За мамурлакот

03.12.2010 13:59
За мамурлакот

1. Почнува сево ова со „има ли подобра тема за почетокот на викендот?“ Се спомна, значи, викенд/мамурлук, па ете прва асоцијација: Типовите кои се мамурни исклучиво петок/сабота се примероци што ниту ја потврдуваат, ниту размекнуваат мислата на Веблен/Бурдје кои велат дека смислата на мамурлукот е да бидеш мамурен кога другите не смеат да си дозволат да бидат мамурни - од понеделник до четврток, даклем...

На примероците понеделник/четврток им е важно да почувствуваат дека не мораат да работат за да бидат живи, сакаат да бидат неупотребливи, бесполезни - некој вид племство, аристократи, што ли? - демек, живи се онака, бесплатно. Викендашите си штетат на здравјето, не извлекувајќи го до крај ова задоволство, не чувствувајќи го испадот од прогресивното, вредното, работливо општество - не испаѓаат од шини, со скопски зборови. Мамурлукот на викендашите им влегува во предвидените им „трошоци“. Некој вид стрес менаџмент; а и да не е стрес, менаџмент - сигурно. Да им се олесни. Другиве, пак, попримитивни од претходните, сакаат да им е потешко, бидејќи таму, кај потешкото, малкумина се навраќаат.
Целата приказна лесно/тешко е неважна! „Важно да сме малкумина“ - мислат, последниве, не знаејќи.

А Hangover, како збор, во почетокот барем, беше нешто што било на дневниот ред, а сега се одложува за некој друг ден. Одложување, значи. За задутре.

2. Француското „gueule de bois“ - дрвена муцка, сакам да го слушнам како здрвена муцка, па да го претворам во синегдоха, ако така се викаше. Тоа што е дрвено, поточно суво како дрво, се усните, усната шуплина и така натаму, надолу... каде што алкохолот поминувал, нели? - алкохолот е хидрофобичен, водата се плаши од алкохолот... интересно... само кога се наоѓаат заедно и истовремено во телото, па си заминува измочана, водата, станувајќи извор на главоболки, предизвикани од сувотијата потечен мозок... така нешто.

Кога веќе дрвам: ми се чини дека еден друг француски израз: „langue de bois“ - „дрвен јазик“, употребуван за јазикот со кој политичарите ни се обраќаат, иако израз со руско потекло, нема врска ниту со пијанството, ниту со мамурлукот, иако тоа така може да се причини. Некако непријатно му доаѓа на човека: сликата на некој политичар кој авторитативно и активно ти се подлизува со дрвен јазик. Посебно ако сликовитото се приближува кон делот од телото на кој седиме.

Втора асоцијација: Гаранс, хероината на еден современ француски роман запиша дека некој ја тешел: „ако си мамурна, тоа значи дека си многу здрава, бидејќи телото сè уште ти се брани, на овој/оној начин, а тие што се навистина болни од алкохолот, веќе воопшто не чувствуваат мамурлук, независно од тоа што и колку испиле.“. Па ќе напише Гаранс: „Будејќи се испружена на тепихот, забележав дека некој ме изебал одзади, бидејќи лактите и колената ми беа црвени и изгребани. Се облеков набрзина и едвај заминав на состанокот за вработување п у к а ј ќ и од здравје.“ Гаранс не мислела на сексот, нели? Додека пукаше од здравје...

а) Тој што ја тешел Гаранс веројатно го читал „Под Вулканот“, каде што Geoffrey Firmin, иако летва заспан среде правливиот пат, кога ќе му свирне автомобилот, ќе срипа сосема луциден, насмеан, свеж како одамна свежо разбуден.

б) MILOŠ VASIĆ не допре до интимните односи меѓу мамурлукот и сексот. Гаранс ме потсети. Ќе се навратам, можеби, понатаму.

в) И уште понекој израз: „се разбудив со главата меѓу нозе“ и „се разбудив со главата у г’з“. Не се мисли тука на туѓи нозе или г’з.

3. Ова што следи е дигресија, веројатно парафраза на Песоа: „Нема шанса денес, невозможно е денес, конфузната упорност на мојата објективна субјективност... задутре, само задутре, бидејќи утре ќе се одмарам од денес...“ Пијаниот човек знае дека нема ништо од денес-та, знае дека утре ќе биде полошо од денес (мамурлукот, нели?), па си ги одложува белешките, поезијата, филозофијата за задутре. Патем... еднаш во едно кабаре, ми се допадна пејачката, се качив на сцената, паднав на колена, оваа го приближи увото да ме слушне како ќе и’ се издерам: Нема да умрам, пред да легнам со тебе! Девојката се насмеа и ми рече: Вечерва? Не, не вечерва... задутре... Морав да одговорам - влијанието на прочитаните стихови. Два лоша убише Милоша, да го пецнам заборавниот Васиќ, за интимните односи меѓу либидото и антиципацијата.

4. Кај Германците, Словенците, Чесите и Унгарците, за мамурлукот нема потреба да се бара некаква етимологија, сè се врти околу мачори, мачки, мачкетини... мјаууука ли тука нешто во мозокот?

Еден лик што понекогаш ми живее у глава, тежнее да прави каталози, ал сега нема да му дадам да почне со некаков компаративен речник... љубопитноста да се препознае идеограмот за мамурлук би ме однела таму каде што сега не сакам да одам. Би почнало да ми се врти, сигурно.

5. Уште една дигресија, скопска приказна: Горан, звани Зеко, оди дома пијан... а студи кочан, значи ноќна зима некоја. По пат сретнува стуткано Циганче, Попај го викаа Циганчето, господ да го прости... Зеко го вика Попај на спање, на топло, има душа Зеко... Раскажуваше после Попај: „абе жими све, се разбуди Зеко сабајле, го отвори фрижидерот, а у него само една коцка маргарин (проверил претходно Попај). Абе, ја изеде цела, еј! И после се налапа вода од славина и се врати на спање. Жими све ти кажуем!“ Здрвена уста, нели? Да ја подмачка Зеко сакал. Устата, душата, што и да е... нешто горело однатре.

6. И уште една дигресија. Да се повторам. Работата, религијата, уметноста, револуциите, дрогите (значи алкохолот), понекогаш љубовта, то ест вљубувањето, метафизиката... имаат иста функција... да се одложи, неограничено... разочарувањето. Седативи, даклем. Е, сега... можеби на таа листа на седативи би
можел да се вметне и мамурлукот, неочекуваниот придружник покрету отпора. Кога, мамурен, употребувам реченици како: „пеглата треба да се тепа додека е жешка“. Има нешто во тоа, нели ? Не се даа чоек! Тука со Васиќ ја наоѓам заедничката точка. Во една реченица на Ман Реј, уствари епитафот му, ако добро се сеќавам: одлепен, ама не индиферентен.

а) Тој тип на мамурни реченици, споредувајќи, потсетуваат на „ефли-те“ (effles од EFL, кратенка од English as а Foreign Language) од спремните за употреба реченици, во учебниците за учење јазик. Кога, мамурен, сопствениот јазик ти станува „поинаков“, како странски.

б) Кога веќе се потсетувам, дијалозите во „Ќелавата пеачка“ се правени по урнек на ефли-те. Намерно.

в) Фројд, умерениот песимист, истиот кој ја правеше листата на седативите, кој ќе напише дека поголемиот број луѓе се ѓубриња, запишал на друго место дека
пред човек што „може да испие“ чувствувал почит. Ајдееее...

7. Има еден друг лик што ми живее у глава, поретко се појавува. Тоа ти е некој забеган инженер што коа ќе го прашаш „како си?“ - пола саат ти одговара. Тој даа совети, советодавно тело некое, што го толерирам, бидејќи толерантен, јас. Не сака да чита упатства за употреба, сака да ги пишува. Малку покреативен и ете ти го голиот Chuck Palahniuk. Тој гад веќе констатира дека сите капитални промени во животот ми се случуваат како последици, позледици, од реченици кои сум ги кажал или напишал пијан. Од оние кои што сум ги смислил трезен, промени се случуваат, ал се неважни. Од мамурните, пак, нема никаква промена во реалноста. Мамурните мисли си се цел самите на себе. Неполезни, ко пеглата онаа, човек мисли затоа што мислите одат една по друга, одлепен од идејата дека полза некаква може да има од мислењето, а сепак не е индиферентен. Значи, се сомнева инженерот, дека е во право: мамурните мисли влегуваат во експликативната шема на Веблен/Бурдје. Као и целиов текст. Сакал, нејќел.

а) Кога на „ликовите“ би им дал имиња како Álvaro de Campos или Ricardo Reis, нивната објективна субјективност би добила одредена субјективна тежина.

б) Ликот на Џојс, пак, за инает се претставувал како Џојс и мочал по скали... само да и’ наштети на репутацијата на оригиналниот Џојс, оној од изводот на матичната книга на родените.

8. Ако човек помисли како да го „предухитри“ мамурлукот - не е пијан, то ест, не е доволно пијан. Трезниот вози автомобил. Недоволно пијаниот човек не вози автомобил, може да се сети дека е доволно пијан за да не смее да вози. Пијаниот седнува да вози авион (така си мисли за сопствениот му автомобил). Не пие вода и аспирин, пред да се струполи некаде. На ум не му доаѓа. Мамурлукот е нешто друго: иако под негово влијание, човекот може да извози иљаду километри, некој може да помисли дека е лут, всушност не му се збори, кога акутно - не може ни да офне. Мислите му се тркалаат да поминат километрите, часовите. Да се мисли мора.

Да цитирам на крај еден скопски кафански човек, кој зборуваше за друг, ист таков: „Абе и’ даде пари на жена му за такси, и’ даде згора пари, само да си оди... жена му... а тој сака да остане, да се начука... сака да му биде л о ш о... “ Во Тајмкуејк, во „времетресот“ Вонегат ќе напише: чудно колку луѓево не сакаат да живеат.
Уствари сакаат. Ама сакаат да им биде лошо. Ништо политичко. Нема мамурлукот, можеби, ништо со луѓето околу, наоколу. Едноставен, интимен однос со безличниот непријател, последниот. Отпор, фрикција... како услов за мислење. Можеби трезниот1 е премногу несреќен да мисли, а пијаниот - тешка будала. Некаква, меѓу двете, каква/таква луцидност, поднослива, кога мамурно некаде, било каде... без теза, антитеза... без синтеза.

[1] Трезниот да се сфати како човек што насочено чита книги за психологија, или православни, а не чита поезија и асоцирани жанрови... и со расипан алтернатор и така натаму, ако такво нешто негде постои.

Париз, 29.11.10.

ОкоБоли главаВицФото