“Градски деца” и “Умрев за да оживеам” (извадоци од романите)

10.03.2023 13:51
“Градски деца” и “Умрев за да оживеам” (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Градски деца“, Матеј Богдановски, самостојно издание

Двете темни силуети се доближија до влезната врата од музејот. Низ големото стакло од вратните крила типот со црвен плашт ѕиркаше дали има некој внатре.Тропна на стаклото. За некој миг пред вратата се појави чуварот на музејот кој највероватно го разбудиле од дремка.

- Што сакате вие? Што барате во ова време? Ова е музеј, сега е затворен. – во исто време беше и збунет и малку уплашен од појавата на двоецот.

- Еј, пријателе, знам. Но чекај да ти објаснам. – го тргна малку понастрана од маскираниот другар и тивко му објаснуваше.

- Види вака, другар ми е у многу безвезе состојба. Го откачи женска, у депресија е. Сакам да го разонодам малку, па реков да му го покажам музејот кога сме веќе тука.

- Па што не доете преку ден ко сите нормални луѓе. Зошто баш сега.

- Он преку ден не функционира баш. Спие. А и ја избегавам дневни активности. А и ти па, за петнаес – дваес минути да разгледаме нема да ти биде проблем. Никој нема да знае.

- А вие сте вистин...

- Тие сме.

- Супермен и Бетмен?

- Токму тие.

- Да не ми направите проблем?

- Немај гајле, ќе биде ова наша мала тајна.

- Добро, ај влезете али немојте долго, и внимавајте на делата.

- Немај гајле.

Во празниот Музеј одекнуваа само нивните стапки по мермерниот под. Бидејќи самата зграда изобилуваше со стаклени ѕидови, кои ја даваа и убавината на градбата. Во ноќта осветлена од полната месечина не им требаше светло за да ги видат експонатите, кои вака осветлени, всушност, изгледаа уште позачудно, дури бизарно, но на некој начин и соодветни за вакви гледачи.

Во тој момент во Музејот беше изложена редовната поставка, што значи дела од Музејот, од странски и домашни автори, некои од нив донирани во знак на солидарност со Скопје по земјотресот.

Другарите шетаа низ салите. Супермен се обидуваше да му ги објасни некои дела, колку што беше тоа во негова моќ. Во неговата супермоќ. Бидејќи стварно бараше напор да му збориш за уметност на човек чии мисли беа некаде далеку, на некое сосема друго место. Бетмен за момент застана стаписан пред една слика.

- Леле види го ова!

- Тоа е Калдер. Делото се вика „На Скопје“, од шеес’пета, поклон за градот. Гваш на хартија. - почна да му го објаснува делото, понесен од надежта дека конечно нешто му стана интересно.

Но Бетмен се загледа во некакви црни дебели вертикални линии кои се стеснуваа како што одеа од долниот раб на сликата нагоре и воопшто не го слушаше што зборува другар му.

-Ме потсеќа на нејзините канџи – продолжи не вртејќи го погледот од сликата. Долната вилица му трепереше. – Како ме има гребено со нив, само да знаеш. Уште имам по негде лузни. Еднаш така добро ми ги збрца, мораше Алфред да ми ги вади парчињата што останаа скршени и да ме крпи.Среќа оделово колку - толку спречи подлабока рана. Ах, Кетвомен, севдо... - тажно воздивна.


„Умрев за да оживеам“, Габриела Давидовска - Баниќ, „Збор“

Никогаш потешко лето. Никогаш поголеми стравови.

Воедно, никогаш поголеми изненадувања, непријатни, ама и пријатни.

Веќе и не се сеќавам што значеше тоа да живеам и да знам дека имам сѐ што треба да се има - семејство, маж и дете. Од сето тоа ми остана само најмоето, фала му на Господ!

Ден по ден, дојде и тој ден кога морав да си признаам дека моите влегувања во заедничката кујна се непожелни. Таа за мене стана забранета зона, затоа што му припаѓаше на семејството од кое бев, по сѐ изгледа, исклучена, а не знаев зошто. Не ми беше јасно што направив? Та не заминав јас по шепотот на ѓаволот, туку мојот маж. Ама, да, „туѓото секогаш ќе биде туѓо“. И да е најлошиот на светот, тој е нивниот син, а не јас, и морам да си признаам дека колку улогите во вината да ни се јасни на сите, семејството пак ќе биде на негова страна.

Во ред. Нека ми е жив и здрав Александар.

Тој пак... ах...

Не помина многу време по разоткривањето на вистината кога пред заминување во Скопје, ме прегрна и рече:

-Знам сѐ мамо, не сум дете...

Неговото знаење на сѐ ни донесе само уште поголема болка, зашто сега го болеше и него, а со тоа мене ме болеше уште повеќе. Но проблемот настана кога срцето на Александар одбра, а Господ ќе знае одбра ли праведно. Ама еден ден, онака висок и слаб, со рацете на кои почнаа да се појавуваат мускулчиња, иако мали, тој бесно ја турна вратата на кујната и влезе по татко му. Да биде ситуацијата уште полоша, дедо му и баба му на масата го пиеја своето кафе.

Ми се замрзна душата, ама немаше начин да ги вратам во него зборовите што му излетаа со многу подлабокиот глас отколку што истиот беше пред неколку години:

-Само да знаеш, и ти, и ти, сите, и да не заборавите никогаш, таа мене ми е мајка и сите ќе ве убијам поради неа!

Мојот син да убие? Ужас!

Мојот син да убие поради мене? Моето срце порасна како планина!

Таа планина ја срушив во еден потег и влетав по него токму во моментот кога татко му ја крена раката на него. Господ сам да ми кажувал дека во мене има толку физичка сила, не би му поверувала. Но тогаш го грабнав Иван за раката крената во висина и му се внесов в лице како никогаш порано никому.

-Да не си го допрел! –процедив низ заби.

Тоа беа моите први и последни зборови упатени кон татко му откако низ солзи истурив кофа со навреди и клетви пред куќата на љубовницата онаа ноќ.

Од тој ден, на патот кон Голгота, покрај мене чекори моето најмило. Ги носиме на своите грбови своите крстови офкајќи и потејќи се, тетеравејќи се по камениот пат, ама за разлика од мене која гледам само во своите крвави стапала, Александар гледа околу себе, сигурен дека излезот е тука некаде и само треба да бидеме доволно близу до него.

-Верувај ми! – ме убедува.

Молчам за да не му ја убивам надежта, барем таа нека го држи дури самиот не разбере дека никогаш ништо нема да се смени на подобро.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото