Зошто музиката нè доведува до лудило

02.05.2022 01:23
Зошто музиката нè доведува до лудило

Спротивставените легии металци и панкери изгледаа подготвено за блиска средба кога со пријателите, група ученици од прв клас во средно училиште, пристигнав во преполната сала во Солт Лејк Сити на концертот на Ганс енд Роузес (Guns N Roses). Тоа беше 1988 година, многу години пред 2000-та, кога на концертот на Перл Џем (Pearl Jam) деветмина загинаа во стампедо, но тогаш веќе знаев дека имаше луѓе кои настрадаа на концертот на групата Ху (Who) во 1979 година и дека на концертот на Стоунси во 1969 година имаше и неколку избодени. Затоа останав во позадина и сам го слушав концертот. Моите пријатели исчезнаа во масата која се туркаше под бината, во облак од чад.

Се сеќавам на нивните горди насмевки кога се појавија 45 минути подоцна, со искинати и крвави маици. Секој сјаеше како тинејџер кој штотуку победил во тепачка. И се прашував дали со тоа што избрав да бидам внимателен, пропуштив нешто важно, некој клучен обред кој некако ќе ги поврзе до крајот на животот.

Помислив на тој момент кога интернетот го преплавија ужасни снимки од концертот на Тревис Скот, каде починаа десет лица, а стотина беа повредени, на фестивалот Астроворлд во Хјустон на 5 ноември. Истрагата околу тоа што тргнало наопаку сè уште трае. Но јасно е дека фановите на раперите, чии концерти комбинираат шутки со бомбастична технологија и пиротехника, сакале физичко и катарзично искуство, исто како и моите пријатели на концертот на Ганс енд Роузес.

Зошто генерација по генерација млади луѓе ги привлекуваат места каде што ги туркаат, удираат, влечат или нешто уште полошо? Зошто трчаат кон побеснетата маса?

Тоа не е лесно прашање, но во период од 25 годни, колку што поминав во различни бендови - а сега сум и директор во една дискографска куќа - сфатив колку опивачки може да биде примарното чувство на авантура и опасноста на еден концерт. Го чувствуваме налетот на адреналинот кога ќе стигнеме до работ, а особено кога тоа го правиме заедно со други луѓе. Дури и ако масата е премногу гласна или застрашувачка, постои некаков дух на единство кој се развива кога ќе го преживеете тоа, како другарство исковано во траума. Како што напиша новинарот Бил Бафорд во делото „Among the Thugs“, „да се биде во маса е акт на насилство. Тоа што ќе го пронајдете таму е ништожност. Ништожност со сопствена убавина, сопствена едноставност.“

Неколку години после концертот на Ганс енд Роузес учествував во шутка на фестивалот Лолапалуза, каде десетина илјади тела се виткаа како едно тело. Ме кренаа од земја и се тетеравев без контрола, како во забавена снимка. Почувствував ужасен страв и се прашував зошто никој друг не изгледа толку исплашено.

Живата музика често предизвикуваше физички одговор. „Посветувањето на пролетта“ на Игор Стравински било дочекано со „бура од бес“ и предизвикало нешто што денес би се опишало како бунт, кога дебитирал во Париз 1913 година. До онаа ноќ кога бев на концертот на Ганс енд Роузес, 75 години подоцна, од салите и арените се исфрлени столиците, па публиката е на нозе. Озвучувањето стана толку моќно што можете да оглувите, а концертите станаа екстраваганца на експлозии и пламени чија топлина ја чувствуваат и оние во позадина. Ништо од ова не е направено за да ја смири масата.

Денешните фестивали и концерти ја креваат физичката подготвеност на сосема ново ниво. Како што ни зборуваше Тревис Скот, неговите концерти се како кечерски мечови, со публика која „дивее и се забавува и емитува добри вибрации“. Дел од она што го бараат фановите на овие секуларни места е чувство на припадност. Заедничкото пеење рефрени може да обедини илјадници луѓе. Човечките битија се социјализираат на разни начини, а многумина од нас одлучуваат тоа да го прават со луѓе кои се идентификуваат со иста музика.

Се шутираме, се удираме со лактови и тупаници во глава. Им дозволуваме на непознати да нè кренат и да не испратат над главите на потполни странци и им веруваме дека нема да нè удираат и непримерно да нè допираат. Се качуваме на бини, го избегнуваме обезбедувањето, одиме да истрчаме почесен круг пред масата да нè собере назад. Ги правиме овие нешта зашто сфаќаме дека таму сме заедно и дека ќе водиме грижа едни за други.

До моите рани дваесетти успеав да бидам од другата страна на шутките. Бев тапанар во рокенрол бенд. Можеби некогаш изгледа дека бендот постои надвор од масата и нејзиното лудило, но и изведувачите паѓаат во транс како и масата. Се случуваше толку да се изгубам што не се сеќавав на концертите, на ниедна песна. Понекогаш ми се чинеше дека сум само набљудувач додека ги гледав фановите како се судираат и се прашував зошто го прават тоа и каква е мојата улога во тоа - особено затоа што како фан се плашев од таквото однесување.

Сепак, дури и најголемите музички настани главно се безбедни. Но многу луѓе го сакаат токму тоа чувство на опасност на концертите: впечаток дека никогаш не знаеш и дека нешто може да тргне наопаку.

Еднаш, мојот бенд беше предгрупа на панк бендот Fear од Лос Анџелес. Во текот на нашиот настап публиката нè гаѓаше со пивски шишиња (не зашто им се допаѓавме). Едно шише се скрши од инструментот на мојот гитарист.

Многу се исплашив, но најпосле ја почувствував возбудата на пријателите од оној концерт од младоста.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Steve Parker

Извор: New York Times/International report

ОкоБоли главаВицФото