Видеото не ја уби радио ѕвездата

20.11.2019 01:13
Видеото не ја уби радио ѕвездата

Мошне референтната книга на шведските филозофи Јан Содерквист и Александар Бард, Нетократија прецизно ја детектира врската помеѓу примената на новите технологии и општествените уредувања. Така плугот го покренал феудализмот, машината за печатење капитализмот, а интернетот денешното општество, односно она што авторите го нарекуваат нетократија.

Технологијата многу го условува и развојот на перцепцијата на музиката, а Бард многу добро го знае тоа зашто беше фронтмен на шведската поп-група Army Of Lovers која ги освојуваше топ листите во деведесеттите, беше продуцент на хитовите на денс-групата Alcazar, го оформи електро поп бендот Bodies Without Organs (не е случајно тоа што влијателната книга на неговиот словенски филозофски колега Славој Жижек се вика Organs Without Bodies!) и неговиот актуелен проект Gravitonas профилира како прв светски Spotify бенд, што сесрдно го поддржува неговиот пријател и основач на Spotify, Даниел Ек.

Трансформирањето на доминантните носачи на звук во последните триесет години сосема евидентно ја поддржува тезата дека технологијата клучно влијаеше на општествениот статус на популарната музика, нашата перцепција за нејзината важност, стилските трансформации и, најпрвин, достапноста, односно покриеноста со музички сигнал. Секако, овие промени се временски поинакви од држава до држава, но нивната брзина условува и безболно пробивање на државните, правните и социјалните граници.

Ако се вратиме три децении наназад, на нашите простори кон крајот на осумдесеттите музика се слушаше на винили и касети, кои се купуваа со цел. Главно после еднократните информации во медиумите, требаше да се одлучи што ќе се купи, зашто секој винил има амортизација. Винилите не се преслушуваат патем, потребно е да им се подари внимание, што одговара и на ритамот на живот во осумдесеттите. Освен домашните, се купуваа лиценцни изданија, а за оние кои не беа објавени во Југославија требаше да се проба среќата во дуќаните со плочи. Токму таквата посветеност на музичкиот документ значеше дека слушателите кои, на пример, во својата колекција имаат повеќе од 50 плочи сигурно ги знаат имињата на сите членови барем на десет бендови кои тогаш беа активни и популарни, од Rolling Stones и AC/DC до Duran Duran и Spandau Ballet.

Кога станува збор за стилот, крајот на осумдесеттите донесе и разрешување на енигмата за доминацијата во рамки на поп-музиката, односно за распространетоста/плурализмот на тогашните жанрови. Фактот дека после појавата на панкот/новиот бран не следеше ниеден глобален револуционерен зафат во постоечкото музичко ткиво, зборува сам за себе.

Кон крајот на осумдесеттите рокот како доминантна жанровска насока се потроши. Затоа, многу е веројатно дека U2 со албумот Rattle And Hum го заклучија тој период во поп-музиката/структурата. Имено, правејќи директен рез во сржта со ретроактивна метода на прекрасниот лајв/студиски албум кој, впрочем, е саундтрак за документарен филм, U2 докажаа дека од рок музиката веќе не може да се очекуваат елементи на доминација на поп територија. Тогаш беше запрено и експлицитно погрешното сфаќање на рокот како доминанта: рокот е вечен и непроменлив, а сите останати поп идиоми имаат улога и задача на тренд како нешто минливо и склоно кон брзи промени.

Значи, со верификација на еден жанр не се потценува друг, а исто така, ни комерцијалните референци не можат да бидат показател за вредноста на одреден поп-исказ. Едноставно, тогаш се формираше широко поле на интереси кои можат да ги задоволат сите вкусови, токму благодарение на рушењето на догматските тези за нерасипливоста на музичките насоки кои, впрочем, поп изразот постојано го вртеа во круг.

Иако во странство тоа време почнува замената на винилните компактни плочи, односно дискови, ние го усвоивме тоа за само неколку години. Па така еден од последните лиценцно објавени винили беше Nevermind на Nirvana и, според многу показатали, Nirvana е последниот бенд за кој ги запамтивме сите имиња на членовите на бендот. На почетокот од деведесеттите пристигна компакт дискот - полесен за ракување, со повеќе музика (74 наместо просечните 40 минути), малку поевтин и многу подраг на дискографите: односот на производната и продажната цена е приближно 1:20, а кај винилите 7:20. Музиката стана дигитална, а дискот ги обедини функциите на грамофонската плоча и касетата: можеше да се слуша дома, на квалитетна хај-фај линија, во автомобил или во движење, користејќи дискмен. Освен тоа, на „празни“ дискови можеше да се рипува, односно да се реже музика.

Во тој момент, жанровскиот плурализам се прелеа и на можностите за набавка: најновите дискови беа достапни веднаш, никнуваа продавници за дискови во сите градови и места (а за стара или нова музика од поранешните држави за време на воените збиднувања, требаше да се скокне до Словенија, во Илирска Бистрица или Брежице) и на тој начин се промени и нашата перцепција за музиката. Истовремено, сателитските приемници стануваат стандард па редовно може да се следи Ем Ти Ви и Ви Ејч 1, за разлика од претходно кога со недели се чекаа емисии во кои ќе свират популарни рок изведувачи како Хит на месецот или Здраво млади. Странските мелодии во Истра и Кварнер во осумдесеттите можеа да се гледаат во италијанските емисии како што се Mister Fantasy и Discoring, а вистинско уживање беа настапите на актуелните бендови на фестивалот во Сан Ремо; таму завршија дури и Smiths.

Видеото ѝ обезбеди нов визуелен идентитет на музиката кој дотогаш можеше да се види само од омотите на плочите, на постерите и на концертите. Сето тоа темелно ја промени и жанровската доминација - веќе не никнуваа мегаѕвезди, а новите изведувачи немаа трајна популарност како некогаш. Во таа смисла, публиката веќе не ги памтеше имињата на тапанарите, басистите, гитаристите и клавијатуристите, знаеше како се вика пејачот и понекогаш тој ќе се одвоеше од бендот и ќе започнеше соло кариера. Секако, исклучок беа бој-бендовите.

Следната деценија, интернетот ја презема главната улога: дисковите забележаа најголема продажба 1998 година, а од 2000-та година сѐ оди стрмоглаво, како и приватизацијата во Хрватска. Тоа се случи со појавата на Напстер. Но, од почетокот на iTunes store во 2004 година музичката индустрија почнува да закрепнува. Кај нас владејат ем пе тројките, односно културата на нелегално даунлоудирање што дополнително ја разори овдешната дискографија. Затоа што музиката сега е на дофат и тоа во неограничени количини. Се роди ЈуТјуб, албумите престануваат да бидат интересни, индустријата почна да се темели на синглови: некогашните 7 инчни винили станаа видео записи на хит песни на ЈуТјуб.

Сега веќе не е важно како се вика пејачот, доволно е да се знае името на бендот, а вредноста ќе биде поголема ако изведувачот(ката) има привлечни телесни атрибути отколку вистински музички квалитет. Индикативно, стадионските бендови од осумдесеттите и претходно, сѐ уште се големи, како и оние кои се оформија во деведесеттите, но бендот или еден од главните членови од оригиналната постава првата снимка ја објавил на винил: Pearl Jam, Foo Fighters, Dave Matthews Band… Нема ни збор за некаква жанровска доминација, секој ја бара својата нишка, информациите се достапни во реално време, а консументите сфаќаат дека веќе не мораат да одвојуваат дел од дневната соба за складирање физички изданија од својата музика: сѐ собира на хард диск.

Оваа деценија сѐ се поедностави дополнително: стриминг сервисите како што се Deezer и Spotify обезбедија моментална достапност на 90 проценти од музиката во секое време. Но и она што го немаат може да се најде на некој блог или на ЈуТјуб, кој ја унапреди својата звучна понуда. Високата резолуција во примената на компримирањето на оригиналните звучни записи е рамноправна во преслушувањето на дисковите (не и винилите!), сега музиката буквално доаѓа од подрум или покрив и целиот град танцува како да е луд.

Музиката денес може да се чува и во рачни часовници - Garmin Fenix 5 Plus часовниците и некои други модели имаат вградено Deezer и Spotify, па доволно е само да се земат блутут звучници и така да се ужива во плејлистите.

Достапноста на музиката сека е дифолтна: ја земаме здраво за готово. И - веќе не е важно кој пее, а камо ли кои се членовите. Не зачудува тоа што има повеќе соло-изведувачи, сепак нивните лица поедноставно ги памтиме преку ЈуТјуб, отколку да го гледаме целиот бенд. Додека го пишувам текстов на Топ 100 најслушани песни на хрватскиот Deezer - само 12 ги изведуваат бендови, а од нив 5 песни се од репертоарот на групата Queen. Како што паѓаше вредноста на дискографијата, така зајакна и еден друг (и трет) фронт: концертите и merchandising-от.

Но, како што видеото не ја уби радио ѕвездата, така и новите технологии не беа фатални за авторството во одредени жанрови. И покрај тоа, денес повеќе од кога било има, на пример, прекрасна рок музика, а нам ни останува само добро да го наместиме личниот музички компас кој ќе ни овозможи во шумата да го здогледаме токму нашето стебло.

Слики: Mary DeLave

Извор: https://gkr.hr

ОкоБоли главаВицФото