Дали во иднина ќе се војува за вода?

31.05.2021 01:30
Дали во иднина ќе се војува за вода?

Последните денови од април беа одбележани со изненадувачки вести кои дојдоа од регионот на Централна Азија. Помеѓу двете некогашни држави на Советскиот сојуз, Таџикистан и Киргистан, изби конфликт во кој погинаа околу 40 лица, а близу 200 беа ранети. Тридневниот конфликт кој траеше од 28 април до 1 мај се случи во местото Кок-Таш, откако таџикистанските власти одлучија да монтираат камери преку кои ги надгледуваа резервоарите со вода во споменатото место на територија на соседен Киргистан. Заради тоа мештаните се побунија, а фрлањето камења набрзо прерасна во конфликт во кој се вклучија војските на двете држави.

Преговорите на двете страни спречија понатамошна ескалација на конфликтот, кој, иако краткотраен, е своевидно предупредување. Она што го прави поинаков, пред сè, е поводот кој отвора нова димензија на меѓудржавните конфликти во децениите пред нас.

Човековото право на вода

Квалитетната и чиста вода за пиење претставува еден од најважните елементи за нормално функционирање на целото општество, а во 2010 година, со резолуцијата на Обединетите нации, правото на вода и санитација најпосле беше препознаено како клучно за остварување на основните човекови права.

Меѓутоа, од година во година нејзините залихи стануваат сè попрашални и расте загриженоста како за растечката светска популација да се обезбедат доволни количини чиста вода. Ова прашање особено доаѓа до израз заради неадекватното човечко однесување кога е во прашање рационалната употреба на водата, но и сè поизразеното влијание на климатските промени. Сето ова често доведува и до дискусии дали во иднина ќе има конфликти кои како последица ќе ја имаат борбата за контрола над капацитетите со вода.

Колку водата е важен ресурс, зборува и нејзиниот безбедносен аспект. Со зголемувањето на проблемите во врска со залихите и исправноста на водата за пиење, во научните кругови почна изучување на посебен термин, безбедност на водата (water security). Овој еколошки проблем има широк спектар елементи кои ги опфаќа. Така во неговото дефинирање, покрај основното значење да постојат доволни залихи со чиста вода за пиење, вклучува и неопходност таа секогаш да биде достапна за основните човечки потреби, без разлика дали станува збор за изворите или цената.

Недостаток на вода во регионите од Блискиот исток и Северна Африка

Секако дека регионот на Блискиот исток и Северна Африка претставува подрачје во кое последниов половина век дојде до сериозни промени во количината достапна слатководна вода за пиење. Така капацитетите од 4000 метри кубни годишно по жител во средината на 20 век, во средината на минатата деценија дојдоа до околу 1100 метри куби годишно.

Некои научни истражувања проценија дека во наредните години овој регион, особено под влијание на климатските промени, константно ќе губи залихи со вода за пиење. Иако се негативни, овие последици ќе можат да се ублажат. За тоа, пред сè, е потребен систематски пристап на државите, но и регионална соработка меѓу нив. Меѓутоа, она што на овој план му се испречува на патот е трендот од претходните децении, кои беа обележани со нестабилност, конфликти и раст на популацијата. Со неспорното влијание на климатските промени овие проблеми можат да се продлабочат уште повеќе и да доведат до нова несигурност и загрозување на мирот и безбедноста во овој нестабилен регион.

Покрај Северна Африка и Блискиот исток, сериозен проблем со снабдување на чиста вода имаат и неколку држави од Субсахарска Африка, како и некои региони во Азија.

Водата како безбедносно прашање

Во доменот на проблемот освен Блискиот исток и Северна Африка, во минатото имаше неколку конкретни примери на можни конфликти околу извори на вода. Актуелниот конфликт помеѓу Израел и Палестина претставува продолжение на многу лошите односи на овие два актери.

Она што во иднина може да биде нов камен на сопнување, е управувањето со изворите на вода за пиење. Имено, и во минатото се случуваа проблеми кога се предлагаа мировни договори, меѓу другото, токму заради проблемот да се утврди кој управува со воените ресурси. Со договорот од Осло и на Палестина ѝ беше овозможено користење на водата, но само од територијата на Западниот брег, додека Израел и натаму имаше најголем процент на контрола над овие ресурси.

Од друга страна, минатата деценија Египет и Етиопија дојдоа во конфликт заради идејата на етиопските власти да изградат „Голема етиопска ренесансна брана“. Овој проект би ја загрозил безбедноста на Египет, за кого реката Нил е од големо значење. Меѓутоа, конфликтите беа спречени со преговори и договор на трите страни, Египет, Судан и Етиопија.

Меѓународни напори за решавање на прашањето за достапност на водата

За проблемите поврзани со квалитетот и залихите со вода своевремено реагираа и Обединетите Нации, со долгорочна тенденција, да им помогнат на државите да одговорат на бројните предизвици во врска со оваа тема. Така и преку двата познати документи, Милениумската декларација и Агендата 2030, во одредени делови се прецизираа и дефинираа проблемите и целите за нивно решавање. Во Агендата 2030, во целта 6 која се однесува на чистата вода и санитацијата, детално се дефинирани плановите, меѓу кои како најамбициозен се истакнува оној дека до 2030 година на сите граѓани на планетата ќе им се овозможи праведен пристап до безбедна и чиста вода за пиење.

Краткотрајниот конфликт помеѓу Таџикистан и Киргистан претставува навидум несмасен и неочекуван конфликт. Меѓутоа, иако во светот во моментов не се водат војни кои како главна цел или можеби една од целите го имаат прашањето за водата, тоа не значи дека во иднина водата нема да биде повод за конфликт. Залихите со чиста вода за пиење во следните децении сигурно ќе добијат поголемо значење, за што големо влијание имаат климатските промени, со посебен фокус на сушните региони меѓу кои е и регионот на Блискиот исток и Северна Америка.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Mustafah Abdulaziz

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото