Бизарни приказни за музиката и мозокот

26.05.2017 14:53
Бизарни приказни за музиката и мозокот

Музика, Хенри Матис, 1910

Музиката е морален закон. Таа му дава душа на универзумот, крилjа на умот, лет на фантазијата, шарм на животот и на сè останато.

Платон

Музиката е неодвоива од човекот. Во сите временски епохи и сите култури, не постои момент во човечкиот живот за кој не постои соодветна музика, без разлика дали е хипстерска со гитара на топол сончев ден, болен љубовен лелек на кафанска пејачка, неуморна ратарска песна на поле, тапани со воени извици на некое африканско племе, стругање на некој древен слеп музичар, заносно хорско славење на бог или мајчино пеење приспивни песни за неуморно новороденче. Музиката теши, возбудува, смирува, забавува, инспирира, памти, му раскажува приказни на човечкиот род.

Сите тие музички обрасци, ритмови, темпа, секвенци, хармонизации, вчудоневидувачки лесно пливаат во сложениот механизам на нашиот систем за слушање, кој забележува, обработува и изведува на многу различни нивоа.

Интересно е тоа што ако се погледне мозокот не може да се утврди дали му припаѓал на математичар, книжевник или сликар, но со голема веројатност може да се погоди доколку се работи за музичар.

Човечкиот мозок е толку комплексно и извонредно поставен на музиката, што не е чудно што многу негови финеси сè уште ни се мошне таинствени. Ретките и бизарни моменти се особено привлечни, затоа претставуваме неколку што се особено интригантни.

Синестезијата

Една од несомнено најинтересните појави на човечкиот ум е синестезијата – невролошка состојба во која две или повеќе сетила се обединуваат. Под синестезија не се мисли на асоцијациите кои ги прават луѓето помеѓу звуците и боите, па колку и да се црвсти. Синестезијата подразбира дека со стимулација на едно сетило автоматски физички се активира центарот во мозокот за друго сетило во исто време, создавајќи речиси неописливо доживување на појавата. Пред нејзиното постоење да биде научно потврдено со најновите технологии за снимање на мозокот, синестезијата долго се сметала за обично стилско средство на поетите.

 

А црно, Е бело, И црвено, О сино,
У зелено: дознав самогласки, јас многу за сите ваши тајни:
А, црн влакнест обрач од мушички сјајни
што брмчат стрвно околу смрдеата грозна,

заливи на сенки; - Е, вкус што во пареи збран е,
леднички копја, трепет што врз цвеќе се лее;
И, исплукана крв, прекрасна уста што се смее
во пијанство на каење, во бес или занес;

Артур Рембо, Самогласки

 

Низа понови истражувања покажуваат дека синестезијата е мошне честа кај децата, а главно се губи до адолесценцијата. Исто така, синестезијата веројатно има генетска компонента, бидејќи главно се наоѓа во семејството. Сепак, таа се манифестира индивидуално кај различни луѓе: некои чувствуваат дека секоја боја има сопствен мирис, некои дека музичките интервали имаат посебен вкус. Некои, на одредени букви, бројки или денови во неделата им припишуваат сосема специфични бои.

Во примерот на композиторот Мајкл Торки, тој уште како дете ја убедувал наставничката во музичкото училиште дека Д-дур е син, и сосема се збунил кога за првпат сфатил дека другите не ги гледаат боите поврзани со музичките клучови. Нијансите секогаш се сосема специфични: г-мол е окер, б-дур со „боја на месинг“, д-мол е „како кремен или графит“, додека ф-мол е „земјен, пепелав“. На некој друг синтет ова би му се чинело сосема погрешно – секоја личност со синестезија го гледа светот обоен со некои свои единствени внатрешни бои.

Можеби немате прилика да доживеете како изгледа синестезијата, но уживајте во обаа убава, едноставна визуелна претстава на музиката

Апсолутниот слух

Кога имал 5 години, Сер Фредерик Узли, поранешен професор по музика на Оксфорд, низ смеа ѝ велел на мајка си: „Замисли, тато го дува носот во Г!“ Зборувал дека и ветерот писка во Д, или дека грми во Г, или дека нивниот стар часовник отчукува во б-мол. Кога најпосле неговото „трескање“ им досадило на родителите, повремено проверувале некои од неговите тврдења – и секогаш се покажувало дека е во право!

