Тешкиот соживот со „новите“ Европејци

22.02.2012 11:40
Тешкиот соживот со „новите“ Европејци

Градскиот кварт Хохфилд во Дуисбург досега беше познат по сложниот соживот на граѓаните кои живеат таму, а се од различно етничко потекло. Но, доаѓањето на новите доселеници од југоисточна Европа ја наруши идиличната слика.

Митко Славев единствено сака сигурна иднина за неговите два сина. Тој токму затоа и се преселил со своето семејство во Германија, и тоа веднаш откако Германија ги укина ограничувањата за доселениците од „новите“ членки на Европската унија. Во меѓувреме, во Хохфилд, традиционален работнички и рударски кварт, живеат 1.700 Бугари. По Германците и Турците, Бугарите претставуваат најголемо национално мнозинство меѓу 16.000 жители на овој мултиетнички кварт. Но, мултикултурната идила е нарушена.

По сè изгледа за тоа се виновни Бугарите.

Дежурни виновници

„Бугарите секогаш се претставуваат како проблем за квартот“, се жали Митко Славев. За тоа сведочат и натписите во локалниот весник: „Хохфилд на патот кон пропаста“ или „Дуисбург не е во состојба да го реши проблемот со Ромите во Хохфилд“. Постојано се зборува за валкани улици, проституција и криминал. Човек би помислил дека полицијата има полни раце работа. Но, всушност, од 2006 до 2011 година, стапката на криминал во овој градски кварт е намалена за 40 проценти. Во негативните написи за Хохфилд секогаш се нагласува дека поголемиот дел од новодојденците припаѓаат на етничката група Роми. Но, ситуацијата во последно време е слична и во останатите германски градови. „Ромите на југоистокот на Европа се дискриминирани и затоа бараат засолниште на Запад“, вели Херберт Хеус од Централното здружение на германските Синти и Роми.

Последниве години е зголемено населувањето од Романија и Бугарија и тоа, пред сè, од економски причини. Но, ниту во една статистика не се водат податоци за тоа на која етничка група ѝ припаѓаат доселениците од овие земји. Токму затоа бројот на новодојдените Роми е само предмет на шпекулација.

Страв од странци

Масло на огнот долеа иницијативата на некои трговци со недвижности кои последниве години ги зголемија инвестициите во квартот Хохфилд, кога истиот стана атрактивен поради својата близина до градското централно подрачје. ПР советникот Михаел Вилхард, во името на иницијативата „Кварт на иднината“, директно се обраќа кон градските власти со многу јасна порака. „Ние протестираме особено против доселувањето на Бугарите“, стои во писмото. Вилхард предупреди на „пропаѓањето и губењето на правната сигурност“, но и на заминувањето на „последните образовани граѓани“ од Хохфилд. Тој предупредува и на падот на цената на недвижностите: куќа која била купена и реновирана за 400.000 евра, сега не може да се продаде за повеќе од 200.000. Но, поважно од тоа му е структурата на населението да остане барем приближно иста. „Ние стравуваме дека сите тие добри граѓани кои би сакале да ни бидат соседи нема да сакаат да се доселат во Хохфилд“, вели Вилхард. Тој смета дека дојденците од југоисточна Европа е „невозможно да се интегрираат“.

Искористување на доселениците

Но, Митко Славев се труди што побрзо да го научи германскиот јазик. Неговите синови овде посетуват германско училиште и веќе добро го владеат јазикот. Што се однесува до работата, во моментов тој сè уште патува во Бугарија каде што работи како автомеханичар. Како жител на Бугарија во Германија сè уште нема право на работно место како вработен. Тоа правило сè уште не е на сила за сите државјани на „новите“ членки на ЕУ. Тие дури по три години престој во Германија како самостојни претприемачи стекнуваат право на работен однос. Многумина ја искористуваат несигурната ситуација во која се наоѓа оваа група на доселеници. „Многу станови во кои живеат овие доселеници се полни со мувла, без тоалет или се без греење“, сведочи Едуард Пусиќ од социјалното советувалиште ЗОФ.

Многу сопственици на овие станови на нормалниот пазар не би успеале ниту да ги изнајмат, а во овие услови бараат и превисоки цени за изнајмување. Новите доселеници ги трпат непријатните ситуации бидејќи најчесто немаат избор. Многумина се веќе научени на слични услови. „Незавидната ситуација на доселениците ја искористуваат и работодавците кои често ги вработуваат на црно, а неретко и ги отпуштаат без плата“, сведочи Пусиќ.

Градот е за доселеници

Во декември, градскиот совет на Дуисбург донесе „Насоки за односи со доселениците од југоисточна Европа“. Документот има јасна порака за сите противници на доселувањата. „Овде доаѓаат граѓани со надеж за достоен живот. Според нас, пред сè, се работи за интергација бидејќи станува збор за европски граѓани кои можат овде да останат“, изјави членот на советот Карл Јансен. Дуисбург, кој исто како и поголемиот дел од градовите во Германија е задолжен до гуша, со помош на социјалните проекти ќе побара помош од повисоките инстанци: Берлин и Брисел.

Еден од интеграциските проекти е и театарската група во Клубот на Млади во Хохфилд. Водителот на театарскиот проект е Македонец, Семи Осман, кој и самиот со години бил член на познатата ромска театарска група „Пралипе“. Во претставата, каде актери се млади Роми, Турци, Германци и Виетнамци, се тематизира мултикултурниот соживот во овој градски кварт. „Секој мора да покаже што умее. Јас сум Ром и луѓето го ценат тоа со што се занимавам“, вели Осман.

Во моментов, асистент на Осман е синот на Митко, Живко Славев. За соништата на својот татко за тоа како неговите синови ќе доживеат успех во Германија, Живко, кој има 19 години, вели: „Соништата не чинат ништо. Мојот сон е да се школувам во социјалниот сектор за да им помогнам на младите доселеници“. Но, во моментов целата енергија ја вложува во театарската претстава и премиерата која треба да биде за некој ден.

Извор: Deutsche Welle