Доаѓањето на Дерида

23.08.2013 08:53
Доаѓањето на Дерида

Маламир Маламов ги собираше крушите кои паднале на тревата кога зад неговиот грб зачкрипи вратичката и во дворот влезе Стојна, поштарка ковчеста како хиена и речиси исто толку убава, обрасната во седи залистоци и во излижано сино сако. Ја пикна раката во своето безоблично чантиште префрлено преку рамото и важно рече: „Стигна нешто за тебе, Малам!“

Маламов мразеше да го викаат така, му звучеше како салам, но љубопитноста ја надвладеа лутината и инстинктивно ја пружи дланката. Кој ли сега се сетил на него во оваа пустелија?

„Ќе честиш?“, се исклешти Стојна не извлекувајќи ја раката.

Ѝ даде круша. Му го предаде ковертот, ја избриша овошката од ракавот и загриза. Маламов го виде знакот на Францускиот културен институт во горниот десен агол и многу значајно ги крена веѓите. Како по ѓаволите ја дознале неговата адреса?... Ковертот содржеше информативна брошура испечатена на скапа хартија и писмо адресирано до него лично. Внимателно го прочита. Потоа го прочита уште еднаш, со поинаков израз на лицето. Стојна ја џвакаше крушата не тргнувајќи го погледот од него. Низ брадата ѝ се цедеше бистар сок.

„Фиииини крушки“, ласкаво растегнуваше.

Маламов запрепастено трепкаше. Се наведна, подигна од земјата уште неколку плодови, ѝ ги пикна на поштарката в раце и енергично се втурна кон вратата.

„Ако треба нешто, знаеш кај сум...“, допре нејзиниот глас од улицата.

Само уште ти ми требаш, процеди во себе. Влезе во куќата и седна до печката. Одеднаш се стресе. Како не би се стресол? Дерида доаѓа во Бугарија. Жак Дерида, самиот тој. Мислителот, филозофот, деконструктивистот, таткото на постмодерната. Дерида. Мајко мила!



Со погледот помина преку полиците претрупани со книги. На видно место мудруваа делата на Жак Дерида. Смелите идеи, кои тој сјаен ум ги посеа во исцрпеното тло на хуманистиката, го освоија Маламир Маламов уште пред десет години. Во тоа време уште беше млад литерат кој ветува. Комунизмот штотуку се изгуби од историската сцена како прдеж, а имињата кои до неодамна само се шепотеа по ќошињата на факултетите веќе ги преплавија страниците на печатот. Маламов веднаш тргна да го надомести пропуштеното. Новите замисли се нафрлија врз неговиот недопрен мозок како треска. Долга низа години се бореше храбро со сложената француска мисла, додека на крајот не се претвори во еден од нејзините најдобри толкувачи. Во меѓувреме финансиската состојба нагло му се влоши, а жена му збриша во Италија со нивната ќерка единица. Маламов одлучи да го даде под наем својот стан во Софија и да се пресели во татковата куќа на село. Ја пренесе целата своја библиотека, ја продаде машината за перење за да набави половен компјутер и почна да живее едноставно и здраво на стрмнините на Балканот, како своите достоинствени предци. Одвреме-навреме неговите длабокоумни текстови излегуваа во специјализирани списанија за да потсетат на неговото постоење. Малку луѓе ги читаа, но повеќето очигледно им се восхитуваа. Доказот беше тука. Го викаат на симпозиум на кој учествува самиот Дерида.

Маламов се фати за глава. Дерида - во Софија? Ама ајде... Таму каде што живее Дерида, гнездо свиле и Лакан, Бодријар, Рикер, Фуко - тие нови божества му испраќаа на човештвото од своите олимписки врвови сигнали кои само неколку посветени беа во состојба да ги протолкуваат. Тоа спознание за посветеноста и истовремено за безопасната оддалеченост создаваше во него некоја необјаснива душевна лагодност. Но сето тоа се промени. Нешто силно вознемируваше во тоа доаѓање. Смрдеше на инспекција. Можеби Дерида се лути. Можеби некој му дошепнал дека во ова бедно Свирипичино лаици и чукнати домородци ги толкуваат неговите текстови многу слободно, па ете, тој доаѓа да воведе малку ред. Лично да ги насочи своите застапници и да ги елиминира шарлатаните кои ја расипуваат неговата наука.

Дали е тоа чест или замка? 

Во еден миг Маламир Маламов дојде во искушение да го фрли писмото во оган и да заборави сè. Но потоа му светна дека такво нешто не може да се заборави. Би го копкало додека е жив. Пичка, пичка! Не, тој не е таков. Би застанал простум пред Дерида по секоја цена. Влогот беше исклучително голем. Стана јасно дека тоа не може да биде обичен симпозиум. Самиот факт дека се одржува во хотелот Хилтон, а не во некоја неугледна универзитетска сала, доволно говореше за стилот и нивото на настанот. Таму обично се одржуваа средби на државници и претставници на бизнис елитата за да ја разбистрат иднината на југоисточна Европа.



