Тобоган за пешаци

28.11.2011 14:12
Тобоган за пешаци

Ако сте плашливи по природа и немате храброст да се возите на тобоган со воз кој со огромна брзина ќе се движи по конструкцијата, можеби сепак ќе се осмелите да се „прошетате“ по еден малку поинаков тобоган – оној за пешаци.

Во германскиот град Дуисбург дизајнерското дуо Хеике Мутер и Улрих Гент го создаде тобоганот за пешаци, наречен Tiger & Turtle - Magic Mountain, кој е висок 45 метри и се состои од 249 скалила. Посетителите можат да се искачат на оваа искривена скулптура и да се прошетаат по неа, уживајќи во глетката на околината.

Тобоганот е поставен на врвот од поранешно рударско окно, близу реката Рајна која во тој дел минува низ Дуисбург. Околу 120 тони не’рѓосувачки челик беа употребени за да се создаде оваа градба која ја потпираат 17 столбови. Навечер оградата на тобоганот е осветлена и создава необични шари во просторот.

Извор: amusingplanet.com