Завршниот збор на судењето на Pussy Riot

20.08.2012 16:16
Завршниот збор на судењето на Pussy Riot

На мое големо жалење, овој судски процес е блиску до стандардите на сталинистичките процеси. Значи, ние имаме наш инспектор, адвокат и судија. А потоа, она што сите тројца прават и велат се утврдува со политичката потреба од репресија. Кој треба да се обвини за перформансот во храмот на Христос Спасителот и за тоа што против нас беше покренат политички процес по концертот? Виновен е авторитарниот политички систем. Она што Pussy Riot прават претставува опозициска уметност или политика која се базира на формите кои уметноста ги воспостави. Во секој случај, тоа е форма на граѓанска акција во услови во кои се задушени основните човекови права и граѓанските и политички слободи од страна на корпоративниот државен систем.

Многу луѓе на кои, во новиот милениум, им е неуморно и методично втеруван страв во коски преку уништување на слободата, се побунија.

Ние трагавме по автентичен израз и едноставност и тоа го најдовме во нашите панк перформанси. Страста, отвореноста и наивноста се супериорни во однос на лицемерието, измамата и вештачката пристојност која ги прикрива злосторствата. Државните лидери стојат со сериозни изрази на лицата кога се во црква, но нивните гревови се далеку поголеми од нашите. Ние ги одржувавме нашите политички панк концерти, бидејќи со рускиот државен систем доминираат ригидноста, затвореноста и кастата. А политиката која се спроведува служи само на тесните корпоративни интереси, и тоа до точка кога ни се гади дури и од рускиот воздух.

Ние сме апсолутно несреќни – и бевме принудени на политички живот – заради употребата на принудни, силеџиски мерки за управување со општествените процеси; несреќни сме зашто живееме во услови во кои најважните политички институции се дисциплинските државни структури – безбедносните агенции, војската, полицијата, специјалните сили и другите средства за обезбедување политичка стабилност: затворите, превентивниот притвор и механизмите за строга контрола на јавното однесување. А не сме среќни ни заради присилната граѓанска пасивност на поголемиот дел на населението и заради целосната доминација на извршните структури над законодавството и судството. Освен тоа, ние сме искрено гневни заради ниското ниво на политичка култура (заснована на страв), која постојано и намерно ја одржува државниот систем и неговите поддржувачи. Слушнете што вели патријархот Кирил: „Православните верници не одат на митинзи.“ Ние сме гневни заради страшната импотентност на хоризонталните односи во општеството. Нам не ни се допаѓа начинот на кој државниот систем лесно манипулира со јавното мислење, преку строга контрола над повеќето медиуми. Совршен пример за тоа е бесрамната кампања против Pussy Riot, заснована на извртување на фактите и зборовите, која се појави во речиси сите руски медиуми, освен во мал број независни медиуми кои постојат во овој политички систем.

Сепак, сега можам да изјавам – и покрај тоа што во моментов се наоѓаме во авторитарни политички услови – дека овој политички систем пропаѓа, што се однесува до нас, трите членки на Pussy Riot, бидејќи она на што системот смета, а за жал по тој систем, не се случува. Русија, како целина, не нè осудува. Секој ден сè повеќе луѓе ни веруваат, веруваат во нас и тие сметаат дека ние треба да бидеме на слобода, а не зад решетки. Тоа можам да го констатирам врз основа на луѓето со кои се гледам. Се видов и со луѓето кои го претставуваат системот, и со луѓето во затвор. И секој ден има сè повеќе луѓе кои нè поддржуваат, кои се надеваат во нашиот успех, а особено во нашето ослободување, и кои велат дека нашиот политички чин е оправдан. Луѓето ни велат: „На почетокот, ние не бевме сигурни дека сте морале тоа да го направите“, но секој ден има сè повеќе луѓе кои ни велат: „Времето ни покажува дека вашиот политички гест бил исправен. Вие го разоткривте ракот во овој политички систем и му зададовте удар на гнездото на змијата-отровница, која се намерачи на вас.“ Тие луѓе се обидуваат да ни го олеснат животот на секој можен начин и ние сме им многу благодарни за тоа...

Ние сме им благодарни на сите оние кои, бидејќи самите се слободни, јавно ни даваат поддршка. Знам дека има многу такви. Знам, исто така, дека голем број православни христијани застанаа на наша страна. Тие се молат за нас надвор од судницата, за членките на Pussy Riot кои се затворени. Ги видовме книшките кои ги делат православните христијани, а во кои има молитви за нас. Тоа покажува дека не постои унифицирана група православни верници, како што обвинителот настојува да докаже. Такво нешто не постои. Сè повеќе верници почнуваат да ги бранат Pussy Riot. Тие не мислат дека она што ние го сторивме заслужува уште пет месеци притвор, а уште помалку три години затвор, како што бара обвинителот. И секој ден, сè повеќе луѓе сфаќаат дека, ако овој политички систем до таа мера организирано дејствува против три девојки, заради перформанс од 30 секунди во храмот на Христос Спасителот, тоа значи дека системот се плаши од вистината и од нашата искреност и непосредност. Ние не глумевме, ниту една секунда, ни во еден момент во текот на ова судење, но другата страна премногу глуми и тоа луѓето го забележуваат. Луѓето можат да ја насетат вистината. Вистината навистина има некаква онтолошка, егзистенцијална супериорност над лагите, и тоа е запишано во Библијата, особено во Стариот Завет. На крајот, вистината секогаш триумфира над злото, подмолноста и лагата. А со секој изминат ден, вистината е сè повеќе триумфална, иако сме сè уште зад решетки, а веројатно тука ќе останеме многу подолго.

Вчера (7. август) Мадона имаше концерт. Таа се појави со натпис Pussy Riot на нејзиниот грб. Сè повеќе луѓе гледаат дека овде нè држат противзаконски и врз основа на целосно лажни обвиненија – мене тоа целосно ме зачуди. Зачудена сум, бидејќи вистината навистина триумфира над лагите, иако сме физички во кафез. Ние сме послободни од луѓето кои седат на другата страна, во името на обвинителството, бидејќи ние можеме да кажеме сè што ќе посакаме и ние го правиме тоа, а тие кои се на другата страна го велат само она што политичката цензура им дозволува да кажат. Тие не можат да ги кажуваат зборовите како „панк молитва“ или „Богородице, истерај го Путин!“ Тие не можат да ги рецитираат зборовите на нашата панк молитва кои се однесуваат на политичкиот систем. Можеби тие мислат дека не би било лошо да нè пратат в затвор, зашто ние застанавме против Путин и неговиот систем, но тие не можат тоа да го кажат, бидејќи ни тоа не им е дозволено. Нивните усти се зашиени. За жал, тие се само обични кукли на конец. Јас се надевам дека тие тоа го разбираат и дека и тие, исто така, ќе тргнат по патот на слободата, вистината и искреноста, бидејќи тие се супериорни во однос на летаргијата, вештачката пристојност и лицемерието. Летаргијата и потрагата по вистината се секогаш противставени една кон друга, а во овој случај, во овој судски процес, можеме да ги видиме луѓето кои се обидуваат да ја пронајдат вистината и луѓето кои се обидуваат да ги поробат оние кои сакаат до вистината да дојдат.

Луѓето се суштества кои секогаш прават грешки. Тие не се совршени. Тие се стремат кон мудрост, но никогаш, всушност, не ја поседуваат. Токму затоа се појави филозофијата, токму затоа филозофите се луѓе кои ја сакаат мудроста и се стремат кон неа, но никогаш, всушност, не ја поседуваат, и тоа е она што ги тера да дејствуваат и да размислуваат и, конечно, да живеат така како што живеат. Токму тоа нè натера да отидеме во храмот на Христос Спасителот, и јас мислам дека христијанството, како што јас го разбирам, врз основа на проучувањето на Стариот и Новиот Завет, ја поддржува потрагата по вистината и постојаното надминување себеси, надминување на она што некогаш си бил/била. Не случајно Христос се дружел со проститутки. Тој има кажано: „Јас им помагам на оние кои заскитале и им простувам“, но заради некоја причина, јас не можам тоа да го забележам во овој судски процес, кој се одржува под барјакот на христијанството. Мислам дека обвинителот му пркоси на христијанството. Адвокатот не сака ништо да има со оштетената страна. Еве како јас тоа го разбирам. – Пред два дена, адвокатот Таратукин одржа говор во кој тој од сите побара да разберат дека не сочувствува со луѓето кои ги претставува. Тоа значи дека етички не му е удобно да ги претставува луѓето кои сакаат да ги испратат трите членки на Pussy Riot в затвор. Зошто тие би сакале тоа да го сторат, јас не знам. Можеби тоа е нивно право. Адвокатот беше посрамотен, а извиците „Срамота! Џелати!“ допреа до него, што ни покажува дека вистината и добрината секогаш триумфираат над лагите и злото.

Мислам дека некои повисоки сили управуваат со говорите на нивните адвокати кога, одново и одново, грешат кога нè нарекуваат „оштетена страна“. Тоа го прават речиси сите адвокати, вклучувајќи ја и адвокатката Павлова, која е многу негативно настроена кон нас. Сепак, неа некои повисоки сили ја тераат за нас да говори како за „оштетена страна“. Не за тие кои ги брани, туку за нас.

Не би сакала на луѓето да им лепам етикети. Не мислам дека тука постојат победници и губитници, оштетена страна или обвинители. Ние само треба да оствариме контакт, да воспоставиме дијалог и заеднички да трагаме по вистината и по мудроста, заедно да бидеме филозофи, наместо да ги стигматизираме и да ги етикетираме луѓето. Тоа е една од најлошите работи кои луѓето можат да ја направат, и Христос тоа го осудил.

Ние, во текот на ова судење, бевме злоставувани. Кој би можел да помисли дека едно лице и државниот систем кој тој го контролира, би можеле во повеќе наврати да вршат сосем неразумно зло? Кој би помислил дека ништо не се научило од историјата на Сталиновиот голем терор? Ве тера да се расплачете кога ќе видите дека методите на средновековната инквизиција се спроведуваат од страна на полицијата и од судскиот систем на нашата земја, Руската Федерација. Сепак, уште од моментот на нашето апсење, ние веќе не можеме ни да плачеме. Заборавивме како тоа се прави. На нашите панк концерти ние викавме колку што можевме посилно за големите злодела на власта, но сега останавме без глас.

Оваа судница одбива да нè слушне, навистина да нè слушне, што значи разбирање и, пред сè, размислување. Мислам дека секој човек сака да постигне мудрост, да биде филозоф, а не само луѓето кои, по играта на случајот, студирале филозофија. Тоа не е ништо. Формалното образование, само по себе, не е ништо, а адвокатката Павлова постојано нè обвинува дека не сме доволно добро образовани. Јас, пак, мислам дека е најважна желбата да се знае и да се разбере, а тоа е нешто што луѓето можат да прават сами, надвор од образовните институции, и дека сјајот на академските дипломи во овој случај не значи ништо. Некој може да има огромен фонд на знаења, а сепак, да не биде човек. Питагора говорел дека со учењето на многу нешта не се учи разбирањето.

Ние сме, за жал, тоа морам да го кажам, декор и елементи на мртва природа, тела доведени во судница. Ако нашето обраќање, по неколкудневното испрашување, зборување и водење битки биде земено на разгледување, тоа неминовно ќе биде отфрлено.

Од друга страна, пак, судот го слуша обвинителот кој постојано неказнето ги извртува нашите коментари и изјави, со намера да ги неутрализира. Нема обид за да се прикрие ова кршење на основните принципи на кривичната постапка и дури не се ни труди тоа да го сокрие.

На 30. јули, на првиот ден од нашето судење ние го изнесовме нашиот одговор за обвиненијата. Пред тоа бевме во затвор, во притвор. Ние не можеме да снимаме филмови. Ние таму немаме интернет. Ние не можеме да му дадеме парче хартија на нашиот адвокат, затоа што и тоа е забрането. Првата шанса за да зборуваме ни се укажа на 30 јули. Документот што го напишавме го прочита адвокатот на одбраната Волков, затоа што судот со леснотија ја отфрли можноста обвинетите да зборуваат. Ние повикувавме на остварување контакти и дијалози наместо конфликти и спротивставувања. Ние им подадовме рака на оние, кои од некоја причина претпоставуваат дека ние сме нивни непријатели. Ни одговорија со потсмев и плукање на нашата подадена рака. „Вие сте неискрени“ ни рекоа. Со добра причина. Нè судите врз основа на сопствените стандарди. Ние секогаш бевме искрени во тоа што го зборувавме, кажувајќи го тоа што го мислиме, со детска наивност, секако, но не ни е жал за тоа што го кажавме, дури и тој ден. Нè навредуваа, но ние немаме намера да одговориме со зло. Ние сме во теснец но не очајуваме. Ние сме прогонети, но не и заборавени. Лесно е да се понижат и скршат луѓе кои се отворени, но кога сум слаба, тогаш сум и силна.

Послушајте нè нас, наместо тоа што го зборува Аркадиј Мамонтов за нас. Не извртувајте го тоа што го зборуваме. Дозволете ни да учествуваме во дијалогот и да оствариме контакт со земјата, која е исто така наша, а не само на Путин и патријархатот.

Јас, како и Солжењицин, верувам дека на крајот зборовите ќе го уништат бетонот. Тој напиша: „Светот е поискрен од бетонот, значи зборовите не се шега. Кога еднаш ќе се мобилизираат благородните луѓе, нивните зборови ќе го уништат бетонот.“ Каќа, Маша и јас сме во затвор, но јас не сметам дека сме поразени. Како што не беа поразени и дисидентите. Значи, тие не беа губитници. Иако исчезнати во психијатриските болници и затворите, тие му пресудија на режимот.

Тогашната визуелна уметност не знаеше за победници и губитници. Обериутските поети останаа уметници до крајот, што е невозможно да се објасни или разбере затоа што се избришани во 1937 година. Веденски напиша: „Судејќи според официјалниот извештај, Александар Веденски умрел на 20 декември 1941 година. Не знаеме зошто, дали од дизентерија во возот по апсењето или од стражарски куршум. Тоа беше некаде на железничката пруга помеѓу Вороњеж и Казан.

Pussy Riot се ученички и следбенички на Веденски. Неговиот принцип за „лошиот ритам“ е и наш. Тој напиша: „Се случува на ум да ви паднат два ритма, добар и лош, а јас ќе го одберам лошиот. Тоа ќе биде вистинскиот избор.“ Тоа што не може да се објасни е наш пријател. Елитистичките, софистицирани окупации на Обериутските поети, нивната потрага за смислата на работ на разумот, на крајот е остварена по цена на нивните животи, зашто тие исчезнаа во бесмислениот Голем терор кој е невозможно да се објасни. Тие ненамерно покажаа дека нивното чувство за бесмислата и нелогичноста, како невралгична точка на тој период, било исправно, истовремено воздигнувајќи ја уметноста на ниво на историја. Цената за учеството во создавањето на историјата, на луѓето секогаш им била зачудувачки висока. Но токму во тоа учество е убавината на човечката егзистенција. Да се биде сиромашен, но да се збогатат многумина, да се нема ништо, но всушност да се има сè. Се верува дека Обериутските студенти не се мртви, дека тие живеат. Тие се прогонети, но не умираат.

Дали се сеќавате зошто на младиот Достоевски му е досудена смртна казна? Целата негова вина се состоела во тоа што тој се заинтересирал за теоријата на социјалистите и на состаноците на пријателскиот кружок на слободните мислители, кои секој петок се состанувале кај Петрушевски, дискутирале за делата на Шарл Фурие и Жорж Санд. На еден од последните состаноци тој на глас го читал писмото на Гогољ до Белински, кое било преполно, судејќи според судот, обратете внимание, со детски фрази против православната црква и врховните власти. По сите подготовки за извршување на смртната казна и по десет ужасни и неверојатно застрашувачки минути на исчекување на смртта, како што и самиот Достоевски опиша, стигнало соопштение дека казната му е намалена на четири години тешка работа, а потоа го очекувало служење на воениот рок.

Сократ бил обвинет дека со своите филозофски расправи ги расипувал младите и затоа што не ги признавал атинските богови. Сократ бил поврзан со внатрешен божји глас и во ниту еден случај не бил поборник на боговите, што и самиот го рекол во неколку наврати. Сепак, каква врска имало тоа кога тој веќе ги налутил влијателните граѓани со своето критичко и дијалектичко мислење кое било лишено од предрасуди? Сократ бил осуден на смрт и зашто одбил да побегне како што му предлагале неговите ученици, ладнокрвно го испил пехарот со отров и умрел.

Дали ги заборавивте околностите во кои Стефан, следбеникот на апостолите, го завршил својот живот на земјата? „Тогаш тие тајно ги наговорија луѓето да речат ’Ние го слушнавме како богохули против Мојсеј и Бога‘ и тие го дигнаа народот, старешините и писарите и дојдоа по него, го фатија и го одведоа до советот. И тие ги подметнаа лажните сведоци кои рекоа, ’Овој човек постојано зборува против ова свето место и Законот.“ Го прогласија за виновен и го погубија со каменување.