Луѓето со апсолутен слух можат веднаш, без размислување да ја одредат висината на секоја нота без потреба да ја споредат со некој надворешен стандард. Нам смртниците со нормален слух ова може да ни се чини како некаква супер моќ или „шесто сетило“. Меѓутоа, на луѓето кои навистина имаат апсолутен слух тоа не им е ништо посебно, туку често дури и не го забележуваат, сè додека некој не ги погледне крајно збунето.

Доколку сакаме да замислиме како им изгледа светот на луѓето со апсолутен слух, да го земеме на пример сетилото за вид и именувањето на боите. Замислете дека некому сте покажале црвен предмет и од него сте барале да ви каже каква е неговата боја. А, тој ви одговара: „Ја препознавам бојата и ја разликувам од останатите бои, но едноставно не можам точно да ви кажам каква е.“ Тогаш, до црвеното ставете некаков син предмет и речете му повторно да погодува, а личноста вели „Аха, сега гледам, бидејќи другата боја е сина, оваа првата мора да е црвена!“ Секако дека ваквиот начин на забележување би бил сосема бизарен. Но, токму така глупаво делуваат сите останати од перспектива на личностите со апсолутен слух.

Сепак, за некој да биде музичар не е неопходно да има апсолутен слух: се смета дека од класичните композитори апсолутен слух имал Моцарт (кој уште од мал се лутел ако инструментот бил наштимуван за пола четвртина пониско од тонот) додека, на пример, апсолутен слух немале Шуман и Стравински, иако се врвни светски музичари.

Предвидливо, апсолутен слух имаат речиси 50 проценти од децата кои се родени слепи, додека кај нормалната популација таа бројка е 1 од 10 000.

Амузијата

Секој некогаш запознал барем една личност која е глува за тон, со која по цена на животот избегнува да оди на караоке. Но, тоа не е ништо во споредба со потполната амузија со која живеат некои луѓе.

Амузијата подразбира дека личноста не ги забележува тоновите како тонови, и едноставно музиката воопшто не ја препознава како – музика. Не може да ги сфати односите помеѓу нотите, ниту воопшто може да сфати што е тоа „нота“.

Луѓето со амузија можат да имаат чувство за ритам, но она што вклучува мелодија им звучи како „чкрипење на автомобил“ или „како некој да удира со чекан по метална плоча“. Ова се случува затоа што забележувањето на мелодијата се поврзува со десната хемисфера на мозокот, додека претставата за ритам е многу пораспространета и посилна (во левата хемисфера, па низ субкортикалните структури, па во малиот мозок итн.) заради што и поретко се губи.

Еден музичар опишува дека морал да го напушти концертот, заради необјаснива мачнина, зашто повеќе би сакал да биде на бучна улица полна со автомобили отколку да го издржува „она неподносливо дрнкање“. Може да се каже дека на личностите со алузија музиката што ја обожавате им звучи како некој манијакално да фрла лонци и тенџериња во кујна.

Музиката, жал ми е што ќе кажам, ми влијае само како случајна последица на повеќе или помалку раздразливи звуци...

Владимир Набоков

Според една теорија и Фројд страдал од некаков вид амузија, зашто ја мразел музиката и ја избегнувал на секаков можен начин.

Луѓето со амузија инаку немаат никакви пречки во говорот и препознавањето други звуци; самото присуство на музиката ги доведува до лудило. Амузијата може да биде вродена, но може и да се добие во текот на животот, најчесто по повреда на главата.

Познат е случајот на жена од исклучително музикално семејство која од мала не знаела што значи „пеење“ и воопшто не можела да сфати кога тоа го правеле другите деца. Кога прочитала статија за музиката, ѝ било жал што дијагнозата не ја добила на седум, туку на седумдесет години, зашто тоа ќе ја спасело од „досадувањето и измачувањето на концертите, на кои целиот свој живот одела само заради учтивост“.

Музикогената епилепсија

А, постојат и луѓе кои мораат да ја избегнуваат музиката – зашто буквално им предизвикува епилептичен напад. Кај луѓето кои страдаат од музикогена епилепсија, нивниот страв од музиката е сосема оправдан.

Еден од првите описи потекнува од критичарот од 19 век, Никонов, кој со текот на времето станувал сè почувствителен на одредени тонови, за набрзо дури и најтивката музика да му предизвика тешки конвулзии. Иако бил страствен љубител на музиката, Никонов морал да ја напушти професијата и да избегнува секаков контакт со неа. Доколку на улица слушнел дувачки оркестар, бегал во спротивна насока.

