Моралните избори се можни, особено за интелектуалците!

28.12.2014 23:20
Моралните избори се можни, особено за интелектуалците!

Малите злосторства се прават од користољубие или од навика. Големите од верба и од убедување. Само големите идеалисти прават големи злосторства без каење; идеалите ги ослободуваат од грижата на совеста...

Кога обвинителите во Нирнберг на сведоците против Ајхман им ги поставија прашањата: „Зошто не протестиравте? Зошто се качивте во возот? Петнаесет илјади луѓе стоеја таму, а стотици чувари ве гледаа... зошто не се побунивте, не се растрчавте или зошто не ги нападнавте?“, Хана Арент со право вели дека прашањата се сурови и глупави. Целиот триумф на садистичката структура на СС-овците се базирал токму нас итуацијата во која жртвата без протест дозволува самата да биде одведена до јамата, самата да се одрече од секаков квалитет на човечки отпор: системот кој ги уништува жртвите пред да стапат на губилиште е неспоредливо подобар за држење цел народ во ропство.

Законите во вообичаените земји во светот се такви: вообичаени и стандардни законски материи. Владиниот предлог-закон за високо образование НЕ Е ВООБИЧАЕНА ПРАВНА МАТЕРИЈА.

Секој што ќе застане зад овој предлог-закон е потенцијален соработник, „инженер и архитект“, помагач и овозможувач на инфраструктурата што го овозможила владеењето на една помалку или повеќе тоталитарна матрица. Злосторствата (кон знаењето, а тоа значи и воопшто) што ќе бидат направени во име на овој потенцијален ЗАКОН се злосторства направени во име на секој што НЕ реагирал!

Го тврдам ова како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со 20-годишна наставна активност, авторство на девет научни книги, три од нив преведени и објавени во странство, и на преку 300 студии објавени во водечките списанија за општествени науки и хуманистика во светот.

Тековниот предлог-закон за високо образование, кој има шанси да биде изгласан веќе во понеделник, е:

1) „Неконцизен, нејасен, непрецизен и контрадикторен“;
2) „Не е креиран според номотехничките стандарди... зашто по својот карактер не е законска материја, па би требал да биде регулиран со упатство“;
3) „Членовите имаа невообичаено голем број ставови и поради отсуство на енумерација не можат да се читаат интегрално“;
4) Има дури и ваква забелешка: „Јазикот е лош и му треба не само лектура, туку и редактура“. (дел од извештајот на Правниот факултет).

Со други зборови:

-Ова не е Закон, туку е Упатство за употреба, лошо и штетно напишано!
- Екстерното тестирање/државниот испит е само дел од тоталитарните решенија во предлог-законот.
- Предлог-законот се коси со СИТЕ нормирачки закони во државава!
- Предлог-законот е ПРОТИВУСТАВЕН, АНТИДРЖАВЕН, НЕХУМАН, ДИСКРИМИНИРАЧКИ, НАВРЕДЛИВ, ШТЕТЕН; тој е директно уназадување од стотина образовни години!
- Предлогот е ПЛАНЕТАРНО НЕАПЛИКАБИЛЕН!*

(*Водечките импакт фактор списанија се однесуваат на cancer, brain cancer, итн. И тимови атомски физичари (брат ми е атомски физичар!) не можат да објавуваат во овие списанија без соработка со јапонски, американски, корејски, xyz тимови, кои години минуваат во акцелератори, со огромни државни буџети за истражувања и дури ниту тоа не гарантира дека ќе бидат објавени во импакт фактор списанија. ДУЗИНА Нобеловци биле ОДБИВАНИ од импакт фактор списанија по најмалку три години читања... Предлог-законот не само што не е применлив за природните науки, тој е ПЛАНЕТАРНО НЕВОЗМОЖЕН за општествените и хуманистичките науки!)
- Предлог-законот значи целосно ЗАМРЗНУВАЊЕ на секоја наставна и на секоја научна РЕПРОДУКЦИЈА НА КАДРИ, А СО ТОА И НА ЗНАЕЊЕТО како што тоа најбазично го дефинира педагогијата: како трансфер на знаење од постари кон помлади. Законот е напишан како КРАЈ на наставно-научната обнова во земјава.
- Предлог-законот е НЕХУМАН, НЕПРАВЕДЕН И ШТЕТЕН. Меѓу сите ужаснувачки одредби, извадени од мал мозок, тој подразбира најдиректен упад во приватноста на луѓето (со барањето за снимање и емитување во живо на испити, со што се врши директен упад во приватноста на студентите).


Бараме ИТНО прекинување на секаква расправа по повод Предлог-законот и пишување НОВ ЗАКОН ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ!
Овој и ваков предлог-закон треба веднаш да се прекине во секоја форма на легислативно постоење и во која било фаза на гласање или разгледување!

Повторувам: моралните избори се можни, особено за интелектуалците!!!

28.12.2014.

Фотографии: Ванчо Џамбаски