За мерењето... рејтинзи

23.05.2012 11:47
За мерењето... рејтинзи

Повторно е актуелно. Секогаш кога треба да (не) се случи нешто, тука се мерењата на рејтинзите. Доколку некаде почнува да чкрипи, да врие или да зуи, лекот е мерењето.

Последните „мерења“ покажале дека граѓаните не се задоволни со условите во кои живеат, но не гледаат алтернатива на сегашниот владејачки режим. Види мајката. Пораката е јасна, добро е кога е лошо, затоа што подобро не постои.

Нема да ги коментирам бројките од „мерењата“ и „истражувањата“ на оние кои ги прават, ниту ќе ги споменувам по име. Тие си го заработуваат лебот, но забораваат дека нивните резултати немаат за цел само да ги информираат граѓаните за одредени состојби, туку тие резултати треба да донесат некој следен, „измерен“ или „истражен“ резултат.

Сите граѓани не знаат што е тоа истражување и како тоа се спроведува или, пак, на кој начин се изработува. Само оние „среќници“ кои во (високо) образовниот процес учеле некаква методологија, можат да имаат основни познавања за тоа.

Понудените резултати од 1.100 испитаници ама никако не може да претставуваат прецизно отсликување на реалноста. Оној кој го спроведува истражувањето може да тврди дека масата на испитаници е репрезентативна, но голем дел од граѓаните не знаат што е тоа. Ниту имаат можност истото да го утврдат.

Некои од вас ќе ми забележат дека нема потреба од таква контрола, дека тоа го прават организации и поединци кои имаат сериозен кредибилитет во тие области. Но, јас не се сомневам во нивната професионална поткованост, туку во нивните намери. Е, токму тука доаѓа онаа изрека, „а кој ги контролира оние кои контролираат“?

Истражувањата на политичкото мислење за мене секогаш ќе претставуваат форма на политичка манипулација. Секогаш.

Најголеми нарачатели на ваков тип истражувања се политичките партии и тоа на сите ни станува јасно.

Она што на некои од нас не им е јасно е тоа што резултатите од истражувањата секогаш доаѓаат кога нешто (не)битно се случува.

Секогаш кога ќе се објават резултати од некакво истражување, обидете се да проанализирате што (не) се случило во меѓувреме.

И секогаш кога ќе ги видите експертите на ТВ како анализираат одредени резултати од истражувањата, направете го истото.

Експертската јавност е држава во држава, живее од истражувања, се храни од фингирани состојби, наоѓа тезга – плус за сопствениот комодитет.

Најголемиот дел (не сите!) од универзитетските професори се партиски фарисеи, а поголемиот дел од нив се креатори на јавното мислење. Ги гледаме на дебати, ги читаме нивните ставови и експертски мислења, се храниме со бројките од нивните истражувања. Пред десетина и повеќе години на ТВ дебатираа политичарите, но сега сме бре културни про-европејци, имаме експерти. Тие со своите знаења и вештини го претставуваат штитот на моќта, онаа политичката.

Никако не смееме да заборавиме дека еден дел од јавноста понекогаш своето право на глас го дава врз основа на објавените резултати од истражувањата. Да, има и такви, но не верувам дека се виновни. Со години гледаат дека рејтингот на некој политичар (или партија) си стои на истата позиција, па си велат „што да се прави, ете, сите му веруваат, ние не се разбираме, нека биде тој“.

Се прашувате ли колкав број од „репрезентативната“ маса се луѓе вработени во државна администрација или некоја компанија со партиска позадина?

Ќе им се чудиме или ќе им се восхитуваме на бројките од ваквите истражувања?

Очекувате од некој кој работи во државна администрација да го каже спротивниот одговор на поставеното прашање за тоа „дали ѝ верувате на партијата на власт“?

Потоа, ќе дојдат изборите (кои и да се и какви и да се), па ќе се изнаслушаме како тоа „неопределените“ ќе ги решат овие избори.

На избори ќе излезат над 50%, нормално. Инаку пропаднаа изборите.

Останатите, неопределените којзнае што мислат. Можеби тие се оној општествен слој кој малку повеќе ги разбира работите, не знам.

Но, не е ни битно.

Правилата на мнозинската демократија се оние кои ја одредуваат судбината. Петнаесетина проценти од популацијата одредува кој ќе владее.

А тие петнаесетина ги креираат токму ваквите „истражувања“ и „мерења“ на партиските рејтинзи. И обратно. Кругот е затворен. Сега веројатно се прашувате за алтернативата. Јас нема да ви ја дадам, бидете сигурни во тоа.

Истото прашање го поставуваат и експертите, оние најзагрижените. Не толку ретко, кога се појавуваат на ТВ се загрижени за тоа како да се најде алтернатива за лошите состојби кои нè нагризуваат веќе дваесетина години.

Се обидуваат да испровоцираат нешто, да понудат насока во која треба да се движи ова кородирано општество кое без да постои корупција во системот, би пропаднало веднаш.

Истите тие седат на капакот од казанот.

Земаат државна плата, „фаќаат“ државна или цивилна тезга и своите корења ги пробиваат длабоко во трупот на сопствените партии. Што и да се случи, за нив „нема зима“.

А новите генерации, кои токму тие професионално и научно ги формираат, се замрзнати во времето и просторот. Токму онака како што беа опишани некои појави и проблеми во мојот претходен текст (Диплома за завршено високо образование).

Јавниот простор не ни е оставен нам, тој е пополнет за нас. Ние од него треба да се формираме во насоката која тој ја трасира.

И повторно се враќаме во кругот, јавното мислење го креираат оние кои ја имаат моќта, а оние кои ја немаат го прифаќаат она што се нуди. Тоа е насилноста на политичкиот пазар.

Рецидивите од стариот педесетгодишен систем не исчезнуваат, само го менуваат крзното.

Толку е далеку таа 1968-ма година, можеби светот научи нешто оттогаш.

Ние?

Сигурно не!!!

Или како што еднаш напиша еден бенд:

Caged in the exclusion zone
Pass away, in sepia tones
The public gets, what the public doesn't want
Access denied? Accept we're cultural slime!

Цртежи: Тим Ентховен

Точно од А до Ш. За оние кои

Точно од А до Ш.

За оние кои сакаат да се информираат малку подлабоко за причините зошто се спроведуваат вакви фингирани испитувања на јавното мислење нема прочитаат за „ефектот на воз“ (Bandwagon effect) или за „спиралата на молкот“ (Spiral of silence)