Будење на Блискиот исток

01.02.2011 16:42
Будење на Блискиот исток

Сè до овие возбудливи денови изгледаше дека демократијата е заразна насекаде освен на Блискиот исток и северна Африка. Додека другите земји во развој прават крупни чекори кон демократијата, посебно во Јужна Америка и Азија, овој голем регион останува заглавен во насилство, изборни измами, ускратување на граѓанските слободи и многу лошата состојба на човековите права.

Граѓаните на неколку египетски и други градови, следејќи го инспиративниот пример со Тунис, продолжуваат да протестираат и да бараат слобода, како и храбро да ги поднесуваат апсењата, соочени со суровата реалност: дека владите во арапските држави не се одговорни пред своите граѓани, дека ниеден претседател никогаш не е сменет на избори, и дека сите претседатели наоѓаат начин со големо мнозинство да победуваат на изборите.

Во новиот пресврт кон династиското наследување, некои челници на арапските држави ја пренесоа власта на своите наследници, додека други тоа го планираат. Од брегот на Атлантскиот океан до брегот на Индискиот океан граѓаните се лишени од своите политички и граѓански слободи, и подложени на најлошиот вид државен терор кој една држава може да го врши над своите граѓани.

Па сепак, во првите недели на 2011 г. можат да се воочат знаците за значајни промени во ова сивило. По настаните во Тунис, граѓаните се кренаа во Египет, Јемен, Јордан и Алжир. На некој начин, уривањето на режимот во Тунис е настан кој како да чека да се случи во секоја арапска и блискоисточна земја.

Името на Мухамед Буазизи, 20-годишен Тунижанец кој изврши јавно самоубиство во знак на протест против угнетувачкиот туниски режим, можеби со текот на времето ќе избледне во колективното јавно сеќавање. Меѓутоа, како и во случајот со младата Иранка на иста возраст, Неда Ага Солтан, која загина во Техеран за време на поизборните протести во јуни 2009, и овде се работеше за пример кој послужи како катализатор кој започна еден вид револуција и на авторитарните режими низ регионот им зададе неочекуван шок.

Скок

Многу познати коментатори на туниската „Јасмин револуција“ тврдат дека ова е првпат некој блискоисточен режим да падне како последица на народната побуна. Но тоа не е вистина. Во 1948 г., додека ирачкиот премиер се подготвуваше да ја потпише спогодбата со В. Британија во Портсмут, во Багдад избија немири кога народот излезе да протестира против спогодбата. Полицијата отвори оган врз демонстрантите, но тие повторно се враќаа секој ден. Тогаш регентот Абдула се исплаши (слично како и тунискиот диктатор Зин Ел-Абидин Бен Али) и го повика премиерот Салех Џабир, кој во тие мигови веќе ја беше потпишал спогодбата, барајќи од него да ја поништи. Владата на Џабир падна. Овој настан стана познат под името ал-Ватба (скок) и се смета за еден од пресудните мигови во ирачката историја.

Еден значаен настан во кој беше отстранет уште поважен лик беше иранската револуција. Народните демонстрации против шахот почнаа во јануари 1978 г. Од август до декември 1978 штрајковите и демонстрациите ја парализираа земјата. Шахот го напушти Иран во средината на јануари 1979, оставајќи зад себе празнина во владејачката структура. Две недели подоцна, во Техеран стигна ајатолахот Хомеини, каде што неколку милиони Иранци го пречекаа како јунак.

Кога се соочени со одлучниот отпор на своите граѓани, овие т.н. диктатори многу почесто се решаваат да побегнат отколку да останат и да се обидат да го одбранат она што го направиле во своето минато. Тие се решаваат на тоа бидејќи ја сфаќаат својата вина и фактот дека нивните ставови не можат да се одбранат. Џабир побегна во своето шиитско племе во јужен Ирак и со години не му се слушаше гласот. Шахот побегна од Иран во понижувачка потрага по засолниште во повеќе земји кои порано ги сметаше за пријателски, вклучувајќи ги и САД.

Бен Али го напушти Тунис како разбојник под закрилата на ноќта. Земјите како Франција одбија да го примат, а на крајот Саудиска Арабија се смилува и му понуди да се засолни во еден зафрлен град во оваа земја. Садам Хусеин побегна од Багдад за време на хаосот кој настана во инвазијата која ја предводеа американските војници во април 2003 г. Само осум месеци подоцна, тие го извлекоа од дупката во која се криеше како рането животно. Така овој диктатор ја доживеа судбината која за него не можеше да биде поголемо понижување.

Кога поглаварите и режимите во блискоисточните земји ќе ја научат својата лекција? Заробени во вртлогот на медиумите кои се контролирани од државата, суровата полициска држава и авторативната политичка култура која самите ја создадоа, а која ја карактеризираат стравот и нетолеранцијата, тие засега тврдоглаво одбиваат да им дозволат на своите граѓани и најмали граѓански слободи. Годините самоволно владеење заплашија многу граѓани, и доведоа до двосмислено сфаќање на реалноста, каде што за режимот секој човек мора да биде „или со нас или против нас“.

Големиот бран

Јасмин револуцијата доведе до сериозни критики на сметка на водачите кои по секоја цена остануваат на власт на Блискиот исток, поради нивната незаинтересираност за реформи. На конференцијата за демократија во Доха, Катар, Хилари Клинтон им замери што постојано одолговлекуваат со ветените реформи, предупредувајќи ги дека единствените на кои им користи ова се екстремистите, спремни да го искористат недостатокот на демократија за промоција на своите радикални планови. Тоа би можело да звучи како добар совет ако САД не беа најблискиот сојузник на поголемиот дел од авторитарните режими во регионот – вклучувајќи го и неодамнешниот режим на Бен Али во Тунис.

Оние кои, како Американци, се плашат од засилување на екстремизмот во овој дел на светот, би требало исто толку да се плашат и од бенигните диктатури – бидејќи тие се подеднакво штетни за долгорочната стабилност и безбедност на овие општетсва.

Американските и европските водачи мораат исто така да сфатат дека северна Африка се наоѓа пред прагот на важни промени кога е во прашање начинот на владеење. На улиците на овие земји денес излегуваат студенти, млади (и малку постари) професионалци и други припадници на средната класа (во настанување) кои му припаѓаат на новото поколение космополитски идеалисти, чија цел е да го прекинат кругот на тиранијата и угнетувањето. Мирните протести се „трет“ начин, или здрав пат кој денес го бара немирното мнозинство во регионот.

Новото поколение технолошки образовани граѓани ги користи техниките на друштвеното вмрежување на Фејсбук и Твитер за да ги шири своите пораки и за да ги запознае другите борци за слобода со настаните во другите делови на земјата. Во случајот со Тунис, побуната е поддржана и од првокласното известување на Ал Џезира. Телевиските снимки на Тунижаните кои бестрашно гледаат во цевките на пушките на припадниците на безбедносните сили и’ дадоа силен поттик на мирната револуција.

Овој регион проживеа повеќе од доволно деспотизам и угнетувања, и тоа го плати со солзи и крв. Граѓаните на овој регион мораа да се борат со бруталните сили за безбедност кои беа нас’скани на нив од водачите. Но кога луѓето ќе се свртат против нив, барем еден од овие лидери – дури и откако ќе ја ограбат државната каса на својата земја – е спремен да ја напушти земјата.

Не е без основа да се претпостави дека голем број блискоисточни и северноафрикански водачи се во постојани консултации со своите банкари во Швајцарија и со оние кои ги одржуваат нивните приватни авиони спремни за полетување за да им помогнат да ја напуштат земјата кога ќе настапи моментот на вистината. Моментот на вистината кој, за граѓаните на овие земји, е истовремено момент на историско будење.

Извор: openDemocracy