Се чувствувам како вреќа со компири

03.01.2014 04:10
Се чувствувам како вреќа со компири

На 23 декември, понеделник, Надежда Толоконикова по објавената амнестија излезе на слобода. Уште во вторник се сретна со Марија Аљохина, втората членка на групата Pussy Riot која исто така е амнестирана. Аљохина ја издржуваше својата казна во областа Нижегород, и поради договори за „заеднички проекти за заштита на човековите права“, веднаш долета кај својата другарка во Краснојарск. Првото нешто со кое двете имаат намера да се занимаваат е инсистирање на оставка на генералот Олег Симченков, началник на управата на Федералната служба за издржување казни во Мордовија. Во спротивно, тврди Надежда Толоконикова, во мордовските затвори ништо нема да се промени. Таму и понатаму „ќе ги убиваат луѓето - и морално и физички“.

Остатокот од казната Толоконикова го издржуваше во болницата во Краснојарск. Членката на групата Pussy Riot бешее префрлена во Краснојарск по жалбата на раководството на мордовскиот затвор IK-14 (таму се наоѓаше до ноември 2013) и по долготрајниот штрајк со глад. Кон крајот на септември 2013, lenta.ru го објави писмото на активистката во кое таа го наведува масовното кршење на правата на жените осудени на принудна работа. Писмото имаше силен одек во Русија и на Запад.

Додека те чекав, во лобито на хотелот го слушав разговорот на двајца луѓе кои изгледаа како бандити, во бели кошули, со црни машни-пеперутки и со дебели цигари меѓу забите. Кога те виде како влегуваш, едниот од нив праша: „И колку одлежа таа?“ А овој му одговори: „Две години“. Другиот луто опцу: „Во времето на Сталин за тоа веднаш би те стрелале! Таа влезе во црква и се посра на сите икони. И за такво нешто - само две години?“ Дали често се среќаваш со агресивни реакции?

Не. Мене по правило таквите нешта не ми ги кажуваат во очи. За тоа е потребен посебен вид храброст.

Што подразбираш под тоа?

Кога не го гледаат човекот за којшто станува збор, луѓето лесно донесуваат заклучоци за него, често навредливи. Малкумина се оние кои се спремни да кажат такво нешто гледајќи ме во очи. А луѓето кои немаат храброст да го кажат своето мислење пред мене не ги забележувам. За секој изговорен збор мора да се сноси одговорност, а на оние кои не се спремни да ги претресат тие прашања заедно со мене не им обрнувам внимание.

Добро. А што ако некои слични на нив одлучат истите тие работи да ти ги кажат гледајќи те во очи?

Ништо. Тогаш ќе поразговараме. Нешто слично веќе ми се случуваше со затворениците во истражниот затвор и тогаш успевав да ја одбранам мојата позиција. Им укажував на политичките елементи на нашата акција, им објаснував дека во стварноста целата работа стои малку поинаку, како и тоа дека основната смисла на нашата акција беше нешто поинаква од она што се прикажува на државната телевизија. И по правило, моите аргументи стигнуваа до свеста на луѓето. Не велам дека тие веднаш го менуваа своето мислење, но несомнено разбираа дека пред нив не стои некаква хистерична будала со луди антирелигиозни идеи во главата, туку некој кој е спремен да се бори за својот став и своите погледи на светот.

А јас мислам дека тоа е навредливо: ти со помош на современата уметност сакаш да му ги покажеш своите идеали, а светот ќе каже - „Ма, таа се посра на иконите!“

Прво, за да се промени што било во таа смисла, неопходно е власта над федералните канали да се предаде во рацете на луѓе чии политички убедувања се поинакви од оние кои ги усвои државата. Второ, реакцијата на современата уметност беше, е и секогаш ќе биде негативна. Современиот уметник не е банкнота од сто долари, па да им се допаѓа на сите. Од самиот почеток на XX век, современиот уметник е човек кој поставува незгодни прашања кои го провоцираат општеството, прашања кои го разоткриваат. Почна со авангардата, а потоа тоа многу успешно го презедоа дадаистите кои без заобиколување говореа дека уметноста е бомба која мора да експлодира. Кога се случува спротивното, тоа повеќе не е уметност. И му се допаѓало тоа некому или не, дадаистите се класици на современата уметност. Денес мора да се смета на тоа. Има и такви на кои не им се допаѓа како сликал Ајвазовски...