Исто така, се надевам дека сите добро се сеќавате што му рекоа Евреите на Исус: „Ние не те каменуваме заради доброто дело, туку заради богохулење.“
И на крајот вреди да се потсетиме на овој опис на Христос: „Тој е опседнат со демон и почна да полудува.“

Се претпоставува дека кога лидерите, царовите, старешините, претседателите, премиерите, народот и судиите навистина би разбрале што значи: „Јас сакам милост а не жртва“, тие не би ги осудувале невините. Нашите лидери и понатаму брзаат што побргу да судат и да не покажат ниту трошка милост. Му се заблагодаруваме на Дмитриј Анатолиевич Медведев за неговиот последен афоризам. За време на неговиот мандат, тој ја истакна паролата: „Слободата е подобра од неслободата“, со тоа, соодветно со добро одбраната изрека, третиот мандат на Путин има добри шанси да биде познат по новиот афоризам: „Затворот е подобар од каменувањето.“

Ве молам внимателно да размислите за следната мисла на Монтењ која ја изнесе во своето дело „Есеи“ од 16 век. Тој напиша: „Вие премногу ги цените сопствените мислења, ако заради нив палите живи луѓе. „Дали вреди да ги обвинувате луѓето и да ги ставате в затвор врз основа на тотално неосновани претпоставки од обвинението?

Заради тоа што вистинските факти се такви дека ние никогаш не сме биле и не сме мотивирани од верската омраза и непријателството, ништо друго не им преостанува на оние кои нè обвинуваат отколку да прибегнат кон употреба на лажни сведоци. Една од нив, Мотилда Ивашченко, се посрамоти и не се појави пред судот. Лажните докази ги изнесоа (Всеволод) Троицки, (Игор) Понкин и госпоѓата (Вера) Абраменкова. И не постои каков било доказ за омраза или непријателство во тоа таканаречено испитување од страна на судот и морам да кажам, неприфатливите докази, со оглед на фактот дека не се работи за научен, ригорозен, ниту објективен текст туку за валкано, безвредно и лажно парче хартија од времето на средновековната инквизиција. Нема други докази кои ги потврдуваат тие мотиви.

Обвинителот одбива да ги изложи деловите од текстот од интервјуто со Pussy Riot зашто тие се главен доказ за отсуството на овој мотив.

Ќе го наведам тој извадок по којзнае кој пат. Јас мислам дека тоа е важно. Тоа е од интервјуто за „Руски репортер“ што го дадовме еден ден по концертот во храмот на Христос спасителот, во кое кажуваме дека ги почитуваме сите религии, а особено православната црква. Затоа бевме потресени, зашто големата, сјајна, христијанска филозофија е употребена на таков начин. Ние сме многу лути зашто се расипува нешто што е многу убаво. Тоа сè уште нè лути и за нас е многу болно што тоа го гледаме.

Неискажувањето на каква било омраза или непријателство од наша страна е потврдено од страна на сите сведоци што ги испита одбраната. А доказот се нашите личности. Врз основа на сите други изјави кои се однесуваат на личноста, би сакала да ги земете предвид и наодите на психијатриските и психолошките тестови од затворот, кои беа спроведени по наредба на истражителот. Експертските наоди гласат: „вредностите на кои сум им посветена во својот живот се правдата, заемното почитување, хуманоста, еднаквоста и слободата“. Тоа го рече експертот, некој кој не ме познава, а истражителот Ранченко веројатно многу повеќе би сакал да пишува нешто друго. Сепак, изгледа дека има повеќе луѓе кои ја живеат и вреднуваат вистината, и кога станува збор за тоа, Библијата е во право.

На крајот, би сакала да ја цитирам песната на Pussy Riot затоа што, колку тоа и да звучи чудно, сите наши песни се покажаа како пророчки, вклучувајќи ја и онаа која вели: „Шефот на КГБ, нивниот главен светец, ќе ги спроведе демонстрантите во затвор“. Тоа се однесува на нас. А сега, сепак, би сакала да го цитирам следниот стих:

„Отворете ја вратата, извадете ги еполетите,
Почувствувајте го со нас мирисот на слободата.“

(аплауз)

Погледнето го видео записот од перформансот на Pussy Riot заради кој им е изречена казна од по две години затвор:

Извор: www.6yka.com

Ма све то треба на Голи Оток

Ма све то треба на Голи Оток да се пошаље...

Ха ха, што видов на

Ха ха, што видов на off.net:

Руските панкерки од Pussy Riot (нешто како "Распеани скопјани" со муда)...

ОкоБоли главаВицФото