерување, но многу се плашев дека ситуацијата може да излезе од контрола. Кога напнатоста е голема, се прават грешки кои можат да водат кон отворање на Пандорината кутија. Сакав внимателно да го водам тој проблем и да ги избегнам судирите, пред сè, бидејќи сите бевме на заедничка задача“, изјави генералот Џексон.

Прашан дали таа задача е исполнета и дали НАТО треба да се повлече од Косово, генералот Џексон одговори дека внатрешната стабилност е значајна не само за Косово и неговите жители, туку и за поширокиот регион и Европа во целина. „Сè уште постојат оние кои не ја признаваат еднострано прогласената независност на Косово, и затоа е важно ситуацијата да остане мирна. Зз таа цел, според мене, и понатаму е потребно военото присуство на Косово“, изјави првиот командант на КФОР.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото