Сончање во Брисел и медиумските слободи

03.12.2013 11:26
Сончање во Брисел и медиумските слободи

Пред две недели, премиерот без дилеми ни кажа дека сонцето ќе изгрее во декември, без оглед на резултатите на претстојниот самит на ЕУ. Му верувам. Како што му верувам кога вели дека времето ќе покаже дали братот Субрата, со кој се гушкаше и свечено ораше неговиот кум а наш министер за финансии, ќе инвестира или нема да инвестира во Македонија. Или ќе инвестира, или нема да инвестира. Трето нема. За сонцето оваа дилема не важи, тоа мора да изгрее, и тоа Груевски, а и сите ние, добро го знаеме. Арно ама нашите властодршци забораваат дека сонцето во декември не грее исто како она во лето. Но, без оглед на тоа, како и секогаш, ја носат Македонија (и нејзините граѓани) во Брисел „да се сонча“, на минус десет облечена по гаќи и синдикалка. И по можност, да се слика. За спомен и долго сеќавање, до следниот декември.

Додека траат „подготовките“ за нашето, веќе традиционално декемвриско летување во Европската комисија, минатата недела Македонија ја посети генералниот секретар на Европската федерација на новинари Гутјерес. И тој имаше што да каже во врска со нашите декемвриски летни подготовки. Вели дека пресудата за Кежаровски е срамна, и дека на министрите Бесими и Ивановски им кажал дека новинар во Европа никогаш не би бил осуден за вакво нешто. Дека ЕФН е загрижена за драстичното опаѓање на слободата на медиумите во Македонија, состојба која ја потврдуваат извештаите на многу организации, од Европската унија и Стејт департментот, па сѐ до Фридом хаус и Репортери без граници. Извештаи на кои цел свет им верува, а кои тука од најгласните поддржувачи на власта беа прогласени за „соросоидни“. Извештаи за кои цел свет и цела Европа зборува, а за кои нашата власт молчи, веќе цела година.

Освен тоа, првиот човек на европските новинари вели дека во Македонија недостасува медиумски плурализам, дека властите треба да го споделат со домашната јавност извештајот што го пратиле до Европа за државното рекламирање, дека многу новинари во Македонија работат без договори, без осигурување, без платени одмори и денови за болест и минимална плата, дека предложените медиумски закони од властите не придонесуваат за подобрување, туку за влошување на состојбите.

Гутјерес си го кажа своето и си отиде. А што правеа во меѓувреме нашите „летувачи во најава“? Работеа. 24/7. Садеа дрвца по снегови и мразови. Промовираа машки гинеколози. Бркаа „диви продавачи“ од пазарите, а не мрднаа со прст за „питомите“ апаши кои само преку спомениците од Скопје 2014 ги „олесниле“ граѓаните за ситни 8 милиони евра. Сечеа ленти, фрлаа лопати, бркаа инвеститори во богатата Романија. Кои нели, можеби ќе дојдат, а можеби не. Трето нема.

Секако, освен подготовките за летувањето во декември, се работеше и на подготовките и купувањето шалови, капи и ракавици за летното скијање. Да не смрзнеме случајно во јуни. На сѐ треба да се мисли на време. За посетата на Гутјерес, како и за многу од наведениве работи што им ги кажал тој а и многу други во текот на целата година, нашиот премиер, министри, елоквентни пратеници од владејачкото мнозинство и нивните медиумски сојузници не изустија ниту збор. Па добро бе, кој сега ќе мисли и ламентира за медиумските слободи, кога има толку многу поважни работи, на кои треба да се мисли и кои треба да се направат? Затоа нашите лидери молчат. И се подготвуваат за на плажа во Брисел. Освен гаќите и синдикалките, грижливо си ги пакуваат и розовите очила, за случајно таму да не ги ослепи декемвриското сонце.

Затоа, и вие не му ја мислете многу. Накривете ја капата, ставете ги очилата, и запејте на глас: „Сакам розово да ми е сеееееееееееее“. На здравје декемвриско сончање, бричење, а богами и кратко потшишување!

Слика: Свирачиња