Германците користат Фејсбук за да ги избегнат контролорите во јавниот превоз

15.08.2011 09:50
Германците користат Фејсбук за да ги избегнат контролорите во јавниот превоз

Германските шверцери во јавниот превоз почнаа да се организираат преку социјалните мрежи за што е можно поуспешно да ги избегнат средбите со контролорите.

Првата таква организација се појави во декември 2010 година во Хамбург, и досега брои околу 7000 членови.

Лицата кои се возат без билет, со помош на Фејсбук, меѓусебно се известуваат за појавата на контролорите, што им овозможува да ја избегнат контролата и да планираат оптимална маршрута, пишува весникот „Welt“.

Членовите на овие организации веќе имаат подготвено специјални апликации за телефоните iPhone кои ќе им овозможат пристап до информациите за контролорите без да ја активираат социјалната мрежа.

Примерот од Хамбург е брзо прифатен и во другите градови, па сега во друштвените мрежи функционираат организации на луѓе кои се шверцуваат во јавниот превоз на Берлин, Дуисбург, Дрезден, Лајпциг и Минхен. Градските власти се немоќни бидејќи од правна гледна точка нема прекршок.

Овие организации можат да станат незаконски само ако објават фотографија од контролорот или ако јавно го навредат. Повеќето компании за јавен сообраќај засега не се возбудуваат, потпирајќи се на фактот дека е тешко да се предвиди движењето на контролорите.

Доколку системот за возење без карта меѓу луѓето и понатаму се усовршува, можни се сериозни загуби, наведува „Welt“, повикувајќи се на примерот од Виена. Таму шверцерите биле толку добро организирани што превозниците морале да усовршат специјален систем за нивно фаќање.

Овој систем овозможува купување билет преку мобилен телефон, под услов потврдата за плаќањето да стигне пред контролорот да дојде до патникот. Доколку врската е добра, сето тоа се одвива многу брзо, а тие што се шверцуваат мораат да купат карта.

Извор: swarovskimania.com