Македонија не им верува на сопствените солзи

11.12.2013 14:49
Македонија не им верува на сопствените солзи

Во позадината на кадарот се нишаат палми, а во преден план гледате обичен човек зад кој се тиска камарила безрбетници тапо загледана во неговиот тил, од што станува јасно дека се работи за президенте де ла хунта, кој ноншалантно одговара на прашањата на новинарите. На прашањето што ќе направи Владата да го реши проблемот на пренатрупаност на затворите за притвор (кој настанал токму поради тоа што судовите по негова наредба притворот го претворија во затворска казна со неограничено траење), ел президенте одговара рутински самоуверено. Вели дека Владата веќе сериозно се зафатила со проблемот и со помош на европските фондови за унапредување на демократијата (или слично) ургентно ќе бидат изградени поголеми затвори кои без проблем ќе го згрижат енормно зголемениот број притворени лица. Очекувате да грмнат салви од студиски монтирана смеа, а пред телевизорите да се грчи во урнебесно смеење повеќемилионскиот аудиториум, здушно уживајќи во овој удaрен штос од една првокласна политичка сатира. Хумор со кој се параболизира ненормалната состојба кога една недемократска власт, наместо да прекине со масовното притворање невини, „проблемот“ го решава со градење нови затвори. Но, не, немаше ниту монтирана смеа, ниту некој во Македонија се насмеа на оваа сјајна сатира која помина незабележана, зашто сатирата е функционална само кога параболизира ненормални ситуации, додека нашата веќе параболизирана реалност е претворена во банална нормалност. Поради тоа Груевски, одговарајќи на прашањето за последиците од злоупотреба на притворот, немаше намера да прави сатира (на самиот себеси), туку со студена бастеркитоновска фаца му објасни на светот како проблемот со зголемениот број незаконски притворени политички затвореници владата на ДПМНЕ го решава со градежни средства.

Или, ја слушаме министерката де ла полисија де ла хунта како им објаснува на новинарите за сите мерки кои Министерството ги презело за да ја сузбие појавата на зголемен број македонски граѓани кои бараат политички азил во земјите на Европската унија. Ставот на европските земји и на нашата Влада е дека „лажните азиланти“, најчесто Роми, го злоупотребуваат правото на политички азил, бидејќи побудите им биле економски, а не политички ( демек, луѓето оделе по леб, а не поради дискриминација или кршење на нивните човекови права). На истите вести, минута подоцна, гледаме како нашата гранична полиција ги враќа од граница назад во земјата Ромите кои тргнале на пат во странство, без образложение и безпоговорно, очигледно следејќи ги неформалните усмени наредби од својата хефе де ла полисија. И оваа одвратна ситуација има структура на префинета иронија и политичка сатира од висока класа, зашто со незаконското и неуставното ограничување на правото на движење и грубата дискриминација на Ромите, македонските власти и де јуре и де факто го „легализираа“ нивното барање за политички азил, претворајќи ги економските мигранти во легитимни азиланти чиишто права и слободи се дерогирани и кои се дискриминирани од властите во сопствената држава. Хахаха, „мерките“ на режимот од „лажните азиланти“ создадоа вистински политички азиланти! Се разбира, и оваа грда вест не беше доживеана како сатира и никој не се насмеа на неа, но - како и на вестите за другите злостори на режимот – никому ниту око не трепна...

Со други зборови, ако сакаме да ја дефинираме вистинската мера на нашата општествено-политичка мизерија, таа нема да се однесува на степенот и формата на незаконитото владеење на режимот на Груевски, односно на инсталирањето на неформална партиско-полициска власт во Македонија, која ги окупираше сите уставни институции во Републиката. Не, тоа нема да биде ниту описот на сѐ поголемиот број жртви на кршење на човековите права од страна на власта, ниту одмерувањето на опаѓачките параметри од сите аспекти на животот во замирање... Вистинската мерка на македонската несреќа се состои во фактот што сево ова што ни се случува го прифаќаме како нормална состојба. Како ништо ужасно ненормално да не ѝ се случува на Македонија. А токму „нормализацијата“ на ненормалните состојби со нашите слободи и права, и банализацијата на практичното суспендирање на Уставот од страна на авторитарната власт на ДПМНЕ, се најцрните симптоми на нашата општествена болест.

И, ако се послужиме со Шопенхауеровата дефиниција дека сочувството е основата на моралноста, мерката на нашата мизерија е во длабочината на нашата неморалност, зашто не само што дозволивме пред очи да ни го заколат и фрлат во јама со негасена вар нашиот македонски државно-национален и културен проект, туку што поради нашето глумење дека ништо (страшно) не се случило, не успеавме ниту солза да пуштиме за него. Нашата неморалност се манифестира во рамнодушноста кон сопствената судбина, исто како и во несочувствителноста кон општата несреќа. На таа неморална, тапа „нормалност“ ѝ се предадовме со таква страст што не успеваме да ја препознаеме ниту комичната и сатиричната природа на нашата трагична стварност, а богами, не почувствувавме ни бес ни жал и за сопствената изгубена слобода. При што, глумењето нормално секојдневие во услови на егзистенцијален страв, кој им ги бои гаќите на храбрите македонски мажи, како да ги апсорбира сите афективни потенцијали на нашата човечност и ги задушува последните дамари на нашата моралност. Затоа, не само што прекинавме да чувствуваме тага, гнев или солидарност кон туѓите несреќи, туку, кутрите, веќе немаме емпатија ни кон сопственото пропаѓање. Македонија веќе не им верува ниту на сопствените солзи.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат, 10.12.13.

ОкоБоли главаВицФото