Да се биде лезбејка и Арапка во Израел

15.02.2013 13:09
Да се биде лезбејка и Арапка во Израел

Многу ЛГБТ луѓе забораваат на земјите во коишто се донесуваат хомофобни закони со парламентарно мнозинство, во коишто кривично се гонат ЛГБТ луѓето само поради нивната сексуална ориентација. Најпознатите хомофобни земји во моментов несомнено се Уганда и Русија, којашто веќе неколку години се обидува на ЛГБТ луѓето да им го оневозможи остварувањето на правото на видливост, како и самото постоење. Но, ова не е приказна за Уганда, ова не е уште една приказна за Русија. Ова е приказна за тоа како живеат арапските (палестинските) лезбејки во Израел.

Секој месец, лезбејките од сите верски убедувања се сретнуваат на собири во организацијата Aswat, што работи на здружување на палестинските лезбејки, а дејствува веќе една деценија во северниот израелски град Хаифа, недалеку од либанската граница. Овие средби се утеха за многу лезбејки што мислеле дека се единствени лезбејки во тој град, како што изјави Инаам од Aswat: „Мислев дека сум единсвена лезбејка и Арапка на светот. Дури и кога бев млада и кога слушнав за постоењето на лезбејките, мислев дека сепак не може да ги има во нашата заедница“.

Инаам членува во Aswat веќе седма година. Таа се наврати на својата прва средба со постоењето на оваа организација: „Кога слушнав за Aswat, бев шокирана. Тогаш во Aswat членуваа само осум жени, и мислев: ’Зарем постојат осум палестински лезбејки?!’“ Со својата кратка коса и широки панталони би ги активирала сите лезбејски радари во секој град на светот, но сепак, во Хаифа, инаку либерален град во којшто постојат геј клубови, одлучи да биде внимателна и да го заштити својот вистински идентитет. Се чини дека слободата за геј мажите и лезбејките сепак е резервирана за 90% Израелци, а не за 10% арапски ЛГБТ лица. Таа е претпазлива дури и на состаноците на организацијата, сака да знае кој присутвува, од каде доаѓа и ако случајно присуствува некој што го познава надвор од лезбејскиот контекст, признава дека се плаши. „Тоа е палестинскиот процес на излегување од плакарот“, така го опиша нејизината колешка прифаќањето на нови лица во нивната организација како и на нивните средби што се одржуваат во голема тајност и само со внимателно направена листа на гости.

Во тоа и лежи целиот проблем. Израел, што се смета за либерална земја, и покрај тоа е земја во којашто се дискриминираат Арапите поради своето потекло. Освен тоа, во арапската заедница се дискриминираат и ЛГБТ лицата, а ако на тоа се додаде и родовата дискриминација, се доаѓа до загрижувачкиот податок дека арапските лезбејки во Израел се дискриминирани на секој чекор. Од самиот почеток, лезбејките во организацијата Aswat се свесни за сите тие факти и ги негуваат своите односи со лезбејките од Западниот брег и од појасот Газа затоа што се стремат со заеднички напори и сили да го ублажат негативниот став на арапската заедница. Во јавните настапи се дефинираат како „група за палестинските геј жени“, а една од основачките на Aswat, Рауда Моркос, во интервју за канадското ЛГБТ списание Xtra! во 2004 година, истакна: „Не сакаме да се дефинираме. Не сакаме да се дефинираме ни како жени, ни како лезбејки, ни како Палестинки“.

Палестинската заедница е прилично конзервативна, но не може да се рече дека за членките на Aswat е полесно во Израел. Имено, палестинската заедница е одвоена од израелската, па тие не се чувствуваат сигурни на ничија територија. „Ако некое семејство дознае дека некоја жена во него е лезбејка...Може да ја убијат или да се одрекнат од неа“, велат од Aswat. Но, секако дека нештата се подобруваат, иако бавно. Сепак, следниот пат кога безгрижно ќе ги посетувате вашите ЛГБТ пријатели, сетете се дека постојат држави во коишто ЛГБТ лицата се борат за основите права. За правото на постоење.

Извор: queer.hr

ОкоБоли главаВицФото