Како да ги добиете изборите

07.06.2012 12:32
Цицерон

Едно рано утро, во 64 година п.н.е, политичкиот кандидат излезе од својата палата и се упати по улиците на најмоќниот град на светот на средба со судбината. Слободните граѓани на Римската република полека се собираа на Марсовото поле за да гласаат за човекот кој го посакуваат за конзул во наредните четири години. Опкружен со свои бројни приврзаници, кандидатот веројатно мрморел едноставна мантра: „Јас сум аутсајдер. Сакам да бидам конзул. Ова е Рим.“

Тој политичар се викал Марко Тулиј Цицерон, бил успешен адвокат, прозен стилист и најнадарен римски говорник; а мантрата ја презел од својот најжесток обожавател, својот помлад брат Квинт.

Браќата Цицерон биле интелегентни, доста обожавани и амбициозни, но не биле аристократи, не биле богати според римските мерила, дошле од провинција и не биле родени во Рим. Ако ја сакале власта, морале да ја освојат на Марсовото поле. Затоа Квинт – кој практично бил менаџер на Цицероновата кампања – на почетокот на конзулската трка му напишал на својот брат долго писмо полно со политички совети.

Неодамна објавено во нов превод на Филип Фриман, под наслов Како да ги добиете изборите, Квинтовото писмо денес звучи како прецизен есеј за циничната уметност на заведувањето луѓе. Во споредба со писмата и говорите на неговиот постар брат, Квинтовиот памфлет е од помало значење, но е секако фасцинантен, бидејќи идеите кои ги промовира и денес се подеднакво релевантни како и во стариот Рим. Изгледа дека царствата се раѓаат и пропаѓаат, но човековата природа не се менува многу.

Квинт започнува со тоа што му зборува на братот како е тешко да се биде избран; секое гласачко ливче е планина која треба да се совлада. Признај ги своите слабости. Целта нека ти биде секогаш пред очите. Ништо не му препуштај на случајот. Квинт го потсетува својот поталентиран, но и поемотивен брат да остане сконцентриран, секој ден до изборите. Покрај тоа, го предупредува Цицерон да не се потпира премногу на својот природен талент. Можеби тој знае да ја заведе публиката со реторика, но мора да научи како да ги освои избирачите лице во лице. Според Квинт, ако сакаш да победиш, првото правило е прилично едноставно: биди доволно дисциплиниран да се држиш до сите останати правила.

И другите Квинтови правила се подеднакво едноставни – и подеднакво тешки за почитување во секојдневниот политички метеж.

Опкружи се со вистински луѓе. Избери советници кои ќе те претставуваат како да се борат за себе. Изгради широка база на приврзаници. Колку и да ти се одбивни некои твои приврзаници, затни го носот и сметај на нивните гласови. Ветувај им сѐ на сите. Со проблемите кои тоа неминовно ќе ги предизвика бори се по изборите – кога ќе освоиш некаква власт.

Рим, според Квинт, е „септичка јама на човештвото“; никогаш не ја потценувај лековерноста на избирачите, ниту нивниот себичен интерес. Секогаш искористи ја слабоста на својот противник. Ако слушнеш некоја сочна гласина за својот политички непријател, не заборавај да ја пренесеш понатаму. И не заборавај да им ласкаш на избирачите – на крајот на краиштата, тие се твоите вистински работодавачи, зарем не? Па, секако. Запамти им ги имињата, посвети им време. И по секоја цена, дај им некаква надеж. На избирачите им е потребна некаква причина да гласаат за тебе, не само против твојот противник. На крајот, води сметка да те поддржат оние кои ти се најблиски. Како што Квинт мудро предупредува, најлошите приказни за кандидатот секогаш потекнуваат од неговиот табор.

А дали им успеало? Секако дека им успеало. Аутсајдерот, таканаречениот „нов човек“, лесно победил. Цицерон ги прегазил двајцата аристократи, родени да владеат, кои ги мрзело да ги запомнат имињата на своите приврзаници.
Браќата Цицерон би ја препознале современата австралиска политика – во сите нејзини видови, освен можеби во доменот на улога на медиумите. Иако не сум сигурен дека најголемиот говорник на своето време брзо би се прилагодил и би бил доминантен на телевизија и радио како што бил на Форумот, тој никогаш не морал да гледа како неговите пораки се сецкаат на кратки досетки за телевизискиот дневник.

А двајцата браќа, сигурен сум, би препознале сродна душа во лидерот на опозицијата Тони Абот. Според правилата кои пред повеќе од 2.000 години ги пропиша Квинт Цицерон, Абот води доста ефикасна кампања. Несомнено е сконцентриран. Секој ден смислува нов начин да ја проучи истата работа: лабуристичката влада не ја бива за ништо. И тоа го зборува со убедување.

Абот исто така ветуваше сѐ. Ќе воведе платено породилно боледување и ќе обезбеди буџетски суфицит; ќе се избори и со климатските промени, но никој од нас нема да мора да ги менува навиките. Спремно се фрли на лабуристичките скандали. Изгради база на поддршка меѓу милијардерските сопственици на рудници и работничката класа исплашена од бегалците. Никогаш не ја пропушта шансата да ја искористи секоја наивност. И секое утро станува во зората за сѐ одново да повтори.

Во годините после Цицероновото владеење, Рим потонал во граѓанска војна и диктатура, и покрај неговите обиди да ја спаси републиката од неа самата, моќта на гласачкото ливче набрзо е пресечена со меч. Во декеври 43 година п.н.е. го заробиле луѓето на неговиот непријател, Марк Антони. Велат дека последните зборови му биле: „Нема ништо чесно во тоа што го правиш, војнику, но обиди се да ме убиеш како што доликува“. Потоа го открил вратот и главата му била веднаш пресечена. На ист начин се убиени и Квинт и неговиот син. Браќата Цицерон – и политичката машина која ја изградиле – се уништени.

Главата на Марк Тулиј Цицерон е вратена во Рим и изложена на Форумот. Како последна казна, Фулвија, жената на Марк Антони, наводно ја спуштила главата од копјето и со шнолата го прободела јазикот на големиот говорник.

Современите австралиски политичари никогаш нема да мораат да покажат таква храброст пред својот непријател. Немаат од што да се плашат – освен можеби од намалување на својата идна отпремнина. И тие и избирачите би требало да бидат благодарни на тоа.

Извор: Inside Story

Слични содржини

Општество / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Наука / Историја

ОкоБоли главаВицФото