Кој е современиот германски Робин Худ?

08.03.2012 12:26
Кој им дели по десетици илјади евра на сиромашните Германци?

Брауншвајг е мирно градче, во централниот дел на германската покраина Долна Саксонија, со околу 250.000 жители во чиишто животи нема премногу изненадувања. Но, изминативе неколку месеци за Брауншвајг се известуваше во сите светски водечки медиуми, од германскиот Der Spiegel, преку BBC и британските таблоиди, па сѐ до Huffington Post. Причината за интересот на медиумите за Брауншвајг е една загадочна, но инспиративна приказна која веќе со месеци, уште од ноември 2011, ги фасцинира жителите на овој град. Имено, непознат човек на сиромашните граѓани во Брауншвајг им остава коверти со по 10.000 евра!

Сѐ започнало пред неколку недели кога коверт со десет илјади евра беше пронајден на прагот на Опфернхилфе, НВО која им помага на жртвите од природни катастрофи. Во меѓувреме, истиот износ, на ист начин, е доставен до локалната градинка, црковната заедница, друштвото на пејачи Стернсингер, кујната за бездомници итн. Локалните весници исто така пишуваа за неверојатниот гест на хуманост и великодушност кој стана главна тема во Брауншвајг, и сега сите се прашуваат кој стои зад анонимните донации, дали станува збор за едно или повеќе лица, од каде се парите и слично.

Во меѓувреме, коверт со пари е оставен и на редакцијата на весникот Braunschweiger Zeitung, откако објавил текст за проблемите на некое дете кои било повредено на базен пред седум години и за тоа како неговите родители се справуваат со тоа. Во ковертот било назначено дека парите се за 14-годишниот Тома, по што редакцијата ја извести неговата мајка Клаудија Њуман. Таа изјави дека парите ќе ги искористи за посебна физикална терапија која не ја покрива здравственото осигурување, додавајќи дека е „неверојатно што во нашето општество на вечна конкуренција некој направил нешто толку несебично.“

Токму поради тоа цел Брауншвајг, а потоа и светските медиуми, се фасцинирани од постапките на непознатиот добротвор, бидејќи денес се донира само со фанфари и очекување на општествено признание за наводната хуманост. Веќе постојат и неколку теории за тоа кој би можело да стои зад ковертите со десет илјади евра: едни сметаат дека станува збор за современ Робин Худ кој ги ограбува банките за да им подели пари на сиромашните, други претпоставуваат дека во прашање е постаро лице кое одлучило на таков начин да ја раздели својата животна заштеда, додека трети тврдат дека можеби воопшто не станува збор за едно лице. Како и да е, во меѓувреме непознатиот добротвор низ Брауншвајг подели дури 180 илјади евра!

Се чини дека добротворството во Брауншвајг стана заразно, со оглед на веста која пред некој ден стигна од баварскиот град Хелмстат. Вработена во локалната црква, која особено им се посветува на помагање на децата, во сандачето пронашла коверт со 3.000 евра.

Извор: Tportal

Илустрација: Јохен Гернер