Идиотите на снег и на интернет

14.02.2012 11:26
Идиотите на снег и на интернет

Колку технологијата повеќе напредува толку ние се покажуваме како сè поголеми идиоти. Не само ние во Босна и Херцеговина, туку општо. Среќа што Јутјуб и интернетот како таков го немавме за време на војната: ќе изгиневме три пати повеќе во снимањето на сопствената глупост. Оној кој е подготвен да скокне гол во снегот додека пријателот – поточно, соучесникот – го снима со мобилниот, само за да ги добие своите триесетина секунди слава на мрежата или неколку кликања на „ми се допаѓа“од дежурните дремачи на Фејсбук, тој во 1993 г. би бил во состојба да заигра на раскрсницата видлива од Еврејските гробишта. Ух, колку само гледачи би имал танцувачот кој, токму во мигот кога најмногу ќе се внесе во играта, е погоден од куршум меѓу очите.

Да бев доктор, што за среќа на потенцијалните пациенти не сум, сите што би ми дошле болни поради одењето по гаќи на снег би ги испратил дома без дијагноза и рецепт. Ене им ги компјутерите преку кои на градот и светот му покажуваа колкави ајвани се, па нека ги прегледаат преку мејл оние што под снимката на која си предизвикува воспаление на белите дробови им пишуваат дека е кул. Лековите може да си ги бараат прегу Гугл или да прашуваат по форумите дали некој има искуство со обидот за намалување на телесната температура со ставање на зимскиот капут, здиплен на четири – под јазикот.

Ендјру Кин, Британец по потекло, Американец по адреса на живеење и Сараевчанец за време на студиите, пред две години ја објави книгата „Култот на аматерите“, одлично напишана критика за ерата на web 2.0, свет во кој, меѓу другото, упорно и погрешно се тврди дека итернеот е право како – да речеме – водата за пиење или работата. Се разбира, Кин не е заговорник за враќање во предмрежното доба, ниту е без искуство во создавањето на кибер светот – работејќи во Силиконската долина бил сведок на создавањето на web 2.0 – ама не е слеп, ниту се прави дека не гледа како „блоговите, MySpace, YouTube и останатите современи медиуми кои ги создаваат корисниците ја уништуваат нашата економија, култура и вредности“.

Што говорат за нас, за нашата култура и вредности – бидејќи и онака немаме економија – клиповите и фотографиите снимени за време на снежните денови? Главно, ништо добро. Елементарната непогода, блокираните, смрзнати и едвај функционални градови, затворените училишта, ортопедските одделенија кои се затрупани од работа и сета силна и голема зимска драма која ја снајде нашата завеана земја во која луѓето умираат од студ или глад, „современите медиуми кои ги создаваат корисниците“ ја претставија како врвна забава за инфантилни егзибиционисти, што и немаше да биде некој голем проблем ако и оние попрофесионалните и комерцијални телевизии и портали, кои сакаат да произведуваат вести, да објавуваат коментари и репортажи, интервјуа и извештаи, не станаа соучесници во претставувањето на нашата култура на неработење и површни вредности како полоша одошто вообичаено си е.

Ми се чини дека еднаш Мухарем Баздуљ напиша дека итернетот не ја зголеми количината на човечката глупост, но ја направи поприсутна. Имено, отсекогаш постоеле будали. И порано – кога новинарите-аматери си пишувале за себе и никаде не објавувале, телевизиските програми ги уредувале професионалци, а во нив поголем простор заземале оние кои направиле нешто побитно од, да речеме, скокање од покривот во снег – јавноста би ги запознала и оние кои голтале осигурувачи и чекани, се женеле со кокошки, се сончале на автопат и од само ним познати причини го кршеле мразот на реките и се капеле на минус илјада степени. Само што сите тие „луѓе-феномени“ – како Бранко Црногорецот Карелије, познат по тоа што во некој ресторан ги изел првин ќепабите, па чинијата и приборот – биле медицински инциденти. Денес – кога „MySpace ги среќава YouTube, Википедија, Google... На стероиди“, како што за Кин го опиша развојот на интернетот еден од гуруата на кибер бизнисот – се правило.

Во сево ова има нешто што на ретките наивници, кои навистина мислат дека работата не е разонода за будалите, им е посебно интересно. Идиотите во Сплит се капеа во замрзнатото море, босанските идиоти само шетаа по снегот скудно облечени како и Далматинците од Novа TV, се возеа штици по градските сообраќајници, а еден го проби мразот скокајќи од прозорец. Но, никој не се сними себе си како, да речеме, чисти снег пред својата куќа, или пред куќата на 80-годишната сосетка, или како прави нешто што е сосем нормално кога ќе падне снег. Таквите ги снимаа телевизиите и ги сликаа фоторепортерите за, онака смрзнати, уморни и корисни, да ги објавуваат покрај оние чиј надалеку познат шарм и дух покажа дека интернетот е како динамитот – еден од најзначајните изуми во историјата на човештвото, освен ако не падне во погрешни раце.

Извор: radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото