„Бегство од изгрејсонцето“, Дејан Гаџовски и „Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски (извадоци од романите)

20.03.2023 11:39
„Бегство од изгрејсонцето“, Дејан Гаџовски и „Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски (извадоци од романите)

„Окно“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2022 година. Денес објавуваме извадоци од уште два романи. Претходните извадоци прочитајте ги овде.

„Бегство од изгрејсонцето“, Дејан Гаџовски, „Темплум“

Животот е неизвесен, затоа и сметаме дека има смисла. Би немало смисла да се живее кога би знаеле што ќе биде утре. Секогаш ќе се прашувам што можеше да се случи ако таа донесеше поинаква одлука. Што ќе се случеше ако не ме излажа? Што ќе се случеше ако јас постапев поинаку?

Се сеќавам дека во животот многу често имав моменти на двоумење. Кога се советував со Џејмс во врска со некои прашања за кои не бев сигурен како да постапам, речиси секогаш ги слушав неговите совети. Можеби повеќе му верував нему отколку себеси, затоа што мислев дека неговото размислување беше поразумно и порационално. Но, отпосле, особено откако ќе видев како ми се одвива животот по некоја донесена одлука, не бев баш задоволен со изборот што сум го направил. Секогаш мислев дека другиот пат ќе ме одведеше во подобра насока. Дали повторно ќе се најдев по сите овие години на истото место, седејќи сам на каучот и размислувајќи како можеше да биде? Можеби... Некои сметаат дека сите наши одлуки и постапки несомнено нѐ водат кон ист исход. Не верував во тоа. Отсекогаш сметав дека човекот е самиот ковач на својата судбина. Како и да е, сега веќе беше доцна за тоа и ова размислување не вредеше многу. Одамна беше дојдено времето за соочување со последиците.

Денеска го напуштам овој комотен стан и одам во Центарот за сениори, иако немам никаква потреба од нега, ниту, пак, од друштво. Велат, не е осамен оној што е сам, туку оној кому му е здодевно додека е сам. А мене никогаш не ми беше здодевно. Празнината што ја чувствуваш кога си сам, но не сакаш никого, не е иста како празнината што ја чувствуваш кога си вљубен. Знаев дека не е самотијата таа што ме измачува, туку љубовта.

Можеби мојата младост беше веќе помината, но јас сѐ уште се чувствував како млад и сметав дека сѐ уште имам отворени опции во животот. Мојата цел за сместувањето во Центарот ми беше јасна.Знаев дека сето тоа го правам само заради Луси. А во станот секогаш ќе можам повторно да се вратам. Не ми беше проблем да си ја плаќам киријата и понатаму, барем уште неколку месеци додека на видам како ќе се одвиваат настаните и каков ќе биде исходот од разговорот со Луси.

Ми беше сеедно кога ќе пристигнам тој ден во Центарот, иако знаев дека ќе треба да поминам одредени процедури за средување на документите и здравствениот, контролен преглед за утврдување на состојбата, за што знаев дека може да ми одземе повеќе време.

Во меѓувреме престана да врне, па во тишината на собата се слушаше само отчукувањето на ѕидниот часовник. Звукот на часовникот се чинеше толку силен. Ме потсетуваше на чукањето на срцето. Не ми се допаѓаше тоа, бидејќи го доживеав како притисок, како да ми се одбројуваше времето за да ги завршам сите обврски побрзо. Отчукувањето на часовникот во исто време ме потсетуваше и на веќе минатото време, што ме тераше да размислувам дали сум го поминал својот живот соодветно и убаво.Единствено јас, одвреме – навреме, го нарушував овој ритам на часовникот, предизвикувајќи крцкање на дрвениот под, додека се движев низ станот, често погледнувајќи низ прозорците.

„Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски, „Или Или“

Тој го кажа својот став за „СК2014“, беше дел и од „Шарената револуција“, и никогаш не го смени ставот по тоа прашање: ништо не можеше да биде полошо од смртоносниот десничарски режим. Но, секако дека немаше илузии ни околу новиот естаблишмент. И навистина: новата власт брзо се покажа како трауматично понижувачка.
По онаа преломна точка, по оној ден со посетата на бистрото, негов единствен дом ќе стане надежта дека Глорија ќе му се јави.Глорија, со своите флуидни движења, ќе го ослободи од товарот на грижата за секој слој на привремениот човечки идентитет. Ќе го растовари од самиот него.И токму тоа ослободување него ќе го доведе до повторното откривање на љубовта кон сѐ, кон секој слој од нестабилниот, привремен, лажен идентитет на човекот – па дури и љубовта кон оној неизбежно морничав слој, нацијата.

Уф, ама е опасно да се сака нација во време во кое десничарењето и неолиберализмот го пустошат сиот жив свет. Но, тој наивно смета дека е ослободен од тоа што тој својата нација ја сака исто толку и на истиот начин на кој ги сака и другите нации. (Но, која е неговата нација, поточно? Неодамна откри дека прабаба му била Русинка од Севастопол. Зарем не би требало деновиве да има чувство на должност кон своите непознати братучеди што којзнае каде и како преживуваат?) Но, тој ги сака нациите како што се сака љубовник во театарска претстава.Тоа тешко може да се нарече флерт, а камоли љубов.Тоа е површност, хир: неговата вистинска љубов е за друга.

Кога има вистинска љубов, имињата не се важни, убеден е тој: и монасите си го менуваат името во име на љубовта со големо „Љ“. Но, во хирот на световниот живот, сепак останува трауматично под уцена да си го смениш името (лично, на град, на држава...). Тоа е така, и ниту некоја современа (привремена) научна теорија, ниту најблескавото поимање на нацијата како конструкт нема да те избави од потсмевот, презирот и од понижувањето на оние што со самопочит пристапуваат кон сопственото овоземно постоење. И самиот тој би сакал да не се гледа на нацијата како на идентитет.Убаво би било, си вели, да сме сите со свест на монаси што темелот на куќата своја го поставуваат на цврстиот камен на стоименото, безименото царство небесно, но играта е таа: нациите постојат. Тоа му доаѓа нешто како турнир во шах, си вели: кога веќе мораш да учествуваш на светското првенство во шах (и под услов да имаш обѕир кон другите од твојата средина), секако дека не можеш да речеш: „простете, но ова не е за мене, премногу ми е расистичка оваа поделба на црни и бели (а освен тоа - како тоа белите секогаш да се први?); јас би претпочитал да играме ластик“. Не – ќе играш.

По средбата со Глорија, често мисли на згрченоста на човекот пред ќор –сокакот на поимот „нација“: како да се биде надвор од неа, заради себеси, но и внатре, заради другите (ние сепак живееме со другите)? Тој, за да се изземе од провинцијалноста на нацијата без да чувствува вина поради безобѕирност кон блиските, помислува на еден измрцварен, измалтретиран и во крајна линија исмеван збор, што еден добар дел од културната фела прави напори да го протнува во своите говори - „заедница“ . И тој заедницата ја става високо над нацијата.Во играта на слоеви на идентитетот, замислувајќи си грижа за заедницата, во која припадниците на различните нации можат да се почитуваат едни со други само под услов и едните и другите да го почитуваат она за што толку силно веруваат дека е нивна сопствена нација, тој прво ќе потпише проглас против промена на името, а потоа и ќе го бојкотира референдумот што ветува влез во ЕУ – под услов да се смени името на земјата.

ОкоБоли главаВицФото