Елитата го создаде косовскиот мит

29.10.2012 11:24
Елитата го создаде косовскиот мит

Оливера Милосављевиќ, историчарка на белградскиот Филозофски факултет и авторка на повеќе книги, во своите трудови посветува особено внимание на проучувањето на колаборациите во Србија во текот на Втората светска војна и остро ги критикува денешниот национализам,историскиот ревизионизам и улогата на националните митови. Повод за овој разговор со неа е неодамнешната одлука на Уставниот суд на Србија кој ја укина одредбата на Владата од 2005 година со која четниците беа изедначени со партизаните, односно, им беше признато учеството во Народноослободителната војна.

Кое е значењето на оваа одлука за српското општество и дали Уставниот суд е препрека за сеопштиот ревизионизам?

Одлуката на Судот не е препрека, зашто ревизионизмот зема преголем замав во српското општество и веќе предизвика преголема штета. Повеќе од дваесет години псевдоисторија како државна политика е долго време за причинетите штети, првенствено во образовниот систем, да можат лесно да се поправат. Од друга страна, тоа е добра вест, зашто во недостиг на вистински аргументи досега главниот ревизионистички аргумент беше токму одлуката на Владата од пред шест години. Добро е и за младите генерации што пораснаа во нездрава средина и затоа главно се потполно збунети. Ако ништо друго, оваа одлука можеби ќе ги натера да почнат да мислат со своја глава и одговорите да ги бараат во книгите, а не кај псевдоисторичарите од редовите на книжевниците и државните идеолози коишто ја усовршија техниката на селективен пристап кон минатото со цел задоволување на дневните идеолошки потреби. Меѓутоа, за науката оваа одлука на Судот, како и онаа првата со којашто четниците и партизаните се изедначија, нема никаква особена вредност. Историјата не ја пишуваат судовите за потребите на современите политичари и фрустрираните идеолошки наследници, туку историчарите врз основа на документите што минатото ги остава зад себе.

Во тек е трагикомичниот процес на рехабилитација на Дража Михајловиќ, телото на кнезот Павле Караѓорѓевиќ беше ексхумирано и донесено во Белград, се слави стогодишнината од „ослободувањето на стара Србија“. Како и во Хрватска, и во Србија се моќни силите што жалат поради тоа што на просториве во Втората светска војна победи антифашизмот. Што е причината за моќта на ревизионизмот и генералното свртување кон минатото во Србија и во чии интерес се прави сето тоа?

Отсуството на каква било егзистенцијална понуда во општеството од страна на оние што претендираат да ја вршат власта, ја лансираше „политиката на идентитетот“ како најбезболна понуда, односно, општественото афирмирање на заблудата за величенственоста на општеството во некое замислено минато и барање жртвен јарец којшто ќе биде одговорен за денешната испревртена состојба, а којшто секогаш е некаде надвор од „националното“. Некогаш тоа беа другите народи, или Југославија, или комунизмот, или партизаните...Токму во тоа е и суштината на национализмот, тој е сурогат што се нуди наместо нормален живот, а квазиисториските приказни му служат да воспостави измислен национален континуитет што, само кога би се остварил, би и’ ја обезбедил на нацијата нејзината сонувана „величественост“. Тој процес, што трае многу долго, создаде магичен круг, политичката елита мисли дека „народот“ тоа и сака да го чуе, а бидејќи е суштински незаинтересирана за општеството и потполно е занесена во сопствените големи приватни финансиски бизниси, не умее да процени кога е доста, кога за тоа ќе плати со позициите од коишто може да ги реализира исклучиво сопствените интереси.

Се согласувате ли со Срѓа Поповиќ, кој во една прилика рече дека рехабилитацијата на Михајловиќ значи и рехабилитација на Ратко Младиќ?

Рехабилитиацјата на Михајловиќ е рехабилитација на идеологијата со којашто се водеа војните во деведесеттите. Впрочем, рехабилитацијата ја започнаа истите тие што први ја промовираа таа идеологија уште во осумдесеттите години, а ја продолжија оние што веруваат дека со неа и понатаму се добиваат гласови на избори.

Интересно е што споменатата одлука за четниците и рехабилитацијата на Михајловиќ следува по падот на Милошевиќ. Во една прилика вие утврдивте дека по 5 октомври во Србија не дојде ни до најмал вистински напредок во однос на претходната деценија?

На 5 октомври не се случи револуција, како што се претставуваше долго време, туку континуитетот на доминантната националистичка идеологија е продолжен и тој секогаш беше толку очигледен. Секако дека постои разлика, но таа е, пред сè, резултат на зголемениот наплив на Европа и оттука извесната човечност на општеството, што ја немаше во текот на деведесеттите години. Истовремено, сите процеси врзани за односот кон минатото, што започнаа во текот на осумдесеттите години, по 5 октомври влегоа во својата завршница, така и овој со рехабилитацијата на четништвото. Не треба да се заборави дека Милошевиќ прв на дело ја рехабилитираше нивната идеологија, а по 5 октомври тоа беше и озаконето.

Со оглед на тоа дека сугестиите на Европската унија се Србија да го признае Косово пред преговорите за членство, дали очекувате дека српското општество ќе може да се помири со конечната загуба на својата некогашна покраина? Колку е денес моќен косовскиот мит во Србија?

И со косовскиот мит е исто како и со сите останати националистички приказни. Ни тој мит не го создаде „народот“ туку елитите и ниту со него не манипулира „народот“, туку елитата, веќе со децении сугерирајќи му дека националните митови му се поважни од лебот. Колку се присутни националните стереотипи од минатото, но истовремено и колку се променливи според дневните потреби, најдобро сведочи исказот од пред неколку дена, дека „Србија без Косово е како човек без вид или срце“. А пред сто години, кога се бараше ширење на Србија кон морето, се зборуваше дека Србија без море е „птица без крила“, „човек без грло, артерии и бели дробови“...Значи, митолошката понуда секогаш е иста, се менуваат само актуелните објекти.

Дали сметате дека таквите барања на ЕУ би можеле да доведат до повторно јакнење на национализмот во Србија, а потоа и во земјите во регионот? Дали ЕУ денес го потпомага неофашизмот или барем го толерира, како што видовме од примерите со Грција (Златна зора) и Унгарија?

Од ова што веќе го имаме, национализмот не може повеќе да јакне, тој е доведен до крајните граници на подносливоста, дури и за неговите консументи. Затоа тој не е веќе онолку опасен кон надвор, колку што е кон внатре. Сега само општеството во Србија може да страда од него, како што и веќе наголемо страда, а рушењето на сите морални вредности е неговата вистинска слика. Од друга страна, оној момент кога во Европа се изедначија фашизмот и комунизмот, стана јасно дека антифашизмот од Втората светска војна, во којшто комунистичката левица имаше огромна улога, се доведува под прашање и дека е подложен на ревизија што, како што денес имаме прилика да видиме, оди до крајни граници, до релативизација на самиот фашизам. Сите домашни десничарски групи се повикуваат токму на тој европски став, кога ја релативизираат и самата Втора светска војна. Тоа беше опасна пресвртница во издигнувањето на тој фашизам, за којашто ни Европа не е невина.

Извор: novossti.com

 

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја
Балкан / Историја
Општество / Gif / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото