150 години од „Македонското прашање“ на Петко Славејков: Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица?

18.01.2021 15:07
150 години од „Македонското прашање“ на Петко Славејков:  Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица?

На 18-ти јануари 1871 во весникот „Македонија“ во Цариград, неговиот редактор Петко Рачев Славејков го објавува контроверзниот напис „Македонското прашање“. Во јануари 2021 се навршуваат 150 години откако Славејков одлучува да проговори за „Македонското прашање“ кое, според него, десетина години намерно било премолчувано во тогашниот бугарски печат зашто било „деликатна“ тема.

Самиот Славејков објаснува зошто најпосле се решил да пишува за македонското прашање - за кое признава дека никогаш немало да проговори ако било само јазично и учебно, а не содржело и скриена цел на „македонските наши браќа“, кои под превезот на јазикот и неговите наречија, имале „цели за распарчување на сè уште неустроениот наш народ“ („цели за разкъсвание на неустроеният още наш народ“). Сега, како може да се раздели нешто што не било сè уште „устроено“, тоа е метафизичко прашање со кое немаме намера, а ниту пак доволно време, да се занимаваме по овој повод.
Прочуен е нападот на Славејков врз „македонистите“ и нивните тврдења „дека тие не биле Бугари, туку Македонци“. Нападот на Славејков не е само кон Македонците/македонистите кои се делеле со неоснованите тврдења дека се потомци на древните Македонци, туку и кон македонистите кои се „делат од Бугарите врз друга основа, според која тие се чисти словени, а Бугарите се Татари и не знам ти што“ („...ся делят от българите по друга причина, по тази: че те са чисти славене, а българите са татаре и не знам що“).

Славејков ги нарекува Македонците „глупавите деца“, а нивните погледи „смешни и плитки“, но и пророчки предупредува: „Занесени во внатрешните расправии што се и што не се, нашите Бугари во Македонија не ќе можат да се заштитат од надворешните посегања и од непријателските присвојувања на Грците од југ и на Србите – од север.“ („Заняти във вътрешните разправи какви са и какви не са, нашите българе в Македония не ще могат да ся запазят от външните посегнувания и от неприятелските притезания на гърци откъм юг и на сърби — откъм север.“)

Славејков, се разбира, не си го поставува мошне логичното прашање: Зошто „нашите българе в Македония“ воопшто би се впуштале во внатрешни расправии што се и што не се, ако веќе биле самоосвестени како „българе в Македония“?

Славејков: Нема причини да се делиме и не треба да се делиме

Статијата на Славејков е објавена истиот ден кога е прокламирано обединувањето на германското царство и во неа лајтмотив е обединувањето, наспроти поделбата: „На други места се соединуваат елементи, кои биле со векови разделени, како Прусите и Баварците; Пиемонтците и Наполитанците; а ние сакаме сега да се делиме, да се делиме ние, кои сме од еднороден елемент и досега сме биле соединети“. („Другаде се съединяват елементи, които са били целы векове разделени, като Прусци и Баварци; Пиемонтци и Неаполитанци; а ние искаме сега да се делим, да се делим ние, които сме от еднороден елемент и сме били до сега съединени.“)

Иако клучната порака на Славејков е дека „нема причини да се делиме и не треба да се делиме, ако си го сакаме народот и неговото добро“ („няма причини да се делим и не трябва да се делим, ако обичаме народа си и неговото добро“), тој во написот впечатливо ги скицира двете главни причини за „делењето“ на македонистите од „горните Бугари“.

Првата причина за „двоењето“ на македонистите од „горните Бугари“ е желбата на македонистите нивните деца да не учат од учебници на наречјето на „горните Бугари“, туку на нивното македонско наречје, кое го сметале за различно и поблиско до словенскиот јазик. Славејков не гледа никаква штета во тоа што македонистите сакаат да си ги учат децата на нивното наречје, зашто смета дека образованието може да биде плодоносно кога се изведува „на јазик, којшто го разбираат децата“. Според Славејков, „Целата вина тука е што не се избира еден таков пат што ќе доведе не до разделување, туку до соединување и усогласување на наречјата. Колку и да е погрешно да се учат Македончињата на наречјето на горните Бугари, исто толку е погрешно и да се раздроби јазикот во училиштата на различни наречја и секој да си го следи само своето наречје, без и најмалку да обрнува внимание на другите.“ („Всичката вина тука, че не ся избира един такъв път, който да докара не разделения в наречията, но съединение, съгласие. Колкото е криво да ся учат македончетата по наречието на горните българи, толкоз е криво и това, дето да ся дроби язикът в училищата на всякакви наречия и всякой да следва своето без най-малко внимание към другите...“). Славејков, како што читаме во неговата статија, бил застапник на средно наречје на кое ќе се изведува наставата во бугарските училишта: „Од сите наречја требаше да избереме едно средно, што ќе биде разбирливо за сите области, и на него да ги учиме нашите деца. Тоа ќе беше и правично и разумно и полезно, зашто ќе го сочуваше единството на нашиот народ.“ („От всичките наречия трябаше да изберем едно средне, което да бъде понятно по всичките области, и на него да учим децата си. Това ще бъде и право, и разумно, и полезно, защото ще опази единството на наший народ.“) Но, како што е познато, желбата на Славејков за избор на „средно наречје“ како обединителна образовна нишка во сите бугарски училишта не се остварила.

Втората причина за делењето на македонистите од „Горните Бугари“, според Славејков, е нивниот страв да не потпаднат под друга власт: „Тоа значат зборовите на Македонистите: Се оттргнавме од Грците, под други ли да потпаднеме?“ („Това значат думите на Македонистите: Отървахме се от гърци под други ли да паднем?“) Според крајно редуцираното толкување на Славејков, од страна на Македонците, „како показател за супериорност на горните Бугари и за стремежот за командување“ („като знак за превъзходства на горните българи и за стремление да заповядат“) се зема тоа што „горните Бугари досега пишуваат на свое наречје без и најмал обѕир кон македонското“ („горните Българи до сега пишат на свое наречие без най-малко внимание към Македонското“). Тука гледаме дека Славејков се обидува „македонистичкиот“ страв од политичката доминација на „горните Българи“ да го редуцира на јазичен проблем, со чие решавање би се надминала и (според него) погрешната перцепција за стремежот на горните Бугари да „командуваат“: „... ние пишуваме на нашето наречје зашто него си го знаеме, а не заради непочитување на македонското. Кога ќе зајакне меѓу нас проучувањето на јазикот и ќе се осознае нуждата за заеднички книжевен јазик, ние со најголема благодарност ќе пишуваме на македонското наречје, ако тоа се согледува како добро и полезно, или ќе го позајмиме од него она што е неопходно за дополнување.“ („...ние пишем на нашето наречие, защото него знаем, а не от незачитане на македонското. Когато се усили между нас изучението на езика и се познае нуждата за общ книжовен език, ние с най-голямо благодарение ще пишем на македонско наречие, ако се види това за добро и полезно, или ще заемем от него онова което е необходимо за допълнение.“)

Славејков му помага на Шапкарев

Бездруго, и на Славејков му било познато дека таквиот проект немал поддршка кај главниот кодификатор Марин Дринов (и Бугарското книжевно друштво) кој во 1870, токму во весникот „Македонија“, го отфрлил предлогот на Шапкарев за мешана источно-западна основа на писмениот бугарски јазик. Како што укажува Чавдар Mаринов, Шапкарев бил обвинуван во бугарскиот печат дека застапува постоење на засебен македонски јазик и на различна историја на македонскиот народ, а македонски дијалекти не биле восприемани како автентично бугарски од страна на родените во централна и источна Бугарија. На пример, Шапкарев во ноември 1870 бил нападнат во весникот „Право“ од „Еден истински Македонец“ дека пројавувал омраза кон се што е бугарско: „Неговите први зборови на омраза кон се што е бугарско беа: „Одвај се ослободивме од Грците, сега пак Шопи ли да станеме“!!!“ („Първите му думи за омраза към всичко, що е българско били: „едвам се ослободихме от гърците, сега пак шопие ли да станеме“!!!“) Таквите клевети кон Шапкарев биле придружени со уредничка забелешка дека и друг пат се говорело за Шапкарев, дека „се трудел да ги убеди македонските наши браќа дека друго било бугарин и бугарски јазик, а друго македонец и македонски јазик, но не веруваме“. Шапкарев е нападнат како човек кој сакал да го упропасти народот, „зашто некои дури се осмелија да кажуваат: „Ние сме Македонци, не сме Бугари“ („защото некои даже дързнаха да казват: „ние сме македонци, не сми българе“). Еден месец пред Славејков јавно да ги нападне „македонистите“ во весникот „Македонија“, Кузман Шапкарев одговорил со писмо во весникот „Право“ дека нападите кон него се без основа и измислица, а во неговите „неиздадени записи“ можеме да согледаме зошто неговите книшки во бугарските училишта во Македонија биле поарчени како „топол леб“: „Овие книги беа прифатени и воведени насекаде од единствената причина што јазикот што се користеше во нив беше поразбирлив за македонските Бугарчиња, следствено и нивните плодови беа изобилни, зашто постојните учебници на тракискиот дијалект беа тешко разбирливи од основците“.

(„Тие книжки всекъде бидоха приети и въведени по тая само причина, че употребений в них язик беше по-вразумителен за македонските българчиня, следователно и плодът им излезе изобилен, когато съществующите дотога учебници на тракийско наречие мъчно се разумяваха от първоначалните ученици.“)

Шапкарев сведочи и за неговото искуство од Цариград (околу есента 1869) за „Гордоста на некои наши горни Бугари и презирот што тие го покажаа кон своите македонски браќа“ („гордостта на някои от нашите горни българи и презрението, което последните показваха към македонските си братя“). Откако бугарското читалиште во Цариград сакало да им помогне на „бедните бугарски училишта во Македонија“ со издавање и подарување на книги, било отпосле осознаено дека „Овие подарени учебници, на нивното горнобугарско или тракиско наречје, на кои беа објавени, не можеа да ја донесат очекувана корист од дарувачите, па како резултат на тоа беше одлучено во читалиштето, во нивното второ издание овие книги да бидат објавени на македонско наречје“ („тези подарени учебници, по горнобългарското или тракийското си наречие, на което били издадени, не могли да принесат ожиданата от подарителите полза, та вследствие на това решило било се в читалището, щото във второто им издание тие книжки да се издадат на македонско наречие.“) Шапкарев сведочи и дека присуствувал на изборот на тричлена комисија, која требало да го „претвори горнобугарското наречје на дадените книшки во македонско“ („преобърне горнобългарското наречие на речените книжки в македонско“) и дека меѓу тројцата избрани немало ниту еден Македонец. Шапкарев ги споделува своите тогашни „македонски прашања“: „Како овие три избрани члена, колку и да се учени и преучени, ќе можат да пишуваат учебници на наречје што воопшто не го знаат?“ („Как ли тие трима избрани членове, макар колкото и да бяха учени и преучени, ще могат да напишат учебници на наречие, което никак не знаят?“) Според Шапкарев, веднаш потоа влегол Петко Славејков, кој бил избран за член на комисијата, и се изнасмеал на изборот: „Зошто залудно да се мачиме со работа што не е наша, кога пред нас стои човек Македонец, кој се занимавал и се занимава со овие работи и кој премногу добро го познава македонското наречје“ („Защо да си бъхтаме напразно главата с работа, която не е наша, когато пред нас стои человек македонец, който се е занимавал и се занимава с тези работи и който твърде добре знае македонското наречие“)? И тогаш Славејков ме посочи мене – вели Шапкарев, укажувајќи потоа дека неговата збирка евангелија ја испечатил токму во печатницата на весникот „Македония“, кај П. Р. Славейкова.

Кузман Шапкарев исто така споделува дека ги претставил своите ракописи во Цариград и на Светиот Бугарски Синод, но дека македонското наречје не било одобрено од синодот. И покрај тоа, Шапкарев тврди дека ги издал вложувајќи ја својата заштеда од 100 лири, за што не му било жал, како што самиот сведочи: „Но, јас не жалам за нив, затоа што, иако немав материјална корист, туку бев и оштетен, се тешам со фактот дека мојата татковина Македонија може да извлече од нив непроценлива корист, народното дело напредуваше енормно; бидејќи, штом излегоа на виделина моите збирки и за миг беа испратени до соработниците низ цела Македонија, тие беа воведени насекаде, како во училиштата, така и во црквите, во кои дотогаш се пееше и читаше на грчки јазик. На тоа сеопфатно и брзо воведување најмногу помогна нивниот превод на македонско наречје“ („Но аз не жаля за них, защото, ако и да се не възползувах аз материално, а още и [о]щетих, утешавам се обаче с това, че отечеството ми Македония може чрез них да извлече неоценима полза, народното дело напредна исполински; понеже, щом сбирките ми излязоха на бял свят и мъгновено се разпратиха на спомоществователите по цяла Македония, навсекъде се въведоха, както в училищата, така и в църквите, в които дотога се пееше и четеше по гръцки. На това всеобще и бързо въвеждание най-много спомогна преводът им на македонско наречие.“)

Одгласи на статијата „Македонското прашање“: Македонското прашање не постои?

Неполн месец по објавувањето на статијата „Македонското прашање“, реагира учителот Димитар Македонски прекорувајќи го Славејков дека „си дозволивте да турнете во очите на нашата бугарска публика едно прашање, македонското, кое навистина не постои во нашата Македонија...“ („си позволихте да бутнете в очите на българската наша публика един въпрос, македонскийт, който несъществува действително в наша Македония... - „Македония“, г. V, бр. 7, Цариград, 16 февруари 1871 г.) Уште пожестока е реакцијата на Кукушката Бугарска Општина во „Право“, од 22 февруари 1871 г., заверена со печат и со 20 потписи: „Како Бугари кои живееме во еден град во Македонија, и како членови на бугарското големо семејство, сметаме дека е неопходно да ја изнесеме вистината на виделина, и да докажеме, колку што ни е познато, дека стравовите на г. Славејков се сосема празни.

До ден-денес не успеавме да запознаеме ниту еден од нашите укорени македонски Бугари кој мисли толку глупаво народот да се раздели на послаби парчиња...“ („како българе, населящи един град от Македония, и како членове на българската голема фамилия, за длъжност своя считаме неот¬ложна да извадиме истината на яве, и да докажеме, колко що ние знаеме, че страховете на г-на Славейкова са съвсем праздни. Ние до днес не сме могли да узнаеме никого от нашите съукоряеми македонски българи, които да мисли толко глупаво щото да ся раздели народът на послаби парчи...“) Кукушаните му приговараат на Славејков дека „македонското прашање постои, но тоа не е како Славејковото „македонско прашање““ („македонски въпрос съществува, нъ той не е от качеството на Славейковийт „македонски въпрос““), туку дека „суштинското македонско прашање, наречено бугарско... е прашање не за разделување на бугарската маса, како што сонува редакторот на весникот „Македонија“, туку за соединување со неа („Същинскийт македонски въпрос, наречен българский... е въпрос не за разделение от българската маса, какщо сънува р-рът на в. „Македония“ ами за съединение с нея“).

Меѓутоа, отфрлањето на македонските дијалекти од конструирањето на бугарскиот книжевен јазик е фактор што го поттикнува процесот на делење на македонските Бугари од „горните Българи“, за кој посведочил и Славејков. Така, во септември 1872 год. кога Венијамин Мачуковски јавно бара помош за изадавање на „Българска граматика на македонското наречие“, заради тоа што „изучувањето на бугарската граматика во македонските училишта е еден од најтешките предмети за учениците...“ („изучението за българската граматика по македонските училища е един от най-трудните предмети за учениците...“), се соочува со жестока реакција. Така, Петар Иванов му поставува цела една низа „македонски прашања“: „Не сте ли согласни дека сите Бугари треба да имаме една писменост? Не сте ли согласни да бидеме целокупни? Не сте ли согласни сите Бугари да зборуваат еден правилен чист и литературен јазик? Каква цел гоните со вашата Бугарска граматика на македонско наречје, која бидејќи е на македон. наречје, треба да ја „назовете Бугарска“, а не Б’лгарска...“ („Не сте ли съгласни, че сички българи треба да имами една писменност? Не сте ли съгласни да бъдем целокупни? Не сте ли съгласни сички българи да говорят един правилен чист и книжевен йезик? Каква цел гоните с вашата българска граматика на македонско наречие, коя къто йе на македон. наречие треба да я назовете Бугарска, а не Българска.“) Мачуковски е „љубезно“ замолен од Иванов да го одложи издавањето на својата граматика по македонско наречје - „сè додека Македонците не се откажат дека се Б’лгари или Бугари“ („до когато македонците не се откажат, че са българи или бугари“), а други познати општественици „љубезно“ го советуваат да ги зближува бугарските наречја, наместо да ги оддалечува.

Дали „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се бугарска измислица?

Откако го препрочитав „Македонското прашање“ на Петко Славејков по повод 150-годишнината од неговото објавување, се навратив на „Текстот на рамковната позиција“ на бугарската влада од 09.10.2019, во кој стои „Ниеден документ/изјава во процесот на присоединување не може да се разгледува како признание од бугарска страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одделен од бугарскиот („Никой документ/изявление в процеса на присъединяване не може да се разглежда като признание от българска страна на съществуването на т.нар. „македонски език“, отделен от българския.“)

Се потсетив и на многубројните негирања и омаловажувања на македонизмот, македонскиот јазик и македонскиот народ и идентитет, содржани во „меморандумот“ (септември 2019), како и во бројните последователни изјави на бугарските политичари, историчари и општественици.

И пак ми навираат бројни „македонско-бугарски прашања“:
Зарем е можно век и половина по објавувањето на „Македонското прашање“ на Петко Славејков, бугарски политичари сеуште да тврдат дека „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ не постојат или дека се српска, коминтерновска или Титова измислица во 1944 година?

Зарем е можно сеуште да се негира она што го увидел Славејков уште во 1871 година – дека меѓу Македонците има и такви кои што намислиле да се отцепат од бугарскиот народ и да состават одделен македонски народ со книжевен јазик заснован на македонски наречја?

Зарем е можно бугарските браќа и сестри да го спречуваат политичкото обединување со македонските браќа и сестри во ЕУ, по политичките дележи предизвикани со Берлинскиот конгрес, Балканските војни, Првата и Втората Светска Војна, и „Студената војна“ помеѓу Југославија и Бугарија по 1948 година?

Па, драги браќа и сестри од Бугарија, ако век и половина по објавувањето на „Македонското прашање“ сеуште сакате да верувате дека „македонистите“, „македонскиот јазик“ и „македонскиот народ“ се нечија измислица, тогаш далеку поверојатно е дека тие се измислица на Петко Славејков, отколку на Јосип Броз Тито кој сеуште не бил ни зачнат на 18. Јануари 1871 година.

Слики: Cobi Moules

ОкоБоли главаВицФото