А некому не му се допаѓа тоа што го правел Марсел Дишан. Дали сметаш дека и вашата акција припаѓа на класиците на современата уметност?

Да. Мислам дека тоа веќе е готов факт.

Како што разбирам, ти си главниот идеолог на групата Pussy Riot.

Ние континуирано и на различни начини почнавме да се изјаснуваме во оној момент кога се случи онаа монструозна рокада и кога стана јасно дека Путин има намера да го реализира својот трет претседателски мандат. Тие никого не прашаа за ништо. Просто нѐ ставија сите нас, огромно мнозинство на луѓе ширум земјата, пред свршен чин. Тој факт го иницираше основањето на групата Pussy Riot и нашите акции беа диктирани од силните емоции. Таа нивна рокада, нормално, ги засега сите, а нејзините непосредни учесници никого не прашаа баш ништо.

Во тој момент сфатив дека повеќе нема да можам да живеам онака како што живеев до тогаш и сето време кое можам да го одвојам од животот морам да го потрошам на тоа што погласно, со сета сила да врескам за тоа. Кој арсенал го имав за тоа? На располагање ми беше вообичаениот арсенал на средства на современата уметност - активизмот. Групата тогаш сѐ уште немаше име и бидејќи имавме малку време, се решивме да го користиме тоа што го имаме. Реагиравме онака како што умеевме.

Во разговорот се вмеша Пјотр Верзилов, сопругот на Надежда Толоконикова: „Да нарачам нешто: Што би сакала да јадеш?“ Толоконикова одговара: „Сосема ми е сеедно. Она што би сакала е никој да не ме прекинува додека зборувам.“ Верзилов: „Sorry, sorry.“

Зошто баш ти, Надежда Толоконикова, не го сакаш Путин?

Се чини дека би требало да ми биде лесно да одговорам на ова прашање, после толку време поминато зад решетки, каде поминав низ многу сериозни искушенија благодарение на тој човек. Но кога изговарам Владимир Путин, јас не мислам на одреден човек. Уметниците се изразуваат во метафори: кога изговараме „едро“ мислиме на „брод“, а кога велиме „Путин“, мислиме на политичкиот систем кој тој го создаде. Тој човек ми одзеде неколку години живот и тоа е лесно мерлив и тежок факт. Навистина, тоа истовремено ни помогна да стекнеме и некои искуства кои во иднина ќе ги користиме во позитивен клуч и со сите сили ќе се трудиме да не ги заборавиме тие искуства.

А што беше до тие искуства? Јас многу рано почнав да се интересирам за политиката. Така се случи. Во политиката можеби ме вовлече мојот татко, кој инаку е одличен тип. Имав нешто повеќе од 10 години и го замолив: „Тато, купи ми Космополитен“, а тој ми одговори: „Каков Космополитен?! Читај Власт или Итоги“. Тој ме научи да го слушам радиото Ехото на Москва. Во почетокот не разбирав многу нешта, но со тек на време научив.

Потоа се запишав на филозофскиот факултет, каде најмногу ме интересираше социјалната филозофија. Зашто, без претходно осмислување на политичките системи, малку може да се постигне во филозофијата. И тогаш доживеав длабоко разочарување. Се покажа дека филозофскиот факултет, на кој се запишав носена од безумната радост и надеж, всушност е неверојатно назадна установа. Огромна количина клучни текстови ни до денес не е преведена на руски јазик. Видов кој се занимава со преведување на тие текстови. Тоа се некои „чукнати“ луѓе на кои никој не им ја плаќа таа работа и кои со свои пари издават книги кои се непроценливо важни за современата руска култура. Тоа се некои чудаци, речиси јуродиви кои тие свои преводи ги издаваат со речиси религиозен восхит.

