Дроновска демократија

10.02.2014 12:00
Дроновска демократија

Односот помеѓу знаењето и власта се менува. „Знаењето е моќ“ беше горда парола која за одредено време го надживеа просветителскиот свет од кој се создаде. Дури и орвеловското извртување – дека незнаењето е моќ – претставуваше комплимент за верувањето во моќта на знаењето. Веројатно тоа подразбираше дека знаењето се наоѓа таму каде што е моќта, и дека затоа знаењето е неопходно таму каде што концентрираната општествената моќ се спроведува на дело, значи таму каде што е власта, односно: во власта.

Денес и еден површен поглед на тоа кој и како владее со нас открива дека власта и знаењето се раздвоени или, оптимистички гледано, се разидуваат. Во Словенија, секој јавен настап на претседателот покажува дека просветителството и неговите пароли се мртво минато – тоа важи и за настапите на мнозинството од оние кои се на помалку престижни владеачки положби. Но, да не бидеме премногу лични. Не ни оди лошо затоа што со нас владеат неспособни, неписмени и некомпетентни. Владеат затоа што токму тие најдобро ги исполнуваат барањата на системот. (Сепак, тоа што ние сме ги избрале е навреда која сме одлучиле да си ја нанесеме самите себеси.) Деградацијата на власта и уништувањето на образовниот систем, на пример, не се некакви посредни, ненамерни, секундарни ефекти на неолибералниот режим, ниту неизбежна жртва на која нè принудува кризната ситуација, затоа што, за жал, поинаку не може. Не, тоа се изрази на логиката на системот во кој опаѓа значењето на знаењето, систем на кој повеќе не му е потребно квалитетно и широко достапно образование, систем кој, на крајот на краиштата, се потпира на флексибилна, а не на квалификувана работна сила.

Да го погледнеме овој проблем таму каде што се кристализира глобалниот систем, во САД. Тој кристал е беспилотната, дроновска демократија. Во дроновската демократија важи правилото дека врвот на политичката власт во нормални услови се раководи според логиката на вонредните услови. Децизионизмот, донесување одлуки од животно значење, кое не е поврзано со владеење на правото и е типично за вонредни случаи, се наоѓа во сржта на редовното функционирање на демократскиот систем. Станува збор за животни одлуки затоа што се одлучува за живот и смрт. Овие одлуки се од централно политичко значење затоа што не ја одредуваат само судбината на непријателите, туку одредуваат и кои се непријатели – што според одредено сфаќање на политиката е самиот поим на политиката. (Инаку, таквото сфаќање на политиката го поврзуваме со нацизмот, но во последната деценија тоа се вдоми во најдемократските држави.) Овие одлуки се легитимираат со војна („против тероризмот“), што е правилно од концептуална гледна точка, но збунува тоа што војната не се води во воени туку во редовни услови. Ако врвот на државниот апарат е во војна, во демократски систем кој редовно функционира, војната е редовна состојка на демократијата.

Доколку одлуките се донесуваат без знаење на граѓаните, тогаш тоа е неразделно од опишаната логика на одлучувањето. Денес е нормално граѓаните да не знаат што прави власта, затоа што според логиката на вонредните околности и не треба да знаат. Не знаат ниту кој, ниту каде, ниту кога и според какви (ако ги има) закони, ниту зошто донесува одлуки со кои ги вовлекува во војна за живот и смрт. Демократијата го подразбира граѓанското незнаење како еден од своите основни елементи и таа го произведува истото. Се разбира, тоа не е исклучива карактеристика на демократијата. Иронијата е во тоа што демократијата стана токму тоа што во идеални услови не би требало да биде. Нејзиниот главен столб би требало да бидат информираните граѓани. Сега, граѓанинот е предмет за собирање информации – во размери кои не се запаметени во историјата.

Но, во дроновската демократија е клучно тоа што ниту самата власт не знае што прави. Се разбира, точно е дека знаењето на секој облик на власта е ограничено, фактичко и начелно. Генерално, на ограниченото знаење на власта инсистираа Хајек и дружината, кога во триесеттите години од минатиот век го формулираа неолиберализмот. За нив прашањето за знаењето беше од клучно значење. Заради тоа што знаењето на државата е недоволно, односно ограничено, тие тврдеа дека државата мора да се откаже од амбициите да ја уредува економијата. Но, никогаш не тврдеа дека државата треба да има доволно знаења за да ја води политиката. Дроновските демократи, интелектуално џуџестите потомци на првата генерација неолиберали, не знаат што прават кога донесуваат одлуки кои ја дефинираат природата на државните политики.

Ниту високите државни службници кои ги донесуваат одлуките за беспилотните напади, ниту оперативците кои на крајот од процесот ги лансираат ракетите, најчесто не знаат кого нишанат, а уште помалку кого убиваат. Одлуките често се засноваат на фрагментирани податоци кои разузнавачите, кои повеќе од еднаш покажаа дека не е тешко да бидат излажани, ги добиваат од неверодостојни и непроверени извори. Одлуките се донесуваат врз основа на претпоставки, понекогаш и заради освета. Критериумите за утврдување на непријателот и проценката на степенот на опасност кој го претставуваат се неверодостојни и нивната употреба воопшто не е совесна. Не се работи за тоа дека грешките се можни. Според зборовите на поранешниот шеф на групите од ЦИА задолжени за Бин Ладен, оперативците „не сакаат да знаат кого ќе убијат“.

Убивањето е само отстапување од добивање сознанија од убиените. За време на претходниот американски претседател непријателите биле измачувани за од нив да се дознае нешто. За време на сегашниот претседател ги убиваат. Така напредува човештвото: се откажавме од измачувањето, затоа што е незаконско и за голем дел од јавноста е непријатно и го заменивме со вонсудски егзекуции (при што нешто и заштедивме).

Значи, во државниот врв одлучуваат за егзекуциите не знаејќи точно кого ќе убијат. Исто така, не знаат ниту што ќе постигнат со таквиот вид убивање. Студиите покажуваат дека дроновските егзекуции не се средство за постигнување стратешки цели, туку средство чија употреба ги определува целите и стратегијата. Со дроновите убиваме затоа што можеме, не знаејќи што сакаме да постигнеме со тоа, ниту што постигнуваме навистина. По аналогија, словенечкиот претседател не зборува затоа што има нешто да каже, туку затоа што може да зборува.

Другиот кристал на логиката на глобалниот систем кој само накратко ќе го споменам се центрите на финансиската моќ. До кризата не нè доведе таканареченото класично банкарство, туку креативниот дел на „финансиската индустрија“, финансиските шпекулации. По шест години анализи и размислување (како и глумење незнаење и избегнување) одлуките кои доведоа до финансиска и економска криза можат да се опишат како коцкање. Како што за дроновската демократија е карактеристична коегзистенцијата на најсовремените технологии и незнаења, така овде врвната технологија и високата математика се впрегнати во игрите на среќа, впрегнати во основното незнаење за тоа што носат прифатените одлуки.

Извор: http://www.dnevnik.si

ОкоБоли главаВицФото