Што сакаат жените (2)

26.06.2013 12:14
Што сакаат жените (2)

Што сакаат жените: Фројдовата дилема во денешниот свет (2)

 

Мередит Чиверс, психолог од Универзитетот во Кингстон и членка на уредничкиот тим кој стои зад најзначајното меѓународно списание во областа на човечката сексуалност – Archives of Sexual Bеhavior – иако има само четириесетина години, се смета за зачетничка на отворениот пристап кој не е оптоварен со стереотипи во однос на прашањето: Што сакаат жените?

Кога во 1966 година таа го добила местото на асистент-истражувач во денешниот Центар за зависности и ментално здравје во Торонто, била единствената жена на одделот за психологија на сексуалноста кој во тоа време се занимавал исклучиво со проблемите на машката сексуалност – од импотенцијата до парафилијата. Заинтересирана за „нормалната“ женска страст, Чиверс извела низа релативно едноставни истражувања, докажувајќи дека збунетоста на стариот добар Фројд во однос на жените и нивното либидо и не била незаснована.

На субјектите во своите истражувања, кои биле и хетеросексуални и хомосексуални жени и мажи, Чиверс им пуштала еротски и порнографски видео записи од хетеросексуален, геј/лезбејски и животински секс, снимки од жени и мажи кои мастурбираат, шетаат по плажите... Освен што испитаниците сами си го одредувале степенот на возбуда која ја чувствувале при гледањето на различните видеа, употребувајќи го методот на плетизмографија (плетизмограф е апарат со кој се мери промената на обемот и циркулацијата на крвта во пенисот, односно циркулацијата на крвта и лубрикацијата во вагината), Чиверс се обидувала да го пронајде објективниот степен на сексуалната возбуда на субјектот.

Генерално, реакциите на мажите биле предвидливи. Поинаку кажано, тие реагирале во склад со својата сексуална ориентација: хетеросексуалните мажи биле највозбудени од хетеросексуалниот или лезбејскиот секс, потоа од глетките на женската мастурбација, или од снимките на жените во бикини додека вежбале на плажите. Освен тоа, во случаите на мажите постоело значајно преклопување помеѓу возбудата која била субјективно проценета и резултатите кои ги забележал плетизмографот.

Во случајот со жените, резултатите до кои дошла Чиверс биле многу покомплицирани. Независно од личната сексуална ориентација, тие биде подеднакво возбудени од глетките на хетеросексуалните и хомосексуалните односи, без разлика дали станувало збор за секс помеѓу мажи или секс помеѓу жени. Интересно е дека плетизмографот забележал значителен степен на возбуда при снимките од копулација помеѓу бонобо мајмуни. Конечно, кај жените, а посебно кај хетеросексуалните, била забележана голема разлика помеѓу субјективните процени на сопствената возбуда и резултатите од плетизмографот: испитаничките тврделе дека хомосексуалните односи ги возбудуваат многу помалку отколку што тоа било покажано со помош на плетизмографот, а во истото време и својата сексуална возбуда поттикната од глетките на хетеросексуален однос ја процениле во многу поголема мера во однос на резултатите кои биле добиени со плетизмографот.

Што ги возбудува жените?

Зошто жените се возбудуваат речиси во подеднаква мера при гледањето на снимките од хетеросексуалниот, геј, лезбејскиот и животинскиот секс?

Фактот дека жените се пофлексибилни од мажите – поаѓајќи од личното доживување на сексуалната возбуда, преку сопственото сексуално однесување, до ставовите за туѓото сексуално однесување – не е новина. Стандардно, резултатите како овие кои ги добила Чиверс се објаснуваат преку културолошките фактори: жените се помалку изложени на еротика и порнографија, па така дел од нивната возбуда може се објасни преку изложеноста на овој стимул кој за нив е несекојдневен. Но, Чиверс нуди и друго објаснување. Културолошки гледано, мажите се изложени на поголем притисок од средината која ги принудува да се однесуваат во склад со својата машкост, па така ја инхибираат возбудата која кај нив би можела да биде предизвикана од, на пример, сексот помеѓу мажи.

Од неодамна, истражувачите започнаа да се занимаваат и со ова прашање, како и со техниките на неврорепрезентацијата. Прелиминарно, може да се рече дека флексибилноста на женската и ригидноста на машката сексуалност не може докрај да се објасни преку различното воспитување и културните влијанија. Имено, како што покажуваат и овие студии, за време на гледањето на снимките од геј сцените, кај хетеросексуалните мажи не доаѓа до активација на мозочните центри кои се задолжени за инхибицијата на импулсите, лоцирани во префронталниот кортекс. Како и кај нив, тие не се активираат ни кај геј мажите, во однос на глетките на секс помеѓу жени или на женска мастурбација.

Чиверс и нејзините колеги сега ја тестираат хипотезата дека всушност се работи за свест за сопствената сексуална возбуда. Машкиот полов орган видно го оддава правецот и степенот на сексуалната возбуда. Со други зборови, мажот не може да не ја забележи реакцијата на сопствениот пенис кон одредена глетка. Реакцијата на женските гениталии во однос на поттикнувачкиот стимул е малку пософистицирана, но она што е уште позначајно е дека жените во текот на својот развој им посветуваат помалку внимание на гениталните маханизми во контекст на сексот. Со други зборови, тие помалку ги воочуваат и оттука се помалку свесни за телесните промени кои ги носи сексуалната возбуда.

„Женската Вијагра“ и моногамијата

Фројдовата дилема веќе со децении им задава главоболки и на фармацевтските компании. Иако досега не се покажаа многу ефективни, истражувањата чија цел е да ја пронајдат молекулата која ќе го реши проблемот на недостатокот на сексуалниот апетит кај жените, на начинот на кој Вијаграта го реши проблемот на сексуалната дисфункција кај мажите, ги разјаснија некои од аспектите на женската сексуалност, поништувајќи некои митови за неа.

Сепак, се верува дека женскиот пандан на Вијагра е невозможна мисија. Имено, оваа сина пилула влијае на хидрауликата, ја зголемува циркулацијата на крвта во пенисот и ја овозможува ерекцијата, но сето ова при услови во кои постои желба за секс. Проблемот на „женската импотенција“ се состои од недостатокот на желба за секс, па во оваа смисла, секоја „женска Вијагра“ би морала да го пронајде својот пат до женскиот мозок, а не до нејзината вагина.

Кога недостатокот на желбата за секс ќе започне да предизвикува и емоционално страдање, на поединката може да ѝ биде поставена дијагнозата хипоактивно сексуално пореметување. Кога станува збор за жените, процените велат дека од 10 до 15 проценти од женската популација, на возраст од 20 до 60 години, ги исполнуваат клиничките критериуми за поставување на оваа дијагноза. Доколку на овој број се додадат и жените кои не се носители на дијагнозата, но кои редовно или повремено се соочуваат со проблемот на намаленото либидо, процентот се зголемува на околу 30 проценти. Што е причината за сето ова?

Не постои јасен одговор за ова прашање. Дел од одговорот лежи во начинот на живот, кој инаку е одговорен за падот на квалитетот на интимата на голем број парови, а на него влијаат продолженото работно време, изложеноста на факторите на стрес, семејните обврски... Освен тоа, жените се доминантните консументи на антидепресивите, медикаментите во чии несакани ефекти спаѓа и намалувањето на сексуалниот апетит. Меѓутоа, се чини дека кај огромен број жени токму моногамијата е одговорна за губењето на желбата за сексот. Имено, жените многу почесто од мажите имаат проблем целосно да му се препуштат на уживањето во сексот со еден постојан, стабилен партнер.

Дитхрих Клусман, психолог од Универзитетот во Хамбург неодамна спровел една анкета помеѓу 2.500 илјади парови кои се наоѓале во долги, стабилни врски, фокусирајќи се на силата на либидото во зависност од должината на нејзиното траење. Според резултатите кои ги објавил во студијата „Сексуалната мотивација и должината на врската“, за време на првите четири години од партнерскиот однос, мажите и жените чувствуваат поеднаква сексуална привлечност еден кон друг. По овој четиригодишен период, сексуалниот апетит кај жените започнува да опаѓа. Интересно е дека резултатите од истражувањето на Клусман покажуваат дека ваквиот ефект на намалување на сексуалната желба не се појавува кај паровите кои не живеат заедно.

На малку поинаков начин, резултатите на Клусман беа лабораториски потврдени од психолозите Саманата Досон и Стефани Бот. Работејќи независно, и со помош на плетизмографот, тие ја следеле матрицата на сексуалната возбуда кај субјекти од двата пола, додека по неколку пати им покажувале снимки од хетеросексуален секс. Првобитната презентација на еротските снимки кај двата пола предизвикала зголемување на сексуалната возбуда. Но по неколку прикажувања на снимката, било забележано дека таа побрзо и посилно се намалува кај жените. Но со воведувањето на еден нов стимул, поинаков видео запис, женската возбуда повторно се зголемувала, побрзо и посилно отколку кај мажите.

Кон првиот дел

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com
Слики: Џиндра Ноеви

ОкоБоли главаВицФото