Дел од програмата морав да совладам користејќи литература на англиски, и тогаш во мојата глава се јави прашањето: како е можно на филозофскиот факултет на Московскиот државен универзитет (МГУ), најпрогресивната високообразовна установа во земјата, да владее нешто толку назадно, толку духовно мрачно?

И како го поврзуваш тоа со Путин?

Многу просто: системот кој владее со земјата е тесно поврзан со тоа како функционира системот на образование во целина. Формата и структурата на функционирање на филозофскиот факултет може да се спореди со која било установа во земјата. На филозофскиот факултет никаде нема да најдеш каков било облик на јавно декларирана намера со која студентите би биле поттикнати на развој на сопственото мислење. За другите институции и да не зборуваме. А кога нешто такво и покрај сѐ ќе се случи, тоа е секогаш наспроти, а не благодарение на системот.

Неколку дена по твоето славно отворено писмо за условите за живот во затворот, една друга затвореничка, националистката Евгенија Хасис, напиша одговор. Во нејзиното писмо пишуваше дека затвореничкиот живот течел складно и мирно, сѐ додека не се појавила некаква лудачка која со душек во рацете почнала да трча низ ходниците и да вика: „Јас ќе ве спасам сите!“

Тоа не се зборовите кои ги извикував. Јас на никого не му ја наметнував мојата помош. Тоа беше моја лична, длабоко истрадана етичка одлука. Сфатив дека ако не направам некој навистина радикален гест, ако не се обидам да го променам самиот стил на односи кој владее помеѓу затвореничките и затворската администрација, во догледно време во нашиот затвор нема да се случи ништо добро. Затворскиот режим стана сѐ посуров, а бројот на работни часови од месец во месец се зголемуваше.

Што мислиш, зошто баш твоето писмо имаше толкав одек? Пред тебе многу заштитници на човековите права се обидуваа да го привлечат вниманието на јавноста на состојбата која владее во женските затвори. Тебе ти успеа, а на нив не.

Веројатно затоа што моето писмо беше иницирано од личното искуство. Тоа писмо беше проследено и со штрајк со глад и тогаш бев директно изложена на многу опасности. Едно е кога активистот за заштита на човековите права влегува во затворот, гледа како сето тоа изгледа, излегува од него и потоа зборува или пишува за тоа што го видел таму, а сосема друго кога за тоа пишува некој кој живее во тие услови и кој поради тоа во секој момент може да биде сурово казнет од страна на претставниците на затворската администрација.

Дали те затвораа во самица?

Мене ме сместија во самица со образложение дека тоа е „безбедно место“. И како што обично бидува во самиците во Мордовија, таму беше неописливо студено. Тоа е стара затворска традиција: затворениците во самици не ги казнуваат толку со чинот на изолација, колку со неверојатно тешките услови за живот, во прв ред ѕверски суровиот студ. За ова мерка се најзгодни есенските и зимските месеци. На пример, во казнено-поправната колонија IK-2, во соседната република Чувашија, многу сакаат да ги смрнзуваат затвореничките. Тие просто ги држат двете надворешни врати ширум отворени и ги смрнзуваат луѓето со метод некогаш користен за уништување инсекти. И на чуварите им студи, но осудениците (веројатно) мораат да се смрнзуваат, и тоа за администрацијата е доволна причина за оваа воспитна мерка. Чуварите одат низ затворот во кожув од овча кожа, а затвореничките скокаат во своите ќелии имајќи на себе само гаќички и тенки портокалови униформи. До тогаш никогаш не сум сретнала такви униформи. На затворениците обично им дозволуваат да носат обична облека, на пример, панталони, џемпери, костуми или јакни во кои човек колку-толку сепак може да се згрее. А кога ќе ве облечат во таа американска униформа од гумирано платно, тоа станува апсолутно невозможно.

Кога ме вратија во самица, за мене позитивен детаљ беше тоа што можев да ја облечам мојата обична затворска униформа. Следниот ден поради неиздржливиот студ напишав жалба за тоа како затворската администрација врз мене спроведува тортура и тие ми донесоа греалка. Таму постојано мораш да користиш радикални мерки за да добиеш минимум од она што секој човек мора да го има.

Како ти изгледаше импресивната ПР кампања која ја спроведуваше твојот маж Пјотр Верзилов? Тоа повремено изгледаше како вештачки подгревано интересирање на јавноста.

А на сите вас никогаш не ви паѓаше на памет дека тоа се писма кои ги пишува затвореничка од казнено-поправна колонија мотивирана исклучиво од нејзините сопствени побуди и причини, тоа дека треба само за миг да се ставиш на нејзино место? Од такво место може да се предадеш само на тоа што се наоѓа длабоко во тебе, нешто што е мотивирано исклучиво од огромното страдање.

А што се случи со третата членка на вашата група, Екатерина Самуцевич? Тебе и Маша ве амнестираа пред самиот крај на казната, а таа по пресудата практично не одлежа ниту ден и сега се суди со вашиот поранешен адвокат Николај Полозов за 1,5 милиони рубљи отштета.

Тоа мора да ја прашаш нејзе. Катја има своја глава, свои мисли, свои постапки и дејства. Јас се однесувам нормално кон моите поранешни адвокати и благодарна сум им за сета помош која ми ја пружија.

Но не станува збор за адвокатите. Прашањето е дали таа сѐ уште е членка на групата Pussy Riot?

Ни самата не инсистирам да бидам членка на групата Pussy Riot. Јас сум Надежда Толоконикова, а групата Pussy Riot им припаѓа на сите, таа му припаѓа на целиот свет. Од самиот почеток беше замислено групата да не се врзува за личности и нашето присуство во неа да не биде обзнането на каков било начин. А тоа дека јас, Надежда Толоконикова, сум една од членките на групата, беше нешто кое никој не требаше да го знае. Ако се сеќаваш, ние настапувавме со покриени лица и никаде не ги објавувавме нашите биографии.

Денес ми пријде администраторката на вашиот хотел и ме праша: „Вие сте новинарка и веројатно сте дошле да напишате нешто за овие двете (Алјохина и Толоконикова)? Дали може во својот текст да не го споменувате името на нашиот хотел?“

Постапка типична за системот кој има што да крие. И под тој гест не се крие никаков конкретен, рационален поттекст. Тоа веројатно се влече уште од советско време кога отвореноста и транспарентноста биле секогаш нешто лошо, поради кое од властите секогаш можел да се добие укор.

Или можеби се плашат дека ќе ги изгубат гостите. Гостите повеќе нема да сакаат да престојуваат во хотел во кој живееле „богохулничките“.

Во разговорот повторно влетува Пјотр Верзилов: „Мислам дека постојат две реакции на оваа ситуација. Првата е кога љубезно ви велат: Повелете, вашите работи. За жал, принудени сме да ве замолиме да го напуштите хотелот, и втората, кога самите се против, но поради некоја причина одлучуваат да ги затворат очите и да молчат.“

Каков е новиот проект кој се подготвуваш да го реализираш заедно со Мариха Аљохина?

Името на проектот е Територија на правата и негова основна задача е да го принуди затворскиот систем да работи така како што би требало да работи. Како да се направи тоа? За почеток ќе биде доволно прецизно да удриме по конкретните прекршоци кои навистина ги има многу, а кои двете ги воочивме. Станува збор за прекршоци кои веќе се фиксирани. Колку што ми е познато, ситуацијата во Мордовија веќе малку се поправи. Се појави надеж дека платите на затвореничките ќе станат поразумни. Сега е важно да не застанеме на тоа. Сакаме да им помогнеме на луѓето кои ги сретнавме таму. И не само на нив. Ќе им помагаме на сите оние кои ќе решат да ни се обратат. И ако постојат такви луѓе кои имаат што да ни соопштат, ги молам да ни се јават.

Тебе штотуку те амнестираа, но како да не чувствуваш благодарност по тој повод.

Апсолутно никаква. Се чувствувам како вреќа компири која ја подигнале и преместиле од едно на друго место. Да нѐ прашаше некој, и јас и Маша би се откажале од оваа амнестија. Таа им е потребна на други, не нам. Таа им е потребна на обвинетите за протестот на Плоштадот Болотнаја. Таа им е повеќе од потребна на луѓето на кои им го закачија членот 318. Видов како се однесуваат во затворот кон политичките затвореници. Тоа е многу специфичен однос. Тие се наоѓаат под посебно внимание на затворската управа и тоа внимание и постојан притисок прават прават рокот на издржување на казната да станува сѐ подолг. По затворите тој притисок врз политичките затвореници трае 24 часа дневно и навистина не сакам луѓето кои денес поради ништо седат зад решетки, утре да поминуваат низ пеколните маки кои им се наменети.

Овде, во Краснојарск, на сите телевизиски канали паѓаат облози дали ќе организирате некоја нова акција или не.

Немав време да гледам телевизија во Краснојарск. Спиев само два часа, а патем постојано ме прогонува некакво грозно чувство дека не успевам да направам ништо.

А што ако одеднаш се појават некои маскирани девојки и ве надминат во сето тоа што до сега сте го наравиле? Дали тоа би те погодило?

Во никој случај. Би била пресреќна.

Пред една година подготвував некаков материјал за Олга Зеленина, која беше со тебе во истражен затвор. Таа тогаш ми се жалеше дека си ја прекорувала затоа што е премногу старомодна и религиозна.

Ниеднаш не ја видов да се крсти. Ние двете навистина водевме расправа, но темата беше друга. Се водеше разговор за високиот степен на хомофобија во руското општество. Во тој момент заедно со нас беше и Курт. Тој лик се појави во мојот живот кога непосредно по пресудата со оцена „двојка“ (шега на Путин за пресудата од две години затвор за девојките од Pussy Riot. „За секоја по двојка за палавоста“) ме вратија во истражниот затвор. Од судницата се вратив сосема скршена во истражниот затвор, а во мојата ќелија седеше некој непознат маж. Тој стана и ми се обрати со акцент: „Добар ден, се викам Курт“. Дознав дека е граѓанин на Шведска, дека баш тие денови се подготвувал да го промени полот, но за несреќа паднал во истражниот затвор со обвинение по член 159 став 3, измама и злоупотреба на службената положба. Со него ги разгледував прашањата за социјалните системи, за можностите за зачувување на социјалната самосвест која луѓето ја носат во себе од самото детство и за тоа како тие модели се применуваат во скандинавските земји. Со отворена уста грозничаво забележував сѐ што ми зборуваше. И денес ги чувам тие драгоцени белешки. А Зеленина, која беше во иста ќелија со нас, одвреме-навреме...

Верзилов повторно ја прекинува Толоконикова: „Слушајте, ова е навистина интересно! Магазинот Тајм се подготвува во првиот новогодишен број на насловната страница да стави слика од Надежда и Маша! Магазинот Тајм - првиот магазин на планетата. Од Русите, на насловната страница до сега биле само Сталин, Горбачов и Путин.“

Ама ајде, немојте сега за тоа. Курт е неспоредливо поинтересен! Каде застанав... Да, со отворена уста го гледав Курт и сѐ запишував. А Олга Зеленина повремено упаѓаше во нашиот разговор со приказната дека жената мора да биде во сенка на својот маж и слични будалаштини.

Ја носат храната. Надежда, не гледајќи ја вилушката: „Што си мислат тие - дека уште сум затвореничка?!“ А потоа ја наоѓа вилушката и ножот: „Во затворската трпезарија редовно користев нож и вилушка и сите мислеа дека изведувам нешто. А јас секогаш им велев: Пробајте и вие. Ќе видите, ќе ви биде многу позгодно.“

Извор: Lenta.ru, 25.12.2013.

ОкоБоли главаВицФото