Резултати од првиот дел на конкурсот за куси-куси раскази

06.08.2010 13:39
Резултати од првиот дел на конкурсот за куси-куси раскази

По двомесечното прибирање, разгледување и препрочитување на расказите што ни ги испраќавте, редакцијата на Окно го донесе следниот заклучок – конкурсот беше успешен бидејќи неколку автори, по квалитетот на своите дела, се издвоија од останатите.

Најпрвин, да кажеме нешто накратко за пристигнатите раскази. Кај еден дел од нив, во голема мера беше забележлива „незрелоста“ на авторите (со наша претпоставка дека се работи за млади лица), како и недостатокот на исполнување на основните правописни стандарди, што значително влијаеше на стеснувањето на кругот на потенцијалните победници. Исто така, еден дел од расказите не влегоа во конкуренција бидејќи ја надминуваа дозволената граница од максимум 1200 знаци (иако редакцијата, со цел промоција и претставување на што е можно повеќе автори, беше толерантна, па ги објавуваше оние раскази кои ја надминуваа границата за десетина-дваесет знаци). Сепак, се работеше за голема конкуренција, бидејќи во потесниот круг влегоа дваесетина куси-куси раскази. И затоа, бидејќи една од намерите на овој конкурс беше и охрабрувањето на младите автори, покрај редовните награди за прво, второ и трето место, решивме да доделиме и неколку специјални награди (по две книги од издавачката куќа Темплум) на авторите за кои сметавме дека заслужија на некој начин да бидат издвоени поради квалитетот на своите раскази. Исто така, на крајот од овој прилог ќе ви претставиме неколку раскази за кои сметавме дека заслужија да бидат пофалени и повторно објавени.

Редакцијата на Окно за победник на првиот дел од Конкурсот за куси-куси раскази ја прогласи Николина Нолевска со расказот „Демони и луѓе“.

Нолевска на еден успешен начин, преку употреба на фантастични елементи и поетика, во стилот на големите автори како Буцати, Борхес, Урошевиќ и други, гради една мрачна и загадочна атмосфера, раскажувајќи ни за вечната борба меѓу демоните и луѓето. Нејзиниот расказ ја продолжува старо-новата традиција на фантастиката во нашата книжевност и претставува едно кусо и вкусно прозно парче кое се проголтува во еден залак.

Николина Нолевска - 1 место

Демони и луѓе

Нè опседнуваа секојдневно. Нивните сенки лазеа по ѕидовите и раѓаа немир во душата. Раскажуваа приказни за времињата кои поминале и во кои добро се живеело. Кога зборуваа за иднината, нивните зборови пленуваа, ама во очите им светеше желбата за славољубие. Нивните зборови коваа околу нас оклоп од соништа, а ние се предававме жедни за нов сон. Ветувањата ни ги заробија мислите и нашите мозоци станаа лигава течност. Ги окупиравме улиците во потрага по нивните сенки. Барем уште еднаш да ги слушнеме нивните медни зборови.
Наместо средба, откривме дека тие се вселиле во нашите куќи и потсмешливо нè набљудуваат зад стаклата на прозорците. Сега ние скитавме по улиците и залудно тропавме по нашите врати – никој не отвораше. Скриени во изобилството, тие пируваа над нашите души, како над трофеи, по добиена битка. Гледавме како пред нашите очи, напуштените луѓе се претвораат во сенки, а сенките, кои некогаш лазеа по ѕидовите и по нашите тела, добиваат човечки облик. Тоа беше игра без милост, без почеток и крај. Демоните ловеа луѓе, а луѓето ловеа демони.

Конците беа во рацете на Големиот Играч. Само тој ја знаеше смислата и целта на оваа претстава.

Второто место му припадна на авторот кој го објави расказот „Еманципатернализам“ под псевдонимот Пропагандимитар.

Пропагандимитар, преку луцидната игра со зборови и силната смисла за хумор и пародија, ни ја опишува стварноста во која живееме и во која, живеејќи, (по)лудуваме. Овој расказ, при читањето, врз читателот делува како шла(п)каница која се појавува од никаде и која освестува (ка)ко ко(ка)феин.

Пропагандимитар – 2 место

Еманципатернализам

Цивилизиранети глумираме под културнатините, цела човечност. Надежурствата по симболниците се задолжителни, додека неучниот круг се врти околу грешението за стравенката со многу грипознати. Насерението симболедува од идентитетанус, но владее заблудило дека станува збор за обична навистинка. На пазарот се нудат заразлични вакцени, а задолжителите на државата се амбалажат со крадити по заебанките и се законвертираат по именувачниците. Зборобени мора да гнетеме културлитава збогатена со свестроген и текстостерон – синтетички произведени хормони во постројките на „Заводот за дразум и свестетика“. Благодарение на пародиетата се добива очувство дека уште може да се глупостои во потрошувачкото ропштество. Кај некои прдизвикува толку силен нагон за преговорништво во гроблик на самољубиство, па НАТОварени со европство се лансираат на газен погон во сератмосферата, како писателити на јавнатото мислење. Од височините тие топло препорачуваат ЕУтаназија со помош на транзицијанид.

Третото место се решивме да му го доделиме на Иван Шопов за неговиот расказ „Приказни“.

Шопов со овој расказ горе-долу се наоѓа на слична линија со првонаградениот, градејќи една загадочно-мрачно-хумористична атмосфера во приказната за едно обично глувче кое (наводно) ги тероризира жителите на населбата од некој град, која потсетува на оние приказни што и самите ние ги измислувавме додека бевме деца.

Иван Шопов - 3 место

Приказни

Навечер во мојата населба соседите се собираат во дворовите и на клупите во парковите. Раскажуваат страшни приказни за опасен стаорец што во најмирните ноќни часови тајно ја напаѓа населбата. Велат дека има челични заби и сребрени боцки на грбот како еж. Велат дека навечер со факел во устата предводи глутница мачки со вжарено накострешено крзно и заедно подметнуваат пожари. Велат дека има трозабец на опашката и со неа става отров во зимниците што луѓето ги чуваат во визбите. Велат дека е голем колку куче, но успева да се провлече незабележан затоа што не прави никаков шум. Велат дека има смарагдни очи и може да ослепи некого со поглед, само ако посака.

И јас често присуствувам на таквите собири. Уживам слушајќи ги страшните приказни, вешто сплетени од моите соседи. Не кажувам дека страшниот стаорец всушност е обично, мало, беспомошно глувче, фатено во стапицата во мојот подрум. Зошто да се лишам од толку убави приказни?

Специјална награда решивме да им доделиме на следниве раскази:

Саатот (автор: Лидија Митоска )

Постојано го слушав.
Ми тропаше.
Ми ги броеше секундите.
Посебно ноќе.
Многу гласно.
Не можев да спијам.

Сношти го зедов, излегов, отидов до контејнерите, отворив, го фрлив внатре, го треснав силно, затворив, заминав, таму нека брои, секунди, саати, што сака, не знам, нека брои, јас се ослободив од саатот, од времето, и си отидов, и спиев!

И го сонував:
Броеше.

Осаменост (автор: Сонувачот)

Јас сум една споредна уличка.

Сите велат дека ја знаат и им е прирасната за срце, но ретко кој ја посетува.

Талент (автор: Ѓоко Бушавиот)

Си беше еден човек што сето време зборуваше како еден ден ќе напише големи дела што сите ќе ги читаат. Зборуваше како се подготвува и го чека своето време.

Само за тоа зборуваше.

Сè до вчера.

Кога ненадејно почина.

Човечка школка (автор: Андријана Андова)

Уште како малечок беше болно срамежлив. Кога го соблекуваа за бањање, телото му се вцрвенуваше како лименка "кока кола". Мајка му мислеше дека страда од некоја кожна болест, но додека беше во својата соба му се враќаше стариот млечен тен. Освен под прекривачите во својот кревет, не постоеше ниту едно место каде што се чуствуваше сигурен. Се покриваше и кога температурата беше над 40 степени. Пот му капеше од секое делче на телото, чаршафите стануваат мокри, но никој не го забележуваше. На првиот училиштен час се измоча во гаќи кога учителката му го прочита името - срам му беше да каже "тука". Седеше на столчето додека не си отидоа сите, а мочката му капеше од ногавиците на фармерките. Осум години не зборуваше, враќаше само кога ќе му се обратат со поглед вперен во земја. Го запишаа во средното поштенско училиште. Никој не се надеваше дека ќе го заврши. "Глупав е", велеше баба му. Му излезе и првата акна, а за една година му го покрија целото лице. Почна да носи и дебели очила. Изгледот го одвојуваше од другите. За да се стопи во толпата често ги вадеше очилата, па и тој ден кога го удри жолтото пежо. Не стана од асфалтот и никој не дозна дека Иван имаше добра смисла за хумор.

Чистотница (автор: Габриела Стојаноска-Станоеска)

Кога умре за неа рекоа: Беше прекрасна домаќинка. Многу чиста жена!
А ретко кој знаеше дека секогаш кога имаше можност никој да не ја види, кваките ги отвораше со измолкнатата блуза на дланките место ракавици; мочаше речиси како маж во полуисправена положба без допир со тоалетната школка, а кога сепак мораше да се задржи подолго на истото место, прво ја редеше со дебел слој хартија, па седнуваше на неа. Плаќаше највисока сметка за вода во цела населба и најмногу пари трошеше на кремови за раце со милк енд хани за многу сува кожа. Не користеше леѓен за миење на интимните делови. Признаваше само комплетно туширање. Никогаш во нејзината долгогодишна сексуална револуција, ама ниту еднаш, не и се случило да води љубов без претходно да се светне целосно. Имаше една паста за заби во бањата и една на фиоката до креветот со чаша вода, а под перница чуваше најлути бонбони со вкус на ментол. Пред спиење практикуваше јога за ментална хигиена, ама никој, дури ни нејзиниот маж, дури ни нејзиниот духовен отец кај кого се исповедаше после секои пости, ама баш никој од овој свет не дозна дека никако не успеа да ја испере желбата да проба валкан анален секс. И во гробот се сврти помешечки.

Работа (автор: Каролина Давчевска)

Некаде на полноќ, на половина пат од нашето чистење, стигнав до најсмрдливиот тоалет во кој сум влегол до сега (мирисаше преку маската). Почнав да ја прскам со вода внатрешноста, кога тоалетот се заглави. Некоја метална кутија го блокираше излезот на сите фекалии. Со помош на колегите го превртевме тоалетот за да излезе кутијата. Ја измивме со вода и на неа стоеше гравирано: За Стојна Серачкова. Колешката Стојна се појави од задните редови и ја зеде кутијата заклучена со катанче. Сите престанаа со чистењето, ужасен мирис ја наполни просторијата (тоа веројатно дека во изненадување ги извадивме маските). Стојна го раскопча измачканиот комблизон и од меѓу градите извади клуч обесен на синџирче. Го отклучи катанчето и драмски (со мала триесет секундна пауза) го отвори капакот. Во кутијата имаше порака: Врати ми ја младоста. Стојна беше силна жена. Мислев дека вечерва ќе се скрши пред кутичето. Најдостоинствено (колку што може да се биде во просторија полна со гомна), се исправи го пикна кутичето во џеб. Ја стави маската и продолжи да ги прска со вода полните тоалети. Завршивме за еден час и стигнавме дома во четири часот наутро.
Седнав да си проверам пошта и да видам што има на фејсбук. Стојна сменила статус во комплицирано е.

За горенаведените раскази можеме да кажеме дека ја оправдаа целта на конкурсот, а бидејќи веќе се одлучивме за првите три места, моравме на некој начин да ги истакнеме како одлични примери за тоа како треба да изгледа еден квалитетен кус расказ. „Осаменост“ и „Талент“ претставуваат најдобрите минијатури досега пристигнати на конкурсот.

Исто така, би сакале да ги пофалиме и следниве раскази (и автори):

Таму каде што си ти (автор: Сузана Ѓорѓиевска)

Сребрено сум и прецизно.
Без предубедувања.
Веднаш голтам сè што ќе здогледам
Такво какво е, незамаглено
Со љубов или одбојност.

Силвија Плат, Огледало

Таму каде што си ти, таму не е розовиот ѕид со флеки, а на ѕидот не сум јас. Знам, таму каде што си ти нема ниту тешки будења во изладена постела, тешки соблекувања на старомодна ноќница, тешки спомени за чудесни расцутувања. Нема тешка црна слушалка, тешка квака, тешки зборови, тешки погледи, свртен грб, соба во која нема кој да ја изгасне светилката. Ја нема сенката на мајка ти на небото со две сонца, го нема облакот на татко ти во твојот прозорец. Знам - јас за тебе бев четириаголно око на еден мал бог, езеро во кое ја најде вистината за себе. Колкупати изрони од мене како страшна риба?!

Бојата на мојот живот (автор:Маријана Јанчевска)

Прамени обоив првпат за мојата полуматура. Имаше солзи. Десетина силно треснати врати. Молби и преколнувања.
Првпат тогаш и лицето го обоив со тага. Детска наивна тага. Она во огледалото не беше она што јас го замислував.
Како средношколка имав вечно несредена фризура. Несреден живот, исто така.
Првите денови во светот на возрасните ги пречекав со рамно исечена коса. Светлокафена. Животот течеше праволиниски. Исто и косата. Завршив факултет.
Почнав да работам. Се обоив црвена. Но, не се чувствував црвено. После погребот на татко ми, се потстрижав кратко.Ептен кратко.Во берберница.
Косата растеше.Со неа и дупката во моето срце. Сакав да пишувам. Зборовите беа длабоко закопани во тагата, а јас бев премногу изморена да ги откопувам.
Стареев. Стареев, а зборовите останаа неродени. Немав ни деца. Купишта бела хартија на масата за пишување. Купишта препарати за коса во бањата. Ништо не помогна.
Умрев, а ниедна боја не ме натера да крикнам од задоволство. Истото важеше и за мажите.
Зборовите уште неродени умреа со мене.
На погребот, косата ми беше високо крената во пунџа. Сивкаста.
Безживотна, како и целиот мој живот.

ТВ-монитор (автор: Давор Стојановски)

Отсекогаш сум се прашувал за што служи наградата.
И што се наградува со неа. На пример, во порно-филмовите.
Постои награда што ја доделува магазинот АВН, и една од тие награди се доделува во категоријата за „најдобар женски изведувач на годината“ во порно-филм.
Значи, се прашувам – дали оваа награда се доделува за најдобра улога? Односно, дали наградата и’ припаѓа на онаа девојка што најдобро одглумила во соодветниот филм за кој е номинирана?
Гледајќи ги очајните напори да изнесат буквално сè од својата уста, освен правилно изговорена реченица, и гледајќи им ја очајната изведба на нивната претпоставена маска во филмот (ликот на медицинска сестра, стјуардеса, професорка), дојдов до заклучок дека несомнено наградуваат нешто друго. Наградата оди за најдобро одглумена љубов.
Поточно, за најдобро одглумен оргазам!
Тогаш, ако наградите имаат смисла, нека и’ ја доделат таа награда на жена ми, зашто од неа нема подобар изведувач на годината во категоријата глумење оргазам. Само, за жал, се нема појавено во ниеден филм.
Освен во мојот – каде што јас сум Дон Жуан, а таа е француска служителка.
Отсекогаш сум се прашувал која е смислата на наградувањето?

Вода (автор: Ну Тела)

Мојата девојка пие само флаширана вода. И тоа поради безброј, како што вели,хемиско-билошки причини: магнезиум, калциум, железо, натриум, калиум.Таа тврди дека може од прва да ја препознае водата на различните производители. Некоја била блуткава, друга тешка, трета киселкаста. Не смеам да се спротивставам, тоа не е мојата област. Јас, пак, скоро секогаш кога ќе се најдам сам, го земам празното шише и го полнам со вода од чешма. Убаво го полнам, скоро фабрички. Го сместувам во фрижидер, исправено. И таа, девојка ми, секогаш кога посега жедна по голтка вода, пие од подметнатото шише. И, да бидам искрен, досега никогаш не ја препознала.Тоа ми создава чудно задоволство и насмевка на лицето. Пред себеси изгледам како мини победник. Убаво е тоа чувство...

Мирис (автор: Каролина Давчевска)

Го сакав летото само заради мирисот на твоите кошули.
Мајка ти ги пере со прашок на Алкалоид и ти им додаваш две капки момчешка пот. Ова лето не ги носиш кошулите. Ги замени со маици на кратки ракави.
Белите миризливи кошули ги замени со портокалови маички кои не мирисаат на портокал, туку на селска мугра во разгазено гумно. Почнав да ја сфаќам суштината на стиховите: Пеј си ти нана нина нанајна...
А златно дете беше, со бели испрани кошули.

Големиот принц (автор: Живко Гроздановски)

Се будам гладен. Одам до Нијагара, се мијам, па одбирам вулкан и си правам скара. Врз пирамидите цедам лимонада, и во неа ставам по две-три санти мраз. Потоа си ги чистам забите со бандери и шини.
По ручек се туширам, во Амазонија. Поради камуфлажа, уринирам во Хоангхо, а другото го правам на Запад. Онанирам на месечина.
На пладне шетам низ паркови: гранките од дрвата ми ги скокоткаат глуждовите и убаво ми е. Ако не, си играм шах. Од разни градови собирам бисти, коњаници и тврдини, па ги редам по широки плоштади. Знам дека нема со кого да играм, но самото редење на тие фигури ме прави среќен. Кога ги враќам фигурите назад, се случува да им ги смешам местата, но тоа никој не го забележува.
Приквечер сум меланхоличен, па си симнувам ѕвезди, или си фаќам комети. Пред легнување сум тажен и тогаш го гледам зајдисонцето.
Потоа си легнувам, секогаш на свежо: во зима спијам врз Сахара, а преку лето врз тундри, или врз глечери.
Следното утро се разбудувам и животот продолжува како и обично...

Пишување (автор: Живко Гроздановски)

На почеток пишував само песни. По стих-два дневно. Татко ми ме гледаше некако сомничаво, но ништо не ми велеше. Еднаш напишав цела песна. Тоа предизвика сериозна расправија во семејството. Со денови ми повторуваа дека тоа што го правам не оди на добро, дека пишувањето го уништува човекот, дека тоа единствено создава илузија дека сè е во ред. Не ги послушав, продолжив да пишувам. Седев затворен во својата соба, читав и скицирав раскази. Победив на конкурс за најдобра песна. Моите дома веднаш дознаа и тоа беше страшно. Мајка ми плачеше во спалната, а татко ми се обидуваше да биде рационален и да ме натера да сфатам дека пишувањето ме оддалечува од другите луѓе, дека потребно е да се работи нешто корисно, за да се живее, а пишувањето е проклета работа. Повторно не бев послушен. Но не можев да престанам, започнав да пишувам и раскази. Мојата девојка ме остави. Започнав да ги губам пријателите, презафатен со пишување, немав никогаш време за никој друг. Моите беа очајни. Еден ден победив на конкурс за најдобар расказ. Татко ми започна да пие. Брат ми престана да ми зборува. Мајка ми не знае кому да се обрати. Јас не знам да престанам со пишување.
Останав сам. Загубив сè. А за некој ден треба да ја објавам својата прва книга.

Уште една... ш (автор: Стела Хубш)

Со затворени очи гледам: ми наидува, тука од десниот агол на видното поле, невеста облечена во (секако) бел невестински фустан, раскошен и со долг тул.
Преку левата рака префрлила куп весници, непревиткани, со големина на Нова Македонија. Потоа се качува на стар, црн велосипед и тргнува удолу по улицата да ги разнесува весниците.
Тоа е долга улица со редица куќички покрај неа, празна, се слева по ритчето. Се е мирно и спокојно. На невестата белиот фустан и’ се движи како што ги врти педалите, а велот позади неа долго се вее по улицата.
Преминува пред моите затворени очи од десно кон лево.

Живот без грешки (автор: Андријана Андова)

Мајка ми ми ја туткаше преполната чаша млеко пред нос и ми велеше: „Пиј добро е за коските“. Набрзина ја голтав течноста од која ми се повраќаше, а потоа со часови ги миев забите за да го тргнам вкусот. Во лето, маичка со кратки ракави облекував дури кон крајот на јуни. „Нежна си, ќе настинеш“, ми велеа, а јас се варев под долгиот џемпер. На крајот престанав да излегувам додека не ми ги извадат летните алишта. Студирав на Правниот факултет – „Тоа е фина, достоинствена професија. Ќе имаш пристоен живот“, ми кажа татко ми. Цртав стрипови, а неколку луѓе ми рекоа и дека сум добра. „Мое дете нема да се занимава со шунд литература“, беше кажано на семејниот состанок. Работев кај татко ми во адвокатската канцеларија за бракоразводни парници. Сакав да се занимавам со кривично право, но „Сите се разведуваат денес. Лесно, чисто. Нема што да се мачиш“. Се земав со Јане, син на пријател на татко ми. Од што беше досаден, половина од времето сакав да го задушам со перница. Со помош на лексилиумот дојдовме до златна свадба. Две деца – машко и женско, викендичка во Дојран (во Охрид премногу е ладна водата), семеен автомобил, обврзници, акции... Сè на сè, не направив ниту една грешка во животот.

Нова година, во стари патики (автор: Д. Краљевски)

Тоа зимско утро на работ на последниот ден од годината, беше единственото во кое заедно се пробудивме во седум часот. Се сеќавам дека беше со некоја посебност, не поради реченицата што ја приметив од книгата на Сартр, ами поради нешто послецијално. „Зимското утринско сонце топло продираше низ прашината на прозорците“ – ја препишав реченицата од книгата и тивко излегов од собата. Ја оставив да поспие, оти водењето љубов може да измори човека. Чувството е премногу слично како она кога сакаш да одмориш малку од спиење, човек може и од спиење да се умори, па и од што уште не...
- Стари патики, нова година, а јас пијана – рече смеејќи се, додека ги врзуваше патиките кои, очигледно, и’ беа мали, но немаше други, а згора на сè, тоа беше новогодишна вечер!
- Тоа ми личи на хаику, не?
- Еј, да, ќе го запаметам.
- Ајде, јас ќе го направам хаику, штом ќе се вратиме – реков и заминавме некаде низ не многу густ, но вкусен чад на барут од петарди.
Никогаш не се вративме заедно. Не дека не можевме, туку изгубивме потреба за тоа.

Панда (Марјан Алчевски)

Срцка вика дека се вика Панда, а јас и Дени и викаме да не сере зашто панда е име на мечка од Јапан и дур не видиме лична ние ќе ја викаме Срцка.
Утредента Срцка ќе заврши во болница, а Дени и јас нема да се чуеме и нема да искочиме никад више. Сè заради ласерот.
Пред Мусандра батката вика дека нема братучеди од Чаир и нека чекаме ко сите други. После пола саат сакам да си идеме ама Дени има пари за такси и не идеме нигде дур не го видиме ласерот. Срцка искача од Мусандра и прашува дали сме со кола. Дрпнала пола шише Мараскино од шанк па ако сакаме да и правиме друштво. Дени вика не сме ама као да сме.
Кај неа дома испаѓа дека Мараскино е срање од вишни и дека Срцка го дигнала и ласерот. Дени се курчи дека знае да го спои на „обична“ струја. Таман пред да се раздени Дени го пали ласерот и мафта, Срцка вриска и се смее, а мене ми се повраќа од вишните. Не и’ го дава на Срцка туку и’ светка во лицето и целата е зелена.
Две минути после тоа Срцка урла дека е слепа и дека боли, кине и да викаме некој. Дени врти 94. Јас стојам со личната и Дени ми вика дека од брза помош бараат адреса. Срцка вришти и плаче. Дени урла да му ја прочитам адресата. Дени, викам, стварно се вика Панда.

Проштално писмо (автор: Lizard Queen)

Никогаш веќе нема да го видам залезот на сонцето. Ха-ха-ха, како тоа да е важно, како да сум уживала некогаш во неговиот залез.
Никогаш веќе нема да се напијам утринско кафе. Како да е тоа важно, како да сум го пиела некогаш без да ми влезе во грбот.
Никогаш веќе нама да ги видам моите најблиски, ни тие мене... Ма, ние не се гледавме ни до сега како што треба.
Никогаш повеќе нема да се бакнам. Уф, ова треба да боли, ама не, ни за тоа не ми е грижа.
Никогаш веќе нема да склопам познанство, пријателство. И да не треба тоа да ме загрижува кога знам дека никој никогаш не ме запознал вистински? Си знам јас од искуство дека тоа е невозможно.
Единствено ми е криво што никогаш повеќе нема да имам можност да уживам во сопственото самоубиство.
_____________________________________________________________

За секакви информации во врска со конкурсот и подигањето на наградите можете да ни пишете на kuskusraskaz@yahoo.com или да ни се јавите на тел. број 3245-726 (понеделник-петок од 10:00 до 15:30 часот).

Од Вас и понатаму очекуваме да ни испраќате раскази, како и да учествувате со Ваши конструктивни коментари, предлози, забелешки и сл. Конкурсот продолжува со својот втор дел, а најновите пристигнати раскази ќе бидат објавени во понеделник.

Конкурсот е врв на

Конкурсот е врв на АМАТЕРИЗАМ.
Ама некогаш треба да се почне и така.

Почнав да ги читам

Почнав да ги читам коментарите и заборавив за што беше конкурсот.
П.С. Short story е во превод „расказ“, според тоа short short story би било само „кус расказ“. Кус кус расказ ми зазвучува како креативен рецепт за кускус. :)

Не мора да значи дека

Не мора да значи дека насловот на конкурсот е превод од англиското „short short story“.

Може англиското short-short

Може англиското short-short story е превод од нашево кус-кус расказ. :)

Па што не кажавте бре и ја ќе

Па што не кажавте бре и ја ќе испратев кус кус расказ за комшиката ми Стојна. : D )))

(к*к)+ку+кс+ук+(у*у)+ус+ск+су

(к*к)+ку+кс+ук+(у*у)+ус+ск+су+(с*с)+(расказ) = ☻
(к²+3к2ус+у²+3с2ук+с²) + (расказ) = ☻
 
 
(к²²²) + (3к+3у+3с) + (расказ) = ☻
 
(к²+у²+с²) + 3(к+у+с)  + (расказ) = ☻
1(к+у+с)² + 3(к+у+с)º + (расказ) = ☻
3(2к+2у+2с)² + (расказ) = ┴(☻→ ┴ ♀)
√6(к+у+с) + (расказ) = ☻&♀

 Некреативност, и шкрабање по

 Некреативност, и шкрабање по принципот „види овој што пишал, па зашто не и јас. Редење на зборови ѓоамити збирка биографии ќе штанцаат од Темплум. Мизерно и очајно во најкратки црти, а 70 % од трудовиве не се ни раскази, што е и најтрагичното во овој конкурс.
 

Букарски: Изминатава година

Букарски: Изминатава година имаше неколку брилијантни, антологиски колумни како на пример: “Голтач на мастило“, “Во калта на дното“, “Револуција со хебли“, кусиот серијал посветен на смртта на Тоше...
Но истовремено, во многу колумни годинава те прочитавме во едно сосем поинакво, дневнополитичко светло, во кое како да  ја прифати  реториката својствена за оние театрални булдози од партиски портпароли, и така на некој начин индиректно  го прифати жаргонот кој владее во медиумиве и повлече со тоа извесна политичка подобност.
Дали сметаш дека наградата ја доби токму заради тие повремени “политички“ излети од твојата досегашна препознатлива естетика?
 
Коља: Ова е едно од поделикатните прашања, особено за мене.
Јас сум еден од оние кои на јавниот пишан збор гледаат и во неговата естетска функција, не само во онаа мобилизаторска, едукативна, политичка...
Многу ми е важна, значи, таа естетска функција на јавниот говор (впрочем, цел живот се бавам со уметност, естетика), важно ми е зборот да не биде тоа ти што велиш, шаблонски, сведен на гола инструктивност и проста реторика и политизација - ти си онаков ти си оваков, ти земи направи го тоа итн.
Не ја сакам таа исклучиво инструментална функција на зборот и никогаш така не би сакал да го редуцирам јавниот збор.
 
Букарски: Значи не се откажуваш наполно никогаш од естетската функција, но и сеуште не ти здодеал есеистичкиот, теориски стил, проткаен со цитати?
 
Коља: ...Сум го гледал тоа и во “Утрински“ кога, на пример, некој мој релативно просечен текст добива големо читателско внимание заради некоја актуелна политичка будалаштина.
И обратно, текстови на кои сум потрошил многу време и кои вредат повеќе чисто како текстови, како стил, некогаш поминуваат незабележано, оти пофините работи кај нас повеќе-помалку се небитни, треба да се урла, да се вика, а најпожелна е хорската изведба.
 
Букарски: Тоа ли е отпор спрема убавото?
 
Коља: Не знам што е...Треба човек многу јак да биде, за да си ги носи вредносните системи релативно добро заштитени. За да не се обесхрабрува ако неговиот труд е незабележлив среде морето демагошки и популистички будалаштини.
 
Упс... :)
 
http://bukarski.blog.com.mk/node/153861

И така некако почна 

И така некако почна  рчкањето, за воденицата да почне да мели жито. Житото  е сомлено. Се е во ред. Брашно, квасец, адитиви, вода по потреба. Месење. За лепчето да биде поровко го трескаш од работна маса едно четириес пати. Ако си домаќин тип. Ако не си го гмечеш на работната маса. Во загреана рерна се печи. Над двеста, па намлуваш. Доволно долго до заруменување. Анонимниот, последниот, пред мене, кажува, камења се дорбеле. Се мелеле. Нит жито, нит пченица,  нит јачмен, нит бутур. Кога е панаѓур се се продава. Ми крцаат забите. Доволно е. Толку од просечен читател и подпросечен пишувач.
Благодарам на охрабрувањето.
Останете, здрави, живи, весели. За на некој да му се раздени, на некој друг мора да му се стемни.
 

терк за расказ

Најдобриот расказ е овој: 
 Панда (Марјан Алчевски)
Срцка вика дека се вика Панда, а јас и Дени и викаме да не сере зашто панда е име на мечка од Јапан и дур не видиме лична ние ќе ја викаме Срцка. 
Утредента Срцка ќе заврши во болница, а Дени и јас нема да се чуеме и нема да искочиме никад више. Сè заради ласерот.
Пред Мусандра батката вика дека нема братучеди од Чаир и нека чекаме ко сите други. После пола саат сакам да си идеме ама Дени има пари за такси и не идеме нигде дур не го видиме ласерот. Срцка искача од Мусандра и прашува дали сме со кола. Дрпнала пола шише Мараскино од шанк па ако сакаме да и правиме друштво. Дени вика не сме ама као да сме.
Кај неа дома испаѓа дека Мараскино е срање од вишни и дека Срцка го дигнала и ласерот. Дени се курчи дека знае да го спои на „обична“ струја. Таман пред да се раздени Дени го пали ласерот и мафта, Срцка вриска и се смее, а мене ми се повраќа од вишните. Не и’ го дава на Срцка туку и’ светка во лицето и целата е зелена. 
Две минути после тоа Срцка урла дека е слепа и дека боли, кине и да викаме некој. Дени врти 94. Јас стојам со личната и Дени ми вика дека од брза помош бараат адреса. Срцка вришти и плаче. Дени урла да му ја прочитам адресата. Дени, викам, стварно се вика Панда.

Во ред е Љупчо. Го имаме

Во ред е Љупчо. Го имаме расказот погоре.
 

 Добрите работи треба да се

 Добрите работи треба да се повторуваат.

dooobro

Navistina, jas neznam kakva bese celata konkurencija, no prvite tri raskazi se izvonredni postignuvanja - dokolku se originalni (vo sto se nadevam). Za mene tretiot raskaz e mnogu melodicen i ima fundamentalna poenta, tretiot e inovativen terminoloski i ima mislovni dostreli. Prvo nagradeniot e mnogu ubav i trogatelen na mnogu mnogu fin nacin. Se nadevam deka ideoloskata podudarnost na nagradenite so prva, vtora i treta nagrada e koincidencija, bidejki ne mi e poznata celata konkurencija.
Pozdrav i ohrabruvanje do avtorite da go razvivaat stilot. 

 greska@vtoriot (ne tretiot)

 greska@vtoriot (ne tretiot) e inovativen terminoloski i ima mislovni dostreli.

Искрено се надевав на многу

Искрено се надевав на многу подобри раскази,барем подобар избор. Мал број на раскази ми се допаднаја. Ќе помине многу време пред да се вратам на окно.мк
Збогум

ОкоБоли главаВицФото