Лажирање „регуларни“ избори

20.02.2013 13:50
Лажирање на „регуларни“ избори

Една навидум вулгарна народна приказна, која пред многу време ми ја раскажа пријател, ја прераскажувам повеќепати низ годиниве. Клекнал Насрадин Хоџа средсело и по бел ден вршел голема нужда. Како кој ќе го здогледал, се згрозувал, поцрвенувал, ја вртел главата и одминувал забрзано. Наишол близок пријател на Насрадин и почнал да му вика: Што се резилиш средсело пред толку луѓе, зарем не ти е срам? Насрадин го погледнал в очи пријателот и му рекол: Зошто јас да се срамам, кога се срамат сите што ме видоа.

Кога – пред години – ја слушнав приказната, мислев дека во неа се отсликува ситуација во која често се наоѓаме, кога се срамиме за некој резил што јавно го прават нашите блиски. Но, последниве години сфатив дека народниот раскажувач ја опишувал тегобната душевна состојба на пристојните луѓе во услови на системско насилство над нивните вредносни норми. Преземањето туѓ срам - тој контроверзен но природен човечки рефлекс, изгледа дека кај луѓето се појавува како константа во сите насилни и изопачени режими, кои злото го извртуваат во добро, а грдото во убаво. Тогаш најголемиот број нормални, пристојни луѓе, се срамат за насилството и неправдата која ним им се нанесува и – вртејќи го погледот и однесувајќи се „нормално“ - на еден начин со срамот преземаат дел од одговорноста за сторените недела.

Кој нормален во Македонија не почувствувал срам трпејќи ја арогантната власт на ДПМНЕ додека ги погани највисоките национални вредности - антифашистичката борба, националната култура, историја и идентитет, темелните уставни вредности – слободите, правата и демократските институции? И кој не се почувствувал длабоко измамен кога ќе сфати дека и самиот е фатен во стапицата на истиот психосоцијален рефлекс: со толерантно, конструктивно и пристојно однесување да се обидува да ги „амортизира“ насилството и криминалот починето од страна на режимот, и практично, да ја колективизира одговорноста за злосторите кои режимот ги прави?

Како инаку да се објасни фактот што и по четири циклуси на очигледно лажирани избори од 2008 до 2011 со кои ДПМНЕ се одржува на власт, не само што не ги доведовме во прашање мандатите стекнати со ваквите суштински нелегални избори, туку со нашето „нормално“ однесување – божем ништо гнасно да не се случило – како да дадовме легитимитет на фалсификувањето на демократијата. Само со колективниот срам и здружениот напор да се прикажеме подобри отколку што сме, може да се објасни како тоа никој не беше заинтересиран да сознае дали изборите навистина беа фер и слободни, туку интересот завршува со утврдување на фактот дека тие биле „признаени“ за регуларни, односно дека опозицијата, набљудувачите и народот ги „голтнале“ како регуларни. За неверување е и што речиси во секоја дискусија на оваа тема не се зборува за вистинските факти – за непочитувањето на правилата и условите, туку како прв и последен аргумент за „легалноста“ на изминатите изборни измами на режимот на Груевски упорно се употребува признавањето на резултатите на лажираните избори, односно фактот дека сите наседнале на очигледната измама!?

Уште пострашно е што поради оваа колективна ментална блокада во Македонија сè уште „проаѓа“ објаснувањето дека неуставното и незаконското практикување власт во целиот период помеѓу изборите „влече“ легитимитет од претходната изборна победа! Оваа двојна изборна апорија - за легитимитетот на незаконското владеење добиен на лажирани избори, како да ги држи луѓето во некаква хипнотичка зашеметеност и ја блокира здравата реакција на жртвите на измамата. Сепак, се работи за обичен зол круг или за пословичната Хелерова „Замка 22“: од една страна режимот на ДПМНЕ владее кршејќи го Уставот и законите во име на легитимитет добиен со победа на избори, а од друга страна, победата на однапред лажирани избори си ја обезбедува токму кршејќи го Уставот и законите во текот на владеењето!

Како се изведуваат однапред лажирани избори, ќе прашате? Најстрого чуваната тајна на мајсторите на изборните фалсификати гласи: „совршениот“ изборен фалсификат не е кога се лажираат избирачки ливчиња, туку кога се лажира слободата на избирачите. Најсилниот инструмент за лажирање на „регуларни“ избори е поттикнувањето на психологијата на стравот и на егзистенцијалната загрозеност, па власта однапред го лажира изборниот резултат со застрашување, закана, уцена и корумпирање на избирачките души. Времето пред изборите, во кое авторитарната власт ги употребува сите институции на државата за притисок, е секогаш доволно да ја претвори душата на граѓанинот-избирач во уплашена и згмечена душа на поданик, на што укажуваат бројните примери на стабилни повеќедецениски диктатури со „изборен легитимитет“. Оттаму, суштинската разлика помеѓу стабилните демократии и озлогласените диктатури не е во еднодневниот перформанс на мирните избори, туку во општествените состојби во долгото време помеѓу изборите; не е во самиот тек на изборите, туку во условите во кои изборите се случуваат - во слободите и правата на граѓаните и во владеењето на правото и правдината. Затоа најнерегуларните и најлажираните избори се мирните и свечените избори во земји каде што партијата на власт се поистоветува со државата, како што е тоа случајот со ДПМНЕ.

Со исфрлањето на пратениците на опозицијата од парламентот на многумина конечно им стана јасно дека решението на тој зол круг на лажирање на демократијата, е можно само со пресекувањето на кругот, со отворањето на „Замката 22“ и согледувањето на очигледната вистина дека ниту власта на ДПМНЕ е легална, ниту се легални изборите со кои таа се одржува. Сите избори од 2008 до 2011 година во организација на ДПМНЕ се неслободни и нелегални, зашто режимот ги злоупотреби државните институции и ги прекрши законите и Уставот, за да ги уништи практично сите суштински неопходни претпоставки за одржување фер и демократски избори, како што се обезбедувањето рамноправни услови за политички натпревар, индивидуална слобода на изразувањето, слобода на медиумите, независното судство, неутрални и непартизирани државни институции итн. Исто така, би требало веќе на сите да им е јасно дека режимот на ДПМНЕ веќе не е ниту теоретски во состојба да организира демократски избори, зашто - како и во Шекспировиот аксиом за иреверзибилноста изговорен од лејди Магбет - стореното не може да го отстори. Да, ужасната општествена штета е направена и диктатурата на Груевски - и да посака - веќе не може да ги „оживее“ условите за слободни и фер избори, кои претходно самата за шест години владеење брутално ги сотре. Поради тоа, првите следни вистински слободни, фер и демократски избори ќе можеме да ги доживееме кога повторно ќе ги оствариме условите за слободно и демократско општество, значи само после ослободувањето на Македонија од власта на ДПМНЕ и после денацификацијата на татковината и возобновувањето на демократските институции.

Во меѓувреме, до ослободувањето на Македонија, на недемократскиот режим не треба веќе да му се дозволува да лажира „регуларни“ избори, зашто изборите што ги стокмува една диктатура за да ја зацврсти и продолжи својата власт, се уште еден акт на системско насилство и подмолен инструмент за лажирање на слободата. Почитувањето на поредокот каде што нема слобода, е чин на подаништво кој ја поддржува тиранијата. Таквите избори не е доволно да се бојкотираат, тие треба да се спречат, зашто преземањето на срамот и толерирањето на арогантното поганење на демократијата, само го продолжува времето во кое криминалната банда машки деца, намигнувајќи си меѓусебе, продолжува да врши голема нужда на нашиот плоштад, врз лицето на нашата слобода.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото