Колку вредат луѓето?

13.08.2016 13:17
Колку вредат луѓето?

Животот нема цена, но очигледно се однесуваме како животот на некои луѓе да има поголема вредност од животот на другите. Како всушност ваквиот парадокс се објаснува во економијата?

Го отворам багажникот на малиот градски автомобил и на задното стакло го закачувам триаголниот знак за предупредување дека во моето возило се наоѓа бебе со цел другите возачи да бидат дополнително внимателни од вообичаено или барем само помалку да свират, ако нешто такво е воопшто возможно. И се прашувам: зошто животот на тоа мало суштество во мигот е поважен отколку неговиот живот за дваесет или дваесет и пет години? Зошто не постои предупредувачки знак дека во возилото се наоѓа пензионерка или триесетгодишен маж? Меѓутоа, не е тешко да се разбере зошто младиот живот е сепак малку поскапоцен од животот на постарите, гледано крајно редукционистички, речиси како што е повреден новиот во однос на стариот автомобил. Би требало подолго да трае и подобро да работи. Ваквиот пристап кон вреднувањето на животот, кон здравјето, должината и способноста за работење, спаѓа под статистичка вредност на животот.

Постојат многу различни концепти на вреднување на одреден човечки живот и тоа повеќе од очигледно го покажуваат неодамнешните мрачни настани во Париз и Бејрут, по кои јавното мнение во многу земји беше речиси поделено токму по ова прашање: на кој начин се вреднува човечкиот живот? Се чинеше дека во одреден дел од светот поголема вредност има животот на еден Французин отколку на еден Либанец. Иако станува збор за класично искажување на културната блискост, таа проста логика не им беше на сите подеднакво едноставна и дебатата за различното вреднување на човечките животи останува многу вжештена сè додека темата е актуелна.

Значи, што е тоа што одредува колку е вреден човечкиот живот?

Суштинското етичко прашање за тоа колку е вреден човечкиот живот е многу повеќе од филозофско, реторичко или техничко прашање на некоја влада, поединец или компанија. Прашањето на вредноста на човечкиот живот е многу важно во речиси сите дисциплини од економијата, осигурувањето, безбедноста во работата, проценките на влијанието на околината па сè до самата глобализација.

Во модерните постиндустриски држави, правниот систем подразбира дека животот нема цена и дека ропството од каков било вид е сосема илегално, со други зборови, дека луѓето не можете да ги купите со пари. Меѓутоа, во пракса, економската пресметка на вредноста на животот постои и тоа многу.

Денес основното прашање не е колку пари се потребни за да се спаси еден човечки живот, туку колку има вредност за општеството неговото спасување. Своевремено, тутунското лоби во САД како аргумент пред регулаторните тела го користеше фактот дека пушачите се економски поисплатливи за државата и општеството бидејќи имаат пократок животен век и не стигнуваат да ја користат својата заработена пензија.

СМЕТАЊЕ

Речиси секојдневно, правните регулатори во голем број земји го поставуваат ова филозофско прашање, а за да можат буџетските званичници полесно да го разберат, тие обично излегуваат со некој број како одговор. Тој број според канцеларијата за управување со буџетот во Соединетите Американски Држави варира помеѓу седум и девет милиони долари.

Зошто тој број не е на пример, бројот 42? Веројатно затоа што економистите ја проценуваат вредноста на човечкиот живот базиран на изборите што ги правиме во различни ситуации: возењето автомобил, работење ризични работи, практикување екстремни спортови, конзумирање термички необработено месо или просто пушењето цигари.

Првата работа што паѓа во очи е очигледната разлика во исчитувањето на вредноста на животот во развиените во однос на земјите во развој, и тоа се гледа во проценувањето на меѓународните институции како што се Светската банка или Меѓународниот монетарен фонд. Се чини дека животите се поскапи во Велика Британија отколку во Јордан. Бројките се следни: доколку сакате да спасите живот во развиените земји потребни ви се неколку милиони долари, додека за спас на живот во земјите во развој потребно е да се издвојат неколку илјади долари (притоа, да се „спаси живот“ буквално значи да се пролонгира смртта на некое време). Начините на кои во овие организациии се прават механизмите за стандардизирање на глобалната ведност на животот може да имаат далекусежни последици на работното население на општеството во развој.

Уште пред неколку векови Адам Смит се обидел да ги утврди показателите на економското вреднување на животот според тоа со што се занимава човек: „лесна или тешка, чиста односно загадена, етична или неетична работа“. Рикардо Хаусман, професор на Харвард, директор на Центарот за меѓународен развој и поранешен министер за развој на Венецуела, укажува на овие разлики од економски агол и дава приближен одговор на тешкото прашање: зошто одделните животи во некои општества се повредни од другите? Значи, во однос на тоа што знае човек да работи, но и со која леснотија неговата професија се увезува со другите, толкава е и неговата вредност: „Модерниот човек е бескорисен како поединец. Суштината е во тимското работење. Еден човек не може да направи авион Боинг, ама стотина луѓе можат“.

Своето тврдење професор Хаусман сликовито го објасни споредувајќи Еским од Алјаска и службеник од Њујорк. Традиционално, секој Еским е практично во состојба да улови риби под мразот, да направи игло и да врзе чопор кучиња кои ќе го пренесат. Речиси секој Еским има доволно практично знаење да преживее во пределот каде живее. Од друга страна, имаме младич кој седи пред компјутер во канцеларија и со слушалки на ушите учествува во развивање на новите технологии на стакло. Ништо од она што го користи не умее самиот да го направи: компјутерот пред кој седи, слушалките кои ги користи, очилата со кои гледа, но неговиот придонес е многу важен во комбинација со другите знаења на неговиот тим за глобалната индустрија на стакло. Доколку дотичниот господин се најде на Алјаска, многу брзо би се смрзнал или би умрел од глад, бидејќи знаењата што ги има му се прилично специјализирани. Меѓутоа, во комбинација со други занимања, неговото општество станува стотици пати понапредно од ескимското кое, иако поединците се поспособни, секогаш го дава истиот резултат: Ескимите може да направат игло, да уловат риби и да врзат кучиња. Тоа општество не е понапредно затоа што е општество на гении, туку луѓето со своите разновидни вештини може да направат многу комплексни работи. Слично како и во играта Скребл, колку се поразлични буквите што ги имате, повеќе зборови можете да составите. Имено, суштината не е во тоа да имате големи фабрики со многу работници кои работат иста работа, туку работници кои работат различни работи и имаат различни специјализирани знаења. Не мора сите да знаат сè, како што е тоа случајот со Ескимите на Алјаска, бидејќи тогаш и општеството стагнира во изработувањето на различните комплексни производи кои на крајот од краиштата го унапредуваат квалитетот и должината на животот на сите луѓе од одредено општество.

Се стекнува впечаток дека економската комплексност на развиените земји успеала речиси да ја обезвредни ингениозноста на сеопфатните вештини на луѓето во малите самоодржливи заедници. Меѓутоа, поентата на економското пресметување на вредноста на животот е да покаже колку еден живот може да биде продуктивен, односно колку здружените животи може да постигнат за развој на севкупното општество. Монетарното вреднување на животот исто така игра голема улога кај осигурителните компании. Тоа се воедно организации кои имаат најсофистицирани математички формули неопходни за крајно неемотивно пресметување на вредноста на поединечниот живот.

Општественото и политичкото вреднување на човекот носи со себе сосема поинаква методологија. На пример, до неодамна иранскиот нуклеарен научник вредеше повеќе од белгискиот астрофизичар. Понатаму, човек што ја познава медицината во предели погодени со војна се цени многу повеќе од човек кој е добар играч на бејзбол. Компјутерскиот програмер кој може да ги пресретне информациите на големите системи е неспоредливо повреден од програмерот кој се занимава со изработување на веб-сајтови за мали организации.

ХЕМИСКА ВРЕДНОСТ

Животот нема цена, но ако човечкото тело теоретски се набљудува како производ, неговите севкупни делови, според податокот од познатиот часопис „Вајерд“, може да достигнат 45 милиони долари. Различните органи носат различни вредности. Дали некогаш би помислиле дека рожницата на окото чини околу 22.000 американски долари, а целиот костур е само околу седум и половина илјади долари? Се разбира, цената на секој орган варира со оглед на состојбата во која се наоѓа и за која намена е погоден – дали за трансплантација, научно истражување или е наменет за црниот пазар. Верувале или не, дури и пушачките бели дробови имаат цена и тоа многу висока ако се продадат како изложбен експонат, и тогаш чинат 3.600 долари.

Хемиската вредност на човечкиот живот може да се мери и строго според количеството на хемиски елементи од кои е составен, и во неговото разбивање на најситни делови во вид на елементи може да се добијат цели 160 долари.

Малку повеќе пари може да се добијат ако монетарно се пресметаат одредени човечки функции, како што е пешачењето или работата на човечкото срце. Одејќи 3,5 километри секој ден, по една година човек поминува околу 1.000 километри за што му се потребни околу 300 долари ако тоа растојание го поминува со атомобил.

Меѓутоа, ниту една од наведените бројки не би требало да ве попречи во идејата да ги оставите во завештание своите органи сосема бесплатно.

***

Различните пристапи во вреднување на животот секако носат специфични проблеми и предрасуди и многу се контроверзни за избор на специфични вредности на одредена индивидуа. Тоа се сè генерализации. А прашањата остануваат: дали животот на трајно болно постаро лице е подеднакво вреден како и животот на сосема здраво дете? Дали би требало да консултираме медицински стручњак да ни помогне да ја процениме вредноста на животот во однос на неговиот квалитет или на веројатноста за смрт? Колку пари е потребно да издвоиме за да ги заштитиме животите на идните генерации во наредните 500 години?

Меѓутоа, едно точно пресметување на вредноста на животот за кој малку се зборува и кое сè повеќе преминува во доменот на филозофијата и мистицизмот, е крајно емотивната методологија врз основа на која вредноста на човечкиот живот се мери со универзалната мерка – а тоа е колку е тој во состојба да произведе безусловна љубов. Од сите живи суштества, човекот со сигурност е единственото суштество, без оглед на местото каде живее и вештините кои ги поседува, кое може да дели безусловна љубов од која е и создаден. Тоа е најскапата вештина што со самото раѓање ни е дадена на сите.

Извор: „Елементи“, списание за промоција на науката
Слики: Claudia Rogge

ОкоБоли главаВицФото