Маламов луто утврди дека писмото патувало повеќе од дваесет дена. Беше вистинско чудо што воопшто стигнало до него. Почетокот на манифестацијата беше закажан за две недели. Според правилникот, излагањата можат да траат до пет минути - барање кое никако не му ја олеснуваше задачата. Напротив. Пет минути е идеално време за да блеснеш во полниот сјај на својата глупост. И сосема недоволно за да ја откриеш длабочината на својот ум. Особено кога спроти тебе стои еден Дерида. Се обиде да ја замисли ироничната насмевка на големиот Французин... Беше полош од гилотина!

Маламов истата вечер сонуваше кошмар. Дерида демнеше зад вратата на салата во која се одржуваше симпозиумот и го исфрлаше секој што се обидуваше да влезе. Маламов не успеа ни да му го дофати лицето. Од мракот скокнаа две силни раце со засукани ракави, го зграпчија и го фрлија низ скалите на хотелот. Се разбуди целиот во пот. Светлата месечина се пробиваше низ прозорецот. „На работа“, викна.

Но работата запна. Маламов неуморно читаше, водеше белешки, талкаше по природата, еднаш дури и се напи со надеж дека ќе го откочи својот мисловен процес. Залудно! Повеќе пати сакаше да се откаже, но потоа повторно ќе се предомислеше. Го вклучи компјутерот и зјапаше во екранот. Но ја гледаше само ироничната насмевка на Дерида. И така помина цела недела. Една жена од село му донесе парче тиква штотуку извадена од печката. Маламов ја вдиша врелата пареа, а во душата му се насели мир. Седна на компјутерот и почна да пишува. За два дена напиша дури педесетина страници. Ги прочита; му требаше повеќе од еден час. На располагање имаше само пет минути. Почна да крати. На крајот исфрли сè. Симпозиумот почнуваше утредента. Повторно се фрли на пишување. Потоа читаше со часовник в рака. Сечеше. Повторно читаше. Надвор се слушна кукурикање на петел.

„Точно пет минути!“, утврди ликувајќи.



Од утринската магла изнурна појава на велосипед. Се слушна зарипнато ѕвонче. Вртејќи искусно помеѓу дупките, Стојна се дотркала до автобуската постојка означена со искривено за’рѓано тркалце. Маламов осамено тапкаше во место. Студот го штипеше за свежо избричените образи. Поштарката го одмери, надушка и ги крена веѓите?

„Што си се средил така?“

„Одам во Софија“, смрачено рече и погледна на часовникот.

„Еее, џабе го чекаш“, одмавна со раката. „В зори тие отидоа на лов. Го земаа автобусот за да се одвезат до шумата...“

„Ама каков лов?“, праша Маламов. „А кој ќе ме однесе мене на железничката станица? Тоа е на петнаесет километри. Ќе ми избега возот!“

„Ех, а зошто ти не му се јави на човекот синоќа дека патуваш?“, дрдореше Стојна.

„Па зарем нема возен ред?“, извика.

Мудро замолчи. Маламов се загледа во нејзиното грдичко лице, а потоа одлучно се фати за воланот на велосипедот.

„Дај ми го“, рече. „Ќе ти го вратам до вечер.“

„Хм!“ Стојна се залепи за изгребаниот волан. „А што ќе ми дадеш ти мене?“

„Ама ќе ти дадам јас...“ неодредено но навредливо промрморе Маламов и ѝ го истргна велосипедот од раце. Се смести на седиштето и спрашти по патот низбрдо. Возот тргнуваше во 8:30. Со малку среќа би можел и да стигне. Во најлош случај, би можел да го фати патничкиот во 11:25 и да дојде на попладневната сесија. Уште не одлучи дали ќе остане на вечера со Дерида. Не знаеше француски и се плашеше да не се посрамоти. Беше важно да се појави меѓу гостите... Како и да се земе, тоа би било добар знак.

Воланот на велосипедот одеднаш силно се затресе. Маламир изгуби контрола. Велосипедот излета во свиокот и се стркала во ендек. Светот на Маламир му се преврте пред очите и најпосле згасна. Се освести на дното од каменото корито на пресушената рекичка. Ногата му беше неприродно искривена на едната страна. Во тој миг забележа волк: стоеше на само еден метар од неговата глава и втренчено го гледаше со своите жолти очи. Од ноздрите му бликаше пареа. Маламир Маламов не смееше да се помрдне. Одненадеж одекнаа истрели над оголените стебла. Животното ја свитка опашката и избега. Се сврте на грб и го впери погледот во ведрото небо. Ловците го пронајдоа дури навечер. Му ставија неколку голтки ракија во устата и го ставија во автобусот заедно со остатоците од велосипедот.

„Ќе закрепнеш, човеку!“, го потапка возачот и го стартуваше моторот.

Самото име на деконструкцијата која на запад веќе премногу изгуби од својата привлечност (и која барем како тема на конференциите повеќе не го интересира никого) и понатаму по раштрканите стрмнини на Балканот звучи како воинствен извик кој влева храброст.

- Андреас Росенфландер, списание „Култура“

Превод: Иван Шопов

Цртежи: Пет Пери

 

ОкоБоли главаВицФото