Чувствителна полиција

30.11.2009 11:47
korica_30_11_2009.jpg

„Не поминува една недела некој да не се пожали на полициска бруталност,“ вели Утрински весник. Тоа се педесетина ќотеци годишно. И тоа оние што се пријавени. За последниот случај МВР кажа дека ако се утврди одговорност кај полицаецот тој ќе биде казнет, суспендиран, а можеби и отпуштен. Клучниот збор е можеби. Најверојатно ќе го плеснат по рачето и ќе му кажат „Друг пат немој така“.

Претепаниот (што се осмелил да го пријави случајот) ќе си добие пријава за навреда на службено лице. Да, и тоа е забрането. А казната е прилично висока. Повеќе ви се исплати да плукнете на улица отколку да спорите се полицаец. Според изјавите, така почнала и последнава приказна: човекот бил пијан, гњавел две девојки, се појавил полицаецот, се спречкале и почнала забавата.

Од една страна се сложувам дека (до некаде) треба да се има почит кон полицијата. Сепак нив сме ги ставиле да бидат одговорни за нашата сигурност. Меѓутоа, почит се стекнува и се заработува, не се дава туку-така. Посебно не на оној што му удрил ќотек на некој за чија сигурност е одговорен. Вака испаѓа како во холивудските мафијашки филмови: плаќај си и молчи си и ништо нема да ти се случи – ние те чуваме.

Законот, како и обично, не навлегува во детали што сè може да биде „навреда на службено лице“. До сега не сум имал шанса (а ни потреба) да ги тестирам границите, меѓутоа што ако налетате на некој чувствителен полицаец? „И тогаш обвинетиот - *шмрк* - ми кажа дека капата лошо ми стои.“ Да, знам, нема толку чувствителни полицајци, ама ако сака државата да заработи од казни ќе треба да размисли за обука за чувствителност на полицијата.

Веќе можам да замислам група полицајци кај некој поп-психолог како ги откриваат и зборуваат за нивните чувства. Сцената што ја замислувам од една страна делува како пародија на Сопранови (мачо цајкани зборуваат за чувства), а од друга како некоја животна приказна на Холмарк (мачо цајкани зборуваат за чувства). Ако МВР ја прифати идејава, имајќи предвид колку сакаат да се сликаат, сигурен сум дека ќе ги снимаат сесиите. Може ќе имаме ново риелити шоу?

Шегата на страна, обуката за чувствителност може многу да им помогне на нашиве полицајци од аспект на тоа дека нема да се фаќаат за пендрек секој пат кога некој ќе ги погледне попреку или ќе ги „навреди“. Ама, да го парафразирам Џорџ Карлин, ако ти треба обука за чувствителност за да знаеш дека не треба на човек да му скршиш неколку заби, вилица и две-три ребра (која и да е причината) тогаш можеби и не треба да си полицаец. Најдоброто нешто што МВР може да го стори – ако веќе стварно им е шубе да ги отпушти – е да ги смести оние што имаат... лоша навика да се фаќаат за пендрек - во канцеларија. Што е можно помалку „службен“ контакт со граѓани. Така ќе бидат во друштво на еднакви и нема да има потреба од ќотеци.

Вакви како што се, делува дека се наопаку насадени: кога треба (28 март) си седат мирни, а кога не треба (барем еднаш неделно) мавтаат со пендреците, а овие случајно паѓаат врз некого. Со тоа што на 28 март не требаше да тепаат туку да спречат тепање. Полицијата не смее да тепа. Ниту „невини“ ниту (очигледно/докажано) виновни. Дури и некој да им дојде и да почне нив да ги тепа. Тепачките се за улични силеџии коишто не можат да му стават лисици на оној што „прв почнал“ и да го уапсат. Оние коишто немаат полициска станица каде што може да го однесат уапсениот да се олади додека му пишуваат пријава за напад врз службено лице.

Тоа е главната причина зошто во таквите случаи секогаш застанувам на страната на тепаниот. Колку и да е виновен, колку и да е ѓубре од човек – без разлика дали е тоа докажано или е само муабет на комшиите – секогаш може да го уапсат и однесат во станица. Го имаат тоа овластување. Ма какво овластување, тоа им е работа. Ако удриле ќотек место да го уапсат или да му пишат пријава (па дури и ако го уапсиле), виновни се и заслужуваат да бидат отпуштени од работа заради злоупотреба на службена должност.

ОкоБоли главаВицФото