Одликата на музиката која предизвикува напад се разликува од личност до личност: кај еден пациент тоа го предизвикува класичната музика, кај друг „сентименталната стара музика“, кај друг „модерната дисонантна музика“, додека една пациентка како најопасна одлика на музиката го наведува „силниот ритам“.

Кај некои луѓе не е пресуден жанрот на музиката, туку нивниот мозок реагира на точно одредена висина на тонот или само на одредени инструменти. Забележан е случај на човек кој постојано ја губел свеста точно во 21:00 часот. Лекарите брзо сфатиле дека нападите му ги предизвикува звукот на црковните ѕвона кој се пушта на радио секогаш пред вечерните вести.

Музичките халуцинации

Некои луѓе, пак, не можат да побегнат од музиката, сакале или не, таа секогаш е со нив – или, подобро кажано, во нив, во нивната глава.

Госпоѓата К била глува дама со седумдесет години која една вечер ја разбудила ужасна врева. „Страшна, морничава, како трамваи, со ѕвона што ѕвонат“, според нејзиниот опис. Ги покрила ушите, но не помагало: вревата останала, толку гласна што ѝ дошло да избега од куќата. Најпрвин помислила дека пред куќата имало пожарникарско возило, но кога станала и погледнала кон улицата, немало никој. По еден час, ѕвонењето се преобразило во музика, која потоа упорно продолжила да се повторува со часови. „Бев сосема свесна дека не свири никаков оркестар, дека тоа сум јас“, сфатила во тој момент, „Се плашев дека полудувам!“

Оттогаш, музиката продолжила да свири во нејзините уши, гласна и наметлива, а единствено ја напуштала во моментите кога длабоко ќе се сконцентрирала на нешто друго, како разговор или играње карти. Во главата, како стари расипани плочи, ѝ се вртел тесен репертоар: божиќни песни, патриотски песни, или песни од мјузикли. А, потоа почнале да се повторуваат само одредени ноти: нотата Е ѝ останувала во свеста два дена, високото Ф ѝ пискало во ушите одново и одново. Фрагменти од некои песни се повторувале дури 20 пати во неколку минути.

Сепак, невролошките прегледи не откриле ништо необично: госпоѓата К немала епилепсија и била психијатриски нормална. Нејзините халуцинации не биле знак на ментална болест. Од друга страна, биле последица на нејзината глувост.

Ова не е никаков изолиран случај – имено, се покажало дека аудиторните халуцинации се мошне чести кај луѓето со оштетен слух. Заради глувоста и недостатокот на стимулација, делот од мозокот задолжен за слушни податоци спонтано се активира и си прави занимација во вид на музички халуцинации. На мозокот му е важно да биде активен (без разлика што и да мислите) и доколку е лишен од секаква дразба, тој ќе се потруди да измисли сопствена – овој феномен се нарекува „отпуштени халуцинации“.

Слушам како некои големи оргули свират жалопојка која постепено се развива без ритам и должина. Ја има свечената величественост на зората... се вклопува во приликата, зашто моите уши умираат. Но, прекрасно свират на сопствениот погреб.

Мајкл Корост за своето губење на слухот и почетокот на халуцинациите.

Кај некои луѓе овие халуцинации престануваат кога ќе им се вгради имплант за слушање; кај некои не исчезнуваат никогаш. Овие вторите мораат да научат да се помират со тоа и да живеат со глава полна со музика. Замислете секојдневно во ушите да ви тропаат нацистички маршови, како што било случај со Двајт Мамлок, стар Евреин чии халуцинации прераснале од обично зуење на мотор од авион после патувањето.

Или замислете дека во главата имате џубокс кој самиот спонтано се вклучува. Некои луѓе успеваат со силата на волјата да ја сменат песната, како да притискаат копче, доколку доволно се концентрираат. Но, нема копче за исклучување. Некои имаат цел оркестар во главата, кој е мошне креативен и свири сопствени варијации на некоја тема; некои успеваат својот оркестар да го „извежбаат“ да им свири само во одредени прилики. Некои веќе не се во состојба никогаш да не можат да отидат на концерт или да свират инструмент, зашто музиката која им доаѓа одвнатре е подеднакво гласна како музиката што ја слушаат однадвор.

Некои лекови успеваат да ги намалат музичките халуцинации, но не и да ги изгаснат засекогаш. Ако ништо друго, тоа барем влева надеж за напредок. Професионалниот виолинист Гордон возбудено му пишувал на својот лекар дека откако го испил лекот, лежел во кревет цели два часа без музика во главата – тоа му била првата пауза по четири години!

Долго се верувало дека музичките халуцинации се мошне ретки, за разлика од визуелните, па сразмерно им се посветувало помало внимание. Меѓутоа, денес знаеме дека се многу почести отколку што се мислело претходно, како и дека се појавуваат дури и кај сосема здравата популација. За нив не се зборува јавно, зашто поединци се плашат дека ќе бидат сметани за луди и дека ќе ги затворат на психијатриско одделение.

Сепак, на некои по престанувањето на халуцинациите тие почнуваат да им недостасуваат – чувствуваат дека таа музика станала дел од нив. Многу музичари ги сметаат и за дар и за проклетство – муза која постојано им свири во главата, чија музика се трудат да ја запишат и преточат во реална композиција. Се верува дека многу великани доживувале музички халуцинации. Позната е приказната дека пред крајот на животот Шуман постојано слушал едно продорно високо А кое му ги распарувало ушите.

Таа музика! Тука е, во мојата глава! Спасете ме од неа!

во ноќите плачел Чајковски како дете

Earworms-ушни/мозочни црви

Иако, можеби никогаш не сте имале реално опипливи халуцинации, без сомнеж знаете како е кога некоја музика постојано ви се мотка низ главата, а вие никако не можете да се ослободите од неа. Можеби тоа е само една фраза од вашата омилена песна, а можеби е некое комплетно срање што ви оди на нерви. А, може да ви се вртка со денови.

Полесно да се испере

И да биде уште почисто

Г-дин Пропер!

Знаеме дека ова го прочитавте пеејќи ја песната во глава. Не лажете.

Мозочните црви се певливи, едноставни песнички со заразен ритам, кои имаат тенденција да се повторуваат. Се појавуваат спонтано, напаѓаат наметливо, и едвај чекаат да ни се вовлечат и да одекнуваат во нашите уши.

Во 21 век музиката стана сеприсутна и неизбежна – дури и кога самите не ја слушаме преку слушалки додека се возиме во автобус, таа постојано ечи од кафулињата, продавниците, теретаните. Тоа е мошне фасцинантно, кога ќе се земе предвид дека само неколку векови претходно музиката била ограничена само на местата каде се изведувала во живо – концерти, црква и други институции.

Денес сме бомбардирани со звуци од сите страни, а мозокот е исклучително чувствителен орган – тој постојано одново е во потрага по поттик и награда, а токму тоа и го добива преку музиката што се повторува. Колку и да се спротивставувате, мелодиите што се паметат лесно се вистинско уживање за нашиот мозок.

Што и да правите не го кликајте видеото

Побогу, зошто го направивте тоа?! Во ред, еве предлог: некои од овие досадни црви се ослободуваат така што на глас ќе ја отпеат целата песна докрај, за повеќе да не им се повторува само еден фрагмент. Или одново ќе почнат да пеат некоја друга песна – што можеби не е толку добро, внимавајте, зашто може лесно да се „заразите“ со другата песна.

Музикофилијата: приказни за музиката и мозокот

Сите наведени случаи се преземени од книгата на Оливер Сакс Музикофилија во која може да прочитате за мноштво најбизарни случаи, како што се:

-човекот кој по удар на гром добил незапирлив апетит за клавирска музика и станал пијанист на 44 години.

-човекот кој во главата носи патувачки рабин кој му пее на уво каде и да оди.

-музичките идиоти-саванти: луѓето кои, иако интелектуално заостанати, се во состојба по првото слушање целосно да отсвират сложени композиции, или во главата имаат обемен репертоар од 10 000 опери.

-луѓето кои немаат апсолутно никаква емотивна реакција на која било музика.

-како музикотерапијата успева да ги поттикне луѓето кои страдаат од аутизам, паркинсонова или алцхајмерова болест.

И така натаму, во таа насока: необичните приказни се нижат една по друга, секоја почудна од претходната. Музикофилијата е вистинска ризница на музички феномени, кои докторот Сакс ги опишува и објаснува на забавен и прифатлив начин, со многу љубов кон мозоците и музиката подеднакво. Топло им ја препорачуваме на стручните и нестручните, на сите оние кои ги интересира неверојатната поврзаност на мозокот и музиката.

Извор: http://kulturkokoska.rs

ОкоБоли главаВицФото