Славни цитати и говори

09.11.2011 11:36
Славни цитати и говори

Постојат одредени цитати кои го обележаа дваесеттиот век. Така барем велат...

Нè учеа дека најважни цитати од минатиот век се „Не прашувај што твојата земја може да стори за тебе – прашај што можеш ти да сториш за твојата земја“ (Ask not what your country can do for you – ask what you can do for your country), „Јас сум Берлинец“ (Ich bin ein Berliner), обата на Џон Кенеди, како и „Ова е мал чекор за еден човек, но голем за човештвото“ (That's one small step for [a] man, one giant leap for mankind).

Јасно е дека овие цитати, всушност, не одредија ништо и дека и без нив нашето сино јајце ќе продолжеше да плута низ космосот, но интересно е дека берлинскиот цитат на Кенеди и месечинскиот цитат на Армстронг се повторувани до бесвест, иако обата се бесмислици.

Имено, Армстронг, претпоставуваме, наместо „That's one small step for man, one giant leap for mankind“ сакал да каже „That's one small step for [a] man, one giant leap for mankind“. Вака, со премолчениот член ’а’, Армстронг всушност постигнал спротивно значење од она што сакал да го постигне. Без членот ’а’, првиот човек на Месечината го добил значењето „човештво“ односно „mankind“, па така неговата славна изјава во буквален превод би значела „Ова е мал чекор за човештвото, но голем чекор за човештвото“. Со други зборови, си имаме работа со чиста бесмислица.

Ако веќе ситничариме, истото го имаме и со славната реченица на Кенеди „Ich bin ein Berliner“. Имено, и овде Американецот греши при членот, односно при ’ein’, бидејќи Кенеди сакал да изјави „Ich bin Berliner“. Вака се добива „Јас сум берлинерица“, т.е. „берлинска палачинка“, што сигурно не сакал да го изјави.

Меѓутоа, споменатите грешки се само плод на невнимание. Освен тоа, во себе не содржат нешто злокобно и мрачно, што не може да се каже за втората позната парола на Кенеди. Станува збор за воениот восклик од времето на Студената војна „Ask not what your country can do for you – ask what you can do for your country“, игра со зборови која воопшто не е оригинална и е нетипична конструкција.

Еден од биографите на Џон Ф. Кенеди, Крис Метјуз, кој доби Пулицерова награда за книгата „Jack Kennedy: Elusive Hero“, а која беше објавена пред неколку дена, откри дека најпознатата изрека на овој популарен американски претседател е позајмена или украдена од директорот на училиштето кое го посетувал овој амбициозен млад политичар.

„Ask not what your country can do for you – ask what you can do for your country“, реченицата која била дел од 14-минутниот говор по повод негово прогласување за претседател во 1961 г. и која се смета за една од најславните изјави на Кенеди, се однесувала на улогата на обичниот Американец во Студената војна која од 1950-те години го држела светот во параноја. Како што открива Метјуз во еден документ од својата книга, на почетокот на 1930-те Кенеди имал можност да го слушне говорот на директорот на елитното училиште Choate во Конектикат во кој овој ја кажал реченицата која, како што верува Метјуз, оставила силен впечаток врз младиот Кенеди, „The youth who loves his alma mater will always ask not 'What can she do for me?' but 'What can I do for her?“.

За волја на вистината, за време на целиот престој во овој интернат, Кенеди бил на работ на исфрлувањето поради разни незгоди. Тие средношколски итроштини му помогнале да стане и претседател, развивајќи кај него креативност, но и бескрупулозност. На пример, во една ТВ дебата во претседателската кампања од 1960 г. Кенеди и републиканецот Никсон, кој тогаш имал голема предност според сите анкети, се договориле дека нема да користат шминка. Но, во последен миг, без знаење на Никсон, Кенеди нанел тенок слој пудра поради кој изгледал многу подобро и поздраво на телевизија од и онака несимпатичниот Никсон кој се потел и мачел под рефлекторите.

Кога веќе го споменуваме Никсон, факт е дека некако сè што правел тој успевало да го најде својот пат во јавноста и на тој начин да ја надополни негативната слика за оваа личност. На пример, во врска со слетувањето на Аполо 11 на Месечината, Никсон имал подготвен посмртен говор во случај нештата да тргнат во погрешна насока. Десет години откако Јуриј Гагарин станал првиот човек во вселената, Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе кои зачекорија на друго небесно тело. Во еден миг се појавило прашањето дали овие двајца астронаути ќе успеат да се вратат или ќе останат заробени на земјиниот сателит. Затоа, Никсон, односно неговиот пишувач на говори Вилијам Сефајр) го подготвиле следниов говор:

„Судбината одреди луѓето кои заминаа на Месечината да ја истражат во мир и да останат да почиваат во мир. Овие храбри мажи, Нил Армстронг и Едвин (Баз) Олдрин знаат дека нема надеж оти можеме да ги вратиме. Но затоа знаат дека во нивната голема жртва лежи големата надеж на човештвото. Овие мажи ги полагаат своите животи на олтарот на она најважното што го поседува човештвото – потрагата по вистина и разбирање. Ќе ги оплакуваат нивните семејства и пријатели, ќе ги оплакува нивната нација; ќе ги оплакуваат луѓето низ светот; ќе ги оплакува земјината топка која испрати двајца свои синови во непознатото.

Во своето истражување тие ги поттикнаа луѓето од светот да се чувствуваат како едно: во нивната жртва се обедини и засили меѓусебната врска на човечкото братство. Во древните времиња луѓето гледале кон ѕвездите и ги гледале своите јунаци во соѕвездијата. Во модерните времиња ние мораме да го правиме истото, но нашите јунаци се мажи од крв и месо, но не се помалку епски херои. Ќе следат и други, и сигурно ќе го најдат својт пат кон дома. Потрагата на Човекот нема да запре. Но овие мажи беа први, и ќе останат први во нашите срца. И за секој човек кој ќе го впери својот поглед кон месечината и ѕвезденото небо во ноќите пред нас ќе се знае дека постои делче од некој друг свет кое засекогаш ќе биде човечко.“

За среќа, овој говор не мораше да биде прочитан пред повеќе од 40 години. Говорот остана заборавен и како верзија на некоја друга паралелна стварност.

Извор: booksa.hr