Поддршка за референдумот за спас на ГТЦ

21.03.2015 01:46
Поддршка за референдумот за спас на ГТЦ

Јадро – асоцијација на независната културна сцена, остро се спротивставува на насилната девастација на урбаната меморија и културното наследство, која се одвива последните години. Сведочиме како меѓународно валоризираните и социо-културно потврдени историски вертикали и урбани топоси бескрупулозно се поништуваат, агресивно се преобликуваат и се испраќаат во заборавот без аргументација, туку хировито, со цел да се воспостави нова историја.

За да ја потврдиме вредноста на современието во кое живееме нужно мораме да го потврдиме континуитетот загледан во разумното читање на историјата и на културното наследство.

Јадро – асоцијација на незваисната културна сцена, со протестна загриженост реагира на тенденциите за преиначување и неодговорно интервенирање во срцевината на културното наследство и социо-културната меморија. Сметаме дека ваквите интервенции, без согласност на граѓаните на Република Македонија, а во дослух со мала група луѓе кои во мигов ја имаат извршната моќ на владеење, не само што го загрозуваат идентитетското формулирање на земјата и нејзините граѓани, туку се израз на авторитарно и бескрупулозно задирање во она што треба да е„дом“ на граѓанска и мултикултурна Македонија.

Посегањето по „телото“ на Градскиот трговски центар, кој е врвно културно наследство на модернизмот, е посегање по културниот идентитет на модерна Македонија.

Доколку надлежните институции кои се обврзани да се грижат за културното наследство немаат доблест и капацитет да го заштитат континуумот во градењето на социо-културната меморија, тогаш наша e одговорноста да го сториме тоа. Токму затоа, Јадро – асоцијација на независната културна сцена смета дека е нужно да се исползува демократското право за референдум, на чија потреба укажуваат Општина центар и граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“. Даваме целосна поддршка и инсистираме дека ова е крајниот момент кога граѓаните треба да ја преземат во свои раце сопствената историја, сопствената сегашност и сопствената иднина.

Градскиот трговски центар во Скопје е последниот бастион, чие опстојување треба да биде симболички означувач за нашата свесност за заедничкото граѓанско урбано наследство и паметење.
Со почит,

ЈАДРО – асоцијација на незевисна културна сцена

(ЈАДРО – асоцијација на незевисна културна сцена е платформа за застапување на современите културни практики, критичко дејствување во сферата на културата и пошироко, брои 50 членки, организации, поединци и неформални групи)

Слични содржини

Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори / Став
Активизам / Јавни простори
Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото