Сталин ја режирал бавната смрт на Булгаков

25.02.2010 13:55
bulgakov-1926.jpg

Рускиот историчар Виталиј Шенталински ги собра писмата и транскриптите од разговорите меѓу големиот писател и рускиот диктатор во книга по повод 60-годишнината од смртта на Михаил Булгаков.

„Ја молам Владата на СССР да ми нареди што е можно побрзо да ја напуштам територијата на СССР заедно со сопругата Љубов Јевгениевна Булгакова. Апелирам на хуманоста на советската Влада и молам, мене, писателот кој повеќе не може да и’ биде корисен на својата татковина, великодушно да ме пушти на слобода“, се драматични зборови од писмото на еден од најголемите книжевници на 20-от век, Михаил Афанасјевич Булгаков, упатени кон еден од најголемите тирани на истиот век, Јосиф Висарионович Сталин.

Ова вознемирувачко писмо е датирано на 23 март 1930 г., кога мустаќлестиот Грузиец веќе удобно се сместил во Кремљ, а неговото бескрупулозно владеење почнува да зема замав и да го собира својот данок.

Рускиот историчар Виталиј Шенталински ги собра писмата и транскриптите од разговорите меѓу големиот писател и болшевичкиот тиранин во книгата која, по повод 60 години од смртта на авторот на големите романи „Мајсторот и Маргарира“, „Белата гарда“, „Песјо срце“ и др., ќе излезе во Шпанија. Шенталински успеал да ја собере и досега необјавената преписка, а одредени писма кои Булгаков ги потпишувал како Тарзан никогаш не ни биле испратени или не стигнале до Сталин.

Писмата на двајцата великани кои со своите дела или недела ја обележаа руската и светската историја и книжевност претставуваат документ на едно мрачно и злокобно време. Време на смраченост и ентузијазам, надеж и страв.

„Писмата“, вели Шенталински, „се одраз на тоа време кои ја покажуваат наивноста на писателот, неговиот мазохизам, фасцинација, но и ропската сервилност истовремено.“

Дури еден бегол поглед на искрените писма ја покажува страшната нарав на режимот кој ја уништувал човечноста. Писателот очајнички се трудел да се сретне со Сталин, да поразговара со него и да открие трошка рационалност во однесувањето и делувањето на тмурниот диктатор. Одел против својата волја, обидувајќи се да го задржи достоинството на паметен и нормален човек во судирот со искомплексираниот мегаломан чија амбиција ги надминувала неговите способности. Тоа е познато и денес: вечната тема за судирот меѓу уметниците и власта. Како што Булгаков вели во „Мајсторот и Маргарита“, ’секоја власт е насилство над човекот!’.

На писмата Сталин не му одговарал, а кога му одговарал, тоа било неочекувано и понижувачки. Писателот бил немоќен пред таквата безочна сила.

По едно вознемирувачко писмо на храбриот писател, во слабоосветлениот стан на Булгакови, на 18 април, приквечерината заѕвонил телефонот. Во тоа време ѕвонењето на телефонот или ѕвончето од влезната врата кај руските граѓани предизвикувале морници. Еден мрачен глас им најавил на исплашената сопруга и изморениот книжевник дека со Писателот ќе разговара лично Тој – Јосиф Висарионович Сталин.

- Здравствујте, таваришч Булгаков.
- Здравствујте, Јосиф Висарионович - промрморел Булгаков.
- Го добивме вашето писмо. Го читавме со другарите. Гледам, сакате да одите во странство? Зарем толку ви одиме на нерви? - со тивок глас зборувал Сталин.
- Знаете, размислував, може ли рускиот писател да живее надвор од татковината. И мене ми се чини дека не може - истиснал од себе Булгаков.
- Во право сте. И јас така мислам. Каде сакате да работите? Во Уметничкиот театар?
- Да, би сакал, но секогаш ме одбиваа.
- Само пратете молба. Имам претчувство дека ќе се согласат да ве примат – со иронија во гласот рекол водачот на меѓународниот пролетаријат.
- Да, да, но јас морам да се сретнам со вас и да поразговараме.
- Ќе најдеме време, задолжително ќе најдеме – рекол Сталин и ја спуштил слушалката.

Булгаков, како што и предвидел Сталин, по итна постапка бил примен на местото помошник на главниот режисер во МХАТ (Московски уметнички академски театар), а малку подоцна, некаде во 1939 г., ќе го добие местото либретист во Бољшој театарот. Но Сталин не го оставил на мира. Не му дозволувал да пишува, често бил малтретиран од уметничката режимска елита, ама не бил апсен, ниту убиен како многу негови колеги. Ама не го пуштал ни во странство (како Евгениј Замјатин, за кого се заложил Максим Горки). Сфаќал дека таков гениј не смее да му се испушти од контрола. Играта мачка и глушец ја покажала вистинската природа на режимот.

Булгаков и неговата сопруга во 1934 г. биле повикани во полиција за да си ги подигнат пасошите. „Конечно ќе го видам светот!“, прерано извикнал тој. На масата во мрачната просторија стоеле два нови пасоша, но инструираниот чиновник, мавтајќи им со пасошите пред носот, постојано им велел да дојдат „утре“. На крајот, на брачниот пар кој секојдневно доаѓал да си ги подигне пасошите, строгиот партиски војник им рекол: - Не!

Повремено некои од делата на Булгаков влетувале во репертоарите на московските театри, но исто толку брзо биле и симнувани. Сталин ја сакал претставата „Деновите на Турбинови“, но велел дека таа е ’антисоветска драма’ и дека ’Булгаков не е наш’. Сепак, претставата повремено била прикажувана. Тие години во советските весници излегле 298 навредливи и понижувачки текстови за Булгаков, и само 3 пристојни. Самиот писател ги избројал.

Некаде на почетокот на 1931, Булгаков, целосно уништен, бидејќи тајната полиција веќе двапати му го претресла станот и му го одзела ракописот „Песјо срце“ (кој по неколку години му бил вратен), како и личниот дневник, скршено се обидувал да го одоброволи раскалашениот злосторник. Сталин го излудувал.

„Бидете мојот прв читател“, покорно и воодушевено пишувал Булгаков. Тој сакал да создаде однос со црвениот император каков што Пушкин го имал со царот Николај I во 1826 г. Имено, споменатиот цар ја имал привилегијата прв да ги чита стиховите на Пушкин. Но Сталин не го удостоил својот Пушкин.

Сосем потиштен, Булгаков смогнал храброст и на 30 мај 1931 г. му напишал уште едно писмо обидувајќи се со искреноста и отвореноста да допре до мрачната душа на суровиот владетел. „Од крајот на 1930-та боледувам од тешка неврастенија со напади на паника, тешкотии и потиштеност. Во состојба сум пред срцев удар“, отворено пишува Булгаков, продолжувајќи: „Дотепан сум. Имам идеи и планови. Ама немам физичка сила. Ги немам потребните услови за работа. Причините за мојата болест ми се јасни. На широките полиња од руската книжевност во СССР бев еден осамен волк. Ми советуваа да го сменам крзното. Лош совет“, вели Булгаков за бројните совети на пријателите да напише нешто ’лојалистичко’, но тој вели дека не сака бидејќи ’сатирата е она што е зашто авторот не ги дели ставовите за кои пишува’. „Волкот со друго крзно, потстрижениот волк, сепак не станува пудлица. Со мене постапуваа како со волк. И со години ме прогонуваа по правилата на книжевната хајка во оградениот двор. Не сум лут, ама сум многу изморен. Па и ѕверовите се изморуваат“, меланхолично пишува Булгаков. „Ѕверот вели дека не е волк. Не е литерат. Ја негира својата професија. Замолчел. Тоа е, искрено кажано, малодушно. Не постои писател кој би замолчел. Ако замолкнал, значи не бил вистински писател. А ако е вистински и престанал – тогаш умира“, завршува авторот на „Мајсторот и Маргарита“.

Сталин го примил и тоа писмо, но одбил да му одговори. Му замерил со зборовите дека Булгаков „нема намера да и’ се прикаже на владата во поволно светло“.

Опкружувањето на Сталин бара да се казни писателот поради дрскоста и „антисоветските дела“, но Сталин само одмавнува со главата. Сака и понатаму да си поигрува со големиот автор на романот „Мајсторот и Маргарита“, кој неодамна во Русија беше прогласен за најдобар руски роман за 20-от век во неоспорно силна конкуренција.

Булгаков не се откажува, се надева дека Сталин сепак ќе го прими и дека во разговорот со него ќе го промени карактерот на тој тиранин. Во 1934 повторно му пишува и го моли да не го измачува повеќе. Одговор нема, но одредено време изживувањето престанува.

Во ноември 1939 г., целосно здробениот Булгаков воопшто не наликува на волк. Тој е скршен. Сепак, успева да го доврши своето ремек-дело, „Мајсторот и Маргарита“, роман кој е полн со алузии на страшната политичка чума која ја уништи Русија. Бара дозвола од диктаторот да замине на лекување во Италија. Нема одговор.

На 10 март 1940, неколку часа откако големиот книжевник починал во својот кревет, во 48-та година од својот макотрпен живот, заѕвонил телефонот. Еден сув глас од другата страна ја прашал преплашената сопруга:

- Почина другарот Булгаков?
- Да – кратко одговорила таа.

Од другата страна само ја спуштиле слушалката.

Булгаков е погребан без никакви свечености на елитните гробишта покрај Новодевичниот манастир.

По Втората Светска војна сопругата на Булгаков собрала храброст да го замоли Сталин да дозволи објавување барем мал зборник посветен на писателот и неговото дело. Кремлинскиот злосторник премолчел.

„Мајсторот и Маргарита“ за првпат во СССР бил објавен во 1989 година.


Извор: jutarnjilist.hr

ОкоБоли главаВицФото