Кога шумата ќе настине

27.02.2012 12:49
Кога шумата ќе настине

Одамна е позната причината зошто лисјата пожолтуваат: во текот на пролетта и летото тие се полни со хлорофил кој има функција да ја впива сончевата светлина и ја помага трансформацијата на јаглеродиоксидот и водата во јаглерохидрати како што се шеќерот и скробот. Хлорофилот е со зелена боја, па оттаму и лисјата се зелени. Преостанатите пигменти кои даваат црвена, жолта и виолетова боја ги има многу помалку, па не доаѓаат до израз.

И тогаш наесен, кога деновите се пократки, а и сонцето го има сè помалку, растенијата произведуваат значително помалку хлорофил и престануваат да се хранат на тој начин. Хлорофилот се повлекува од листот, па преостанатите бои, како што се црвената, портокаловата, кафената и жолтата, почнуваат да доаѓаат до израз, а воедно се зголемува и производството на пигментите кои ги даваат овие бои.
На бојата на листот, односно на хемиската реакција која се создава во него, освен светлината влијае и температурата и количината на вода која стигнува до растението. На пример, температурата над нулата го погодува производството на црвените, антоцијани пигменти, па и листот ќе биде главно црвен.

Но, доколку во рана есен температурата наеднаш падне под нулата, црвената боја помалку ќе дојде до израз. Доколку врне многу дожд, интензитетот на есенските лисја ќе биде поголем. Научниците заклучиле дека најспектакуларните есенски бои се појавуваат во текот на топлите сончеви денови кои се придружени со ладни ноќи, но без замрзнување.

Истовремено со намалувањето на количината на хлорофил во листот се случува уште нешто: на местото каде што коренот на листот се спојува со гранката се развиваат нови слоеви на клетките и листот постепено се одвојува од дрвото. Тоа воедно ја успорува и на крајот ја прекинува циркулацијата на хранливите материи низ листот. Кога ќе дојде време, и благо ветренце е доволен да го откине листот и да го одвее, а на местото каде што била неговата рачка останува минијатурен белег.

Листопадните дрвја мораат да ги „истресат“ сопствените лисја за да се заштитат од смрзнување и да се подготват за зимата. Воедно, паднатите лисја добиваат нова улога: се распаѓаат и со својот состав ја збогатуваат земјата така што со тек на време се претвораат во хранлив хумус од кој билките црпат енергија и влага.

Но, што се случува со дрвјата кога температурите стануваат многу ниски?

Во текот на зимата, дрвата се во состојба на мирување. Нивното растење е сопрено наесен со првите ниски температури и со недостатокот на светлина кога почнува постапна аклиматизација на новите услови. Доколку температурата постепено паѓа, дрвјата не доживуваат стрес, па ќе преживеат дури и во ситуации температурата да стигне и до -40 или -50 степени.

Меѓутоа, бидејќи и дрвјата, исто како и луѓето, во најголемиот дел се составени од вода, температурите под нулата во некои ситуации можат да бидат и погубни.
Замрзнувањето на дрвјата ја спречува дехидрацијата на клетките кога водата се повлекува во меѓуклеточниот простор, каде што мразот не е смртоносен.

Освен тоа, ткивото на растенијата поседува уште еден механизам кој не дозволува да се оформи мраз, барем не во деловите кои би можеле да создадат повреди.

Оваа способност на билките и рибите кои живеат во многу ладни води најчесто се нарекува „длабоко ладење“ – течностите и гасовите дури и на температурите пониски од нивните точки на смрзнување не преминуваат во цврста состојба.

Растенијата успеваат да ги сочуваат своите клетки несмрзнати со помош на синтезата на т.н. антифриз протеини кои го спречуваат формирањето на мраз. Овие протеини освен растенијата и рибите ги произведуваат и бактериите и некои други видови.

Појавата е опишана во 1950-те години од страна на П.Ф. Сколандер, кој верувал дека рибите од ладните мориња имаат некаков „антифриз“ во крвта. Во текот на шеесеттите години, Артур де Врис успеал да го изолира споменатиот антифирз протеин кој се произведува во рибите, а дури после неколку децении е утвредно дека го има и во другите видови.

Извор: vreme.com