Што сакаат жените (1)

25.06.2013 10:14
Што сакаат жените: Фројдовата дилема во денешниот свет (1)

Што сакаат жените: Фројдовата дилема во денешниот свет (1)

 

Големото прашање кое никогаш не беше одговорено, на кое ни самиот Фројд не беше во состојба да одговори, и покрај триесетгодишното истражување на женската душа, гласи: „Што сакаат жените?“

И сто години по Сигмунд Фројд, истото прашање сè уште е актуелно. Строго водејќи сметка да не го наруши традиционалниот наратив за женската сексуалност, современата наука не само што не е во состојба да ја разреши Фројдовата дилема, туку нема ни со што да ја одбрани оправданоста и потребата за постоењето на самото прашање Што сакаат жените?

Наводните општи принципи на женската сексуалност, кои биле формулирани уште во викторијанската ера и центрирани околу дихотомијата машко/женско и машкост/женскост, постојат и денес:

- Женското либидо е природно послабо од машкото.
- Жената е генетски програмирана за моногамија, додека во билогијата на мажот е вткаена предиспозицијата за промискуитет.
- За да го активира нејзиниот ерос, жената кај мажот мора да детектира подготвеност за долготрајна посветеност, емоционална блискост и верност. Мажот, пак, не се грижи премногу за стабилноста и константноста.

Од аспект на желбата за зачувување на општествената стабилност, може да се каже дека ваквиот наратив барем звучи утешно. Имено, ако барем половина од човечката популација природно тежнее кон моногамија, тогаш и традиционалното семејство, таа основна клетка на човечкото општество е релативно безбедна.

Псевдонаучна одбрана на патријархатот

Кон почетокот на деведесеттите, благодарение на еволуционите психолози, тежнеењето кон зачувување на патријархалните хиерахии и односите на моќ доби едно псевдонаучно објаснување. Сето она што популарната култура и наука го нарекуваат биолошки втемелени психолошки разлики помеѓу половите – на планот на сексуалноста тие стануваат очигледни преку изборот на партнерот, репродуктивните стратегии и слично – потекнува од една од клучните еволуционопсихолошки теории, позната како теорија на паренталното инвестирање (теорија на родителското вложување или теорија на вложување во родителството). Малку поедноставено, оваа теорија се сведува на следното:

- Фертилниот период на мажот започнува во пубертетот и трае практично до крајот на неговиот живот. За тоа време тој произведува неограничен број полови клетки, сперматозоиди, без некој посебен напор и метаболитички загуби. Од друга страна, фертилниот период на жената и бројот на јајце-клетките кои таа успева да ги создаде се ограничени, а самата продукција на половите клетки, од метаболитички аспект, е значително „поскапа“.

- Машкото вложување во репродукцијата се сведува на енергијата која се вложува во копулацијата и на „евтиниот“ ејакулат. Од друга страна, од аспект на репродукцијата, жената низ бременоста и доењето го вложува целото свое тело.

- Имајќи ја предвид ваквата асиметрија во однос на вложувањето во родителството, мажите и жените еволуирале во рамки на две различни сексуални/репродуктивни стратегии: мажите се генетски програмирани за промискуитетно однесување и „растурање“ на своето семе, додека жените се попребирливи и преферираат долготрајно, стабилно партнерство со добар „снабдувач“.

Но дали тоа е она што жените навистина го сакаат?

Митот за природно моногамната жена

Американскиот биолог Роберт Триверс ги формулирал рамките на теоријата на паренталното инвестирање уште во седумдесеттите години на минатиот век. По две децении, благодарение на истражувањата на двајца психолози, Дејвид Бас и Дејвид Шмит, постулатите на оваа теорија ќе бидат искористени за „научна“ одбрана на дамнешиот мит за моногамната, верна жена и за неизбежно биолошки предетерминираниот промискуитетен маж.
Сакајќи да ги тестираат предвидувањата кои ги нагласиле, како и рамките на теоријата на Триверс, Бас и Шмит ја анкетирале студентската популација за преференците во однос на краткотрајните и долготрајните врски, идеалниот број на партнери, за тоа колку тие сметале дека е потребно да ја познаваат личноста пред да стапат во сексуални односи со неа, за стандардите кои некој би требало да ги исполнува за да биде одбран за one-night-stand… Резултатите кои ги добиле биле во целосен склад со парадигмата за пребирливите жени и промискуитетните мажи.

Голем број психолози ги следеле истражувањата на Бас и Шмит. Анкетите слични на нивните, како и статистичките и квалитативните анализи на личните огласи објавувани во мејнстрим печатот, како и во специјализираните публикации, создале потпора за хипотезите за разликите помеѓу сексуалноста на мажите и жените. Постојано било докажувано дека жените во текот на животот имаат помал број партнер од мажите, но и дека, за разлика од нив, сакаат да имаат помалку сексуални партнери. Меѓутоа, што покажуваат овие емпириски податоци? Дека жените и мажите се генетски програмирани за поинакви сексуални стратегии или, пак, дека со воспитувањето ги прифатиле наметнатите норми на општествено прифатливото однесување и научиле што треба да кажат во анкетите?

Во 2010 година, група истражувачи од Универзитетот во Јужна Калифорнија, предводена од психологот Лин Карол Милер ја повторила студијата на Бас и Шмит, но во малку поригорозна рамка. Со цел да го утврдат реалното значење коешто студентите им го придаваат на краткотрајните и долготрајните врски, Милер и соработниците го мереле напорот којшто студентите од машки и од женски пол го вложувале во пронаоѓање партнер за секс или врска (напорот бил пресметуван како количината време и пари потрошена за оваа активност во текот на една седмица). Според резултатите кои ги објавиле во студијата „Еволуцијата на половите разлики во однос на бројот на партнерите“, студентите и студентките покажуваат подеднаков интерес за one-night-stand, при што и едните и другите значително ги намалуваат стандардите за партнери за секс во однос на партнери за врска.

Интересно е дека резултатите од студијата на Лин Милер и не мора нужно да се косат со теоријата за инвестирањето во родителството. Имено, човекот е софистицирано когнитивно битие, кое е способно своите ставови и однесување да ги усклади со актуелното опкружување. Колку што некое однесување е „поосновно“, односно колку што е подиректно поврзано со биолошкиот опстанок, Homo sapiens-от е сè поприлагодлив. Ако појдеме од претпоставката дека, објективно посматрано, во современи услови и двајцата родители, иако не на идентичен начин, значајно вложуваат во своето потомство, според теоријата на Триверс би можеле да заклучиме дека имаат еднакви или слични сексуални стратегии.

Женската страст – машка интерпретација

Со стогодишна дистанца, Фројд е премногу лесна мета за критика. Ако ништо друго, дури и генијалните, креативни поединци во извесна мера се производ на своето време и опкружување. Но опкружувањето во чии рамки се одвиваат истражувањата на женската сексуалност и страст не се промениле во голема мера до денес: на пошироко ниво, глобалната култура и понатаму е доминантно машка култура; а пак посматрано од попрактичен аспект – од одборите кои одлучуваат за финансирањето, преку истражувачите до уредувачките колегиуми на стручните списанија – науката е сместена во мнозинско машко опкружување. На пример, во рамки на Меѓународната академија за истражување на сексот има 300 членови, од кои само шеесеттина се жени, при што нивниот број пред само две децении бил апсолутно занемарлив.

Вклучувањето на релативно малиот број истражувачки на теренот на психологијата на сексуалноста се одвивало во исто време со стекнувањето техничко-технолошки можности кои овозможиле на прашањата за либидото да им се пристапи на поегзактен и понаучен начин. На тој начин започнал да се менува дискурсот на оваа тема.

кон вториот дел

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com
Слики: Џиндра Ноеви

ОкоБоли главаВицФото