Мексиканскиот залив

26.08.2010 11:51
Мексиканскиот залив

Го дочекавме среќниот крај. Претседателот Обама го прогласи Мексиканскиот залив за „повторно чист и отворен за работа“, а потоа со ќеркичката наводно се избањал во неговите води. Некои велат дека водата во која се натопил со детето на пропагандната фотографија не била од Мексиканскиот залив, што е прилично веројатно. Од друга страна, пак, претседателот, во кој губат доверба сè поголем дел од неговите гласачи, можеби си верува самиот себе си. Имено, овој господин пред два месеци вети дека Мексиканскиот залив ќе биде „уште поубав и почист“ отколку што бил пред излевањето на нафтата.

Со овој бисер Обама се постави рамо до рамо со Божидар Вучуревиќ кој ветуваше изградба на „уште поубав и постар Дубровник“, или претседателот на словенечката влада, кој сака да направи уште поубава и поприродна Липица (село во Словенија на границата со Италија од кое потекнува позната раса коњи Липицанери). Во сите три случаи, ако гледаме формалистички, станува збор за зборување глупости. Не се работи само за логичките дупки, туку и за буквалните: од дупките на голф терените на Крас, преку дупките од гранатите во Дубровник, до нафтената дупка во Мексиканскиот залив. А сите се поврзани со големи нешта. Ако почнеме од крајот: со развојот на економски значајниот словенечки туризам, со големата војна на средно големиот народ и со огромните добивки. Сиве овие големи нешта, всушност, се поврзани со разорувањето, но на таквото уништување во нашево време му се припишува творештвото. Кога проектантите на т.н. американски век прејдоа од зборови на дело, го сковаа поимот „креативна деструкција“, или творечко уништување.

Во Мексиканскиот залив креативниот аспект на уништувањето беше помал, освен ако му веруваме на американскиот претседател дека при сето тоа се доби (ќари) чистење и разубавување на заливот. Извесно е нешто друго: кај оваа нафтена приказна се работи за огромни пари. Ама немојте да си помислите дека „големите пари“ се доларите кои Бритиш петролеум (БП) ги употреби за запирање на излевањето на нафтата и чистење на загадувањето, или за плаќање на потенцијалната отштета. Тоа претставува ситнеж кој нема да го загрози профитот ниту на овој нафтен великан ниту, пак, на другите.

Нафтената индустрија е најисплатливата дејност во светот. Можеби на Вол стрит се бањаат во пари, ама добивките на тамошните финансиери во споредба со профитите на големите нафтени компании се незначителни. Во деловно лошата година, Exxon Mobil имаше само 19 милијарди долари добивка. Неколку години претходно, кога работата одеше подобро, во касата на Exxon Mobil капнаа 45 милијарди долари чиста добивка. Велат дека тоа е најголемата заработка во историјата и дека износот го преминува БДП на повеќе од половина држави во светот. Во истата 2008 г. Royal Dutch Shell имаше 27,5 милијарди долари профит: 75 милиони на ден. Чистата добивка на БП пред таа најлоша година изнесуваше 20 милијарди долари.

Парите се моќ. Не зачудува тоа дека големите нафтени корпорации се помоќни од многу држави. Денешниот БП, на пример, на своја совест го носи пучот во Иран од 1953 г., кога го отстранија демократски избраниот премиер Мохамед Мосадек, бидејќи заработката на тамошната нафтена индустрија ја насочи кон националниот развој и со тоа ги оттуѓи парите од Британците. Во моќните држави големите нафтени компании не треба да ги уриваат владите бидејќи демократијата им овозможува збор при изборите и водењето на државата. Последниве три години, да речеме, тие во домашната американска политика вложија околу 200 милиони долари. Тоа не се нарекува корупција, туку лобирање. И после, кажете дека нема никаква врска со претседателовото натопување во Мексиканскиот залив?

200 милиони долари се мал износ во споредба со 34-те милијарди кои нафтените великани ги вложија последниве три години во „истражување“, односно барање нови наоѓалишта, но е многу во споредба со парите што се издвојуваат за безбедните технологии за вадење на нафтата. Conoco Phillips изминативе три години за таа намена употреби 1,3 милиони долари. БП беше речиси распашан во тој поглед. Ако им веруваме на изјавите на нивните претставници додека беа ислушувани пред американскиот Конгрес, за истражувањето на побезбедни технологии тие плаќале по 9,6 милиони долари секоја година во изминативе три. Еден од развојните приоритети е оној дека технологијата за спречување, ограничување и чистење на изворите на нафта, технологија која изминативе месеци ја користеа во Мексиканскиот залив, сè уште е истата како и технологијата со која пред 20 години ја чистеа Алјаска кога таму потона танкерот Exxon Valdez.

Со помош на таа технологија тогаш успеаја да отстранат околу 8% од излеаната нафта. Преостанатата испари, потона или се наталожи на брегот. Се проценува дека 16 000 галони сè уште го загадуваат местото каде потона танкерот. Доволно, за да не си помислите дека во Мексиканскиот залив навистина се исчистени ¾ од излеаната нафта. (Инаку, излевањето во Мексиканскиот залив беше дваесет пати поголемо од она во Алјаска.) И дека БП ќе бидат финансиски страшно казнети. Компанијата Exxon по катастрофата мораше да плати околу 10 милијарди отштета и казни. По речиси две децении правдање, американскиот врховен суд во 2008 г. реши дека не треба да се плаќаат повеќе од 507,5 милиони долари. Вредноста на акциите на БП повторно расте, а компанијата повторно ќе дупчи во Мексиканскиот залив. Не се откажаа ни од дупката која неколку месеци исфрлаше чиста нафта. Дали во меѓувреме, додека се занимаваа со нејзиното затнување, развиле нова технологија?

Ако помислиме на тоа дека американската влада планира милијарди долари за воена гаранција за нафтата, дека, поконкретно, во овогодинешните воени пресметки САД гарантираат за доток на нафта во вредност од 90 милијарди долари, би било наивно да се мисли дека една цивилна несреќа ќе промени нешто. И тоа е само еден аспект од испреплетеноста на високата политика и големите нафтени корпорации. Покрај милијардите долари добивка, кој ќе се осврне на сиромашните кои рибарат во Мексиканскиот залив и останатите пониски облици на живот?

Извор: Dnevnik

Илустрации: Onesidezero

ОкоБоли главаВицФото