Големината на нецивилизираноста

15.12.2009 13:50
179.jpg

„Големината на едно цивилизирана држава и на нејзиниот прогрес се гледа во начинот на кој ги третира најранливите членови на општеството.“ – Ганди, Труман, Черчил... и многу други.

Искуствата кои ги носи студирањето и живеењето на запад се неретко впечатливи сеќавања кои секогаш отвараат интересни разговори. Разликите помеѓу македонскиот образовен систем и системите на запад се често тема на разговор која знае да разгори големи страсти. Секој слушнал (но и поддржал) дел од стереотипите на темата: „Американците се глупи, не учат ништо; нашите студенти на запад се секогаш студенти на генерација“, итн. И секако, обратните примери: „на запад се многу поорганизирани, се учат практични и полезни работи; образованието е поапликативно“ итн.

Но, судирањето со образовен систем на запад најчесто нуди и еден подруг тип на образование во кој ретко навлегуваат чаршиските муабети, за жал. Станува збор за образованието кое е содржано во инфраструктурата на самиот систем и во третманот на неговите „корисници“: во квалитетот на студентските домови, истражувачките центри, лабораториите, спортските сали итн. Но, уште повеќе, во училишните клупи адаптирани за „леваци“. Во столчињата за студентите во инвалидска количка. Во рампите пред и во секоја зграда. Во паркинг местата резервирани за луѓе со посебни потреби. Во упатствата напишани со Брајова азбука покрај копчињата во лифтовите. Во семафорите кои свират, покрај тоа што светат. Во диктафоните достапни во секоја училница. Во тоалетите со повисокои тоалетни седишта во секоја зграда, не само факултетските туку и градските. Во некој како колегата Мајкл, надежен млад скокач во вода чија кариера завршила при удар во штицата за скокање. Но не и животот. И покрај врзаноста за инвалидската количка, тој на своите 22 години беше апсолвент по физика, а денес е вработен научник во НАСА.

Го паметам Мајкл затоа што беше исклучителен колега и другар, но и зашто на некој начин го донесе образованието (и воспитувањето) на кое во своите претходни 13 години образование во Македонија никогаш не наидов. Тој беше првиот дечко со физички предизвик кого го видов да вози кола и се движи по улица, а камоли да седи во клупа до мене. Ја паметам и Ејми - девојката со оштетен вид со која покрај училницата споделував и безброј надежи, желби, но и тага. Тоа беа колегите кои со своето присуство го нудеа образованието кое неретко во Македонија недостасува – посебно им недостасува на оние кои одлучуваат за работите од јавно значење и потреби.

Во една прилика запрашан како треба да се организира општеството славниот Ворен Бафет одговорил: „Замислете се 24 часа пред да се родите. Одеднаш пред вас се појавува наречникот и вели, ‘Ќе ти дозволам да ги одредиш правилата на општеството во коешто ќе се родиш. Можеш да ги одредиш економските правила и закони, и кои било други општествени правила. Но, сите правила коишто ќе ги одбереш ќе важат во текот на целиот твој живот и за време на животот на твоите деца.’ На што вие велите, ‘Па, сето тоа е убаво, но која е замката?’ На што наречникот одговара, 'Еве ја замката: не знаеш дали ќе се родиш богат/а или сиромав/шна, бел/а или црн/а, машко или женско, физички способен/а или хендикепиран/а, интелигентен/а или ментално предизвикан/а.'“

Пет до десет отсто од популацијата во Македонија имаат некаков хендикеп, додека околу 500.000 граѓани на Македонија на директен или индиректен начин се засегнати од сопствениот хендикеп, хендикеп на членот на семејство или хендикеп на својот пријател.“

И покрај овие податоци, Македонија имаше рампи за скејтборд на градскиот плоштад пред да изгради рампи за луѓе со физички предизвици во институциите. Македонија е земја во која политичарите помпезно го најавија градењето рампа пред Парламентот за прв пат по 70 години постоење, наместо да се засрамат. Со среќа нека им е на хендикепираните граѓани при поминувањето на тротоарите кои водат до Собранието, при искачувањето до вториот кат во Основниот суд, до вториот кат на Правниот факултет, до студентски прашања на кој било факултет. Со среќа нека им е при обидот да влезат во која било банка, болница или продавница. Со среќа нека им е во земја во која Законот за заштита на правата и достоинството на лицата со хендикеп е нацрт план за кој се зборува само пред избори, а од лицата со хендикеп се слуша само кога некој „јавен служител“ ќе добие награда зашто бил „фин“ да одвои пет минути и да ги слушне нивните проблеми.

Во Македонија во училиштата нема место за децата со посебни потреби. Нема место ниту во градинките, а единствените кои не забораваат на нив се странските фондациите, кои изгледа се единствени кои навистина се згрозуваат од начинот на кој државата се однесува кон најранливите. Така деновиве во едно основно училиште се отворила првата паралелка за деца со аутизам - донација од швајцарска фондација.

Македонија е една од ретките земји која сѐ уште има специјални училишта за деца со посебни потреби и студентски домови во кои студентите со посебни физички потреби се одвоени. Оваа ситуација води до отуѓување, стигматизација и отфрлање на овие лица. Па затоа никому во државата не му е чудно што од осамостојувањето до сега Македонија немала ниту еден политичар со посебни потреби. Ниту еден новинар и јавно лице. А нема, зашто ни во училиштата нема деца со посебни потреби. Нема ни во градинките, ниту во банките, продавниците. Ги нема на улиците. Тие се изолирани и отфрлени од општеството кое се гордее со својата цивилизациска големина отсликана единствено во грандиозни планови за споменици. Властите со години се правдаат дека за училишта кои ќе одговорат на нивните потреби нема пари. Нема, зашто спомениците на Александар Велики се приоритет. Приоритет е и прекопувањето на скопскиот плоштад на секои четири години. Небаре фалат препреки низ градот.

Нашите функционери се инспирирале од запад. Штета што единственото искуство и знаење со коешто постојано се враќаат од запад е она кое што се стекнува при ѕверењето надолу. Како што сите упорно одиме само надолу, така и нашиот скопски Коце се загледал во коцката наместо во на пример фактот што Париз покрај коцката ги има и имал Сара Бернхарт, Анри де Тулуз – Лотрек Антоан Пине - лица чиј хендикеп не нѐ спречил да ги препознаеме, а со голем дел да и се гордееме, дури и ние.

Нам Македонците пред раѓање изгледа ни се појавила златната рипка, наместо наречникот, па така веруваме дека она што нѐ довело до овде, ќе нѐ води и во иднината. Така и нашите политичари, со верба во рипката која ги донела до позицијата, упорно одат со главата кон дното во обидот да фатат уште некоја.

За жал, единственото нешто кое ќе ни остане во наследство по безглавото нуркање надолу е политичката филозофија која се сведува на листа за „шопинг“ полна со декларации за љубов кон земјата и евтин патриотизам. Оттука, глупоста и несериозноста на властите која денес ни се фрла како сточна храна во замена за потребните сериозни идеи за решавање на уште посериозните проблеми заслужуваат да бидат закопани за век и веков. Ете ни шанса, конечно можеме да ги зацементираме во старо-новата „коцка на плоштадот“.

Слики: Михаел Бореманс

wow...odlicen tekst.

wow...odlicen tekst. Odlicen!!!

Ovie posocuvanja se povekje

Ovie posocuvanja se povekje od potrebni. Tokmu toa - zaletanosta da se gradele velelepni spomenici nasproti nemastijata na duhot da se sogleda kade e neophodno vlozuvanje i finansiranje.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото