За неизбежноста на војната или како сме измамени дека војните се наша судбина

27.03.2024 02:26
За неизбежноста на војната или како сме измамени дека војните се наша судбина

Во Европа повторно кружат военохушкачки гласови. Сè почесто се даваат неумерени изјави за новите воени опасности кои ни се закануваат, смислено се гради слика за нестабилност која се темели на деконтекстуализација на постоечките светски процеси (вклучувајќи ги и безбедносните предизвици), а каква било можност за разговор за структурните проблеми кои се наоѓаат во сржта на нестабилноста претставена како неизбежност, од јавноста и мејнстримот се избегнува и протерува како излишна. Војната во Украина, моментално главниот воен, политички и економски дестабилизатор на светот, секој ден добива сè поголем ескалаторен потенцијал. Сè почесто сме сведоци на ширењето воена психоза и испитување на теренот за уште поголема, европска војна против Русија - несомнено, на територијата на веќе разрушената Украина. Европските елити нема да ги ризикуваат своите градови, но затоа се подготвени, впрочем како и Русите, Украина докрај да ја остават во рушевини за да ги постигнат своите цели.

Главен протагонист на моменталната епизода во психолошката подготовка за поширока европска војна е францускиот претседател Емануел Макрон кој се појавува во улога на пуштач на пробен балон во правец на испраќање копнени трупи во Украина. Опасноста од претворање на украинската војна во отворен европски конфликт по формулата остатокот од Европа против Русија (веќе видено во историјата, побарајте ги лекциите од 19-от век), иако сè уште далеку, сега веќе не изгледа толку невозможна. Изговорено е нешто што не смееше да се изговори и жителите на западна Европа, по неколку генерации мир, добиваат порака дека можеби нивните деца повторно ќе одат во војна. Осиромашената и морално уценета европска работничка класа се убедува дека во Украина се бранат нејзините интереси, додека, всушност, е искористена за старите империјални натпреварувања околу територии и сфери на интерес и секако за воени богатења на политичките и економските елити.

Ако не оди да војува во Украина, Европеецот ризикува војната да се прелее на негова територија, ризикува наводна руска инвазија на балтичките или скандинавските земји, или, зошто да не, Полска. Деконтекстуализацијата на војната во Украина - за чии причини уште долго нема да може да се зборува на Западот - во свеста на просечниот Европеец ја прави можна руската наезда на Европа, но во контекст на фактите засновани на политичката реалност во Русија, руската воена моќ и, генерално, реалполитичкиот прагматизам лишен од пропагандните заглушувачки фанфари, се чини многу малку веројатно, па мораме да се запрашаме кој навистина сака украинската војна да ја претвори во сеевропска војна? За што служат овие заплашувања на кои сведочиме, освен да ги убедат граѓаните на Европа дека инфлацијата и сè поголемите финансиски товари кои им се префрлаат на грбот се природни закони на нашиот (капиталистички) свет во кој војната мора да се финансира; дека трендот на осиромашувањето, сè полошите социјални услови, сè поскапата и понедостапна медицинска заштита, со сè помалата грижа за јавното добро, всушност се природен закон на кој не може да му се застане на патот? За да може таквиот свет да се наметне како нешто што се подразбира и да се избегне поставувањето вистински прашања потребен е страв. Играњето на картата на стравот низ историјата секогаш се покажувало како добар потег - со стравот се намалува способноста за критичко размислување, а во светот на контролата на масовните медиуми тоа е полесно да се изведе од кога било претходно.

Со претставувањето на војните како неизбежни и како своевидни циклични неминовности, сите ние изгледаме како пасивни учесници на историјата, без никакво право да ја дефинираме сопствената реалност или да влијаеме на неизбежните природни историски процеси. Се деморализираме како политички субјекти, се претставуваме како мали и незначајни во однос на големата историја која стои зад нас. Дали е баш така? Секако дека не е, и најголемата измама некогаш смислена е прикажувањето на општествените законитости - настанати заради нашиот премолчен консензус - како природни, неизбежни, самобитни. Тоа е десничарска логика - секое повикување на перпетуација, која се потпира на законите на човечката природа како инхерентна склоност кон насилство, конфликт, натпревар, е измама која се користи за да се мобилизираат цели општества околу интересите на мал број луѓе. Не е зачудувачки што во такви времиња особено пречат гласовите кои ги разобличуваат суштинските интереси зад пропагандните, и дека за таа цел особено е важно од мејнстримот да се отстранат антивоените гласови.

Застрашувачката антивоена тишина во 2024 година е последица на сите наведени причини, но и некои други. Никако не смееме да го заобиколиме тоа што можеби и најважниот главен столб на заглушувачката антивоена тишина се темели на (мнозински) морално корумпираната западна (и не само западна) интелектуална елита. Интелектуалните концепти за спротивставување на хегемонијата, доминацијата, силата и насилството, од резолутни до принципиелни, станаа поразителни и прилагодливи. Поимот независен интелектуалец во западниот свет се бришеше со тековите на парите во академиите и денес речиси е целосно избришан. Парадоксално, така дојдовме во ситуација да имаме поголем број школувани луѓе од кога било претходно, а никогаш помалку слободни интелектуалци - луѓе кои и покрај тесно-специјализираното образование и доделената апанажа, би биле во состојба да негуваат статусна и материјална корупција неподложна на моралните ставови и вредносните судови кои се темелат на хуманизмот и чија мисла не би била автоцензурирана од сопствените привилегии, туку би можела да ја трансгресира удобноста во која е сместена. Само капиталот стана наднационален, но не и човечките права и етичките постулати. Војните и злосторствата можат да се оправдаат многу лесно, доколку се водени на вистинската страна, а вистинската страна ја дефинира сè друго, освен принципите. И додека на Западот антивоените гласови или се пренесоа во мејнстримот или беа маргинализирани, во Русија противењето на војната се казнува како кривично дело. Идејата дека војната е нешто свето и дека во време на воени дејства не смее да се доведува во прашање е доволно стара и не е само руска. Слично се случува и во Израел.

Не е случајно што се најдовме во ваква тажна реалност. Пропуштена е можноста по 1991-та година да се гради поинаков свет. Впрочем, таква можност немаше никогаш. Таа остана да живее само во желбите на луѓето кои не се оптоварени од идеологијата и желбата за хегемонија. Практично, продолживме да живееме со воени сојузи и држави во кои буџетите за вооружување само се зголемуваат од година во година - сето тоа беше предуслов за светот во кој едно утро се будиме и сфаќаме дека почнала нова војна. Жестокоста со која е избришана антивоениата идеја е вистинска трагедија на нашата доба и со неа допрва треба да најдеме начин (непомирливо) да живееме. Триумфалното ширење на НАТО сојузот нема да придонесе за изградба на свет во мир туку ќе продолжи да ги заострува постоечките дихотомии и само ќе ја модификува идната сцена на војната.

Свет во ваква тажна состојба донекаде би бил разбирлив, ако немаме добри историски примери и преседани. Во времето на студената војна и заговарањето блоковска поделба на светот, вистинска морална алтернатива нудеше Движењето на неврзаните. Југословенската надворешна политика е пример за прагматизам кој се потпира на вредности, со идеја за неспротивставување на постоечките блокови, како што се мисли вообичаено, туку нудење вистинска алтернатива, преку развивање концепти за соживот и толеранција, наспроти доминацијата и превласта, за кои гледаме дека денес се поживи од кога било претходно. Југославија, како една од главните креаторки на политиката на неврзаните не создаваше своја политика која се темели на постоечките концепти, напротив, самата ги ширеше просторите на слободата и отвораше можности за градење поинакви меѓународни односи.

Како што исчезнуваа блоковите, западните европски земји беа убедени со волшебното размислување дека ако замижат нема да има војна. Исчезна главниот непријател и во таков свет ќе завладее мир. На луѓето со повисока општествено-историска писменост веднаш им беше јасно дека станува збор за подметнат трик, зад кој се криеше отворен простор за целосна хегемонија на една држава. Но, хегемонијата е краткотраен историски циклус кој нужно раѓа отпор. Иако 30 години подоцна ги отворивме очите и сфативме дека војната во Европа, и покрај сè, е можна, реакцијата парадоксално не беше јакнење на антивоеното движење туку негово целосно исчезнување. Наместо антивоените гласови да бидат сила, тие се препознаени како пречка. Од Европа преку ноќ се избришаа и последните траги на независноста, одбивањето воени сојузи и препознавањето на војната како опасност пер се, а не само моментално. Општествата беа мобилизирани на начин кој раѓа понатамошна исклучивост и го подготвува теренот за прифаќање на војните и конфликтите како понатамошни неизбежности.

Зошто се случи тоа? Се случи зашто веќе споменатите политички и интелектуални елити не се независни, немаат интегритет и добро се вклопени во постоечкиот поредок. И додека тоа и се очекува од политичките елити, интелектуалната елита би морала да биде коректив. Вонсистемската интелектуална елита е фрлена на суровиот пазар на трудот, таа е ослабена и замолчена, додека системската интелектуална елита, во поредокот кој дава удобност, не гледа проблем дури и кога се заговара војна. Напротив, проблем е секоја промена, дури и кога е насочена кон подобро, поправедно и похуманитарно општесво. Интелектуалците станаа кербери на системот, чувари на статус кво-то, оправдувачи на сè што е непринципиелно, лицемерно и недоследно, доколу целта е зачувување на системот. Само во таков свет е можно војната во Украина (и) да ги избрише антивоените гласови, а војната во Израел, на јавната сцена да ги врати најужасните гласови за оправдување на злосторствата.

Сепак, поинаков свет не само што е можен, туку е императив. Постојано треба да се потсетуваме на тоа.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Jay Wilkinson

Извор: https://respublicacasopis.net/

ОкоБоли главаВицФото